Македонска младинска тајна револуционерна организација

(Пренасочено од ММТРО)

Македонска младинска тајна револуционерна организација (ММТРО) била тајна студентска организација формирана од македонски студенти од ВМРО. Цел за дејствувањето била да ја помага ВМРО во борбата за ослободување на Македонија од грчкото и српското владеење и создавање на Независна Македонија.[2] ММТРО формира четири окружни петорки во Скопје, Битола, Охрид и Штип, вкупно 40 петорки речиси во сите градови, со околу 190 членови. Во Вардарска Македонија Организацијата дејствувала до јуни 1927 година,[3] кога била извршена провала, во која биле уапсени околу 40-50 членови на ММТРО, од кои на Скопскиот студентски процес им било судено на 20 македонски студенти.

Македонска младинска тајна револуционерна организација (ММТРО)
Слика од Македонски активисти на ММТРО
Слика од Македонски активисти на ММТРО
Функционира 19221941
Водач Иван Бојаџиев
Цели Независна Македонија[1]
Подрачја Вардарска Македонија
Егејска Македонија

Формирање

уреди
 
 
Васил Хаџикимов, еден од основачите на ММТРО
 
 

ММТРО била создадена, како независна организација од ВМРО, во март 1922 година во Загреб од петмина Македонци од Вардарска Македонија, студенти на Универзитетот во Загреб, на чело со Иван Бојаџиев од Велес. Уставот на ММТРО бил одобрен и потпишан од водачот на ВМРО - Тодор Александров.

Устав

уреди

Уставот на ММТРО се состои од 19 члена поделени во 5 глави. Во првата глава е целта на Организацијата, во втората глава се составот и устројството на ММТРО каде во 2 членот се истакнува дека:

Член на ММТРО може да биде секој студент или ученик од повисоките гимназијални одделенија и кој е Македонец по потекло, доволно е да е препорачан од тројца постари членови и да изјавил желба да се посвети на делото.[1]

Во третата глава се регулирани должностите на членовите, во четвртата глава се казните, a во петтата глава е заклетвата која гласела: „Се заколнувам пред Бога и својата чест, дека ќе чувам во тајна се, што дознам сега, или би дознал во иднина, за дејноста на Внатрешната тајна револуционерна македонска организација и ќе ги исполнувам прописите на уставот на ММТРО, а следствено и заповедите на раководството. Во спротивен случај нека бидам убиен со оружјето, кое што тука го целувам.” [1] Во последниот 19 член било истакнато дека Уставот на ММТРО стапува во сила по неговото одобрување од страна на Централниот комитет на ВМРО (Автономистичка).[1]

ММТРО како помошна организација на ВМРО и како неразделен дел од македонското револуционерно национално ослободително движење се залагала за создавање на самостојна македонска држава, што претставува континуитет со заложбите на старите предилинденски и илинденски организации - Македонската револуционерна организација, Македонскиот таен револуционерен комитет и др.

Организација

уреди

ММТРО се состоела од петчлени групитн. петорки, поврзани една со друга само со своите раководители. Првите петорки на организацијата се создаваат уште во мај и јуни 1922 година во Велес, Битола и Штип. ММТРО ја поделила Вардарска Македонија на четири револуционерни окрузи - Скопски, Битолска, Охридска и Штипски.

Нелегални ќелии на ММТРО биле формирани и сред македонските студенти во Западна Европа - Виена, Лајпциг, Берлин. Главната ќелија на организацијата се наоѓала во Загреб. За три години ММТРО ја опфатила цела Вардарска Македонија со многу добро развиена мрежа - групи на ММТРО имало во сите македонски градови под српска власт.

Дејност

уреди
 
Слика од македонскиот револуционер Борис Андреев

ММТРО со своите програмски цели и како помошна организација на ВМРО го загрозувала уставниот и државниот поредок на Кралството Југославија и Грција. Тамошните власти презеле соодветни мерки за разбивањето на оваа организација. Во Вардарска Македонија, српските власти покрај легалистичките мерки го формирале и т.н Здружението за уништување на бугарските банди кое ги гонело македонските револуционери од ММТРО. Ова здружение ги ликвидирало гевгелискиот раководител Трајко Попов и дојранскиот раководител Никола Чакров, како и други членови на ММТРО [4].

 
Борис Светиев
 
Слика од Димитар Ѓузелов
 
македонски револуционер Тодор Гичев
 
Харалампие Фукаров
 
Стерјо Боздов

Во мај 1927 година доаѓа до голема провала против ММРТО.[белешка 1] Најпрво на 29 мај 1927 година бил уапсен Димитар Ѓузелов, а потоа и другите дејци. По нивното апсење се спроведува т.н. Скопскиот студентски процес. Судењето започнало на 15 ноември 1927 година и траело само неколку дена. Адвокат на обвинетите бил Анте Павелиќ.[5] Судењето побудило големо интересирање и за него пишувале сите поголеми европски весници. Пресудите биле изречени на 10 декември 1927 година. Деветмина од нив биле осудена на казна затвор - Димитар Ѓузелов од Дојран и Иван Шопов од Гевгелија на по 20 години строг затвор, Димитар Нацев од Струмица на 15, Димитар Чкатров од Прилеп на 10 години. На петмина од нив - Харалампие Фукаров, студент на Машински факултет во Белград, Тодор Гичев од Штип, Борис Андреев од Велес, Штерјо Баздов од Крушево и Борис Светиев од Битола им е изречена казна од по пет години затвор. Другите единаесетмина: Петар Хаџипанзов, Георги Хаџиманов, двајцата од Велес, Јордан Сапунџиев од Дојран, Кирил Вангелов, Христо Хаџикимов, Благој Манев, Тодор Христов, Страхил Иванов, Кирил Караџов, сите од Штип, биле ослободени.

Судскиот процес на студентите во Скопје практично го означил и почетокот на крајот на ММТРО во Македонија. ММТРО доживеала два странични удара: едниот од српската власт, другиот од михајловистичката ВМРО.

По завршувањето на судскиот процес, ликвидациите на дејците од ММТРО продолжиле. Коста Црнушанов истакнува: „Два дена откако беше произнесена пресудата во Скопје, на улица во Струмица беше застрелан членот на ММТРО Томе Кујунџиев. На 29 декември истата година во Неготино, во раните зори, беше застрелан младинецот Георги Ангушев, исто така член на ММТРО. Еден месец подоцна, во Тетово бил убиен и адвокатот Борис Андрејчин, есента 1928 година на железничката станица Јесенице во Словенија бил ликвидиран Кирил Ципушев од Радовиш, исто така, член на младинската организација. Наредната година во подрумот на полициската станица во Штип бил убиен Благој Монев, еден од тие што биле ослободени на судскиот процес. Подоцна во Дојран беше застрелан низ прозорецот на неговата спална младинецот Кољо Чакаров, исто активист на ММТРО, а во текот на декември 1931 година во Гевгелија е убиен Трајко Попов, исто така, член на ММТРО, заедно со татко му Теохар Попов и неговиот другар Илија Димов, исто така, член на младинската организација.“

Убиството на Александар Протогеров на 7 јули 1928 година, по наредба на Иван Михајлов, повторно ги активирало споровите и несогласувањата меѓу дел од членовите што биле уапсени. Иван Бојаџиев и неговите пријатели повторно ја истакнале потребата од самостојна организација во Македонија, на која и е туѓ тероризмот. Бојаџиев својата желба нема да ја оствари. Во Виена се нашол во тешка материјална положба, без средства за живот. Заболел од туберкулоза на коските и починал набргу потоа, пролетта 1930 година.

Тоа практично било и крај на ММТРО во вардарскиот дел на Македонија или поточно крај на оној дел од неговите членови кои се залагале за самостојна и независна асоцијација на македонската интелигенција. Еден незначителен број студенти, како што се Коста Црнушанов и Тома Петров, што останале верни на ВМРО, ја продолжиле својата дејност надвор од Македонија. Според Кирил Прличев, Коста Црнушанов по судскиот процес преку Унгарија пребегал во Софија. Но, не за да се врати во Македонија и да пополни едно од испразнетите места на обезглавената ММТРО, туку за да се најде на високо место во Михајловата ВМРО во странство.

За цело време на Кралството Југославија живите приврзаници на Иван Бојаџиев настојувале да го зачуваат својот македонски политички интегритет. Тие одржувале контакти со прогресивните сили на македонското национално и револуционерно движење и во текот на Втората светска војна се вклучиле во ослободителната војна на македонскиот народ. Оние што му останале верни на ВМРО во текот на војната се ставиле во служба на бугарската окупаторска власт во Македонија.

Белешки

уреди
  1. Според Иван Катарџиев провалата дошла од Инан Михајлов и неговите приврзаници. Тој подвлекува, кога во ВМРО сфатиле дека кај членовите на ММТРО постои бескомпромисна определба за самостојно и независно дејствување од ВМРО, довело до идејата за предавство на членовите на ММТРО. „Предавството, се сметало, би имало поголем пропаганден ефект отколку што би можело тоа да се постигне со дејност која не се вклопувала во шемата на активностите на ВМРО. Од експлицитното тврдење на Кирил Караџов од Штип, член на ММТРО и еден од притворените студенти, сугестијата за предавство потекнала од членовите на Задграничното претставништво, Георги Баждаров и Кирил Прличев, по средбата на планината Влаина. Тие на еден од делегатите од ММТРО во Горна Џумаја му порачале „да ги смират другарите што се бунат, во спротивно да инсценираат предавство“, види Виктор Цветаноски „Обвинетите македонски студенти ги бранел Анте Павелиќ“

Галерија

уреди

Извори

уреди

Литература

уреди
  • Зоран Тодоровски, ВМРО 1924–1934, Скопје, 1997.
  • Димитър Г. Гоцев, Младежките национално-освободителни организации на македонските българи 1919–1941, София, 1988.
  • Иван Катарџиев, Македонија спроти Втората светска војна, Скопје, 1999.