Знаме на Европската Унија

Знамето на Европската Унија или само Знаме на Европа е знаме и амблем на Европската Унија (ЕУ) и Советот на Европа (СЕ). Знамето се состои од еден круг со 12 златни (жолти) ѕвезди петокраки на сина позадина. Сината боја го претставува запад, бројот на ѕвездите го претставува заедништвото, а нивната позиција во круг го претставува единството.


Знаме на Европа
}}
Употреба државно, управно пловно и морнаричко знаме вексиколошки опис нормална верзија на знамето
Сразмер 2:3
Усвоено 8 декември 1955 г.[1] (CE)
29 јуни 1985 г.[2] (ЕЕЗ)
1 ноември 1993 г.[3] (ЕУ)
Опис Круг од 12 жолти (златни) ѕвезди петокраки на сина основа.
Творец Арсен Хајц (Arsène Heitz) и Пол Леви (Paul Lévy)

Знамето е дизајнирано од страна на Арсен Хајц и Пол Леви во 1955 година како симбол на Советот на Европа, а Советот пак повикал тоа да биде усвоено и од другите европски организации. Во 1985 година Европската Унија, која тогаш се викала Европска економска заедница (ЕЕЗ), по иницијатива на Европскиот Парламент го прифатила како свое знаме, а пред тоа немало никакво знаме во употреба.

Иако е знаме на две одделни организации, тоа многу почесто се поврзува со Европската Унија, отколку со Советот на Европа. Знамето вообичаено се користи за да ја претставува Европа на спортските настани и е про-демократско обележје надвор од Европската Унија. Тоа делумно било инспирација и за создавање други знамиња, како што се оние на другите европски организации или на држави во кои Европската Унија била вклучена подолг период, како на пример Босна и Херцеговина и Косово.

Изглед

уреди
 
Пропорции на знамето и скица за изработка.

Знамето има правоаголна форма со пропорции 2:3 и неговата ширина е еден и пол пати поголема од неговата висина. Дванаесетте златни (или жолти) ѕвезди се наредени во круг чиј полупречник е една третина од висината и тие се поставени на сина позадина. Сите ѕвезди се исправени петокраки и се распоредени на еднакво растојание според позициите на часовите кај часовникот.

Во хералдичкиот опис даден од страна на ЕУ пишува:

На модро поле има круг од дванаесет златни мулети1), чии точки не се допираат.[4]

Советот на Европа за знамето го дава следниот опис:

Наспроти синото небо на Западниот свет, ѕвездите ги претставуваат народите на Европа во круг, како симбол на нивното единство. Нивниот број непроменливо останува да биде дванаесет, како симбол на заедништвото и совршенството.

Исто како што дванаесетте знаци на зодијакот ја претставуваат целата вселена, дванаесетте златни ѕвезди ги претставуваат сите народи во Европа - вклучувајќи ги и оние кои сè уште официјално не се дел од Европската Унија.

Основната боја на знамето е темносина, односно рефлективна сина боја, мешавина на синозелена и магента. Златните ѕвезди се во жолта боја. Боите се определени во согласност со системот на бои Пантон (Pantone).

ПМС RGB приближно Хексадецимално CMYK
црвена зелена сина синозелена магента жолта црна
     сина рефлективна сина 0 51 153 003399 100% 80% 0% 0%
     златна жолта 255 204 0 FFCC00 0% 0% 100% 0%

Пред да биде усвоен сегашниот дизајн, биле предложени голем број на дизајни.[5] Одбиените предлози се зачувани во архивата на Советот на Европа. Еден од предлозите бил дизајн со бели ѕвезди на светлосина површина, како знак на мирот и интернационализмот на Обединетите Нации.[6] Официјално мрежно место ги прикажува сината и златната боја како оригинални бои на грофот Рихард Николаус фон Куденхов-Калерги, кој во 1923 година предложил Паневропска Унија и бил активен поддржувач на Заедницата уште во нејзините почетоци.[7][8]

Бројот на ѕвезди

уреди
 
Дванаесетте олимписки богови од Монсио (Nicolas-André Monsiau) (доцен XVIII век)

Бројот на ѕвезди на знамето е фиксен, 12, и не е поврзан со бројот на земји-членки на ЕУ. Тоа е затоа што првично било знаме на Советот на Европа и немало никаква поврзаност со ЕУ.[9] Во 1953 година, Советот на Европа имал 15 членови и бил даден предлог наредното знаме да има по една ѕвезда за секој иден член и потоа да не се менува, без разлика на идните членови. Западна Германија била против ова, бидејќи еден од членовите била спорната област Сар и добивањето на своја ѕвезда, би имплицирало суверенитет за регионот.[10] Најпосле, 12 бил усвоен како број кој нема политичка конотација и број кој е симбол на совршеноста и целокупноста поради неговата присутност во европските култури и традиции како што се:

Иако 12 е точниот број на ѕвезди, понекогаш на знамињата или амблемите можат да се забележат 15 (поради одбиениот предлог) или 25 (поради нечиите предлози по проширувањето на 25 земји-членки во 2004).[11][12]

Библиско толкување

уреди
 
Богородица од Карло Долчи, 1670 г.

Еден интересен аспект во врска со знамето е неговото поврзување со дванаесетте ѕвезди во ореолот на Богородица што можат да се видат во сакралната уметност на католичката црква. Дизајнерот на знамето, Арсен Хајц, признал дека во Книгата на Откровението (каде што ореолот со дванаесет ѕвезди на Кралицата на Небото за првпат бил споменат) помогнал во неговата инспирација.[13] Дел од текстот Откровение, 12:1 ја објаснува симболиката: "Потоа на небото се покажа еден голем знак: жена облечена со Сонцето. Под нејзините нозе беше Месечината, а на главата имаше венец со дванаесет ѕвезди" (венецот од ѕвезди може да се толкува како "Круна на Бесмртноста"). Забележано е дека денот кога знамето било усвоено, 8 декември 1955 година, се поклопувал со католичкиот Празник на безгрешно зачетие на Пресвета Богородица, празник утврден во 1854 г. од страна на папата Пиј IX.

Се развил мит околу Пол Леви, Белгиец со еврејско потекло, кој ветил дека ако ја преживее војната ќе стане христијанин. Преживеал и станал католик. Кога бил основан Советот на Европа, Леви станал шеф на Одделот за култура. Во 1952 година, кога се дискутирало околу идејата за европското знаме, Леви го поддржал знамето на Паневропското движење. Сепак, крстот како елемент во неговиот дизајн, бил отфрлен од социјалистите и Турците како премногу христијански.

Еден ден Леви поминал покрај статуа на Дева Марија со ореол од ѕвезди и бил одушевен од начинот на кој ѕвездите, осветлени од Сонцето, сјаат наспроти синилото на небото. Подоцна Леви го посетил Грофот Бенвенути, венецијански христијански демократ, а потоа и генералниот секретар на Советот на Европа, и рекол дека тој предлага дванаесет златни ѕвезди на сина основа како мотив за знамето на Европа.[14] Сепак, идејата за дизајн на знамето ја дал Арсен Хајц а не Леви, и Леви подоцна изјавил дека откако знамето било избрано тој бил информиран за поврзаноста со Книгата на Откровението.[15] Официјалните власти на Европската унија ja отфрлиле библиската интерпретација како мит.[16]

И покрај формалното отфрлање на библиското толкување, на 21 октомври 1956 година Советот на Европа го претставил градот Стразбур, своето официјално седиште, со витражот од прозорецот во Катедралата во Стразбур изработен од страна на парискиот уметник Макс Ингранд. Тој ја покажува Богородица под круг од 12-те ѕвезди на темносина земја.[17] Ваквото претставување на Богородица било инспирирано од знамето на Congrégation Mariale des Hommes при катедралата, а дванаесет ѕвезди се наоѓале на статуата кон која оваа конгрегација (Собор) искажувала почит (дванаесет, исто така, бил и бројот на членови на Советот на конгрегацијата).[18]

Употреба

уреди

Советот на Европа

уреди
 
Знамето во изменета варијанта што го користи Советот на Европа

Знамето било дизајнирано од страна на Советот на Европа, и како таков тој ги поседува авторските права за знамето. Меѓутоа, Советот се согласил Европските организации да можат да го користат знамето, а неговата употреба била промовирана и од страна на други регионални организации. Советот на Европа сега ја дели одговорноста со Европската Комисија за да се обезбеди при употребата да се почитува достоинството на знамето, при што тие преземаат мерки за спречување на злоупотребата.

Покрај користењето на ова знаме, Советот, исто така, како свој симбол користи и изменета верзија на знамето: постоечкиот дизајн со стилизирана, зелена буква "е" преку ѕвездите.

Европската Унија

уреди
 
Знамето на Европа на табличките на земјите членки на ЕУ

Знамето ја симболизира ЕУ како целина, но исто така тоа е единствениот амблем на Европската комисија, извршното тело на ЕУ.[9] Меѓутоа, сите други органи и агенции, со исклучок на Европската агенција за реконструкција, имаат свои амблеми, иако често тие се инспирирани од дизајнот и боите на Знамето на Европа.[19]

Како дел од користењето во ЕУ, знамето се појавува на возачките дозволи и регистерските таблички на возилата што се издадени во Унијата[20], како и на евро банкнотите. Евро монетите, исто така, ги прикажуваат дванаесетте ѕвезди од знамето и на аверсот и на реверсот, а знамето понекогаш се користи и за означување на валутата или на еврозоната (оние држави кои го користат еврото).

Протокол

уреди
 
На меѓудржавни средби знамето на Европа вообичаено е истакнато покрај националното знаме на земјата домаќин

Знамето задолжително се користи при сите официјални говори на претседателот на Европскиот Парламент, како и при официјалните средби меѓу водачите на државите од ЕУ и оние што не се нејзини членки (обично националното знаме на државата-членка и знамето на Европската Унија се истакнуваат заедно).[20] Иако вообичаено националното знаме има приоритет пред европското знаме во национален контекст, средбите помеѓу водачите на ЕУ понекогаш се разликуваат. На пример, на италијанските прописи за знамето изречно го заменуваат италијанското знаме со европското, давајќи му предост кога високи државни претставници од другите земји од ЕУ доаѓаат во посета - на пример, наместо италијанското, знамето на ЕУ ќе биде во средината во група од три знамиња.[21]

Европското знаме вообичаено го истакнува владата на државата-претседавач со Советот на министри, иако во 2009 година чешкиот претседател, кој бил евроскептик, одбил да го постави знамето на владината зграда. Како одговор на ова, активистите на "Гринпис" проектирале слика од знамето врз зградата на Владата, обидувајќи се на тој начин самите да го постават знамето.[22]

Некои земји-членки, исто така имаат свои правила во однос на употребата на европското знаме и нивното национално знаме. На пример, задолжителна негова употреба заедно со националното знаме на државни институции како полициски станици или згради на локална самоуправа. Вон службена употреба, знамето не може да се користи за цели што се некомпатибилни со европските вредности.[20]

Во националната употреба, со националниот протокол националното знаме најчесто има приоритет пред европското знаме. Во случаи каде европското знаме се вее заедно со сите национални знамиња (на пример на состанок на Европскиот совет), националните знамиња се поставени по азбучен ред (според нивното име на главниот јазик на таа држава), со европското знаме на почеток или најдесно во редот.[23][24]

Знамето посебно се истакнува на денот на знамето на ЕУ, познат и како Ден на Европа, кој се празнува секоја година на 9 мај.[25][26] На Денот на Европа во 2008 година, за првпат европското знаме било истакнато и на германскиот Рајхстаг.

Воена и поморска употреба

уреди
 
Знаменце на бродовите на инспекциите за рибарство на ЕУ

Освен употребата на знамето од страна на владата и луѓето, исто така се употребува и во воени операции на ЕУ,[27] но не се користи како симбол на трговските бродови. Во 2003 година, член на Европскиот парламент поднел предлог до Привремениот комитет на Европскиот парламент знамето да стане симбол и на трговските бродови. Предлогот бил одбиен од Парламентот во 2004 година и оттогаш европското знаме не се користи како европски симбол на трговците.[28]

И покрај тоа што немаат европски симбол, инспекциските тимови за рибарство на ЕУ прикажуваат сино-жолти бродски знаменца. Тие се веат на инспекциските бродови во водите на ЕУ. Знамето е триаголно, поделено на 4 дела, од кои два сини и два жолти, и било усвоено според регулативата #1382/87 на ЕЕЗ на 20 мај 1978 година. Не постојат други варијанти или алтернативни знамиња кои се употребуваат од страна на ЕУ (за разлика од земји во кои има претседателски, поморски и воени варијанти).[29]

Поширока употреба

уреди
 
Европското знаме на поштенска марка во Германија од 1995 година

Знамето било наменето да ја претставува Европа во поширока смисла. Советот на Европа ја претставува скоро цела Европа, со исклучок на три европски држави. Подоцна, во 2008 година, било употребено од страна на про-западните српски гласачи во пресрет на изборите.

Знамето, всушност, станало реклама за проевропеизам надвор од Унијата, на пример во Грузија, каде по доаѓањето на власт на Михаил Саакашвили,[30] кој го користел за време на својата инаугурација, знамето се наоѓа на повеќето владини згради.[31] Тој изјавил Европското знаме е исто така знаме на Грузија сè додека ја претставува нашата нација, култура, суштината на нашата историја и перспектива и нашата визија за иднината на Грузија.[32]

Исто така се користи како про-демократски амблем во државите како Белорусија, каде се употребувало на протестните маршови, заедно со забранетото поранешно национално знаме и со знамињата на опозициските движења.[33][34] Знамето се користело во 2007 година на Европскиот марш во Минск, кога протестантите се обединиле во знак на поддршка на демократијата и пристапот кон ЕУ.[35]

Знамето се употребува и на спортски настани каде се претставува обединет тим на Европа. По завршувањето на Летните олимписки игри 2004, претседателот Романо Проди истакна дека вкупниот број на медали на ЕУ е далеку поголем од бројот на медали на било која држава и побара од спортистите од државите на ЕУ да го веат знамето на наредните игри заедно со нивното, како знак на солидарност (нешто што не се случи).[36]

Знамето, или некои негови одлики, често се употребуваат како лого на организациите кои го истакнуваат пан-европскиот елемент, на пример Европската лобистичка група или транснационалните транспортни компании.

Историја

уреди

Претходни знамиња

уреди
 
Знамето на некогашната Европска заедница за јаглен и челик

Пред развојот на политички институции, знамињата кои ја претставувале Европа биле ограничени од движење за обединување. Најпопуларни биле големото зелено „Е“ на бела позадина на Европското движење и пан- европското знаме. Со развојот на институциите, настрана од Советот на Европа, се појавиле други амблеми и знамиња. Ниту едно од нив не било наменето да ја претставува цела Европа, а ја претставувале сè додека не биле заменети со сегашното знаме.

Првата поголема организација која усвоила знаме била Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ), која се соедини со Европските заедници. Била формирана во 1952 година, а нејзиното знаме било откриено во 1958 година на Светскиот саем во Брисел.[7]

 
Поранешното знаме на Европскиот парламент

Знамето имало две ленти, сина на горниот дел, црна на долниот со шест златни ѕвезди (по 1973 година сребрени), по три на секоја лента. Сината лента била за челик, црната за јаглен, ѕвездите ги претставувале шестте земји-членки. Бројот на ѕвездите се зголемувал со зголемувањето на бројот на земјите-членки сè до 1986 година, кога бројот на членки бил фиксиран на 12. Кога во 2002 година истекол Договорот за ЕЗЈЧ, знамето било спуштено од Европската комисија во Брисел и заменето со Европското знаме.[7][37][38]

Европскиот парламент исто така користел свое знаме од 1973 година, но никогаш не било официјално усвоено. Било ставено надвор од употреба со усвојувањето на знамето со дванаесет ѕвезди од страна на парламентот во 1983 година. Знамето ги имало истите бои, жолта и сина, но наместо дванаесет ѕвезди впишани биле буквите „ЕП“ и „ПЕ“ (иницијали на Европскиот парламент на тогашните 6 јазици на заедницата) опкружени со венец.[39]

Создавање

уреди

Барањето на симбол на Советот на Европа започнал во 1950 година, кога бил основан комитет за да го разгледа прашањето за европско знаме. Имало бројни предлози, но се појавила јасна тема за ѕвезди и кругови.[15] Грофот Ричард фон Куденхов-Калерги предложил да го усвојат знамето на Интернационалната паневропска унија, кое било сино со црвен крст во внатрешноста на портокалов круг, поставен на средината, кој и самиот тој скоро го усвоил за Европската парламентарна унија. Поради симболиката на крстот, овој предлог бил одбиен од страна на Турција (членка на Советот на Европа од 1949 година).[6] Калерги тогаш предложил да се додаде полумесечина на дизајнот со крст, за да се надминат муслиманските замерки.[40] Друго знаме на организација било знамето на Меѓународното европско движење, кое имало големо зелено „Е“ на бела позадина.[41][42] Друг дизајн бил заснован на олимписките кругови, осум сребрени кругови на сина позадина. Бил одбиен поради сличноста на круговите со „бирач“, „синџир“ и „нули“. Голема жолта ѕвезда на сина позадина бил предлогот на Карл Рејмон. Сепак било одбиено поради сличноста со таканареченото „Знаме на Бурнет“, кое во 1830 тите било усвоено од Република Тексас и со знамето на Демократската Република Конго.

 
Знамето било создадено во 1955 година, а ЕЕЗ го прифатила во 1984 година

Советодавното собрание го смалил својот избор на два дизајна. Едниот бил Салвадор де Мадариага, основачот на Колеџот на Европа, кој предложил соѕвездие од ѕвезди на сина позадина[5] (поставени според главните градови, со една голема ѕвезда за Стразбур, седиштето на Советот). Го раширил знамето низ многу европски главни градови и добил поддршка од многу од нив. Второто било варијанта од ова, предложено од Арсен Хајц, кој работел во поштенските услуги на Советот и доставил голем број на дизајни. Неговиот дизајн кој бил прифатен од собранието , бил сличен на оној од Салвадор де Мадриага, но наместо соѕвездие, ѕвездите биле подредени во круг. Советодавното собрание го поддржало неговиот дизајн, сепак знамето кое било одбрано од собранието имало 15 ѕвезди, кои го означуваат бројот на земји во Советот на Европа. Советодавното собрание го одбрало ова знаме и му препорачало на Советот да го усвои.[43]

Комитетот на министри (главното тело за донесување одлуки на Советот) се согласил со Собранието дека знамето треба да биде круг од ѕвезди, но бројот тринаесет бил извор на несогласувања. Бил избран бројот дванаесет и Пол Леви го изготвил истиот дизајн на новото знаме каков што е денес. На 25 октомври 1995 година, Парламентарното собрание на Советот на Европа го одобрило знамето. Било усвоено на 8 декември 1955 и било откриено во Шато де ла Мует (Château de la Muette) во Париз на 13 декември истата година.[5][44]

Европски заедници

уреди

По Светскиот саем во Брисел знамето станало популарно и Советот на Европа имал влијание врз други европски организации за нивно усвојување на знамето, како знак на европско единство.[5] Европскиот парламент ја презел иницијативата да бара од Европските заедници да го усвојат знамето. Набрзо после првите директни избори во 1979 година, нацрт-резолуција била изнесена во врска со ова прашање. Со неа било предложено знамето на заедницата да биде истото како на Советот на Европа[44] и била усвоена од страна на Парламентот на 11 април 1983 година.[5]

Самитот на Европскиот совет одржан во јуни 1984 година, во Фонтенбло, Франција, ја нагласил важноста за промовирање на Европски лик и идентитет на граѓаните и на светот. Следната година, на состанокот во Милано, на 28-29 јуни, Европскиот совет одобрил предлог од Комитетот на европскиот народ во корист на знамето и го усвоил. По одобрението од Советот на Европа, од 1986 година Заедниците започнале да го користат, а со тоа и за првпат на 29 мај, било издигнато на зградата Берлејмонт (седиштето на Европската комисија).[45] Европската унија, која била основана со Мастришкиот договор во 1992 година, за да ја замени Европската заедница и да ги преземе нејзините функции, исто така го усвоила знамето. Оттогаш употребата на знамето е контролирана од Советот на Европа и Европската Унија.[44]

Неодамнешни настани

уреди

Во предложениот Европски устав, знамето требало да добие формален статус. Бидејќи ратификацијата била неуспешна, водачите ги тргнале елементите слични на државните од замената на Лисабонскиот договор. Сепак, Европскиот парламент го поддржал вклучувањето на симболи и како одговор предложил во Парламентот многу почесто да се употребуваат симболите, како што е знамето. Џо Лајнен, европратеник, сугерирал дека Парламентот треба повторно биде авангарден.[46] Подоцна, во септември 2008 година, Парламентарната комисија за уставни прашања предложила формална измена на правилата на институцијата за постапка, за да се подобри употребата на симболите. Конкретно, знамето ќе го има во сите соби за состаноци и на сите официјални настани.[47] Предлогот бил усвоен на 8 октомври 2008 година со 503 гласови „за“ и 15 „воздржани“.[48]

Дополнително, декларација за симболите од шеснаесетте земји-членки, вклучувајќи го и знамето, била вклучена во последниот акт од Лисабонскиот договор кој изјавува дека знамето, химната, мотото, валутата и Денот на Европа „за нив ќе продолжат да бидат симболи кои го изразуваат единство на луѓето во Европската унија и нивната верност кон неа“.[49]

Во април 2004 година, за првпат знамето било веено во вселената од страна на Европската вселенска агенција, додека астронаутот Андре Куиперс бил на Меѓународната вселенска станица.[50]

Баркод знаме

уреди
 
 Предлогот за знаме на Колас

Во 2002 година, холандски архитект Рем Колас и неговата градежна фирма „Канцеларија за архитектура на метрополите“, дизајнирале ново знаме по барање на претседателот на комисијата Романо Проди, за да пронајде начин повторно да ја обележи Унијата на начин кој ја прикажува различноста и единството на Европа. На новиот предложен дизајн му бил даден прекар "баркод", бидејќи ги прикажувало боите на сите европски знамиња (од тогашните 15 држави) како вертикални ленти. Покрај споредбата со баркод, неблагопријатно било споредувано и со тапет, ТВ тест-картичка и текстил за обложување столови. За разлика од сегашното знаме, зголемувањето на бројот на земји-членки не се одразува врз ова знаме.[51]

Официјално никогаш не било усвоено ниту од ЕУ, ниту од некоја организација, но сепак, било употребено како лого на Австриското претставништво на ЕУ во 2006 година. Било ажурирано со боите на уште десетте членки кои се приклучиле после предлогот и било дизајнирано од фирмата на Колас. Неговата цел била да ја претстави Европа како заеднички напор на различни нации, секоја задржувајќи си го својот единствен културен идентитет.[52] Првично имало некои незадоволства, бидејќи лентите од знамето на Естонија биле прикажани неправилно.

Изведени дизајни

уреди
Знамињата на Босна и Херцеговина и Косово се инспирирани од Знамето на Европа

Дизајнот на европското знаме бил употребуван во разни варијанти, исто како знамето на Советот на Европа спомнато погоре, и како знаме на Западната европска унија (WEU), кое ги има истите бои и ѕвездите, но бројот на ѕвездите е според бројот на земји-членки и се поставени во полукруг, а не во круг. На него се напишани иницијалите на Западната европска унија на два јазици.[53]

Знамето на Босна и Херцеговина нема толку голема поврзаност како знамето на Западната европска унија, но делумно било инспирирано од европскoтo влијание и аспирацијата на Босна и Херцеговина за влез во ЕУ. Ова знаме ја користи истата сина и жолта боја, како и ѕвездите, иако тие не се во ист број и боја, но имаат директно потекло од европското знаме.[54]

Исто така, Косово ја користи сината и жолтата боја, како и ѕвездите во своето знаме, а во согласност со европското знаме, симболизирајќи ги своите европски амбиции (за членство во Европската Унија). Косово, исто како и Босна и Херцеговина, има доживеано голема вклученост на Европа во своите проблеми, со прифаќањето на надгледувачката улога на ЕУ по неговото прогласување на независност во 2008 година.[55][56]

Некои етикети се поврзуваат со европското знаме, како што се етикетата за органска храна на ЕУ која ги користи дванаесетте ѕвезди, но се прераспоредени во форма на лист на зелена позадина. Оригиналното лого на Европскиот радиодифузен сојуз ги има дванаесетте ѕвезди на сина позадина, додавајќи светлосни зрациза да ги поврзат државите.

Белешки

уреди

1) Во хералдиката зборот мулет означува ѕвезда со прави, еднакви зраци - кракови (додека ѕвезда со искривени зраци (кракови) се нарекува естоил).

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Committee of Ministers of the Council of Europe (8 December 1955), Resolution (55) 32 of the Committee of Ministers of the Council of Europe, Архивирано од изворникот на 2011-06-07, Посетено на 4 мај 2011
  2. Council of Europe's Emblems Совет на Европа, архивирано од оригиналот на 7 август 2007 г.
  3. Датум на создавање на Европската Унија, усвојувањето на знамето всушност беше продолжение на она од ЕЕЗ кое беше заменето.
  4. Graphical specifications for the European Emblem, Европска Комисија, Посетено на 4 мај 2011
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 European NAvigator (уред.), The European flag: questions and answers, Архивирано од изворникот на 2011-06-07, Посетено на 9-10-2009 Проверете ги датумските вредности во: |access-date= (help)
  6. 6,0 6,1 Council of Europe fahnenversand.de
  7. 7,0 7,1 7,2 Do the Number of Stars on the European Flag Represent the Member States?, European Commission's delegation to Ukraine, Архивирано од изворникот на 2007-07-18, Посетено на 11 July 2008
  8. Do the Number of Stars on the European Flag Represent the Member States?, European Commission's delegation to Ukraine, Архивирано од изворникот на 2007-07-18, Посетено на 2008-07-11
  9. 9,0 9,1 The European Flag
  10. Murphy, Sean (25 January 2006), Memorandum on the Role of Irish Chief Herald Slevin in the Design of the European Flag, Centre for Irish Genealogical and Historical Studies, Архивирано од изворникот на 2008-12-05
  11. Sache, Ivan (17 July 2004). „Number of stars on the flag of the European Union“.
  12. „European Economic Community Flag 2“. Архивирано од изворникот на 2012-04-13.
  13. The European Commission and religious values, 28 October 2004, Архивирано од изворникот на 2011-08-05, Посетено на 4 August 2007
  14. Europäische Union (EU), The Flag and State Encyclopaedia
  15. 15,0 15,1 Account by Paul M. G. Lévy on the creation of the European flag, Архивирано од изворникот на 2017-08-23
  16. European Union: Myths on the flag, 4 February 2007
  17. L'origine chrétienne du drapeau européen, www.atheisme.org
  18. Congrégation Mariale des Hommes (француски), Cathédrale Notre-Dame de Strasbourg, 4 February 2004, Архивирано од изворникот на 2008-11-14
  19. Emblems
  20. The Rules of Protocol regarding national holidays and the use of the Italian flag Presidency of the Council of Ministers, Department of Protocol (retrieved 5 October 2008)
  21. Greenpeace projects EU flag image on Prague Castle, Ceske Noviny, 7 January 2009
  22. An Bhratach Náisiúnta / The National Flag (RTF), Department of the Taoiseach, Посетено на 28 December 2007
  23. A Guide to Flag Protocol in the United Kingdom (PDF)[мртва врска]
  24. Rasmussen, Rina Valeur, Celebration of Europe Day 9 May 2007 in Denmark, Politeia, Архивирано од изворникот на 2007-09-29
  25. Rasmussen, Rina Valeur (9 May 2007), London Eye lights up in colours of the European flag, Архивирано од изворникот 2007-08-19
  26. EUFOR Welcome Ceremony/Unfolding EU flag (PDF), NATO, Архивирано од изворникот 2008-06-11, Посетено на 14 April 2008
  27. Rejected proposal of a European civil ensign, Посетено на 14 April 2008
  28. European Union Fishery Inspection, 3 February 2008
  29. Petersen, Alex (1 May 2007), Comment - Georgia: Brussels on its mind, EU Observer, Посетено на May 2007 Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  30. Saakashvili Sworn In as New President, Templeton Thorp, Архивирано од изворникот на 2007-10-29, Посетено на 4 August 2007
  31. Petersen, Alexandros (2 May 2007), Georgia: Brussels on its mind, Global Power Europe, Архивирано од изворникот на 2007-09-28, Посетено на 25 August 2007
  32. Mite (20 October 2004), Belarus: Scores Arrested, Opposition Leader Hospitalized After Minsk Protests, rferl.org, Посетено на 5 August 2007
  33. Myers, Steven Lee; C.J. Chivers (20 March 2006), Election is landslide for leader of Belarus, Архивирано од изворникот на 2008-05-15, Посетено на 25 August 2007
  34. Belarusians had European March in Mins, charter97.org, 14 October 2007, Посетено на 25 November 2007
  35. Rachman, Gideon (22 September 2006), The Ryder Cup and Euro-nationalism
  36. The ECSC flag 1986-2002 Архивирано на 7 јуни 2011 г., European NAvigator
  37. The ECSC flag 1978 Архивирано на 7 јуни 2011 г., European NAvigator
  38. European Parliament, Flags Of The World, 2004-10-28, Посетено на 2007-08-04
  39. Letter from Richard Coudenhove-Kalergi regarding a Muslim modification to the Pan-Europa flag design, Council of Europe (француски)
  40. European Movement crwflags.com
  41. Proposals for the European flag Архивирано на 15 јули 2007 г. crwflags.com
  42. Recommendation 56(1) of the Consultative Assembly on the choice of an emblem for the Council of Europe (25 September 1953), European NAvigator, Архивирано од изворникот на 2011-06-07, Посетено на 2008-07-15
  43. 44,0 44,1 44,2 Council of Europe's Emblems, Council of Europe, Архивирано од изворникот 2007-08-07, Посетено на 2007-08-16
  44. Raising of the European flag in front of the Berlaymont (Brussels, 29 May 1986), European Navigator, Архивирано од изворникот на 2011-06-07
  45. Beunderman, Mark (2007-07-11), MEPs defy member states on EU symbols, EU Observer, Посетено на 2007-07-12
  46. EU Parliament set to use European flag, anthem, EU Business, 2008-09-11, Посетено на 2008-09-12
  47. Kubosova, Lucia (9 October 2008), No prolonged mandate for Barroso, MEPs warn, EU Observer, Посетено на 2008-10-09
  48. Official Journal of the European Union, 2007 C 306-2 , p. 267
  49. Further steps towards a European space policy, European Space Agency, Посетено на 11 February 2009
  50. Down with EU stars, run up stripes, BBC News, 8 May 2002
  51. Austrian EU Presidency Logo, Dexigner, Архивирано од изворникот на 2007-08-07
  52. Western European Union, Flags of the World
  53. Bosnia and Herzegovina - The 1998 Flag Change - Westendorp Commission - The Choice), Flags of the World, Архивирано од изворникот на 2008-04-30
  54. Kosovo's fiddly new flag, The Economist], 18 February 2008
  55. Kosovo's Flag Revealed, Balkan Insight, 17 February 2008, Посетено на 11 February 2009

Надворешни врски

уреди


  Статијата „Знаме на Европската Унија“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).