Загоричани
Загоричани или Загоричане (грчки: Βασιλειάδα, Василиада, до 1928 г. Ζαγορίτσανη, Загорицани[1]) — село во Костурско, Егејска Македонија, денес дел од Општина Костур, Костурски округ, Грција со 432 жители. Познато е како место на многу масакри врз македонското население, поради кои селото се споменува во познатата македонска народна песна „Народе македонски“.
Загоричани Βασιλειάς | |
---|---|
Поглед на селото Загоричани | |
Местоположба во округот Dimos Agion Anargiron.png | |
Координати: 40°33′N 21°25′E / 40.550° СГШ; 21.417° ИГД | |
Земја | Грција |
Регион | Егејска Македонија |
Област | Западна Македонија |
Округ | Костурски |
Општина | Костур |
Општ. единица | Свети Врач |
Надм. вис. | 867 м |
Население | |
• Вкупно | 432 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Географија и местоположба
уредиСелото Загоричани е едно од најголемите македонски села во Костурската околија[2]. Расположено е североисточно од градот Костур и јужно од Лерин. Оддалеченоста од градот Костур изнесува околу 20 километри. Сместено е на падините на планината Вич, на гребенот наречен Рамна, југозападно под врвот Врбица[3]. Низ селото протекува Загоричката река која што се влева и составува со Бобишката Река во откриеното Загоричко Поле, кое што го пресекува течејќи во западен правец[3].
Историја
уредиЗагоричани е доста старо село и за него постојат пишани податоци уште од средновековниот период во турските пописни дефтери од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 237 за Костурскиот вилает од 1445 година, каде за селото Загоричани е запишано дека во него живееле со 15 христијански македонски семејства, 1 неженет и 2 вдовици кои произведувале пченица, јачмен, 'рж, просо, бостан, лен, одгледувале лозја, чувале свињи и пчели и имало 100 оревови дрвја за што се остварувал севкупен обрт од приходи и давачки од 1262 акчиња[4]. Во време на Кримската војна (1853-1856) во околината навлегуваат разбојничките чети на Али Зот и Коста Рели кои го напаѓаат Загоричани, а кои пак се уништени по завршувањето на војната. Кон крајот на XIX век Загоричани е едно од главните средишта на преродбата во Костурско. Во ова време селото го посетил Стефан Верковиќ кој за него во 1889 година запишал дека тоа е село или мало гратче со 350 куќи и 480 семејни двојки, при што сите биле Македонци со исклучок на неколку Роми и најголемиот дел како и соседните жители леховци и клисурци оделе на печалба[5]. Во Загоричани имало 3 цркви, од кои едната убава и новоизградена, едно општо и едно грчко училиште[5].
Како едно од најголемите македонски села чии жители се истакнувале со својата македонска национална свест и посветеност кон Македонија, Загоричани претрпело многу страдања како масовни убиства - колежи на населението, уништување и спалување на куќите и целото село. Тоа наполно изгорело во времето на Илинденското востание, кога неговите двокатни убави куќи турската војска ги претворила во урнатини, а биле убиени и 25 селани[2]. Подоцна, на 15 март 1905 година, и грчките андарти извршиле голем колеж. Биле убиени околу сто селани, а селото повторно запалено[2]. За овој настан селото Загоричани се споменува во познатата македонска народна песна „Народе македонски“. По ова масовно клање, започнало големо иселување во прекуокеанските земји, со што бројот на населението почнал да опаѓа[2].
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Загоричани се води како мешано македонско-влашко село во Костурската каза на Горичкиот санџак со 476 куќи.[6]
Пред Балканските војни селото имало 300 куќи[2]. На местото на иселените Македонци, грчките власти во 1924 година населиле 25 бегалски семејства од Мала Азија со вкупно 72 лица[2]. Загоричани повторно настрадало за време на Втората светска војна и за време на Граѓанската војна, кога биле убиени 62 Македонци, а други 242 биле принудени да побараат засолниште во Република Македонија и во некои источноевропски земји[2].
Потекло и значење на името
уредиСпоред записите на Ѓорче Петров во книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ името на селото Загоричани е настанато од сложенката зад-горичани, со испуштање на гласот д[3]. Ваквото толкување може да се поврзе со местоположбата на која се наоѓа селото, во подножјето на падината на планината Вич каде што започнува гората (за-гора) или во однос на положбата на други места - зад гората. Името е со македонско словенско јазично потекло, при што слични топоними има во Македонија селата Загориче, Загорци, Загорани, истоимени села со име Загоричани постојат и во Босна и Херцеговина и Албанија, градот Стара Загора во Бугарија, областа Загорје во Хрватска итн. По 1928 година, грчките власти го промениле името на селото во Василеада.
Стопанство
уредиГлавни производи на Загоричани се житата, градинарските култури и овошјето[7]. Во своите записи од крајот на XIX век, Стефан Верковиќ за Загоричани запишал дека местото на селото е благопријатно за добиток, лен и коноп, а во самото село имало 15 дуќани и неколку градини и лозја за домашна употреба[5]. Во тоа време најголем дел од населението се издржувало со одење на печалба, а незначителен дел со земјоделство, бидејќи орната земја била недоволна иако поволна за одгледување на жито и лен. Исто така, тој запишал дека во околните планини Вич и Мирихска живее дивеч како мечки и диви свињи[5], при што и денес жители на селото се занимаваат со изработка на крзна и кожи, покрај земјоделството и сточарството. Во денешно време селото Загоричани има многу активна земјоделска задруга во која најмногу се одгледува грав.
Население
уредиСпоред бројот на жителите Загоричани било едно од најголемите македонски села во Костурско. Во својата статистика, Васил К’нчов го споменува со 3.300 жители[2]. Пред Балканските војни селото Загоричани ималп 300 куќи, а на пописот во 1913 година се попишани 2.320 жители, за нивниот број во 1920 година да се намали на 1247, а во 1928 година на само 735 жители[2]. Меѓутоа благодарејќи на природниот прираст, бројот на жителите во 1940 година се качува на 1247[2]. Општото намалување на бројот на жителите се должи на масовното иселување во прекуокеанските земји и делумно во Бугарија[2]. Поради подоцнежните повторни страдања и иселувања, селото во 1951 останува со 720, во 1961 година со 754, во 1971 година со 479, во 1981 година со 502, а во 1991 година со 458 жители[2]. Бројот на жителите продолжил да опаѓа и во ХХI век, па така во 2001 година селото имало 432, а во 2011 - 325 жители
години | население |
---|---|
1928 | 735 |
1940 | 1247 |
1951 | 720 |
1961 | 754 |
1971 | 479 |
1981 | 502 |
1991 | 458 |
2001 | 432 |
2011 | 325 |
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви
- „Воведение на Пресвета Богородица“ осветена во 1861 г.
- „Св. Атанасиј“ од 1886/1964 г.
- Загоричански манастир („Св. Петка“) од 1967 г.
- Природни места
- Загоричанско Езеро — вештачко езеро крај селото
Редовни настани
уредиЛичности
уреди- Анастас Јанков — полковник и деец на ВМОК
- Димитар Благоев - социјалист во Бугарија
- Кузо Стефов — револуционер
- Лефтер Манче — естетски хирург во Канада
Култура и спорт
уреди- „Етникос Василеас“ - фудбалски клуб основан во 1961 година со сина, црна и бела боја на дресовите. Се натпреварува во обласната лига на Костур каде што е еден од најдобрите клубови. Своите натпревари ги игра на Општинското игралиште во селото кое има капацитет од 150 седишта.
Иселеништво
уредиПо масовните убиства, колежи и раселување најголемиот дел од македонското население на Загоричани се иселило во прекуокеанските земји, најмногу во Канада каде првото загоричко иселеничко помагателско друштво „Мир“ е основано уште во 1907 година, САД и Австралија и тоа уште кон крајот на XIX и почетокот на XX век за време на отоманското владеење, а има голем број иселеници и нивни потомци и во Бугарија особено после Балканските војни и Македонија по Втората светска и особено по Грчката граѓанска војна.
Наводи
уреди- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Ζαγορίτσανη - Βασιλειάς
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 Симовски Христов, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија. 2. Скопје: Здружение на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија. стр. 21–22. ISBN 9989-9819-4-9.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 91. ISBN 978-608-245-113-8.
- ↑ Соколоски, Методија (1973). Турски документи за историјата на македонскиот народ. II. Скопје: Архив на Македонија. стр. 92.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 Верковичъ, Стефан И. (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи (руски). Санкт Петербург: СПб. стр. 145–146.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 100.
- ↑ Симовски, Тодор (1998). „Костурски округ (8)“. Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 21–22.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди„Загоричани“ на Ризницата ? |
Оваа статија место во Егејска Македонија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |