Историја на Јапонија

(Пренасочено од Древна Јапонија)

Историјата на Јапонија ја опфаќа историјата на островите на Јапонија и јапонскиот народ, која се протега од античката историја на регионот до современата историја на Јапонија како држава. По последното ледено доба, околу 12.000 г. п.н.е., богатиот екосистем на Јапонскиот архипелаг создал услови за човечкиот развој. Најраните познати керамички предмети датираат од периодот Џомон. Првиот познат запис за Јапонија е кратка информација дадена во Дваесет и четири истории во I век од. Главните културни и религиозни влијанија дошле од Кина. Првиот постојан главен град е основан во Нара во 710 г, кој станал центар на будистичка уметност, религија и култура. Денешното царско семејство се појави во околу 700 г., но до 1868 г. (со неколку исклучоци) имало висок углед, но малку моќ. До околу 1550 г. политичката моќ била поделена на неколку стотици локални единици, или „домени“ под контрола на локалните господари (дајмјо), секој со своја војска од воини-самураи. Токугава Иејасу дошол на власт во 1600 г., го дал земјиштето на неговите приврзаници и поставил своја воената власт (бакуфу) во Едо (денешен Токио). Периодот Токугава бил просперитетен и мирен, но Јапонија намерно ги прекинала христијанските мисии и ги прекинала речиси сите контакти со надворешниот свет. Во 1860 г. започнал периодот Мејџи и новото национално раководство систематски ставило крај на феудализмот и ја трансформирало изолираната, неразвиена островска земја во светска сила што внимателно ги следела западните модели. Демократијата била проблематична, бидејќи моќната армија на Јапонија била полунезависна и отфрлала или убивала цивили во 20-тите и 30-тите години од минатиот век. На почеток од 1931 г. војската се премести во Кина, но беше поразена во Војната во Тихиот Океан од страна на САД и Велика Британија. Окупирана од страна на САД по војната и лишена од своите освојувања, Јапонија беше трансформирана во мирна и демократска нација. По 1950 г. таа ужива многу висока стапка на економски раст и стана светски економски центар, особено во полето на автомобили и електроника. Од 90-тите години на минатиот век економска стагнација стана голем проблем, а земјотресот и цунами во 2011 г. предизвикаа големи економски дислокации, а земјата остана без атомска енергија.

Јапонска праисторија

уреди

Палеолит

уреди
 
Полирани камени секири, ископани во Хинатабајаши локација Б, градот Шинано, префектурата Нагано. Пред Период Џомон, 30.000 г. п.н.е. Националниот музеј на Токио.

Јапонскиот палеолит опфаќа подолг период почнувајќи уште од 50.000 п.н.е., а завршува некаде околу 12.000 п.н.е., на крајот на последното ледено доба. Артефакти за кои се тврди дека се постари од околу 38.000 г. п.н.е. не се општо прифатени, а повеќето историчари затоа веруваат дека Јапонскиот палеолит започнал по 38.000 г. п.н.е.

Јапонскиот Архипелаг се одделил од континентот по последното ледено доба, во околу 11.000 г. п.н.е. По откривањето на измамата на аматерот-истражувач, Шиничи Фуџимура, доказите од раниот и средниот палеолит пријавени од страна на Фуџимура и неговите соработници се одбиени по темелно преиспитување.

Како резултат на измамата, сега само некои докази од доцниот палеолит (кои не се поврзани со Фуџимура) се смета дека се основани.

Древна Јапонија

уреди

Периодот Џомон

уреди
 
Сад од средината на периодот Џомон (3000–2000 п.н.е.)

Периодот Џомон траел од околу 14.000 г. до 300 г. п.н.е. Првите знаци на цивилизација и стабилни животни модели се појавиле околу 14.000 г. п.н.е. со културата на Џомон, кој се одликува со мезолитски до неолитски полуседентарен начин на живот на ловење и собирање со дрвени наколни куќи и живеалишта во јами и примитивна форма на земјоделство.

Ткаењето сè уште не било познато во тоа време и облеката често се изработувала од крзно. Луѓето од периодот Џомон почнале да прават глинени садови, украсени со шари направени со втиснување во влажната глина на исплетени и неисплетени врвки и стапчиња. Со радиојаглеродно датирање се покажало дека некои од најстарите зачувани примери од керамика во светот може да се најдат во Јапонија заедно со ками, жад, чешли направени од школки и разни други предмети за домаќинството кои датираат од XI век п.н.е.

Воедно, во Периодниот систем на историјата на уметноста на Музејот за уметност Метрополитан стои дека „по тестирање со јаглерод-14 на најраните познати парчиња покажаа дека датумот на изработка е околу 10.500 г. п.н.е., но затоа што овој датум е надвор од познатата хронологија на развој на керамика на други места во светот, толку ран датум не е општо прифатен.

Најновите откритија се од 1998 г., кога на локалиттот Одаи Јамамото I се пронајдени фрагменти од еден брод кои датираат од 14.500 г. п.н.е. (пред околу 16.500 години). Тоа значи дека тие се најстрата керамика за која се знае денес во Јапонија. Меѓу постарите откритија се калибрирани радиојаглеродни мерења на карбонизиран материјал од керамички артефакти: во пештерата Фукуи материјалот датира од пред 12500 ± 350 години и пред 12500 ± 500 години (Камаки и Серизава, 1967 г.), во каменото засолниште Камикуроива, Шикоку материјалот датира од пред 12 165 ± 350 г., иако точниот датум е спорен.

Глинените фигури познати како „догу“ биле исто така ископани. Предметите за домаќинство укажуваат дека трговски патишта постоеле до места оддалечени колку Окинава. ДНК-анализа укажува на тоа дека Ајните, автохтон народ кој живее на Хокаидо и северниот дел на Хоншу, потекнуваат од периодот Џомон и на тој начин претставуваат потомци на првите жители на Јапонија.

Периодот Јајои

уреди
 
Дотаку (Dōtaku, јапонско ѕвоно) од периодот Јајои, III век.

Периодот Јајои траел од околу 400 г. или 300 г. п.н.е. до 250 г. н.е. Овој период следел по периодот Џомон и целосно го заменил. Именуван е по градот Јајои, кој се наоѓа во Бункјо, Токио, каде што археолошките истражувања довеле до првите признати траги за периодот.

Почетокот на периодот Јајои го означил појавувањето на нови активности, како што се ткаењето, одгледувањето ориз, шаманизмот и изработка на железо и бронза. Бронзата и железото се појавиле истовремено во Јајои Јапонија. Железото главно се користело за земјоделски и други алатки, додека пак ритуалните и церемонијалните артефакти главно биле изработени од бронза. Леење на бронза и железо во одредна мера, започнало во Јапонија од околу 100 г. п.н.е., но суровини и за двата метали дошле од азискиот континент. Со периодот Јајои настанал и шаманизмот и претскажувањето од гатачите, со цел да се загарантира добра жетва.

Јапонија првпат се појавила во писмената евиденција во 57 г. со следново спомененување во кинеската Книга за подоцнежниот народ Хан: „Преку океанот од Леланг (историска кинеска командерија или префектура) живее народот Ва. Формиран од повеќе од сто племиња, тие доаѓаат и често ни оддаваат почит.“ Книгата исто така споменува дека Суишо, кралот на Ва, подарил робови на царот Ан од Хан во 107 г. Сангуо Џи (Записите за трите кралства), напишан уште во III век, истакнува дека земјата е создадена со обединување на околу 30 мали племиња или држави и е управувана од страна на кралица-шаман по име Химико од Јаматаикоку.

За време на династиите Хан и Веи, кинески патниците кои оделе во Кјушу пишувале за неговите жители и тврделе дека тие се потомци на Големиот гроф (Tàibó) на Ву. Жителите исто така, покажувале особини на народот Ву пред кинеското влијание, како што се тетовирање, вадење заби и носење на бебињата. Во Сангуо Џи евидентирани се физички описи кои се слични на статуите „ханива“, како што се мажи со коса во плетенка и со тетоважи и жени кои носат широка едноделна облека.

Локацијата Јошиногари во Кјушу е најпознатиот археолошкото наоѓалиште од периодот Јајои и открива голема населба која била населена неколку стотици години. Археолошките ископувања покажаа дека најстарите делови се од околу 400 г. п.н.е. Се чини дека жителите често комуницирале со континентот со кој одржувале трговски односи. Денес, некои реконструирани градби се во паркот на археолошкото наоѓалиште.

Периодот Кофун

уреди
 
Кофун Даисенрјо, префектура Осака, V век.

Периодот Кофун започнал околу 250 г. и името го добил според големите могили (kofun) кои почнале да се појавуваат во тоа време.

Периодот Кофун („Кофун-Џидаи“) забележал воспоставувањето на силни воени држави, секоја од нив сосредоточена околу моќни кланови (или зоку). Формирањето на доминантна Јамато држава било фокусирано во провинциите Јамато и Кавачи од III-VII век, каде се создавало потеклото на јапонската царска лоза. Така државата, со потиснување на клановите и со здобивање со земјоделско земјиште, вршела силно влијание во западниот дел на Јапонија.

Во V век Јапонија почнала да праќа дарови на Кинеското царство. Во записите на кинеската историја, државата била наречена Ва и биле запишани нејзините пет владетели. Врз основа на кинескиот модел, тие развиле централната администрација и систем на владетелски двор, а општеството се организирало во различни групи според занимањето. Во средината на овој период, кон крајот на IV век, се развиле блиски односи помеѓу трите корејски држави и Јапонија.

Класична Јапонија

уреди

Периодот Асука

уреди
 
Фреска во гробницата Такамацука, во Асука, Нара, VIII век

Во периодот Асука (538-710 г.), протојапонската Јамато држава постепено станала видливо централизирана и, дефинирала и применувала законик, како што се Реформите Таика и Законикот Таихо. Исто така, во текот на истиот период, Јапонците развивиле силни економски врски со народот Пекче или Бекџе, кои живеел на југозападниот брег на Корејскиот Полуостров. Добрите односи со народот Бекџе започнале во 391 г., кога јапонска експедиција го спасила господарот на Бекџе и народот Бекџе од нивниот традиционален непријател, народот Когурјо, што живеел во северниот дел на Корејскиот Полуостров.

Всушност, будизмот навлегол во Јапонија во 538 г. со народот Бекџе, на кој Јапонија продолжила да му дава воена поддршка. Во Јапонија, владеачката класа во голема мера го промовирала будизмот за свои цели. Така, во почетните фази, будизмот како религија не бил популарен меѓу обичните луѓе во Јапонија. Сепак, воведувањето на будизмот доведло до укинување на практиката на погребување починати лица во големи могили (кофуни).

Принцот Шотоку дошол на власт во Јапонија како регент на царицата Сујко во 594 г. Царицата Сујко го наследила престолот од претходниот цар и нејзин чичко, Суџин (588-593 г.), кој бил убиен во 593 г. Царицата Сујко, исто така, била во брак со претходен цар Бидацу (572-585 г.), но таа била првата жена-владетел на Јапонија уште од матријархатот.

Како регент на царицата Сујко, принцот Шотоку се посветил на ширење на будизмот и кинеската култура во Јапонија. Тој е исто така заслужен за релативниот мир во Јапонија, преку прогласувањето на Уставот со Седумнаесет члена, документ во конфуцијански стил чиј главен интерес биле видовите на морал и доблестите што се очекувало да ги поседуваат владините претставници и поданиците на царот. Будизмот ќе стане постојан дел од јапонската култура.

Писмо до царот на Кина однесено од посланици од Јапонија во 607 г. вели: „Царот од земјата на изгрејсонцето (Јапонија) испраќа писмо до царот на земјата кајшто заоѓа сонцето (Кина)“, навестувајќи исто рамниште со Кина што го налутило кинескиот цар.

Периодот Нара

уреди
 
Големот Буда во Нара, 752 г.

Периодот Нара во VIII век ја одбележал првата појава на силна јапонски држава и често се смета како златно доба. Во 710 г., главниот град на Јапонија бил преместен од градот Асука во градот Нара. Хол (Hall) (1966 г.) заклучува дека „Јапонија се трансформирала од лабава федерација на уџи (големи независни кланови со моќни водачи) во петтиот век во царството какво што било кинеското во осмиот век. Нова дрѓавна теорија и нова владина структура го поддржале јапонскиот владетел како апсолутен монарх“. Традиционалните политички и економски практики сега биле организирани преку рационално структуриран владин апарат кој законско дефинирал функции и преседани. Земјиштето било контролирано и регистрирано на државата. Се појавила нова моќна аристократија која ја контролирала државата и се издржувала од даноците кои биле ефикасно собрани. Владата изградила големи јавни објекти, вклучувајќи владини канцеларии, храмови, патишта и системите за наводнување. Бил воведен нов систем за закуп на земјиште и оданочување кој бил осмислен за да ја рашири сопственоста на земјиштето меѓу руралното население. Ваквото доделување на земјата најчесто изнесувало околу 1 акр (0,4 хектари). Сепак, доделено земјиште можело да биде и само една десетина акр (0,04 хекари или 400 м2). Парцелите за робови биле околу две третини од големината на доделеното земјиште на слободните луѓе. Распределбата на земјиштето се разгледувала на секои пет години, кога се спроведувал и пописот.

Во текот на овој период бил забележан културен напредок. Нови драматични културни манифестации го карактеризирале периодот Нара, кој траел околу четири века.

По царски указ од царицата Гемеј, главниот град бил префрлен во Хеиџо-Кјо, денешна Нара, во 710 г. Градот бил направен според градот Чанган (денешен Сијан), главниот град на кинеската династија Танг.

Во периодот Нара, политичкиот развој бил обележан со борбата меѓу царското семејство и будистичките свештеници, како и меѓу на царското семејство и регентите – кланот Фуџивара. Јапонија уживала мирољубиви односи со нејзините традиционални непријатели – народот Шила кој живеел на југоисточниот брег на Корејскиот полуостров. Јапонија исто така воспоставила формални односи со кинеската династијата Танг.

Во 784 г., главниот град бил повторно преместен во Нагаока-Kyo за да се избегнат будистичките свештеници, а потоа во 794 г. во Хеијан-Кјо, денешен Кјото. Кјото бил главен град до 1868 г. Во религискиот град Кјото, будизмот и шинтоизмот почнале да формираат синкретички систем.

Историските записи во Јапонија кулминирале на почетокот од VIII век, со големите хроники, Коџики (Записникот за древни работи од 712 г.) и Нихон Шоки (Хрониките за Јапонија од 720 г.). Овие хроники даваат легендарен опис на почетоците на Јапонија, денес познат како Јапонска митологија. Според митовите кои се содржат во овие хроники, Јапонија е основана во 660 г. п.н.е. од предокот-цар Џиму, директен потомок на шинтоистичкото божество Аматерасу или Божицата на сонцето. Митовите споменуваат дека Џиму ја започнал царска лоза што останала до денес. Историчарите претпоставуваат дека митовите делумно опишуваат историски факти, но првиот цар кој всушност постоел бил Оџин, иако датумот на неговото владеење е неизвесно. Од периодот Нара па натаму, вистинската политичка моќ не е во рацете на царот, туку во одредени периоди е во рацете на дворското благородништвото, воените водачи, војската и денес премиерот на Јапонија.

Периодот Хеан

уреди
 
Минијатурен модел на Хеан-кјо

Периодот Хеан траел од 794 г. до 1185 г. и е последниот период на класичната јапонска историја. Тој се смета за врв на јапонскиот царски двор и е познат по уметноста, а особено поезија и литература кои се твореле во тоа време. Во почетокот на XI век, придружничката Шикибу Мурасаки го напиша најстариот зачуван јапонски роман (и еден од најстарите во светот), Приказната за Генџи. Најстарите збирки јапонса поезија Манјосху и Кокин вакашу биле составени во текот на овој период.

Се појавиле силни разлики со културите од азиското копно (како што е автохтониот систем за пишување, Кана). Поради падот на династијата Танг, кинеското влијание го достигнало својот врв, а потоа дефинитивно завршило, со последната царски дозволената мисија во Танг, Кина во 838 г., иако трговските експедиции и будистичкото поклонение во Кина продолжил.

 
Цртеж на свиток кој датира од околу 1130 г., на кој е илустрирана сцена од четивото „Река од бамбуси“ од Приказната за Генџи (јапонски: 源氏物語 Genji Monogatari, англиски: The Tale of Genji)

Политичката моќ на царскиот двор била во рацете на моќни аристократски семејства (куге), особено кланот Фуџивара, кој владеел под титулите Сешо (титула на регент именуван да му помогне на дете-цар или царица) и Кампаку (во теорија, главен советник на царот, но и титула за првиот секретар и регент кој му помага на царот). Кланот Фуџивара добил речиси целосна контрола врз царското семејство. Сепак, регентите Фуџивара кои го советувале царскиот двор биле задоволни со нивниот авторитет врз царот. Ова значело дека авторитетот на кланот Фуџивара можел да биде оспорен од страна на енергичен цар во секое време. Доминацијата на Фуџивара на дворот во периодот од 858 г. до околу 1160 г. довел до тоа овој период да се нарекува „периодот Фуџивара“. Кланот Фуџивара ја добил оваа надмоќ, поради брачни врски со царското семејство. Всушност, поради бројот на цареви чии мајки доаѓале од кланот, регентите Фуџивара лесно се поистоветувале со царското семејство, и луѓето не гледале разлика меѓу „директно владеење“ од страна на царското семејство и на владеењето на регентите Фуџивара. Според тоа, кога настанало незадоволство од владата што резултирало со буната Хоген (1156-1158 г.), буната Хеџи (1160 г.) и војната Гемпе (1180-1185 г.), цел на незадоволството биле регентите Фуџивара, како и царското семејство. Војната завршила во 1185 г. со поморска битка на Ден-но-ура во која кланот Минамото го победил кланот Тајра. (Битката на Ден-но-ура и војната Гемпе се споменуваат во приказна раскажана од покојниот Карл Саган во втората епизода од телевизиската минисерија од 1980 г. „Космос“.) Во 1192 г., дворот го назначил Јоримото од кланот Минамото на голем број високи позиции во владата. Овие позиции биле консолидирани и Јоримото станал првиот човек кој бил именуван како сеи таи шогун или шогун. Јоримото тогаш го победил кланот Фуџивара во воениот поход во северниот дел на Јапонија. Ова го означило крајот на периодот Фуџивара и крајот на нивното влијанието врз владата.

На крајот од овој период бил забележан подем на разни воени кланови. Четирите најмоќни кланови биле кланот Минамото, кланот Тајра, кланот Фуџивара и кланот Тачибана. Кон крајот на XII век, конфликтите меѓу овие кланови прераснале во граѓанска војна, како што била Хоген (1156-1158 г.). Буната Хоген била од големо значење за Јапонија, бидејќи била пресвртната точка што довела до првите фази на развојот на феудализмот во Јапонија. Буната Хеџи од 1160 г., исто така избувнала во текот на овој период и востанието било проследено со војната Генпе, од која произлегло општество предводено од кланови на самураи под политичка власт на шогунот, што се всушност почетоците на феудализмот во Јапонија.

 
Бјудо-ин (1053 г.) е амидистички храм (амидизам е гранка на махајанскиот будизам наречен исто така „будизам на чиста земја“). Регистриран е како светско наследство на УНЕСКО.

Будизмот почнал да се шири за време на периодот Хеан. Сепак, будизмот бил поделен меѓу две секти: сектата Тендаи која била донесена во Јапонија од Кина од страна на Саичо (767-822 г.) и сектата Шигон која била донесена од Кина од страна на Кукаи (774-835 г.). Додека сектата Тендаи била монашка форма на будизам која формирала изолирани манастири или храмови на врвовите на планините, варијација Шигон била помалку филозофска, а попрактична и попопуларна верзија на религијата. Амидизмот (Будизам на чиста земја) е форма на будизам која е многу поедноставна отколку верзиите Тендаи или Шигон. Амидизмот станал многу популарен во Јапонија во времето на влошување на состојбата и проблемите во втората половина на XI век.

Феудална Јапонија (1185 г.–1868 г.)

уреди

Феудалниот период на јапонската историја, во кој доминирале моќните регионални семејства (дајмјо) и воените водачи (шогуни) кај кои лежела воената власт, се протега од 1185 г. до 1868 г. Царот останал на власт, но неговата владејачката позиција била главно de jure, а трговците имале малку моќ. Овој период обично е дели на помали периоди според семејството на шогунот кој владеел.

Периодот Камакура

уреди

Периодот Камакура (1185 г.-1333 г.) е период што го означил владеењето на шогунатот Камакура и транзиција во јапонската „средновековна“ ера, што е речиси период од 700 години во кој царот, дворот и традиционалната централна власт останале непроменети, но биле потиснати во голема мера извршувајќи церемонијални функции. Граѓанските, воените и судските спорови биле контролирани од класата на (самураите) буши, а најмоќниот од нив бил де факто државниот владетел, шогунот. Овој период во Јапонија се разликувал од стариот шоен систем каде бил ставен силен акцент на војската.

Во 1185 г., Јоримото од кланот Минамото и неговиот помлад брат Јошицуне го поразиле соперничкиот клан Тајра во поморска битка на Дан-но-ура. Резултатот од битката на Дан-но-ура значел пораст на класата на воини или самураи. Со феудалната структура која произлегла во Јапонија, самураите биле должни да извршуваат воена служба и да бидат лојални на импраторот. Самураите пак, барале лојалност и работа од селаните кои изнајмувале земјиште од нив и им служеле. Понекогаш самураите воделе битки еден против друг, што предизвикало нарушување во општеството. Во 1192 г., Јоримото бил назначен за сеи таи шогун од страна на царот. Од шогунот се очекувало да ги води секојдневните работи на владата во име на царот и да го контролира самураите. Во ова време царскиот двор останал во главниот град Кјото. Општество во Кјото се сметало за попрефинето и покултурно од остатокот на земјата. Сепак, Јоримото ја основал својата база на моќ наречена бакуфу во приморскиот град Камакура. Јоримото станал првиот од ред шогуни кој владеел од Камакура. Така, период од 1185 г. до 1334 г. станал познат како периодот на шогунатот Камакура. Општество во воениот или самурајскиот главен град Камакура се сметало за грубо и неуко во споредба со префинетото општеството во Кјото. Сепак, Јоримото сакал да ја ослободи својата влада од влијанието на штетната бирократијата во Кјото и останал во Камакура. Шогунатот Камакура се засновал на интересите на оваа растечка класа наместо на бирократијата во Кјото. Според тоа, изборот на Камакура како главен град на шогунатот одговарал на новата класа на воини.

Јоримото бил оженет со Хоџо Масако од кланот Хоџо, која и самата била сенсе (мајстор) во кјудо (стрелање) и кендо (мечување), и таа придонела многу за неговиот подем и организирање на бакуфу. Меѓутоа, по смртта на Јоримото, друг клан на воини, кланот Хоџо, дошол на власт како шикен (регенти) за шогунот.

 
Јапонски самураи како се качуваат на монголски бродови во 1281 г.

Во овој период монголската инвазија на Јапонија во 1274 г. и 1281 г. била трауматичен настан. Големите монголски сили со супериорна поморска технологија и оружје се обиделе да извршат целосна инвазија на јапонските острови и во 1274 г. и во 1281 г. Сепак, познат тајфун наречен камиказе (во превод од јапонски: божествен ветер) бил заслужен за уништувањето и на силите на монголската инвазија и спасувањето на Јапонија. Иако Јапонците успешно ги запреле Монголците, обидот за инвазијата имал катастрофални внатрешни последици, што довело до исчезнување на шогунатот Камакура. Две децении по вториот неуспешен обид на монголската инвазија на Јапонија, Јапонците продолжиле да стравуваат од трет монголски напад. (Всушност, Јапонија не можела да биде сигурна во мир сè до смртта на Кублај Хан во 1294 г.) Како резултат на ова, шогунот барал од самураите да трошат многу пари на вооружени сили, со цел да останат во состојба на готовност за трет напад кој се очекувал од страна на Монголците. Ова огромно трошење пари имало разурнувачки ефект врз економијата на Јапонија. Доколку ова бил единствениот пробем, можеби шогунатот Камакура ќе го преживеел притисокот на постојана воена подготвеност и лошата економија што произлегла од тоа. Сепак, по смртта на царот Го Сага во 1272 г. настаналa жестока расправија околу наследство на престолот во рамките на царското семејство.

Обновата на Кему

уреди

Во 1333 г., шогунатот Камакура бил симнат од власт со државен удар удар познат како обнова на Кему, предводена од царот Го Дајго и неговите следбеници (Такауџи Ашикага, Јошисада Нита и Масашиге Кусуноки). Царот Го Дајго дошол на престолот во 1318 г. Од самиот почеток, јасно било дека Го Дајго нема да абдицира и да биде „повлечен цар“, и дека има намера да владее со Јапонија од неговата палата во Кјото независно од шогунатот Камакура. Го Дајго и неговите приврзаници војувале против шогунатот Камакура. На царот му било вратено политичкото влијание. Владата која се формирала не се состоела од цивили, туку била владата од шогунатот Камакура предводена од војска. Сепак, ова не траело долго, а во класата на воини низ Јапонија настанало безредие. Исто така, Го Дајго не е роден водач. Всушност, негиов карактер имал тенденција да ги отуѓува луѓето. Еден од оние што бил отуѓен од Го Дајго, бил неговиот поранешен следбеник, Такауџи Ашикага. Ашикага дознал дека има поддршка од другите регионални воени водачи во Јапонија. На почетокот од 1335 г., Ашикага заминал од Кјото и се преселил во Камакура. Тогаш почнал да презема функции кои не му биле доделени од царот. Ова до довело Ашикага во директен конфликт со владините претставници во Кјото, вклучувајќи ги и неговите стари сојузници, Јошисада Нита и Масашиге Кусуноки. Сепак, преземајќи овластувања какви што имал шогунот, се чинело дека Ашикага се застапувал за класата на воини во борбата против цивилните власти кои се чинело дека се решени да ја уништат моќта на воините. Според тоа, на Ашикага му се придружиле многу регионални воени водачи во Камакура. На 17 ноември, 1335 г. братот на Ашикага, Тадајоши Ашикага, ги повикал воините низ земјата (во име на својот брат Такауџи): „соберете ги мажите од својот клан и побрзајте да ми се придружите“. Незадоволството од Го Дајго било силно што повеќето од воините во Јапонија одговориле на овој повик.

По првичниот пораз на главниот остров Хоншу, Ашикага и неговите трупи се повлекле во јужниот дел на островот Кјушу, каде што веднаш го продобил поголемиот дел од регионалните воени водачи на негова страна и ги поразил неколкуте кои останале лојални на Го Дајго. Штом целиот островот Кјушу бил во негови раце, Ашикага повторно извршил инвазија на главниот остров Хоншу и во 1336 г., во решавачката Битка на Минатогава, или Битката на реката Минато, ги поразил вооружените сили на Нита и Кусуноки и другите лојалистички сили на Го Дајго. Силите на победничката класа на воини се собрале околу градот Камакура кој станал познат како „Северниот царски двор“. Лојалистичките сили можеби биле победени, но преживеале да ја продолжат борбата. Тие го формирале „Јужниот царски двор“, а по смртта на Го Дајго на крајот на летото во 1339 г., се собрале околу принцот Казухито кој бил востоличен како цар Когон. Принцот Казухито бил од помлада лоза на потомци на царското семејство и на тој начин, неговите приврзаници биле приврзаници на „помладата лоза“. На 20 септември 1336 г., коалицијата на самураи на Ашикага се спротивставила на Го Дајго и востоличувањето на принцот Го како цар Комјо. Принцот Јутахито бил од „постарата лоза“ на потомци на царското семејство. Според тоа, граѓанската војна меѓу воините предводени од кланот Ашикага – „Северниот царски двор“ од една страна и „Јужниот царски двор“ на лојалистите од друга страна, била граѓанска војна за престолот меѓу приврзаниците на „старата“ и „младата“ лоза на наследници на царското семејство. Воините и кланот Ашикага го освоиле Кјото и почнале да ги преместуваат воени силе од Камакура во Кјото. Во меѓувреме, Јужниот двор го напуштил главниот град Кјото и се етаблирал во Јошино.

Шогунатот Ашикага никогаш не можел да ја контролира и централизира власта низ целата земја. Кланот владеел поради мало мнозинствона воени водачи кое се менувало и кое го поддржувало. Секогаш имало воени водачи кои делувале самостојно и од Севернит двор и од Јужниот двор. Подоцна, за време на војната за престолот, овие независни воени водачи на власт го поставиле третиот цар, царот Суко. Значи, граѓанската војна за престолот станала проблем меѓу три страни. Како што продолжувала граѓанската војна така и престижот на престолот се намалувал. Ова влијаело врз зацврстувањето на идејата дека царското семејство треба да се отстрани од политиката и ја зајакнало потребата да се назначи шогун за да ја води владата.

Во 1338 г., Ашикага бил официјално назначен за шогун од новиот цар. Тој бил првиот од шогуните Ашикага. Обидот за враќање на независна моќ на престолот - Вознобновата Кему, бил при крај, по што започнал периодот на шогунатот Ашикага.

Граѓанската војна за престолот конечно била решена. Како дел од решението, сите три „цареви“ абдицирале на 6 април 1352 г. Ашикага починал во 1358 г. и Јошиакира Ашикага го наследил како шогун. Сепак, до 1368 г. моќта на шогунатот Ашикага била толку дефинирана што Јошимицу Ашикага можел да владее во Јапонија без оглед на царот. Во 1392 г., Јужниот двор и Северниот двор конечно се споиле со договор, а царот Коген, од Јужниот двор и помладата лоза дошол на престолот и ветил дека отсега на престолот наизменично ќе доаѓаат кандидати од Северниот двор и Јужниот двор. Меѓутоа, овој договор никогаш не бил спроведен.

Периодот Муромачи

уреди
 
Кинкакуџи (Златниот павилјон), Кјото, 1397 г., во периодот Китајама

За време на периодот Муромачи, шогунатот Ашикага владеел 237 години, од 1336 г. до 1573 г. Бил основан од Такауџи Ашикага кој ја презел политичката моќ од царот Го Дајго. Мнозинството од класата воини го поддржале кланот Ашикага во војната за престолот. По одземањето на Кјото од царот Го Дајго, Кјото главен град на шогунатот Ашикага кон крајот на 1336 г., а со тоа нов главен град на Северниот двор. После ова, Го Дајго се преселил во Јошино и таму го основал новиот главен град на Јужниот Двор. Со ова завршил обидот за обнова на моќта на престолот - обновата на Кему. Почетокот (1336-1392 г.) од периодот Муромачи период е познат како Нанбокучо (период на Северниот и Јужниот двор), бидејќи царскиот двор бил поделена на два дела. Во 1392 г., Северниот двор и Јужниот двор конечно биле споени и царот Коген бил ставен на престолот. Имало договор со кој, наследувањето на престолот наизменично ќе се менува меѓу кандидатите на Северниот двор и кандидатите на Јужниот двор. И покрај тоа, овој договор никогаш не бил спроведен.

Владеењето на кланот Ашикага било многу слично на владеењето на кланот Камакура, бидејќи кланот Ашикага направил неколку промени во позициите и советите на претходна влада. Сепак, шогунатот Ашикага доминирал со царскиот престол повеќе отколку што можел кланот Камакура. Шогунатот Ашикага никогаш не можел да ја централизира својата власт над регионалните воени водачи како претходната влада на Камакура. Шогунатаот Ашикага се основал на коалиција на лабаво мнозинство од различни регионални воени водачи низ целата земја. Како последица на тоа, шогунатот Ашикага не можел да направи ништо во врска со проблемот на пиратите кои делувале на нивните брегови, и покрај многуте барања од Кореја и кинеската династија Минг. Клановите на воените водачи, како кланот Коцуна и гранката Кијомори од кланот Тајра, кои живееле крај брегот на Внатрешното Јапонско Море, заработувале од пиратите и ги поддржувале.

Во 1368 г., династијата Минг ја заменила династијата Јуан на Монголците во Кина. Трговијата на Кина со Јапонија замрела после вториот и последен обид на монголска Кина да изврши инвазија на Јапонија во 1281 г. Сега започнал нов трговски однос со новите владетели Минг во Кина. Дел од новата трговијата со Кина било доаѓањето на зен будистичките монаси во Јапонија. За време на шогунатот Ашикага се зголемило влијанието на зен будизмот меѓу владеачката класа во Јапонија.

Периодот Муромачи завршил во 1573 г. кога 15-от и последен шогун, Јошиаки Ашикага, бил избркан од главниот град Кјото од Нобунага Ода.

Од аспект на културната историја, периодот Муромачи се состои од периодот Китајама (крајот на XIV век - првата половина на XV век) и периодот Хигашијама (втората половина на XV век – прва половина на XVI век).

Периодот Сенгоку

уреди
 
Замокот во Осака
 
Цуненага Хасекура и јапонскиот воен брод „Сан Хуан Баутиста“

Подоцнежните години од периодот Муромачи (1467-1573 г.), исто така се познати како период Сенгоку (период на завојуваните држави), време на интензивна внатрешна војна кое кореспондира со периодот од првите контакти со западот - доаѓањето на португалските „нанбан“ трговци.

Во 1543 г., португалски брод, кој бил одвеан и го изгубил својот курс на пловидбата до Кина, стигнал до островот Танегашима. ОгненоТО оружје кое го донеле Португалците ќе донесе големи иновации во периодот Сенгоку, кои кулминирале во Битката на Нагашино каде наводно 3000 аркебузи (се верува дека вистинскиот број е околу 2000) го намалило ангажирањето на самураи. Во текот на следните години, доаѓале трговци од Португалија, Холандија, Англија и Шпанија, како и исусовски, доминикански и францискански мисионери.

Периодот Азучи-Момојама

уреди

Периодот Азучи-Момојама траел од околу 1568 г. до 1603 г. Периодот, кој се смета како доцниот период на завојуваните држави, го означува военото обединување и стабилизацијата на земјата под еден политички владетел, прво со воените походи на Нобунага Ода (1534-1582 г.) кој речиси ја обединил Јапонија. Ода одлучил да ја намали моќта на будистичките свештеници, и го штител христијанството. Тој вршел масовни убиства на будистички свештеници и ги освојувал нивните утврдени храмови. Бил убиен за време на бунт во 1582 г.

 
Цртеж на католички калуѓери погубени на 5 февруари 1597 г.

Обединување конечно го остварил еден од генералите на Ода, Хидејоши Тојотоми.

Откако ја обединил Јапонија, Хидејоши Тојотоми ја нападнал Кореја во обид да ја освои, како и територијата пошироко. Сепак, по два неуспешни походи против сојузните сили на Кореја и Кина и неговата смрт, неговата војска се вратила во Јапонија во 1598 г. По неговата смрт, Јапонија доживеала краток период на конфликт околу тоа кој ќе го наследи. Иејасу Токугава, еден од регентите на младиот наследник на Хидејоши Тојотоми, победил во Битката кај Секигахара и се здобил со политичка моќ.

Христијански мисии

уреди

Католички исусовски (језуитски) мисионери предводени од Франциск Ксавиер (1506 г.-1552 г.) пристигнале во 1549 г. и биле пречекани во Кјото. Нивната дејност била најуспешна на Кјушу, со околу 100.000 до 200.000 преобратени верници, вклучувајќи и многу дајмјо. Во 1587 г., Хидејоши Тојотоми се премислил и одлучил дека христијанското присуство предизвикува раздор и може да им помогне на Европејците да ја расцепкаат Јапонија. Христијаните мисионери биле гледани како закана; на португалски трговци им било дозволено да продолжат со нивната работа. Едиктот не бил веднаш спроведен, туку ограничувања станувале сè построги во наредните три децении сè додека целосен владин прогон на ја уништил христијанската заедница до дваесеттите години на XVII век. Исусовците биле протерани, црквите и училиштата биле урнти, а на дајмјо им било забрането да станат христијани. Преобратените верници кои не го отфрлиле христијанството биле убиени. Многу христијани тајно ја практикувале религијата, со што станале прикриени христијани (隠れ キリシタン какуре киришитан), но нивните заедници исчезнале. Христијанството повторно дошло во Јапонија во 70-тите години на XIX век.

Периодот Едо („Токугава“) (1603–1868 г.)

уреди
 
Мапа на Јапонија во Циханума (Книгата на светот) на славниот османлиски патник и географ, Ќатип Челебија.
 
Иејасу Токугава, првиот шогун на шогунатот Токугава

Во периодот Едо или ерата Токугава моќта била централизирана во рацете на шогунатот кој се наследувал и кој ја презел контролата врз религијата, ја уредувал целата економија, го потчинил благородништвото и воспоставил единствен систем на оданочување, владини трошоци и бирократија. Шогунатот избегнувал меѓународно инволвирање и војни, основал државно судството и ги потиснал протестите и критиките. Периодот Токугава донел мир, а со тоа и просперитет на 31-милионската нација.

Економија

уреди

Околу 80% од луѓето биле фармери кои одгледувале ориз. Производството на ориз постојано се зголемувало, но бројот на населението останал стабилен, така што се зголемил развојот. Површината на оризовите полиња се зголемила од 1,6 милиони чо (мерка за површина) во 1600 г. на 3 милиони до 1720 г. Подобрената технологија им помогнала на земјоделците да го контролираат важниот проток на наводнување на нивните полиња. Дајмјо управувале неколку стотици градови, кои станале локуси на домашната трговија. Големите пазари на ориз се развиле, во Едо и Осака. Во градовите, гилдите на трговците и занаетчиите се соочиле со сè поголема побарувачка за стоки и услуги. Трговците, иако со низок статус, воделе успешен бизнис, особено оние со официјално покровителство. Трговците ги измислиле кредитните инструменти за трансфер на пари; валутата дошла во општа употреба, и кредитниот пазар кој зајакнувал го поттикнало претприемништвото.

Самураите, на кои им било забрането да се занимаваат во земјоделство или бизнис, но дозволено да позајмуваат пари, позајмувале премногу. Еден историчар забележал дека целата воена класа живеела „како во меана, односно, конзумирале денес, а плаќале другпат“. Бакуфу и дајмјо ги зголемиле даноците на земјоделците, но не и данокот за бизнис, па тие исто така паднале во долгови. Од 1750 г. зголемувањето на даноците поттикнало немири меѓу селаните, па дури и бунт. Нацијата морала да се справи некако со осиромашувањето на самураите и дефицитот во државната каса. Финансиските проблеми на самураите ја поткопале нивната лојалност на системот, а празната каса се заканувала на целиот систем на власт. Едно назадно решение била забраната за трошење за луксуз. Други решенија поттикнале модернизација, со цел на зголемување на аграрната продуктивност. Осмиот шогун во периодот Токугава, Јошимуне Токугава (на власт од 1716-1745 г.) постигнал значаен успех, иако голем дел од неговата работа морало да се направи повторно меѓу 1787 г. и 1793 г. од страна на главниот советник на шогунот, Саданобу Мацудара (1759-1829 г.). За време на владеењето на други шогуни, вредноста на ковањето на монети била намалена за да ги платат долговите, што предизвикало инфлација.

Од 1800 г. комерцијализацијата на економијата брзо пораснала, со што растел бројот на оддалечени села кои биле вклучени во државната економија. Се појавиле богати земјоделци кои се пренасочиле од огледување на ориз на високопрофитни комерцијални култури и се вклучиле во локалното лихварство, трговија и производството во мали размери. Некои богати трговци барале повисок општествен статус, користејќи ги своите пари за да ги омажат ќерките за самураи.

Неколку феудални домени, особено Чошу и Сацума, користеле иновативни методи за враќање на нивните пари, но повеќето продолжиле да тонат во долгови. Финансиската криза предизвикала реакционерно решение кон крајот на периодот на Темпо реформите (1830-1843 г.) изгласани од страна на главниот советник Тадакуни Мизуно. Тој ги зголемил даноците, го осудил луксузот и се обидел да го попречи растот на бизнисот. Кога не успеал во тоа, многумина виделе дека постоењето на системот Токугава е во опасност.

Општествена структура

уреди

Јапонското општество имало детална општествена структура, во која секој го знел своето место и ниво на престиж. На врвот биле царот и благородништвото на дворот, непобедливи во престиж, но со малку власт. Потоа биле „буши“ на шогунот, дајмјото и слоеви на феудални господари, чиј ранк бил означен со нивната блискост до Токугава. Тие имаале моќ. Титулата дајмјо ја имале околу 250 локални господари на локалните „хан“ со годишни резултати од 50.000 или повеќе шиници ориз. Горниот општествен слој бил склон кон комплицирани и скапи ритуали, вклучувајќи елегантна архитектура, убави градини, Нох драма, покровителство на уметноста и чајни церемонии.

Самураи

уреди

Понатаму во општествената структура биле 400.000 воините, наречена „самураи“, чии редови варирале во голем степен. Неколку самураи од горните слови се квалификувале за високи функции, а повеќето биле пешадија (ашигару) со мали обврски. Самураите биле поврзувани со господари од повисок ранк во добро воспоставен синџир на команда. Шогунот имаал 17.000 самураи во негова служба; секој дјамјо имал по 100. Повеќето живееле во скромни домови во близина на седиштето на својот господар, и живееле од наследните права да собираат кирија и плата. Заедно, овие групи од висок статус ја сочинувале владејачката класа на Јапонија што била околу 6% од вкупното население.

Ниски слоеви

уреди

Пониските социјални слоеви биле поделени во два главни сегменти – селаните, кои сочинувале 80% од населението, чијшто висок углед како производители се поткопувал од нивниот товар како главен извор на даноци. Тие биле неписмени и живееле во селата кои биле под контрола на именувани функционери назначени да го чуваат мирот и да собираат даноци. Селаните често организирале незаконски протести проследени со немири, особено по 1780 г.

Трговци и занаетчии

уреди

Во близина на дното на скалата на престиж, но многу повисоко во однос на приходите и животниот стил, биле трговците и занаетчиите во градовите. Тие немале политичка моќ, па дури и на богатите трговци им било тешко да се искачат на општествената скала во општество во кое положбата била утврдена при раѓање. На дното биле забавувачите, проститутките, дневните работници и слугите, крадците, питачите и наследните отпадници. Тие биле строго контролирани од страна на локалните власти и не им било дозволени да се мешаат со луѓето со повисок статус.

Писменост

уреди

Писменоста биле високо ценета, иако отежната поради системот на пишување. Печатењето со дрвени калапи било стандардно со векови; по 1500 г. јапонските печатари експериментирале со подвижни букви, но повторно се вратиле на дрвените калапи. До 80-тите години на XVIII век во Јапонија се објавувале 3000 книги годишно (во споредба со Русија која објавувала 400). До 50-тите години на XIX век, главниот нов тренд било преведувањето на научни и географски книги од Западот, кои имале широка публика. До 1860 г., околу 40% од мажите и 10% од жените во руралните средини биле образовани, а стапката била многу повисока во градовите, како на пример 80% во Едо (Токио). Универзалното задолжителното образование почнало дури во 1871 г.

Влада

уреди
 
Шогунот Јошимуне Токугава 1716–1745 г.

За време на периодот Едо, наречен исто така период Токугава, администрацијата на земјата била распределена на над двесте дајмјо во федерацијата под власт на шогунатот Токугава . Кланот Токугава, водач на победничката источна армија во Битката кај Секигахара, бил најсилен и петнаесет генерации ја монополизирал титулата на сеи таи шогун (често се скрати само на „шогун“). Со нивното седиште во Едо (денешен Токио), Токугава им заповедале на верност на другите дајмјо, кои за возврат владееле на нивните домени со прилично висок степен на автономија.

Шогунатот Токугава спровел голем број на значајни политики. Тие ја ставиле самурајската класа над обичната: земјоделците, занаетчиите и трговците. Донеселе закони за личната потрошувачка, поставувајќи ограничување во однос на фризурата, облекувањето и додатоците. Ги организирале обичните луѓе во групи од по пет, во кои сите биле одговорни за делата на поединец. За да се спречат дајмјо да бунтуваат, шогуните барале од нив да поседуваат раскошни резиденции во Едо и да живеат во овие живеалишта во одредени периоди; морале да организираат скапи поворки до и од нивните домени; да придонесат за одржување на светилиштата, храмовите и патиштата и да бараат дозвола за да ги реновираат нивните замоци.

Овој период од 265 години бил наречен „мирна состојба“. Културните достигнувања биле големи во текот на овој период, а се одржале и многу уметнички случувања. Најзначајните меѓу нив биле формата на печатење со дрвени калапи укијо-е и театрите кабуки и бунраку. Исто така, многу од најпознатите дела за жичениот интрумент кото и дувачкиот инструент шакухачи датираат од овој временски период.

Сакоку - изолираност од надворешниот свет

уреди
 
Првиот јапонски трактат за западната анатомија, објавен во 1774 г., пример од Рангаку („западно учење“).

За време на првата половина од XVII век, шогунатот се сомневал дека странските трговци и мисионери, всушност биле претходници на военото освојување од страна на европските сили. Христијанството почнало да се шири во Јапонија, особено меѓу селаните, и шогунатот сомневајќи се во лојалноста на селаните христијани на нивните дајмјо, започнал да ги прогонува. Ова довело до бунт на прогонетите селани и христијани во 1637 г. познат како Востанието Шимабара во кое 30.000 христијани, ронин (самураи без господар за време на феудална Јапонија) и селани се судриле со голема самурајска армија од повеќе од 100.000 воини испратени од Едо. Востанието било задушено со големи загуби меѓу редовите на армијата на шогунот.

По елиминирањето на бунтовниците во Шимабара, шогунатот поставил прогресивно построги ограничувања за странците. Ја монополизирал надворешната политика и ги протерал трговците, мисионерите и странците, со исклучок на холандските и кинеските трговци, кои биле ограничени на вештачкиот остров Деџима во заливот Нагасаки и неколку мали трговски населби надвор од земјата. Меѓутоа, за време на овој период на изолација (Сакоку), кој започнал во 1635 г., Јапонија била многу помалку отсечена од остатокот од светот отколку што вообичаено се претпоставува, а до извесно ниво се стекна и знаење од западниот свет во рамките на системот Рангаку („западно учење“). Руското присвојување на територии на север, довело шогунатот да ја прошири директната власт до Хокаидо, Сахалин и Курилските Острови во 1807 г., но политиката на изолираност продолжила.

Крај на изолираноста

уреди
 
Истоварувањето на Комодор Пери, офицерите и луѓето од ескадронот, за да се сретнат со комесарите во Јокохама, 14 јули, 1853 г. Литографија на компанијата Сарони (Sarony & Co.), 1855 г., според В. Хејн

Политиката на изолација траела повеќе од 200 години. Во 1844 г., Вилијам II од Холандија испратил порака и ја повикал Јапонија да ги отвори своите врати, но Јапониците не прифатиле. На 8 јули, 1853 г., Комодор Метју Пери на морнарица на САД со четири воени бродови, Мисисипи, Плимут, Саратога и Сускехана, пристигнал во заливот во Јокохама и ја покажал опасната моќ на топовите на неговите бродови за време на погреб на еден христијанин кој се извршувал од Јапонците. Тој побарал Јапонија да се отвори за трговија со Запад. Овие бродови станале познати како курофуне, Црните бродови.

Следната година на Конвенцијата во Канагава на 31 март 1854 г., Пери се вратил со седум бродови и побарал од шогунот да го потпише Договорот за мир и пријателство, воспоставувајќи формални дипломатски односи меѓу Јапонија и САД. Во рок од пет години, Јапонија потпишала слични договори со други западни земји. Договорот на Харис бил потпишан со САД на 29 јули, 1858 г. Овие договори не биле фер, Јапонија била принудена да ги потпише со дипломатијата на воените бродови, и тие биле толкувани од страна на Јапонците како знак на преземање на останатиот дел од азискиот дел од страна на западниот империјализам. Меѓу другите мерки, Јапонците категорично им дале контрола на западните нации над тарифите за увоз и на правото на екстратериторијалност на сите нивни државјани во посета. Ова ќе остане проблематично прашање во односите на Јапонија со Западот до крајот на векот.

Јапонската империја (1868–1945 г.)

уреди

Од 1868 г., во Јапонија започнаа политички, економски и културни трансформации по кои земјата стана единствена и централизирана држава - Јапонската империја (позната и како предвоена Јапонија). Овој 77-годишен период, кој траеше до 1945 г., беше време на брз економски раст. Јапонија стана империјална моќ, и ги колонизираше Кореја и Тајван. Од 1931 г. почна преземањето на Манџурија и Кина, наспроти желбите на Лигата на нациите и САД. Ескалацијата на тензиите со САД, и контролата на западните земји на виталните резерви на нафта на Јапонија, доведе до Втората светска војна. Јапонија изврши повеќе успешни напади на САД, како и на британски и холандски територии во 1941-1942 г. По серија на големи поморски битки, Американците ја потонаа јапонската флота и во голема мера уништија 50 од најголемите јапонски градови преку воздушни напади, вклучувајќи ги јадрените напади врз Хирошима и Нагасаки. Јапонија се предаде на крајот на летото 1945 г., се откажа од прекуокеанските територии во Кореја, Кина, Тајван и други земји, и беше окупирана и трансформира од страна на САД во демилитаризирана демократска нација.

Обновата на Меиџи

уреди
 
Самураи од кланот Сацума, за време на Бошинската војна. Фотографија во боја од Феличе Беато.

Обновениот контакт со Западот предизвика длабока промена во јапонското општество. Важно е дека во контекст на јапонскиот агресивен милитаризам што следеше, потпишувањето на договорите се гледа како големо понижување и извор на национален срам. Шогунот на Токугава беше принуден да поднесе оставка и веднаш по Бошинската војна („Војната во годината на змејот“) од 1868 г., царот беше вратен на престолот, со што започна период на жесток национализам и интензивно социо-економско преструктуирање познато како обновата Мејџи. Системот Токугава беше укинат, војската се модернизираше, како и бројни западни институции беа донесени, вклучувајќи го западниот правен систем и квазипарламентарната уставна влада како што е наведено во уставот на Меиџи. Овој устав беше моделиран според уставот на Германското Царство. Додека многу аспекти на Меиџиевата обнова беа донесени директно од западни институции, други, како што се распадот на феудалниот систем и отстранување на шогунатот, беа процеси кои почнаа долго пред доаѓањето на Пери. Сепак, интервенција на Пери многумина ја сметаат за клучен момент во јапонската историја.

 
Царот Меиџи, 122-от цар на Јапонија.

Економско модернизирање

уреди

Индустриската револуција во Јапонија започна околу 1870 г. бидејќи националните водачи одлучија Јапонија да се израмни со Западот. Владата изгради железнички пруги, ги подобри патиштата и започна програма за реформи на земјиштето за да ја подготви земјата за понатамошен развој. Прва се модернизираше текстилната индустрија, вклучувајќи го обработувањето на памук, а особено свила, кое дотогаш се вршело во домашни работилници во руралните области. Владата воведе нов образовен систем за сите млади луѓе заснован на западниот, испрати илјадници студенти во САД и Европа и ангажира повеќе од 3000 наставници (о-јато гакокуџин или најмени странци) од Западот да предаваат модерна наука, математика, технологија и странски јазици во Јапонија .

Во 1871 г. група јапонски политичари позната како „Мисија Ивакура“ патувале низ Европа и САД за да учат за западниот начин на живеење. Резултатот беше испланирана политика на индустријализација предводена од државата за да ѝ се овозможи на Јапонија брзо да се израмни со западните држави. Банката на Јапонија, која е основана во 1877 г., ги користеше даноците за финансирање на фабрики за челик и текстил. Образованието беше проширено и јапонски студенти беа испратени да студираат на Западот.

Војните со Кина и Русија

уреди

Јапонски интелектуалци во доцниот период Мејџи го присвоија концептот на „линија на предност“ - идеја која ќе помогне да се оправда јапонската надворешна политика околу почетокот на XX век. Според овој принцип, отелотворен во слоганот фукоку кјохе (фраза што значи „Збогати ја земјата, зацврсти ја војската“), се сметало дека Јапонија ќе биде подложена на агресивен западен империјализам, освен ако не се продолжи линијата на предност надвор од нејзините граници кои ќе помогне да се одвратат странските упади и да се зајакне јапонската економија. Акцент беше ставен особено на „истакнатите јапонски интереси“ за Корејскиот полуостров, некогаш славно опишани како „нож вперен во срцето на Јапонија“. Тензиите околу Кореја и Манџурија, соодветно, довеле Јапонија да се вклучи во првата Сино-јапонската војна со Кина (1894-1895 г.) и во Руско-јапонската војна со Русија (1904-1905 г.).

Војната со Кина ја направи Јапонија првата источна, современа царска моќ во светот, а војна со Русија покажа дека една западна сила може да биде поразена од источна држава. После овие две војни Јапонија стана доминантна сила во Далечен Исток со сфера на влијание што се протегаше над јужниот дел на Манџурија и Кореја, која беше официјално анектирана, како дел од Јапонското царство во 1910 г. Јапонија, исто така, доби половина од островот Сахалин од Русија. Резултатите од овие војни го покажаа доминантниот интерес на Јапонија за Кореја, покрај Островите Пенгу (Пескадорес), Формоза (денешен Тајван), и полуостровот Љаодунг во Манџурија, од кој на крајот јапонската армија се повлече во „понижувачката“ Тројна интервенција.

Во текот на следната деценија, Јапонија ќе ја покаже својата растечка моќ, вклучувајќи го значајниот придонес кон Сојузот на осумте држави формиран со цел да ја задушат Боксерската буна во Кина. Многу Јапонци, сепак, веруваа дека западните сили сè уште сметаат дека новото царство е инфериорна и бараа средства за зацврстување на нивната меѓународна положба. Ова даде основа за климата на сè поголеми тензии со Русија, која постојано ќе навлегува во „линија на предност“ на Јапонија во овој период.

Притисокот на Русија од север се појави повторно откако Муравиев ја доби доби Надворешна Манџурија (Приамурје) во Ајгун (1858 г.) и Пекинг (1860 г.). Ова доведе до силен притисок од Русија за островот Сахалин кој Јапонците на крај го дадоа во замена за Курилските Острови (1875 г.). Островите Рјукју беа обезбедени на сличен начин во 1879 г., поставувајќи ги границите во чии рамки Јапонија ќе „влезе во светот“. Во 1898 г., беше отстранет последниот од нееднаквите договори со западните сили, сигнализирајќи новиот статус на Јапонија меѓу народите на светот. Во неколку децении од реформирање и модернизирање на социјалниот, образовниот, економскиот, воениот, политичкиот и индустрискиот систем, „контролираната револуција“ на царот Мејџи ја преобрази феудалната и изолирана држава во светска сила. Особено е тоа што поттикот за оваа промена е верувањето дека Јапонија мора да се натпреварува со Западот и на индустриски и на воен план за да се изедначи.

Англо-јапонската алијанса

уреди

Договорот на Англо-јапонската алијанса беше потпишан со Велика Британија во 1902 г. Беше возобновен во 1905 г. и 1911 г. пред да пропадне во 1921 г. и конечно да се поништи во 1923 г. Тоа беше воен сојуз меѓу двете земји кој претставуваше закана за Русија и Германија. Поради овој сојуз, Јапонија влезе во Првата светска војна на страната на Велика Британија и ги освои германските бази во Кина и Тихиот Океан. Договорот ја олесни културната и технолошката размена меѓу двете земји.

Прва светска војна

уреди
 
Фотографија од Маруночи, Токио, 1920 г.

Јапонија влезе Првата светска војна на страната на силите на Алијансата и објави војна на Централните сили. Иако улогата на Јапонија беше ограничена на заземањето на германските колонијални позиции во Источна Азија и Тихиот Океан, таа ја искористи можноста да го прошири своето влијание во Азија и нејзината територија во Тихиот Океан. Делувајќи речиси независно од граѓанската влада, јапонската морнарица ги заплени германските колонии во Микронезија и го нападна и окупира германското пристаниште за јаглен во Кингдао на кинескиот полуостров Шангдонг.

Јапонија присуствуваше на мировната конференција во Версај во 1919 г. како една од големите воени и индустриски сили на светот и доби официјално признание како една од „Големите пет“ на новиот меѓународен поредок. Се приклучи на Лигата на нациите и доби мандат над Тихоокеанските островите северно од екваторот кои порано беа на Германија. Јапонија исто така беше вклучена во повоената интервенција на Алијансата во Русија, и ја окупираше Руска (Надворешна) Манџурија, како и северниот дел на Сахалин (каде беа концентрирани ограничени резерви на нафта на Јапонија). Таа беше последната од силите на Алијансата која се повлече од интервенциите против Советска Русија (во 1925 г.).

Во повоената ера Јапонија забележа невиден просперитет.

Фашизам во Јапонија

уреди

Во текот на првата и втората деценија од XX век, Јапонија напредна кон демократија преку движењата познати како „Таишо демократија“. Сепак, парламентарната влада не беше доволно вкоренета за да го издржи економскиот и политичкиот притисок од крајот на 20-тите и 30-тите години на XX век за време на Големата криза, а државата стана се помилитаризирана. Ова се должеше на зголемувањето на овластувањата на воените водачи и беше слично на акции што ги преземаа некои европски земји и кои доведоа до Втората светска војна. Овие поместувања на власт беа овозможени од страна на двосмисленоста и непрецизноста на Уставот на Мејџи, особено мерката според која законодавното тело одговара пред царот, а не луѓето. Милитаристичка фракција Кодоха дури и се обиде да изврши државен удар познат како Инцидентот од 26 февруари, кој беше задушен по три дена од страна на Хирохито, царот Шова.

Партиската политика беше тешко критикувана бидејќи се веруваше дека создава раздор во нацијата и го промовира сопствениот интерес каде е потребно единство. Како резултат на тоа, главните партии гласаа да се распуштаат и се здружија во една партија, Асоцијација за помош на царската власт (АПИВ), во која, исто така, влегоа многу префектурални организации како клубови на жени и соседски здруженија. Сепак, овој синџир организации немаше заедничка политичката агенда и имаше внатрешна борба меѓу фракции за време на нејзиното постоење, што значи Јапонија не деволвира во тоталитарна држава. АПИВ се споредува со сунѓер, бидејќи можеше да апсорбира се, но малку можеше да се направи со неа подоцна. Нејзиното создавање беше предизвикано од ред домашни кризи, вклучувајќи го доаѓањето на Големата криза во 30-тите години на XX век и активностите на екстремистите како што се членови на Сакуракаи (Друштвото на црешовиот свет), кои стојат зад Инцидентот од 15 мај.

Втора сино-јапонска војна

уреди
 
Воениот брод „Јамато“ на Царска јапонска морнарица (најголемиот воен брод во историјата), 1941 г.

Под изговор на Манџурискиот инцидент, потполковникот Канџи Ишивара ја нападна Внатрешна (Кинеска) Манџурија во 1931 г., акција која јапонската влада ја ратификуваше со создавањето на марионетска држава Манџукуо за време на владеењето на последниот кинески цар, Пуји. Како резултат на меѓународна осуда на инцидентот, Јапонија се повлече од Лигата на народите во 1933 г. По уште неколку слични инциденти кои ја вклучуваа експанзионистичка војска, Втората сино-јапонската војна започна во 1937 г. по Инцидентот на мостот Марко Поло.

Од 1937-1945 г., царот Хирохито беше врховен командант на Царскиот главен штаб, кој ги носеше воените одлуки. По пристапувањето на Антикоминтерна пактот во 1936 г., Јапонија го формира Тројниот пакт (Пактот на Оската) со Германија и Италија на 27 септември 1940 г. Многу јапонски политичари веруваа дека е неизбежна војна со Западот поради својствени културните разлики и западниот империјализам. Јапонскиот империјализам тогаш беше оправдан со заживување на традиционалниот концепт на хако ичиу, божественото право на имераторот да го обедини и да владее со светот.

Јапонија беше поразена од страна на Советскиот Сојуз во 1938 г. во големи, но локализирани битки, и тоа во Битката на езерото Хасан во 1939 г. и во Битката на Халкин Гол. Армијата не сакаше повеќе да се бори против Советскиот Сојуз, па во 1941 г. беше потпишан Советско-јапонскиот пак за неутралност. Договорот се одржа до август 1945 г. кога Советскиот Сојуз изврши инвазија на Манџурија и Кореја.

Втора светска војна

уреди

Тензиите меѓу Јапонија и САД пораснаа како резултат на јавен протест против јапонската агресија и вестите за злосторствата во Кина, како злогласниот масакар во Нанѓинг. САД цврсто ја поддржа Кина со пари, пилоти, добра и закани против Јапонија. Во знак на одмазда за инвазијата на Француска Индокина, САД стави ембарго на стоки како нафтени производи и старо железо. На 25 јули 1941 г., сите јапонски средства во САД беа замрзнати. Како што воената моќ на Јапонија, особено морнарицата, зависеше од нафтени резерви што се намалуваа, оваа мерка создаде спротивен ефект меѓу зголемувањето на зависноста на Јапонија од нафта и нејзината потреба за нови освојувања.

Многу граѓански водачи од Јапонија, вклучувајќи го и премиерот Фумимаро Коное, веруваа дека евентуална војна со Америка ќе заврши со нивни пораз, но чувствуваа дека концесиите кои ги бара САД речиси сигурно ќе ја преместат Јапонија од редовите на светските сили, оставајќи ја како плен на западниот заговор. Граѓанските водачи понудија политички компромис во форма на „Амау доктрина“, наречена „јапонската Монро доктрина“ која ќе им дадеше на Јапонците слобода во војната со Кина. Овие понуди беа категорично одбиени од страна на САД, а воените водачи се натпреваруваа за брза воена акција.

Повеќето воени водачи, како Осами Нагано, Котохито Канин, Хаџиме Сугијама и Хидеки Тоџо веруваа дека војна со Западот е неизбежна. Тие конечно го убедија царот да одобри план за напад на САД, Велика Британија и Холандија во ноември 1941 г. Меѓутоа, имаше дисиденти во редовите во врска со мудроста на таа опција, меѓу кои беа Адмиралот Исороку Јамамото и принцот Такамацу. Тие јасно предупредија дека на почетокот на судирот со САД, Империјата ќе има предност шест месеци, но во подолга војна со непријател со многу поголема економија, поразот на Јапонија ќе биде речиси сигурен.

 
Авиони од јапонскиот носач Шокаку подготвени за нападот на Перл Харбор

Американците очекуваа напад на Филипините и испратија бомбардери за да го одвратат јапонскиот напад. По совет на Јамамото, Јапонија донесе одлука да ја нападне главната американска флота во Перл Харбор на Хаваите. Американските стратези веруваа дека Јапонија никогаш не би бил толку храбра да нападне толку блиску до својата домашна база и САД беа навистина изненадени.

Нападот на Перл Харбор, првично се чинеше дека е голем успех што ја нокаутираше американската борбена флота, но ги пропушти носачите на авиони кои беа во морето и ги игнорираше објектите на брегот од витално значење чие уништување можеше да ги успори операциите на САД на Тихиот Океан. На крај, нападот се покажа како долгорочна стратешка катастрофа со тоа што всушност нанесе релативно малку значајна долгорочна штета, а ги поттикна САД да се одмаздат. Во исто време како и нападот на Перл Харбор, јапонската војска го нападна британски Хонгконг и го окупираше речиси четири години.

Додека нацистичка Германија беше во средината на нејзиниот Блицкриг низ Европа, Јапонија окупираше територии во Азија. Јапонската армија изврши инвазија и ги окупираше повеќето крајбрежните кинески градови, како на пример Шангај. Јапонија ја презеде Француска Индокина (Виетнам, Лаос, Камбоџа), британска Малаја (Брунеи, Малезија, Сингапур), како и холандска Индонезија, додека Тајланд склучи сојуз со Јапонија. Јапонските сили ги поразија Британците во Бурма (со прекинување на протокот на резерви во Кина) и стигнаа до границите на Индија и Австралија. Нивните воздушни напади го уништија Дарвин во Австралија. Наскоро Јапонија се етаблира како царство која се протега на поголемиот дел од Тихиот Океан.

 
Атомски облак над Хирошима, 1945 г.

Сепак како што предупреди Адмиралот Јамамото, шест-месечниот прозорец на воена предност на Јапонија по нападот на Перл Харбор заврши кога способноста за офанзива на Јапонската морнарица беше уништена од Американската морнарица во Битката за Мидвеј, кој ја утврди значајната воена предност на САД. Војната стана војна на масовно производство и логистика, а САД финансираше многу посилна морнарица со побројни воени авиони, и далеку подобар комуникациски и логистички систем. Териториите на Јапонија се протегаа премногу далеку и земјата не можеше да ги обезбеди своите бази со резерви, па многу војници починаа од глад. Американската подморница ги уништија јапонските танкери, предизвикувајќи голем недостиг на гориво за бродови и авионски бензин. Јапонија изгради воени авиони во голем број, но квалитетот опадна и резултатите на слабо обучени пилоти стануваа сè полоши. Морнарицата изгуби серија големи битки, од Битката кај Мидвеј (1942 г.), до Битката на Филипинското Море (1944 г.) и Лејтскиот Залив (1945 г.), која ги стави на опсег американските бомбардери со долг дострел Б-29. Серија на масовни рации уништија поголем дел од Токио и други големи индустриски градови почнувајќи од март 1945 г., додека „Операција Гладување“ сериозно ја наруши внатрешна маршрута на транспорт од витално значење на нацијата. Без оглед на тоа што војната стануваше безнадежна, кругот околу царот остана цврст и одби да отвори преговори. Конечно во август, двете атомски бомби и советската инвазија на Манџурија покажаа дека каузата беше залудна, и Хирохито овласти предавање при што го зачува својот престол.

Вкупниот број на јапонски воени жртви меѓу 1937 г. и 1945 г. беше 2,1 милион, а повеќето беа од последната година од војната. 80% од јапонските воени жртви на Филипините, како и 50 проценти од воените жртви во Кина се должеа на болест поради глад или недоволна исхранетост. Се смета дека воздушните напади на вкупно 65 јапонски градови одзедоа минимум 400,000 животи и веројатно блиску до 600,000 цивилни животи (над 100,000 само во Токио, над 200,000 во Хирошима и Нагасаки и 80,000-150,000 цивилни жртви во Битката на Окинава). Смртните случаи на цивили меѓу доселениците кои загинаа обидувајќи се да се вратат во Јапонија од Манџурија во зимата 1945 г. се најверојатно околу 100,000.

Општество што се модернизира

уреди

Трансформирано детство

уреди

Детството како посебна фаза од животот беше очигледна во раниот модерен период, кога социјалните и економските промени донесоа поголемо внимание на децата, раст на школувањето и ритуали поврзани со детето. Современиот концепт на детството во Јапонија се појави по 1850 г. како дел од нејзиниот ангажман со Западот. Водачите од периодот Мејџи одлучија дека државата има главната улога во мобилизирањето на поединци и деца во нејзина служба. Беа отворени училишта во западен стил како начин да се постигне таа цел. До 90-тите години на XIX век училиштата создаваа нови сензибилитети во врска со детството. По 1890 г. Јапонија имаше голем број реформатори, експерти за деца, уредници на списанија и добро образовани мајки кои веруваа во новиот сензибилитет. Тие го научија горниот слој на средната класа на моделот на детство во кој децата имаат свој простор каде што читаат книги за деца, играат со образовни играчки и, особено, посветуваат доста време на домашните задачи. Овие идеи брзо се распространија низ сите општествени класи.

Повоена Јапонија (1945 г.–денес)

уреди

По распадот на Јапонското царство, Јапонија се трансформираше во демократска држава со ревидиран демократски Устав на Јапонија. Во повоениот период, Јапонија стана економска сила. Овој период се одликува со Американско-јапонската алијансата, како што се Вооружените сили на САД во Јапонија (United States Forces Japan).

Окупацијата на Јапонија

уреди
 
Генералот Даглас Макартур и царот Хирохито

Јапонија никогаш не била окупирана од странска сила и доаѓањето на Американците, одлучни да ја трансформираат Јапонија во мирна демократија, имаше големо долгорочно влијание. Со Јапонија цврсто управуваше американскиот генерал Даглас Мекартур. Главната цел на Американците беше Јапонија да стане мирољубива нација и да се воспостави демократска самоуправа. Окупацијата ја трансформираше јапонската влада во мотор за производство, распределба на богатството и социјални реформи. Политичките реформи вклучуваа слободно избрање на пратеници во јапонскиот парламент (законодавно тело) и универзално право на глас за сите возрасни. Окупацијата ја нагласи земјишната реформа, така што земјоделците-закупци станаа сопственици на нивните оризови полиња, и го стимулираше формирањето на моќни синдикати кои им дадоа збор на работниците во индустриската демократија. Големиот заибацу бизнис конгломерати (заибацу: јапонски термин кој се однесува на индустриски и бизнис конгломерати во Јапонското царство) беа растурени, беше охрабрено развиањето на потрошувачка култура, образование беше радикално реформирано и демократизирано и се стави крај на шинтоистичката основа на обожување на царот. Историчарот Џон Дауер (John Dower) вели дека „видливата рака“ на државниот врв инспириран од Њу дил, со зачувувањето на капиталистичката економија, беше пречекана од страна на бомбардираното и понижено јапонското општество, кое сакаше да најде мирен пат до просперит.

Реформите се спроведуваа од страна на јапонски официјални лица под индиректна американска контрола, така што немаше јапонски институции кои беа под директна контрола на Американците. Додека на царот Хирохито му беше дозволено да го задржи неговиот престол како симбол на национално единство, вистинската моќ беше во рацете на комплексни испреплетени мрежи на елитата.

Јапонското царство беше укината. Јапонија беше лишена од нејзините странски територии и ги задржа само домашните острови и Окинава. Манџукуо престана да постои, а Манџурија и Формоза беа вратени на Кина. Кореја беше окупирана и поделена меѓу САД и Советскиот Сојуз. САД стана единствен администривен орган на Рјукју, Бонин и Вулканските Острови, додека СССР управуваше со јужен Сахалин и Курилските Острови. Јапонија жестоко се противеше на Советската контрола на Курилските Острови, а дипломатските тензии околу ова прашање продолжија и во XXI век. Укинувањето на царството значеше дека јапонските доселеници и официјални лица мора да си заминат. Преку центрите за јапонска репатријација над 7 милиони иселениците се вратија во Јапонија.

По одржувањето на Меѓународниот воен трибунал за Далечниот Исток (Токиски суд), меѓународен трибунал за воени злосторства, седум политичари беа погубени. Царот Хирохито не беше осуден, но наместо тоа само официјално остана цар.

Шигеру Јошида (1878-1967 г.) одигра централна улога како премиер меѓу 1946 г. и 1954 г. (со еден прекин). Неговата цел беше брза обнова на Јапонија и соработка со Американската окупација. Тој ја предводеше Јапонија да ја прифати „Доктрината Јошида“, заснована на три принципи: економски раст како примарна национална цел, никаво инволвирање во меѓународните политичко-стратешки прашања и обезбедување на воени бази на САД. Доктрината Јошида се покажа како неизмерно успешна.

Историографијата пред 1980 г. беше славеничка, и се фокусираше на успехот на Американската окупација во трансформирањето на Јапонија во насока на демократијата и слободата. Од 1980 г. историчарите почесто ги нагласуваат ограничувањата на реформите на Окупацијата и тврдат дека тие се делумно одраз на јапонските иновации во предвоениот и воениот период.

Дауер ги објаснува факторите кои го промовираа успехот на Американската окупација:

„Дисциплина, морален легитимитет, добро дефинирани и добро артикулирани цели, јасен ланец на команда, толеранција и флексибилност во формулацијата и имплементацијата на политиките, доверба во способноста на државата да дејствува конструктивно, способност за работа во странство без пристрасната политика дома, и постоењето на стабилно, издржливо, софистицирано граѓанското општество за кое се наменети политиките на Окупацијата - овие политички и граѓански доблести го овозможија одлучниот напредок во текот на краток период од неколку години, кога поразената Јапонија беше во состојба на несигурност и повеќето приемчива на радикална промена“.

Мировен договор

уреди

Со влегувањето во Студената војна преку Корејската војна, на Јапонија почна да се гледа како важен сојузник на американската влада. Беа воведени политички, економски и социјални реформи, како што се избраниот јапонски парламент (законодавство) и проширеното право на глас. Уставот на земјата стапи на сила на 3 мај 1947 г. САД и други 45 земји-сојузнички го потпишаа Договорот за мир со Јапонија во септември 1951 г. Сенатот на САД го ратификуваше договорот на 20 март, 1952 г., и според условите од договорот, Јапонија повторно се здоби со целосен суверенитет на 28 април 1952 г.

Според условите на мировниот договор и подоцнежните договори, САД има право на поморски бази во Сасебо, Окинава и во Јокосука. Дел од Американската Тихоокеанска флота, вклучувајќи и еден носач на авиони (моментално УСС Џорџ Вашингтон (CVN-73)), се базирни во Јокосука. Овој аранжман е делумно наменет да обезбеди одбрана на Јапонија, бидејќи договорот и новиот јапонски устав наложија за време на окупацијата строго да се ограничат големината и целите на Одбранбените сили на Јапонија во современиот период.

Студената војна

уреди

По серија на прегрупирање на политичките партии, во 1955 г. се формираа конзервативната Либерално-демократската партија (ЛДП) и левичарската Социјалдемократска партија (СДП). Политичката карта во Јапонија остана во голема мера непроменета до почетокот на 90-тите години на минатиот век и ЛДП беше најголемата политичка партија на државната политичка сцена. Политичарите од ЛДП и владините бирократи беа фокусирани на економската политика. Од 1950 г. до 1980 г., Јапонија доживеа брзан развој станувајќи голема економска моќ, преку процес кој често се нарекува Јапонското повоено економско чудо.

Најголемата повоена политичка криза во Јапонија се случи во 1960 г. во текот на ревизијата на Јапонско-американскиот пакт за заемна помош за обезбедување. Новиот Договор за меѓусебна соработка и безбедност, кој ја продолжи улогата на САД како воен заштитник на Јапонија, помина во парламентот поради премиерот Еисаку Сато од ЛДП во 1960 г. и покрај силното противење на помалку застапените партии. Противниците од левицата одговорија со масовни улични протести и настана политички пресврт, а кабинетот поднесе оставка еден месец по ратификацијата на договорот во парламентот. Потоа, политичките превирања стивнаа. Јапонски ставовите за САД, по години на масовни протести поради јадреното вооружување и заедничкиот пакт за одбрана, се подобри по 1972 г. со враќањето на Окинава, која беше окупирана од САД, на Јапонија и стивнувањето на Виетнамската војна.

Јапонија повторно воспостави односи со Република Кина по Втората светска војна, и срдечни односи се одржуваа со националистичка влада кога се прелоцира во Тајван и се основа во 1949 г., политика која создаде непријтелство меѓу Јапонија и Народна Република Кина. По општото затоплување на односите меѓу Кина и западните земји, особено САД, што ја шокираше Јапонија со ненадејна приближувањето со Пекинг во 1971 г., Токио воспостави односи со Пекинг во 1972 г. Следеше тесна соработка во економската сфера. Односите на Јапонија со Советскиот Сојуз продолжија да бидат проблематични и по војната, но Заедничка декларација меѓу Јапонија и СССР која стави крај на воената состојба и ги обнови дипломатските односи беше потпишана на 19 октомври 1956 г. Главниот предмет на спор беше Советската окупација на она што Јапонија ги нарекува своите Северни територии, двата најјужните острови од Курилските Острови (Еторофу и Кунашири) и отровите Шикотан и Хабомај, кои Советскиот Сојуз ги освои во последните денови од Втората светска војна.

Економски раст

уреди

Во текот на повоениот период, економијата на Јапонија продолжи рапидно да се разива, со резултати кои далеку ги надминуваа очекувањата. Со големиот поттик од Корејската војна, во која делуваше како главен снабдувач на силите на ОН, во економијата на Јапонија започна еден пролонгиран период на исклучително брз раст, предводен од производствените сектори. Јапонија стана значајна сила во многу економски сфери, вклучувајќи ја челичната индустрија, производството на автомобили и производство на електронска техника. Јапонија брзо го стигна Западот во надворешната трговија, БНП и општиот квалитет на живот. Овие постигнувања се нагласија со Олимписките игри во Токио во 1964 г. и Меѓународната експозиција во Осака во 1970 г. Високиот економски раст и политичкото спокојството од средината до крајот на 60-тите години беа нарушени од четрикратното зголемување на цените на нафтата од ОПЕК во 1973 г. Речиси целосно зависна од увозот на нафта, Јапонија ја доживеа својата прва рецесија по Втората светска војна. Уште еден сериозен проблем беше сè поголемиот трговски вишок на земјата, кој достигна рекордна големина за време на првиот мандат на Накасоне. САД вршеше притисок на Јапонија да ја поправи нерамнотежа, барајќи Токио да ја подигне вредноста на јенот, да ги отвори своите пазари и дополнително да олесни поголем увоз од САД.

По Студената војна

уреди

Периодот во Јапонија по Студената војна се нарекува како Период Хесеј, која започнува од годината на револуциите во Источна Европа. 1989 г. е одбележана како една од најповолните во јапонската историја за брзиот економски раст. Со силен јен и поволен девизен курс со доларот, каматните стапки на Банката на Јапонија останаа ниски, предизвикувајќи инвестициски бум што резултираше со зголемување на вредноста на недвижините во Токио до шеесет проценти во текот на годината. Непосредно пред Нова Година, Никеи 225 достигна рекордно високо ниво од 39,000. Од 1991 г., таа падна на 15.000, означувајќи го крајот на познатиот Јапонски шпекулантски меур.

Невработеноста достигна доста високо ниво, но не доволно да предизвика криза. Последиците по пазарот на трудот во Јапонија, наместо голема невработеност и отпуштања, беа посуптилни, но не со помалку длабоки ефекти кои беа сепак тешко да се измерат статистички. Во текот на просперитетниот период, на работните места се гледаше како на долгорочни, па дури и доживотни. Спротивно на тоа, Јапонија за време на загубената деценија забележа значително зголемување на привремени работни места и работни места со скратено работно време, кои само ветуваа вработување за кратки периоди и со минимални придобивки. Ова исто така создаде генерациски јаз, бидејќи оние кои влегле на пазарот на трудот пред загубена деценија обично ги задржуваа своите работни места и бенефиции, и беа ефикасно заштитени од економскиот застој, додека помладите работници кои влегоа на пазарот неколку години подоцна ги почувствуваа неговите ефекти.

Во серија финансиски скандали на ЛДП, коалицијата предводена од Морихиро Хосокава ја презеде власта во 1993 г. Хосокава успеа да донесе нов закон за мнозински изборен систем, наместо безизлезниот систем на поединечно гласање. Меѓутоа, коалицијата се распадна следната година, бидејќи партиите се здружија едниставно да ја соборат ЛДП и немаа единствен став на речиси секој општествен проблем. ЛДП се врати на власт во 1996 г., кога помогна да се избере социјалдемократот Омичи Мурајама за премиер.

Големиот земјотрес во Кобе го погоди градот на 17 јануари 1995 г. 6.000 лица загинаа, а 44.000 беа повредени. 250,000 куќи беа уништени или изгорени. Висината на штетата изнесуваше повеќе од 10 билиони јени. Во март истата година, култот на судниот ден „Аум Шинрикјо“ изврши напад со гасот сарин во метрото во Токио, при што загинаа 12 лица, а беа повредени стотици други. Истрагата подоцна откри дека култот е одговорен за десетици убиства кои се случиле пред нападите со гас.

Јуничиро Коизуми беше претседател на ЛДП и премиер на Јапонија од април 2001 г. до септември 2006 г. Коизуми уживаше висок рејтинг. Тој беше познат како економски реформатор и го приватизираше државниот поштенски систем. Коизуми, исто така, зеде активно учество во војната против тероризмот, испраќајќи 1000 војници од Одбранбените сили на Јапонија за да помогнат во реконструкцијата на Ирак по војната, што претставуваше најголемото испраќање војници во странство по Втората светска војна. Неговата конзервативна социјална и економска политика, сепак, доби критики бидејќи ја зголеми нееднаквоста во јапонското општество, а многумина почнаа да зборуваат за појавата на „какуса шакаи“ (нееднакво општеството), термин кој го симболизира незадоволството со неолибералните реформи кои ги зголемија разликите во јапонското општество, групирајќи го во „победници“ и „губитници“.

Владејачката коалиција се формираше од страна на либералната Демократската партија на Јапонија (ДПЈ), левичарската Социјалдемократска партија и конзервативната Нова народна партија. Опозицијата се формираше од страна на либерално-конзервативната Либерално-демократската партија (ЛДП). Другите партии се Новата партија Комето, партијата Сока Гакаи и Јапонската комунистичка партија. На 2 јуни 2010 г. премиерот Јукио Хатојама поднесе оставка од својата позиција како водач на ДПЈ, наведувајќи го неуспехот да го исполни неговото предизборно ветување да ја отстрани американската база од островот Окинава како неговата главна причина за оставка.

На 11 март 2011 г., Јапонија го претрпе најсилниот земјотрес во својата пишана историја, во североисточната област на Хоншу. Ситуацијата се влоши кога по земјотресот со големина од 9,0 степени следеше цунами кое предизвика бројни пожари и оштети неколку јадрени реактори. Оштетувањето на атомската централа Фукушима доведе до топење на три реактори и ослободување на радиоактивен материјал со што ова стана најголемата јадрена несреќа по хаваријата во Чернобил во 1986 г.

Периодизација

уреди

Општо прифатената периодизација на јапонската историја:

Датуми Период Период Подпериод Главен владетел
30 000–10 000 п.н.е. Јапонски Палеолит   неознато
10 000–300 п.н.е. Древна Јапонија Џомон   Месни кланови
900 п.н.е. – 250 (преклоп) Јајои  
о. 250–538 Кофун  клановите Јамато
538–710 Класична Јапонија Асука
710–794 Нара   Царот на Јапонија
794–1185 Хеан  
1185 г.–1333 г. Феудална Јапонија Камакура   шогунатот Камакура
1333–1336 Обнова на Кему   Царот на Јапонија
1336–1392 Муромачи Нанбоку-чо шогунатот Ашикага
1392–1467  
1467–1573 Сенгоку шогунатот Ашикага, дајмјо, Ода Нобунага, Тојотоми Хидејоши
1573–1603 Азучи-Момојама
1603–1868 Ранонововековна Јапонија Едо   шогунатот Токугава
1868–1912 Нововековна Јапонија Предвоена Јапонија Мејџи Царот на Јапонија
1912–1926 Таишо
1926–1945 Шова
1945–1952 Современа Јапонија Повоена Јапонија Окупирана Јапонија (Повоен Шова) Врховен Командант на Алијансата
1952–1989 Јапонија по Окупацијата (Повоен Шова) Парламентарна демократија
1989–денес Хесеј