Љаодунг
Полуостров Љаодунг (или Полуостров Љаотунг, кинески: 辽东半岛; пинјин: Liáodōng bàndǎo) ― полуостров во провинција Љаонинг во Североисточна Кина. Се наоѓа меѓу устието на реката Даљао и реката Јалу на исток, и во негов склоп влегува целата територија на потпровинцискиот град Даљен и дел од територијата на префектурните градови на Јингкоу, Аншан и Дандонг.
Зборот „Љаодунг“ во буквален превод значи „источно од регионот Љао“, што прво се однесувало на областа од денешната граница меѓу Љаонинг и Џилин на север до реката Чонгчон на Корејскиот Полуостров на југ.
Географија
уредиПолуостровот Љаодунг се наоѓа на северниот брег од Жолто Море, и го образува Љаодушкиот Залив (најголем од трите заливи во Бохајско Море) на запад и Корејскиот Залив на исток. Го формира јужниот дел од планинскиот појас кој продолжува кон север во Планините Чангбаи. Делот од планинскиот венец на полуостровот е познат како Планините Кјаншан.
Историја
уредиРегионот Љаодунг бил населен уште од праисторијата од неолитски луѓе. Подоцна потпаднал под власт на Кралството Коџосон, кое го зафаќало северниот дел од Корејски Полуостров и регионот југоисточно од реката Љао. Кон крајот на 4 век п.н.е., кинеска држава Јан го освоила овој регион,[1] и ја основала командата Љаодунг.
По падот на државата Јан, регионот бил преземен од краткотрајната династија Чин, а потоа и од династијата Хан. Откако на крајот на 3 век династијата Хан се расцепкала, регионот бил заземан од различни држави за на крајот да падне под обединетата династија Западен Ѓин.
Меѓутоа, откако династијата Западен Ѓин пропаднала по Востанието на петте варвари, регионот повторно бил управуван различни држави[2] за на крај да биде освоен од династијата Танг.
Во 698 г., бил заземен од Балхаите кои владееле со регионот следните два века, а потоа со полуостровот владееле и династиите Љао, династијата Ѓин, династијата Јуен, Минг и Ќинг.
Полуостровот бил стратешки важен за време на Првата кинеско-јапонска војна (1894–1895). Поразот на Кина во војната го забрзал падот на династијата Ќинг. Со Договорот од Шимоносеки од 17 април 1895 година, полуостровот ѝ бил отстапен на Јапонија. Сепак, отстапувањето на Полуостровот Љаодунг било повлечено по тројната интервенција од 23 април 1895 година од страна на Русија, Франција и Германија.
Како и во Првата кинеско-јапонска војна, на Полуостровот Љаодунг се одиграле големи борби во Руско-јапонската војна (1904–1905), меѓу кои и крвавата опсада на Порт Артур. Со Договорот од Портсмут (5 септември 1905 година), со кој завршила Руско-јапонската војна, двете страни се согласиле да ја евакуираат Манџурија и да ѝ ја вратат на Кина, со исклучок на изнајмената територија на полуостровот Љаодунг која ѝ била дадена на Јапонија,[3] која требало да ја администрира како Квантуншка изнајмена територија.
Откако Јапонија била поразена во Втората светска војна и во 1949 година била основана Народна Република Кина, Љаодунг повторно бил вратен под кинеска власт.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Yi, Ki-baek (1984). A New History of Korea (Translated. изд.). Cambridge: Harvard University Press. стр. 16. ISBN 9780674615762.
- ↑ Grousset, Rene (1970). The Empire of the Steppes. Rutgers University Press. стр. 57. ISBN 0-8135-1304-9.
- ↑ Article Five:The Imperial Government of Russia transfer and assign to the Imperial Government of Japan, with the consent of the Government of China, the lease of Port Arthur, Ta-Lien and the adjacent territory and territorial waters, and all rights, privileges and concessions connected with or forming part of such lease (…)
- ↑ Article Five:The Imperial Government of Russia transfer and assign to the Imperial Government of Japan, with the consent of the Government of China, the lease of Port Arthur, Ta-Lien and the adjacent territory and territorial waters, and all rights, privileges and concessions connected with or forming part of such lease (…)