Данил Хармс

руски писател
(Пренасочено од Даниил Хармс)

Даниил Иванович Јувачов, познат како Данил Хармс (30 декември 1905, Петербург (денешен Санкт Петербург), Русија - 2 февруари 1942 година, Ленинград, (денешен Санкт Петербург), СССР) бил авангарден руски и советски писател од периодот меѓу двете светски војни.

Даниил Иванович Јувачов
Хармс во 1932 г.
Роден/аДаниил Иванович Јувачов
30 декември 1905(1905-12-30)
Санкт Петербург, Руска Империја
Починат/а2 февруари 1942(1942-02-02) (возр. 36)
Ленинград, СССР
ПсевдонимДанил Хармс, Даниил Дандан, Хармс Шардам, Д. Цх.,
НационалностРусин
ОбразованиеВишо техничко училиште, Институт за историја на уметноста
Период1926 - 1941
Жанрпоезија за деца, кратки раскази
Книжевно движењеОБЕРИУ
Сопруг/аЕстер Александровна Русакова, Марина Владимировна Малич
РодниниН. И. Колјубакина (тетка)

Животопис

уреди

Данил Хармс е роден на 30 декември (17 декември по стариот календар) 1905 година во Петербург, на улицата Глинска бр. 1. Вистинското име му е Даниил Иванович Јувачов. Во 1915 година се запишал во основно училиште, а подоцна ја завршил германската гимназија. Летото 1919 година го поминал кај својата тетка Н. И. Колјубакина во Детско село. Од овој период потекнуваат првите негови текстови и цртежи кои се зачувани. Уште како дете го зел псевдонимот Хармс со кој ги потпишувал своите училишни тетратки. Подоцна, во повеќе наврати го менувал презимето, потпишувајќи се како: Чармс, Хаармс, Дандан, Хормс, Шардам, Шустерлинг, итн. Есента 1924 година, Хармс се запишал на Вишото техничко училиште во Ленинград од која бил исклучен поради „неактивност во општествените активности“ и „физиолошко разликување од своето одделение“ (како што запишал во својот дневник). Тогаш ја запознал Естер Александровна Русакова која ја сакал седум години. Подоцна, во едно писмо, Хармс го напишал следново за неа:[1][2][3]

Таа за мене не беше само жена која ја сакав, туку и нешто друго што навлегуваше во сите мои мисли и сите мои активности. Со Естер не зборував на руски и нејзиното име го пишував на латиница: ESTHER.

Во текот на 1925 година започнало неговото пријателство со писателот Александар Иванович Веденски, како и со поетите Н. Кљув и А. Туфанов. Кон крајот на истата година, заедно со родителите се преселил на улицата Надеждинска 11, бр. 8, каде што останал да живее до август 1941 година. Пролетта 1926 година, Хармс се запознал со Николај Заболоцки, а во септември истата година поднесол молба за прием на Институтот за историја на уметноста.[1]

Кон крајот на декември 1931 година, Хармс и неговите пријатели и соработници - Веденски, Андроников, Сафонова и Јермолаева биле уапсени, а биле ослободени во 1932 година. Имено, тие биле обвинети дека со своите дела смислено ги одвраќале децата и работниците од изградбата на социјализмот. На 13 јули 1932 година, Веденски и Хармс биле депортирани во Курск,[4] каде што живееле заедно во двособен стан. На 18 ноември истата година, тие повторно се вратиле во Ленинград. Во 1934 година, Хармс се оженил со Марина Владимировна Малич. Од 1936 до 1938 година, во домот на Хармс се одржувале музички вечери на кои присуствувале познати музички критичари (како Иван Иванович Солертински) и музичари (оргулистот Е. М. Браудо, пејачите Анатолиј Доливо и Николај Чесноков итн.), а во овој период и самиот Хармс свирел дела од Бах, Хендл и други композитори.[1][2]

Во 1936 година, неговата прва жена, Естер Русакова била осудена на петгодишна робија во логорот Гулаг, каде што умрела. Во 1939 година, на Хармс му била дијагностицирана шизофренија, така што бил ослободен од војската.[4] За последните денови пред апсењето на Хармс сведочат сеќавањата на главната уредничка на „Врабец“, Н. Гернет, која запишала:[1][2]

Беше сериозен и затворен во себе како никогаш. „Бегајте, бегајте што побрзо!“ - зборуваше - „Ќе има војна“... Тој не ни помислуваше да отпатува. Јас, како и многу други, до последниот ден се надевав дека нема да има војна... но, нему му поверував. Секогаш ми се чинеше дека Даниил Иванович знае и умее да го предвиди она што другите не го знаат...

На 23 август 1941 година, Хармс бил повторно уапсен за ширење на антисоветска пропаганда. Неговата втора жена, Марина Дурново Малич, во книгата „Мојот маж Данил Хармс“ пишува дека, летото 1941 година, за време на повикот да се јави во женските работнички чети кои копале одбранбени ровови околу Ленинград, Хармс со денови одел на гробот на татко му и нејзе ѝ ја пренесол пораката од негвоиот татко, која гласела „црвен шал“. Чекорејќи пред центарот за регрутација, таа си ги повторувала овие два збора, по што била ослободена од работната обврска. Меѓутоа, едно саботно утро, во август 1941 година, „тројца чудни човечиња“ од НКВД дошле во нивниот стан. Марина и Хармс биле однесени во приемното одделение на затворотЉубјанка“ при што тој бил затворен. Со месеци, таа не можела да дознае каде наоѓа Хармс и најпосле открила дека лежи во затворската болница и во два наврати успеала да му однесе храна. Меѓутоа, при третата посета ѝ било соопштено дека тој умрел.[4] Хармс умрел на 2 февруари 1942 година.[1][2]

Иако се занимавал со пишување, Хармс е познат и по тоа што цртал одлично, а покрај тоа, свирел на рог и на хармониум, степувал, измислувал гатанки и вицеви и пишувал философски расправи. Се разбира, тој бил познат и по чудната смисла за хумор и по необичниот стил на облекување. Така, често имал навика во рестораните да порача за јадење „нешто сино“; кога некому ќе му го кажел својот телефонски број (32-08), имал навика да рече: „Лесно се памети - 32 заби и 8 прсти“; се облекувал провокативно - често, носел фрак и цилиндар и се претставувал како својот (измислен) постар брат; често се облекувал како Шерлок Холмс, носел чадор и секаде ја водел својата пудла; на почетокот на Втората светска војна, луѓето мислеле дека е германски шпион, поради чудниот стил на облекување - необична капа, бермуди за голф и синџирче со „загатлив“ првезок.[5]

Творештво

уреди

Неговата најрана зачувана песна „Еднаш во јули во нашето лето...“ потекнува од 1922 година и таа е потпишана под псевдонимот Д. Цх. Подоцна, во текот на 1925 година, Хармс ги читал своите песни во салите на Електротехничкото училиште, Библиотеката на Тургенев, Институтот за историја на уметноста и во други сали во Ленинград. Во октомври истата година поднесол пријава за прием во Ленинградското одделение на Сојузот на поети при што до приемната комисија поднесол две тетратки со песни. Во Сојузот на поетите бил примен во март 1926 година, а истата година, заедно со неговиот пријател Веденски, Хармс го основал „Училиштето на јавори“. Истовремено, двајцата започнале да ја пишуваат драмата „Мојата мама целата во часовници (подарок за децата, на учителите отпушок)“. Во петок, 12 ноември 1926 година, Хармс настапил со свои дела на книжевната вечер на Сојузот на поетите. Подоцна, Хармс дебитирал како поет со неговата песна „Случајот со железницата“, која била објавена во Зборникот на Ленинградското одделение на Сојузот на поетите.[1]

Во 1927 година, Хармс се запознал со сликарот Казимир Малевич со кого членовите на „Училиштето на јавори“ преговарале за можноста за обединување на поетите и сликарите. Во овој период, Хармс бил заинтересиран за основање уметничко друштво и им предлагал на другарите да формираат „Академија на леви класици“ со цел да се борат против лажната уметност. Истовремено, тој го подготвувал својот избор на песни под наслов „Јаворот Даниил Иванович Хармс. Управување со нештата. Слободнодостапни песни.“, но овој проект никогаш не бил остварен. Во декември 1927 година работел на драмата „Елисавета Бам“.[1]

Хармс се формирал како писател кон крајот на 1920-тите, под влијание на футуристите, на Велимир Хлебников и на „заумните“ поети Кручоних и А. Туфанов. Меѓутоа, тој ги отфрлил футуристите и „заумните“ поети, ги напуштил еуфоричните експерименти во поезијата и со група истомисленици ја формирал книжевната група „ОБЕРИУ“ чие име претставува акроним за целосното име „Здружение за реална уметност“ (руски: Обьяинение Реального Искуства) при што последната буква „У“ била додадена „само за забава“, како пародија на многубројните „изми“ што биле популарни во тоа време. Покрај Хармс, во „ОБЕРИУ“ членувале: А. Веденски, К. Вагинов, И. Бахтерев, Н. Заболоцки, Б. Левин и Ј. Владимиров. Во јануари 1928 година, била објавена Декларацијата на „ОБЕРИУ“ во која било наведено дека членовите на групата настојуваат да ја прошират и разбудат смислата на „предметите и зборовите“, но не да ја уништат. Во овој манифест стои: „Конкретниот 'предмет', исчистен од книжевната и секојдневната лушпа станува градба за уметноста. Можеби ќе ви се причини дека нашите сижеа се 'не-реални' и 'не-логични'? Но, кој рече дека секојдневната логика е задолжителна за уметноста?“. Во текот на 1928 и 1929 година, членовите на „ОБЕРИУ“ повремено настапувале низ училиштата, војничките клубови, касарните и студентските домови во Ленинград. Притоа, тие ги исмејувале постоечките облици на книжевен и општествен ангажман, правејќи пародии на книжевните претходници и современици и спротивставувајќи се на сместувањето во некое уметничко движење.[6][7] За нивните јавни настапи сведочи еден запис од дневникот на Хармс: „Откако јас ќе го прочитма моето, ќе излезе Игор Бахтеев и ќе одржи бесмислен говор, цитирајќи непознати поети и сл. Потоа ќе излезе следниот и, исто така, ќе одржи говор, но од марксистички позиции. Со тој говор ќе нè заштити. На крајот, две непознати лица ќе дојдат до масата држејќи се за раце и ќе изјават: по повод прикажаното не можеме ништо да кажеме, но можеме да испееме нешто. И нешто ќе испеат. Последен ќе излезе Гега Кацман и ќе раскаже нешто од животот на светците.“[8] На почетокот на 1930-тите, по една книжевна вечер, кога Ј. Владимиров со „невидена дрскост ја нарекол публиката дивјаци кои заскитале во европски град и првпат виделе автомобил“, оваа книжевна група била остро нападната во печатените медиуми, кои ги осудиле „будалаштините“ и „до цинизам отворениот кошмар“, а нејзините членови биле жигосани како книжевни мангупи кои воопшто не се разликуваат од класниот непријател.[6][9] Оттогаш, членовите на „ОБЕРИУ“ никогаш повеќе на настапиле на јавен книжевен настан, а речиси целата 1931 година Хармс и уште неколкумина припадници на групата ја поминале во прогонство поради обид за „создавање контрареволуционерна организација на писателите во областа на детската книжевност“.[10]

Истовремено, Хармс продолжил со објавувањето на својата детска книжевност. Така, во 1928 година, во Ленинград, излегол првиот број на детското списание „Еж“ во кое тој бил еден од најактивните соработници, објавувајќи десет дела за една година (песните под наслов „Театар“, расказите „За тоа како Кољка Панкин леташе во Бразил, а Пеќска Јершов не му веруваше“, „Безобразниот пампур“ итн.). Исто така, во текот на 1929 година, Хармс ги објавил и следниве дела за деца: „Како прво и како второ“ (расказ), „Иван Иванович Самовар“ (песни) и „За тоа како старицата купуваше мастило“ (расказ),[1] а во 1930 година, во Ленинград, започнало да излегува детското списание „Врабец“ со кое тој, исто така, активно соработувал. Подоцна, главната уредничка на списанието Н. Гернет, во своите сеќавања запишала:[1]

Меѓу таа книжевна елита со својата неповторливост најмногу воодушевуваше Даниил Иванович. Неговиот надворешен изглед најдобро можеше да се окарактеризира со зборот - џентлмен. Висок, убав, извонредно воспитан, неизмерно коректен, чист, длабоко нерасипан, имаше совршено чувство за хумор и не помало чувство за јазик - како и книжевен слух.

Во 1930 година, излегле од печат следниве детски дела на Хармс: „Игра“ (песни) и „За тоа како тато за мене застрела мал твор“ (песни), додека следната година се појавила и збирката детски песни „Милион“. Во текот на 1933 година, во списанието „Врабец“ излегувал циклусот раскази за професорот Трубачкин, а од септември со крајот на годината и романот во писма, напишан заедно со глумицата Клаудија Пугачова. Истовремено, Хармс смислувал и теми за сликите во „Врабец“. Кон крајот на годината, Хармс започнал да работи на своето филозофско-книжевно дело „Постоење“, кое останало недовршено. Во тоа време, своите дела Хармс ги потпишувал со псевдонимот Даниил Дандан. Истата година, Хармс бил примен во новоформираниот Сојуз на советските писатели.[1]

На 17 мај 1935 година, Хармс присуствувал на поменот на Казимир Малевич, читајќи го својот текст „При смртта на Казимир Малевич“, потпишан како Хармс Шардам. Во 1936 година, во списанието „Врабец“ бил објавен неговиот слободен превод на приказната на Вилхелм Буш „Плих и Плух“, а во списанието излегувале и разни шеги во стихови и проза, потпишани како Карл Иванович Шустерлинг. На 7 јануари 1937 година, Хармс го напишал расказот „Си бил еден лисест човек...“, со кој започнал познатиот циклус „Случки“. Во март истата година била објавена песната „Од дома излегол човек...“, a потоа, списанието „Врабец“ не објавило ништо од Хармс речиси цела година. Во втората половина на годината, во списанието „Детска книжевност“ излегол текстот на Л. Кон „За хуморот“, во кој биле нападнати списанието „Врабец“ и преводот на Хармс на приказната од Вилхелм Буш. Наспроти тоа, во 1939 година, во списанието „Детска книжевност“ излегол текстот на В. Тренин „За смешната поезија“, во кој била позитивно оценета поезијата на Хармс и на Веденски. Истата година, Хармс го составил циклусот куси раскази под наслов „Случки“. Во текот на мај и јуни 1939 година, Хармс ја напишал повеста „Старица“.[1]

За време на животот, Хармс бил познат само како писател за деца при што објавил над 20 книги со овој вид книжевност, но ним не им придавал никакво значење, бидејќи нив ги објавувал само заради заработка. Притоа, интересно е тоа што тој воопшто немал добро мислење за децата, отворно пишувајќи дека не ги сака. Ако се исклучат неговите творби за деца, од сите негови песни и раскази за возрасни, во текот на животот, Хармс објавил само две песни.[11] Најголемиот дел од своите прозни и драмски гротескни минијатури Хармс ги напишал во последните десетина години од својот живот, кои не се ни обидел да ги објави, а кои се пронајдени дури по неговата смрт, во една [[фасцикла}} со наслов „Случаи“.[9] Во Русија, тој е најмногу познат како детски писател и се смета како претходник и класик на детската книжевност, додека во светот е најпознат по неговите кратки раскази.

По смртта на Хармс, семејството и пријателите се погрижиле да ги зачуваат неговите ракописи: зимата 1942/1943 година, неговиот пријател, композиторот Јаков Друскин влегол во напуштениот стан на Хармс во Ленинград и се себе го зел куферот со ракописите на Хармс. Потоа, куферот постојано го носел со себе и го чувал до завршувањето на војната и две децении по неа, а за цело тоа време Друскин воопшто не го отворил куферот, надевајќи се дека ќе се врати Хармс.[12] Сепак, долго време по неговата смрт, творештвото на Хармс било забрането и заборавено. Дури во 1956 година, било издадено службено соопштение за неговата рехабилитација, но со поширока слава се стекнал дури во 1980-тите и 1990-тите години. Сепак, штом бил пронајдена неговата книжевна архива, таа веднаш предизвикала голем интерес и во средината на 1960-тите во редовите на руската интелигенција се појавило едно „самиздатско“ шапирографско издание со избор од песните и минијатурите на Хармс. Исто така, голема популарност уживале и неговите книжевни анегдоти, а по примерот на нив, такви анегдоти почнале да пишуваат и московските писатели В. Пјатницки и Н. Доброхотова. Во 1970 година се појавило првото странско издание на делата на Хармс, на германски јазик (Fälle), а следната година и на англиски јазик (Russia's Lost Literature of the Absurd). Во Советскиот Сојуз, првата книга со избор од неговото творештво се појавила дури во 1988 година (Полет в небеса).[1][2][4] На 7 мај 2015 година, Ијан Фрејзер го објавил есејот посветен на Хармс, со наслов „Чудно забавен руски гениј“.[4][13]

Осврт кон творештвото на Хармс

уреди

Книжевното кредо на Хармс може да се согледа од еден запис во неговиот дневник, кој потекнува од 1937 година, каде што тој вели: „Мене ме интересира само 'бесмислицата', само она што нема никаква практична смисла. Ме интересира само грдата страна на животот. Херојството, патосот, бестрашноста, јунаштвото, хигиената, моралот, патетиката и хазардот - одбивни ми се и како зборови и како чувства. Но, целосно ги разбирам и ги уважувам: занесот и восхитот, инспирацијата и очајот, страста и воздржаноста, распуштеноста и невиноста, тагата и несреќата, радоста и смеата.“ [14] Исто така, на Хармс му било јасно дека сите нема да го разберат неговиот хумор на апсурдот и имал обичај да каже: „Стоката не мора да се смее.“[15] Во своите минијатури Хармс води „скриен дијалог“ и со великаните на руската класика - Гогољ, Лесков, Достоевски, Чехов, итн., при што неговата пародија не ги заобиколила ниту големите теми, како што се: смртта, злото, бедата, итн. Дека неговата наклонетост кон пародијата, хуморот и гротеската не била случајна докажува и неговиот список на омилените писатели на кој се наоѓаат имињата на: Гогољ, Луис Керол, Едвард Лир, Кнут Хамсун, Мејринк и Козма Прутков (псевдонимот на Алексеј Толстој и браќата Жемчужников).[10][16]

Несреќни случаи, таинствени исчезнувања, неверојатни или неповрзани настани, убиства, тепачки, итн., се вообичаените мотиви во кратките раскази на Хармс во кои тој дава гротескни и обездуховени слики на светот. Во неговите минијатури, необичните настани се случуваат на секој чекор, понекогаш и во секоја реченица. Иако овие слики создаваат остар контраст меѓу сивото советско секојдневие и фантастичниот и апсурден Хармсов книжевен свет, тие прикажуваат една заедничка одлика на овие два света - исполнетоста со крвави настани.[17] Неговите психолошки сведени ликови, претставени само со своите карикирани имиња, се претставници на „малите луѓе“ кои во книжевноста ги вовел Гогољ, но кај Хармс, тие се карикатури и пародии кои меѓусебно се онеспособуваат, осакатуваат и убиваат. Најпосле, и самото дејство во делата на Хармс е пародија на вообичаеното дејство во книжевноста, т.е. таа е сведена само на повторување неколку несмасни обиди на „малиот човек“ да изврши некоја основна работа.[18]

Укинувајќи ја разликата меѓу естетскиот и неестетскиот предмет, на планот на прозниот израз, Хармс воведол бројни иновации, како што се: внесување „случајности“ во текстот, употреба на секојдневниот јазик, итн. Во целото негово творештво провејуваат два „предмета“: „скитската наезда“ и „чудото“. Во однос на првото, во неговите дела преовладува насилството, свирепоста и убиствата. Во однос на второто, во својот дневник, во 1939 година, Хармс запишал: „Единствено ме интересира чудото како нарушување на физичката структура на светот.“ Соодветно на тоа, во неговите дела се појавуваат чудотворци, луѓето исчезнуваат во воздухот, ангелот на смртта ја зема душата на умрениот, итн.[19]

Во една прилика, Макс Фрај (псевдонимот на руските писатели Светлана Мартинчик и Игор Степин) забележал дека „руската книжевност не го заслужува Данил Хармс. Хармс ѝ беше потребен на руската книжевност како сообраќајните знаци на зајакот“. Меѓутоа, подоцна се покажало дека ниту еден друг автор не бил толку имитиран и пародирал (анонимно) како Хармс, и тоа во толкава мера што за некои успешни епигонски дела, до објавувањето на неговите собрани дела, се мислело дека ги напишал токму Хармс. Во секој случај, тој извршил големо влијание на неколку генерации руски писатели, како што се: Д. Пригов, Људмила Петрушевска, А. Галич, Х. Сапгир, С. Довлатов, Ј. Попов и други.[20]

Збирката „Отсечки стварност“ на македонскиот писател Ѓоко Здравески од 2019 година содржи циклус од 14 минијатурни раскази со налсов „Господин П. според Хармс“.[21]

Наводи

уреди
  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 Анатолиј Александров, „Данил Хармс - Хронологија на животот“, во: Данил Хармс, Случаи, Темплум: Скопје, 2004, стр. 115-125.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 „Белешка за писателот“, во: Данил Хармс, Циркус принтипрам (избор), Темплум: Скопје, 1993, стр. 79.
  3. Dejan Mihailović, „Kofer Danila Harmsa“, во: Danil Harms, Sto slučajeva. Beograd: Laguna, 2016, стр. 261-262.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Данил Хармс, Франциско Гоја и Антонио Буеро Ваљехо, Заспаниот разум раѓа чудовишта или Денес не напишав ни збор. Скопје: Н.У. Театар за деца и младинци – Скопје, Младинска сцена.
  5. Dejan Mihailović, „Kofer Danila Harmsa“, во: Danil Harms, Sto slučajeva. Beograd: Laguna, 2016, стр. 269-270.
  6. 6,0 6,1 Dejan Mihailović, „Kofer Danila Harmsa“, во: Danil Harms, Sto slučajeva. Beograd: Laguna, 2016, стр. 267-269.
  7. Dejan Mihailović, „Pogovor“, во: Danil Harms, Slučajevi. Beograd: Rad, 2016, стр. 237-238.
  8. Dejan Mihailović, „Pogovor“, во: Danil Harms, Slučajevi. Beograd: Rad, 2016, стр. 238.
  9. 9,0 9,1 Dejan Mihailović, „Pogovor“, во: Danil Harms, Slučajevi. Beograd: Rad, 2016, стр. 238-239.
  10. 10,0 10,1 Dejan Mihailović, „Pogovor“, во: Danil Harms, Slučajevi. Beograd: Rad, 2016, стр. 239.
  11. Dejan Mihailović, „Kofer Danila Harmsa“, во: Danil Harms, Sto slučajeva. Beograd: Laguna, 2016, стр. 263.
  12. Dejan Mihailović, „Kofer Danila Harmsa“, во: Danil Harms, Sto slučajeva. Beograd: Laguna, 2016, стр. 265.
  13. Dejan Mihailović, „Kofer Danila Harmsa“, во: Danil Harms, Sto slučajeva. Beograd: Laguna, 2016, стр. 265-266.
  14. Dejan Mihailović, „Pogovor“, во: Danil Harms, Slučajevi. Beograd: Rad, 2016, стр. 240.
  15. Dejan Mihailović, „Kofer Danila Harmsa“, во: Danil Harms, Sto slučajeva. Beograd: Laguna, 2016, стр. 267.
  16. Dejan Mihailović, „Kofer Danila Harmsa“, во: Danil Harms, Sto slučajeva. Beograd: Laguna, 2016, стр. 269.
  17. Dejan Mihailović, „Kofer Danila Harmsa“, во: Danil Harms, Sto slučajeva. Beograd: Laguna, 2016, стр. 266-267.
  18. Dejan Mihailović, „Pogovor“, во: Danil Harms, Slučajevi. Beograd: Rad, 2016, стр. 237.
  19. Dejan Mihailović, „Pogovor“, во: Danil Harms, Slučajevi. Beograd: Rad, 2016, стр. 240-241.
  20. Dejan Mihailović, „Kofer Danila Harmsa“, во: Danil Harms, Sto slučajeva. Beograd: Laguna, 2016, стр. 270-271.
  21. Ѓоко Здравески, Отсечки стварност. Скопје: Бегемот, 2019, стр. 87-102.