Андриј Шевченко

украински фудбалер

Андриј Миколајович Шевченко (укр. Андрій Миколайович Шевченко) (Двиркившчина, Киевска област, 29 септември 1976) — поранешен украински фудбалер кој важеше за еден од најдобрите фудбалери во светот. Во 2004 година беше награден со престижната Златна топка. Во својата кариера бил играч на Динамо Киев, Милан и Челси, како и на украинската репрезентација.

Андриј Шевченко
Лични податоци
Полно име Андриј Шевченко
Роден на 29 септември 1976(1976-09-29)(48 г.)
Роден во Двиркишчина, СССР
Позиција напад
Клупски податоци
Сегашен клуб ФК Динамо Киев
Број 7
Младинска кариера
1986–1994 ФК Динамо Киев
Кариера*
Години Клуб Наст. (Гол.)
1994–1999 ФК Динамо Киев 117 (60)
1999–2006 ФК Милан 208 (127)
2006–2009 ФК Челзи 48 (9)
2008–2009ФК Милан (п) 18 (0)
2009–2012 ФК Динамо Киев 55 (23)
Репрезентација
1994–1995 Украина U18 8 (5)
1994–1995 Украина U21 7 (6)
1995–2012 Украина 111 (48)
* Ажурирано на: 23 октомври 2012
** Ажурирано на: 19 јуни 2012

Познат бил како фудбалер со неверојатен инстинкт за постигнување голови, бидејќи моментално е трет најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите, со дадени 59 голови, веднаш зад Раул (77) и Филипо Инѕаги (70). Исто така важи и за трофеен спортист, а како негови најголеми дострели се сметаат титулата со Милан во Лигата на шампионите (сезона 2002/2003) и Скудетото во Серија А (2003/2004). На репрезентативен план, под водство на тренерот Олег Блохин, успеал со Украина да влезе во четвртфиналето на Светското првенство 2006 год, каде загубиле од подоцнежниот првак Италија.

На 28 јули 2012 г. се повлекол од активното играње фудбал. Неговиот последен натпревар бил на Евро 2012, каде Украина биле домаќини, и тоа против фудбалската репрезентација на Англија. Последниот клуб во кој настапувал бил Динамо Киев.

Клупска кариера

уреди

Динамо Киев

уреди

На 10-годишна возраст, Шевченко се пријавил во младинската школа на Динамо Киев, но првично бил одбиен поради тоа што не ги задоволил вкусовите на тогашниот младински координатор. Но, неговиот талент подоцна бил забележан од страна на еден нивни скаут, по што Андриј бил повторно повикан во клубот. Четири години подоцна, тој се промовирал како најнадежен фудбалер од таа генерација на Динамо. Во сезоната 1992/93 бил најдобриот стрелец за вториот тим на Динамо, со 12 постигнати голови.

Дебито за сениорскиот тим на Динамо Киев го дочекал на 28 октомври 1994 г. на мечот против Шахтјор Донецк. Во таа и во следната 1995/96 сезона го освоил украинското фудбалско првенство, а во вториот шампионски поход придонел со 6 гола на 20 натпревари. Еден од мечевите за паметење бил неговиот настап против ФК Барселона во рамките на Лигата на шампионите. Тогаш го остварил својот прв хет-трик во ова натпреварување, а истата 1997/98 сезона повторно го понел пехарот од украинското првенство.

За време на првиот негов престој во Динамо од Киев, вкупно пет пати бил шампион на Украина, а во сезоната 1998/99 бил и најефикасен голгетер во првенството со 18 дадени голови. Сето тоа било доволна препорака за италијанскиот гигант ФК Милан да се заинтересира за негов евентуален ангажман.

 
Андриј Шевченко, Олег Блохин и Игор Беланов, тројцата Украинци со признанието „Фудбалер на Европа“

Милан

уреди

Во 1999 г. Шевченко преминал во ФК Милан, за тогаш рекордни 25 милиони евра на име оштета. Првиот натпревар го одиграл на 28 август таа година против екипата на ФК Лече. Во неговата прва сезона во Милано ја освоил титулата во Серија А, а притоа прецизно стрелал 24 пати на 34 натпревари. Во Лигата на Шампионите запишал 9 гола во 14 натпревари.

Најголемиот успех со ФК Милан му бил подигањето на големиот пехар од Лигата на Шампионите во сезоната 2002/03. Финалниот натпревар бил против најголемиот нивни соперник, тимот на Јувентус. Регуларниот дел завршил без голови, а голови немало ни по двете продолженија од по 15 минути. Токму Андриј Шевченко го постигнал победничкиот гол при изведувањето пенали, и со тоа станал првиот Украинец чиј тим триумфирал во големото натпреварување. По повод овој успех, Шевченко го оставил својот златен медал покрај гробот на големиот украински фудбалски стручњак Валериј Лобановскиј. Лобановскиј му бил тренер за време на неговиот престој во Киев.

Во сезоната 2003/04 по вторпат го понел признанието најдобар голгетер во Серија А, со постигнати 24 голови на 32 натпревари. Таа година Милан го освоиле Скудетото првпат по цели 5 сезони, а исто така победиле и во финалето на УЕФА Супер Купот против ФК Порто со 1-0, а тој го постигнал победоносниот погодок. Во август 2004 г. трипати ја тресел мрежата на ФК Лацио во финалниот натпревар од Супер Купот на Италија. Истата (2004) година станал само третиот Украинец по Олег Блохин и Игор Беланов кој ја добил наградата Европски фудбалер на годината.

Следната сезона претрпел мала повреда на јаболчната коска, која за кратко го оддалечила од фудбалските терени. Таа година постигнал 17 голови, а на натпреварот против Фенербахче од Лигата на Шампионите четири пати се запишал во списокот на стрелците. Истата 2004/05 сезона од големото натпреварување, Шевченко бил трагичарот во поразот на ФК Милан од Ливерпул. Тој го промашил клучниот пенал, откако натпреварот завршил 3-3 по првите 90 минути. Неговиот тим имал предност од 3-0 по првото полувреме, но Ливерпул на чудесен начин направил пресврт и стигнал до златниот пехар.

Во 2005/06 со Милан стигнал до полуфиналето, каде испаднале од подоцнежниот шампион ФК Барселона. Во таа рунда, на Шевченко му бил поништен израмнувачкиот гол при истекот на натпреварот, што било една многу контроверзна одлука на судиите. И покрај поништениот погодок, сепак на крајот бил најдобар голгетер со 9 голови на 12 мечеви. На 8 февруари 2006 г. на натпреварот против ФК Тревизо, станал вториот најдобар стрелец во историјата на ФК Милан, веднаш позади Гунар Нордал. Таа година во Серија А завршил како четврти најдобар стрелец со 19 голови во 28 натпревари. Тоа воедно била и последната негова сезона во дресот на ФК Милан, во чии редови за седум години забележал 175 голови на 296 натпревари, или по 0,6 голови по просек на секој меч.[1]

Челси

уреди
 
Шевченко на натпревар против Манчестер Јунајтед (2007)

Интересот на ФК Челси за Андриј Шевченко датирал уште од летото 2005. Тогаш нивниот сопственик Роман Абрамович понудил 75 милиони евра плус Ернан Креспо, но управата на Милан категорично го одбила.[2] И покрај тоа, Креспо завршил во Милано на позајмица. Желбата на Питер Кенион, тогашниот извршен директор во Челси, била да има расен голгетер од класата на Шевченко во неговиот тим.

На 28 мај 2006 г. заминал во лондонскиот клуб за оштета во висина од 30,8 милиони фунти. Со тоа ја надминал трансфер исплатата од 24,4 милиони фунти за Мишел Есиен од претходната сезона. Со тоа станал и најскапиот тогашен фудбалер на Островото, а ја избрал стандардната „седмица“ за број во неговиот нов клуб.

За Челси дебитирал на 13 август, во поразот од Ливерпул во Комјунити Шилд со 2-1. Неговиот прв гол во Премиер лигата го постигнал на 23 август против ФК Мидлзборо, каде Челси повторно загубиле со 2-1. Во таа сезона ретко постигнувал голови, а единствено против ФК Порто и ФК Валенсија стрелал на вистинското место во Лигата на Шампионите. Имал само 14 дадени голови во 51 натпревар во сезоната која била негово огнено крштевање на Стемфорд Бриџ. Единствена светла точка во таа сезона било тоа што станал втор најдобар стрелец во европските купови на сите времиња, позади легендарниот германски напаѓач Герд Милер.[3]

На почетокот од фудбалската 2007/08 бил подложен на хируршки зафат на килата, поради што пропуштил неколку значајни натпревари за неговиот тим. Не настапил во полуфиналната рудна од Лигата на Шампионите против Ливерпул, ниту на финалето од ФА Купот против Манчестер Јунајтед на „новиот“ Вембли. Од поважните натпревари, единствено добро одиграл против ФК Арсенал, каде тој и неговите соиграчи славеле во финалето од Карлинг Купот, а Шевченко го постигнал голот за водство од 3-1.

Дидје Дрогба доживеал полесна повреда на почетокот на 2007/08 сезона, па така Шевченко добил поголема шанса да дојде до израз. Првиот гол во таа сезона го постигнал на мечот против ФК Розенборг од групната фаза во Лигата на Шампионите. Тој натпревар бил последниот за Жозе Мурињо на клупата на ФК Челси. Менаџерската палка ја преземал Аврам Грант, кој постојано го преместувал Андриј од почетниот состав на клупата за резерви и обратно. За време на Божиќните празници, Шевченко играл во добра форма, бидејќи во период од нецели две седмици постигнал 4 првенствени гола (на натпреварите против ФК Сандерленд, двапати стрелал против Астон Вила и еднаш против ФК Болтон Вондерерс). Севкупно, таа сезона на 17 лигашки натпревари дал само 5 голови, премалку за амбициите на англиските „сини“. Вредно е да се спомене дека во дресот на Челси настапил на пријателски натпревар против неговиот поранешен клуб ФК Милан.

Позајмицата во Милан

уреди
 
Шевченко со капитенската лента во Динамо Киев (2009)

Шевченко не добивал голема минутажа за време на неговиот престој во ФК Челси, а по доаѓањето на Луис Фелипе Сколари за тренер неговото име во почетните 11 било вистинска реткост. Тој бил незадоволен од третманот, а потпретседателот на ФК Милан, Адријано Галијани му понудил можност за враќање на Сан Сиро. Па така била склучена зделка со која Шевченко бил отстапен на позајмица во миланскиот клуб.[4]

Вториот престој на Сан Сиро бил окарактеризиран како негов професионален неуспех, бидејќи постигнал само два гола на 26 натпревари, од кои само на 9 се нашол во почетната постава. Од ФК Милан истакнале дека нема целосно да го откупат договорот на Шевченко, по што на крајот од сезоната 2008/2009 се вратил на Стемфорд Бриџ, заедно со дотогашниот негов тренер од ФК Милан, Карло Анчелоти.[5][6]

Следната, 2009/2010 сезона, Анчелоти ги известил медиумите дека Андриј си заминува од тимот поради тоа што тој не можел да му гарантира постојано место во почетниот состав. Последниот негов меч за ФК Челси бил оној од второто коло на Премиер лигата, кога влегол од клупата за резерви при крајот на средбата. Пред завршувањето на летниот преоден рок, Шевченко потпишал за украинскиот Динамо Киев.

Повторно во Динамо

уреди

На 29 август 2009, Андриј Шевченко потпишал две-годишен договор со ФК Динамо Киев.[7][8] Неговото враќање во татковината било помпезно најавено од медиумите, а за број на неговиот дрес ја одбрал вообичаената седумка. За време на првата сезона по враќањето, одиграл неколку солидни средби во Лигата на Шампионите. Постигнал гол на натпреварот против ФК Интер од групната фаза, што бил негов 15-ти гол против овој тим. Тогаш бил прогласен и за најдобар играч за месец октомври во украинското првенство.

Во трите сезони кои ги минал на Олимпискиот стадион во Киев, не успеал ниту еднаш да стане фудбалски шампион на Украина. Динамо Киев завршувал на второто место на табелата, секогаш зад тимот на Шахтјор Донецк. Неговиот личен биланс од сите одиграни натпревари по враќањето бил 30 постигнати голови и едно загубено финале во Украинскиот Куп (2011). На 28 јули објавил дека се повлекува од фудбалот, но дека е можно во иднина да се врати како тренер.[9]

Репрезентативна кариера

уреди

За фудбалската репрезентација на Украина, Шевченко настапил на 111 натпревари, на кои забил 48 голови. Првиот погодок го постигнал во мај 1996 г. во пријателската средба против Турција. Со националниот состав изборил учество на две големи натпреварувања, и тоа на Светското првенство во фудбал 2006 и како домаќини на Еуро 2012.

Во времето кога Валериј Лобановскиј бил селектор на Украина, амбиција на тимот била учество на Светско првенство во фудбал 2002. Во тој квалификациски циклус Шева постигнал 10 голови, но екипата на Украина загубила во плеј-офот од тимот на Германија (која подоцна стигнала до финалето). Не успеале ниту да се пласираат на Европско првенство во фудбал 2008, бидејќи неговата репрезентација го освоила четвртото место во квалификациската група. За време на таа кампања, Андриј пет пати ја тресел противничката мрежа.

Најголем дострел во репрезентативната кариера му било избореното четвртфинале на Светското првенство во Германија (2006), каде постигнал два гола, еден на средбата против Саудиска Арабија (славеле со 4-0) како и победничкиот гол против репрезентацијата на Тунис (70’ минута од пенал).

На Европското првенство 2012, Андриј со своите два гола го направил пресвртот против тимот на Шведска со 2-1 од првото коло во групата Д.[10][11] Вториот натпревар на првенството го одиграл во целост, но неговата репрезентација загубила од Франција со 0-2. Во третиот меч влегол од клупата за резервни играчи, меч во кој Украина повторно загубила, овој пат од фудбалската репрезентација на Англија со 0-1. Со тоа не успеала да ја помине групната фаза на тоа европрвенство. По тој турнир, Шевченко објавил дека се повлекува од активното играње фудбал.[12] Од репрезентацијата си заминал со импресивни бројки, а интересно е тоа што тој истовремено е и најмладиот и најстариот фудбалер кој постигнал погодок во историјата на репрезентацијата.[13]

Во ноември 2012, Шевченко ја одбил понудата од Украинската фудбалска федерација да стане национален селектор.[14]

Приватен живот

уреди

Шевченко е оженет со американската манекенка Кристен Пазик. Со неа се запознал на една забава организирана од Џорџо Армани во 2002 г. а се венчале на 14 јули во Вашингтон. Меѓусебе зборуваат на италијански, иако Андриј јавно признал дека имал намера да научи англиски. По враќањето на Шевченко во Киев, целото негово семејство се преселило во тој град, бидејќи желба на родителите била нивните деца да израснат во Украина.

Брачниот пар има две деца: Јордан (роден на 29 октомври 2004) и Кристијан (роден на 10 ноември 2006).[15] Италијанскиот премиер и сопственик на ФК Милан, Силвио Берлускони е кум на Јордан. Еден ден по раѓањето на првиот син, Шева постигнал гол на натпреварот против ФК Сампдорија (Милан победиле 1-0) и истиот му го посветил на новородениот син. Ден по раѓањето на вториот син Кристијан, Андриј стрелал прецизно во мрежата на ФК Ватфорд (Челзи победиле 4-0), а со соиграчите голот го прославил во стилот „нишкајќи го бебето“.

Инаку, Шевченко е близок пријател со модниот творец Џорџо Армани, а заеднички имаат отворено два бутика во Киев. Со неговата сопруга ја имаат отворено мрежното место Ikkon.com, наменета за машката модна линија и нивниот животен стил. Во јуни 2005 г. тој станал амбасадор на детското село С.О.С. а освен таа добротворна дејност, има основано и неколку фондации за помош на децата без родители.

Статистика

уреди

Клубови

уреди
Клуб Сезона Првенство Куп Европски купови Вкупно
Натпревари Голови Натпревари Голови Натпревари Голови Натпревари Голови
Украина
ФК Динамо Киев 1994-95 17 1 4 1 2 1 23 3
1995-96 31 16 5 1 2 2 38 19
1996-97 20 6 0 0 0 0 20 6
1997-98 23 19 8 8 10 6 41 33
1998-99 26 18 4 5 14 10 44 33
Италија
ФК Милан 1999-00 32 24 5 4 6 1 43 29
2000-01 34 24 3 1 14 9 51 34
2001-02 29 14 3 0 6 3 38 17
2002-03 24 5 4 1 11 4 39 10
2003-04 32 24 2 0 11 5 45 29
2004-05 29 17 1 3 10 6 40 26
2005-06 28 19 0 0 12 9 40 28
Англија
ФК Челзи 2006-07 30 4 11 7 10 3 51 14
2007-08 17 5 3 2 4 1 24 8
Италија
ФК Милан 2008-09 18 0 1 1 7 1 26 2
Англија
ФК Челзи 2009-10 1 0 0 0 0 0 1 0
Украина
ФК Динамо Киев 2009-10 21 7 2 0 6 1 29 8
2010-11 18 10 2 1 12 5 32 16
2011-12 16 6 1 0 5 0 22 6
ФК Динамо Киев 172 83 26 16 51 25 249 124
ФК Милан 226 127 19 10 77 38 322 175
ФК Челзи 48 9 14 9 14 4 76 22
Вкупно 446 216 54 34 119 61 648 321

Репрезентација

уреди
Украинска репрезентација
Година Настапи Голови
1995 2 0
1996 2 1
1997 8 4
1998 6 1
1999 9 2
2000 5 5
2001 7 6
2002 3 0
2003 8 3
2004 6 4
2005 6 2
2006 9 5
2007 8 3
2008 7 3
2009 8 4
2010 6 2
2011 5 1
2012 6 2
Вкупно 111 48

Вкупно

уреди
Професионална кариера
Екипа Натпревари Голови Голови по натпревар
Клубови 653 338 0,52
Сениори 0111 048 0,43
Младинци под 19 08 05 0,63
Младинци под 21 07 06 0,86
Вкупно 779 397 0,51

Освоени титули

уреди
 
Поштенска марка со ликот на Андриј Шевченко
(Светско првенство 2006)

  Динамо Киев

уреди

  Милан

уреди

  Челси

уреди

Надворешни врски

уреди


Наводи

уреди
  1. Најдобрите напаѓачи од Серија А во последниве 20 години Архивирано на 28 ноември 2012 г.; преземено од Спорт Корнер (19 ноември 2012 09:00)
  2. Румениге бара „спас за европскиот фудбал“ од парите на Абрамович[мртва врска]; преземено од Утрински Весник (29.11.2006, 17:01)
  3. Шевченко задоволен од Челзи, сака да остане на Островот Архивирано на 4 април 2015 г.; преземено од Утрински Весник (01.12.2006, 14:36)
  4. Шевченко повторно во Милан Архивирано на 5 март 2016 г.; преземено од Жолта.мк (25.08.2008)
  5. Шевченко се враќа во Челзи Архивирано на 28 октомври 2012 г.; преземено од Спорт Манија (Вторник, 22 мај 2012 09:42)
  6. Андриј Шевченко сака да осране во Милан Архивирано на 6 април 2015 г.; преземено од ТВ Алфа (среда, 29 април 2009, 12:07)
  7. Официјално, Андриј Шевченко се врати во Динамо Киев Архивирано на 3 октомври 2009 г.; преземено од Спортски.мк (30.08.2009)
  8. Шевченко потпиша за Динамо Киев[мртва врска]; преземено од ТВ Алфа (сабота, 29 август 2009, 18:58)
  9. Шевченко ја заврши кариерата Архивирано на 11 март 2013 г.; преземено од Спорт Манија (Сабота, 28 јули 2012 10:59)
  10. Стариот добар Андриј Шевченко Архивирано на 16 јуни 2012 г.; преземено од Спорт.мк (11.06.2012 23:31)
  11. Шевченко донесе победа за Украина Архивирано на 15 јуни 2012 г.; преземено од Спорт Манија (Понеделник, 11 јуни 2012 23:04)
  12. Шевченко се повлекува од репрезентацијата Архивирано на 11 март 2013 г.; преземено од Спорт Манија (Среда, 20 јуни 2012 10:03)
  13. Андриј Шевченко го потврди неговото пензионирање од фудбалот[мртва врска]; преземено од Спортска Треска
  14. Шевченко не сака да биде селектор Архивирано на 28 ноември 2012 г.; преземено од Он Нет
  15. Шева чека трето дете Архивирано на 16 јуни 2012 г.; преземено од Спорт Манија (Понеделник, 11 јуни 2012 12:14)