Универзитет „Гоце Делчев“

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ― државен универзитет, рангиран на второто место на списокот на државни универзитети во државата.[1] Како млада и енергична високообразовна институција која постојано ги следи интересите на младата популација, како и најновите светски економски, индустриски и технолошки трендови создаде извонредни можности за високо образование. Дипломите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се меѓународно признати и се сигурна потврда за влез на домашниот и меѓународен пазар на трудот. Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип интегрира 13 факултети, организирани во 3 универзитетски кампуси. Наставата се изведува во наставни центри кои се дисперзирани во 12 града во Македонија. 19.000 студенти веќе го препознаа Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, како одлична можност за својот академски раст.[2]

Универзитет „Гоце Делчев“
Виддржавен
Основан2007
РекторПроф. д-р Дејан Мираковски
Студенти>19.000
МестоШтип, Република Македонија
www.ugd.edu.mk

Историјат

уреди
 
Зградата на ректоратот.

Универзитетот „Гоце Делчев“ е основан од страна на Собранието на Република Македонија на 27 март 2007 г., кога се слави и патрониот празник на Универзитетот. Универзитетот „Гоце Делчев“ е сместен во 12 македонски градови: Штип, Струмица, Кочани, Радовиш, Пробиштип, Виница, Свети Николе, Гевгелија, Кавадарци, Прилеп, Скопје и Берово. Првата конститутивна седница на Универзитетскиот сенат е одржана на 28.06.2007 г., во амфитеатарот на Педагошкиот факултет и Факултетот за рударство, геологија и политехника. Во присуство на државниот секретар за образование г. Перо Стојановски и дел од членовите на матичната комисија на Универзитетот „Гоце Делчев“, претставници од студентите, професори и асистенти, како и граѓани на град Штип, Универзитетскиот сенат донесе едногласна одлука за избор на ректор на универзитетот да биде проф. д-р Саша Митрев редовен професор на Земјоделскиот факултет. Во 2015 г. е наследен од проф. д-р. Блажо Боев од Факултетот за природно-технички науки.

Во првата студиска година се запишаа 1.300 студенти на 7 факултети и една висока школа и тоа: Правен факултет, Економски факултет, Педагошки факултет (денес преименуван во Факултет за образовни науки), Факултет за рударство геологија и политехника, Земјоделски факултет, Факултет за информатика, Факултет за музичка уметност и Висока здравствена школа. Од студиската година 2008/09 г., во состав на Универзитетот се и 6 (шест) нови факултети: Факултет за медицински науки, Филолошки факултет, Електротехнички факултет, Машински факултет, Технолошко-технички факултет и Факултет за туризам и бизнис логистика.[4]

Организација и организациони единици

уреди

Универзитетот, согласно со Статутот (Универзитетски гласник 09/2009), е највисока автономна јавна високообразовна, научна, односно уметничка установа, што го обезбедува единството во вршењето и развојот на високото образование, науката, уметноста и стручноста, и непосредно преку своите единици од различни студиски подрачја пренесува сознанија од повеќе научни, односно уметнички подрачја и дисциплини. Во неговиот состав влегуваат јавни факултети, т.е. единици кои вршат високообразовна и научноистражувачка дејност во сите степени на високото образование.

Факултети

уреди

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се организираат универзитетски стручни студии од прв, втор и трет циклус. Единици во состав на Универзитетот се[5]:

  1. Факултет за образовни науки – декан проф. д-р Никола Смилков
  2. Факултет за природни и технички науки – декан проф. Зоран Панов
  3. Земјоделски факултет – декан проф. д-р Илија Каров
  4. Факултет за информатика – декан проф. д-р Цвета Мартиновска
  5. Економски факултет – декан проф. д-р Ристо Фотов
  6. Правен факултет – декан проф. д-р Јован Ананиев
  7. Факултет за музичка уметност – Проф. д-р Илчо Јованов
  8. Факултет за медицински науки – декан проф. д-р Бистра Ангеловска
  9. Факултет за туризам и бизнис логистика – декан доц. д-р Нако Ташков
  10. Филолошки факултет – декан доц. д-р Јованка Денкова
  11. Електротехнички факултет – декан доц. д-р Татјана Атанасова Пачемска
  12. Технолошко-технички факултет – декан доц. д-р Винета Сребренкоска
  13. Машински факултет – декан доц. д-р Дејан Мираковски

Покрај овие единици се организираат и: катедри, оддели, институти, центри[6], лаборатории, библиотеки и други внатрешни организациони единици, како што се:

Центри

уреди

Институти

уреди

Други внатрешни организациони единици

уреди

Ректоратот односно седиштето на Универзитетот, каде се сместени највисоките раководни тела, се наоѓа во Штип. Органи на Универзитетот се: Универзитетски сенат, ректор и Ректорска управа.

Универзитетскиот сенат го избираат ректорот и проректорите на Универзитетот. Ректорот ја води седницата на Универзитетскиот сенат. Проректорите учествуваат во работата на Сенатот, без право на глас. Универзитетскиот сенат донесува Статут на Универзитетот, одлучува за наставната, научната, уметничката и високостручната дејност. Исто така, Сенатот ги усвојува студиските програми на факултетите и ги утврдува научните, односно уметничките области.

Ректорот како раководен орган на Универзитетот го застапува Универзитетот во земјава и странство, ја води меѓународната соработка на Универзитетот и иницира соработка со други универзитети во земјава и во странство. Ректорската управа ја сочинуваат: ректорот, проректорите, деканите на факултетите, директорите на високите стручни школи и еден претставник на студентите од Сојузот на студентите на Универзитетот. Во работата на Ректорската управа учествува и генералниот секретар на Универзитетот, без право на одлучување. Со Ректорската управа раководи ректорот.

Ректор на универзитетот од 2022 година е Проф. д-р Дејан Мираковски, по проф.д-р Блажо Боев, кој го наследил Саша Митрев во 2015 г.[7]

Покрај ректорот, како раководен орган, Универзитетот има и два проректори [8]:

  • проректор за настава и студенти - проф. Мишко Џидров,
  • Проректор за развој, инвестиција и одржување - проф. Дејан Мираковски.

Вкупниот број на вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип изнесува 438.

Симболи[9]

уреди

Грб на Универзитетот

уреди
 
Грб на Универзитетот „Гоце Делчев“

Грбот на Универзитетот е со тркалезна форма. Во средината е училиштето во Ново Село - Штип, каде што Гоце Делчев учителствувал (Ректорат на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип), во горниот дел од кругот е испишан текстот: Универзитет „Гоце Делчев“, а во долниот дел: Штип. Со грбот, знамето и химната се претставуваат Универзитетот и единиците на Универзитетот. Грбот на Универзитетот се употребува на знамето, дипломите, плакетите, признанијата, меморандумите, изданијата на Универзитетот, како и на пригодни ковани пари, што се издаваат по повод јубилејни прослави на Универзитетот и друго.

Знаме на Универзитетот

уреди
 
Знаме на Универзитетот Гоце Делчев

Знамето на Универзитетот е во правоаголна форма, во бордо боја, со златно-жолти реси на рабовите. Во средината е грбот на Универзитетот во златно-жолта боја. Во долниот дел од знамето, во два реда по неговата должина пишува: „Јас го разбирам светот, единствено, како поле за културен натпревар меѓу народите“. Знамето на Универзитетот стои постојано истакнато на објектот на Ректоратот на Универзитетот. Знамето на Универзитетот се истакнува пред објектите на единиците и пред објектите на придружните членки на Универзитетот, по повод патронатот на Универзитетот, прослави, свечености и други активности, кои се од значење за Универзитетот, а може да се истакне и при одржување на меѓународни универзитетски средби, натпревари и други собири во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири, како и при спортски натпревари и други спортски активности на Универзитетот.

Универзитетски инсигнии

уреди
 
Инсигнии на Универзитетот Гоце Делчев

Универзитетските инсигнии се состојат од меѓусебно поврзани гравури кои ја симболизираат културата на регионот во кој делува Универзитетот во Република Македонија. Универзитетските инсигнии ги носат: ректорот и проректорите на Универзитетот, како и деканите, односно директорите на единиците на Универзитетот, на прослави, промоции и други свечености на Универзитетот и единиците на Универзитетот, или на други национални и меѓународни манифестации.

Одора

уреди

На Универзитетот се установува одора за: ректорот, проректорите и деканите, односно директорите на единиците. Одората се носи при промоции, прослави и други свечености на Универзитетот и на единиците на Универзитетот, или на национални и меѓународни манифестации. Поблиски одредби за изгледот, употребата на симболите и другите обележја на Универзитетот донесува Ректорската управа.

Плакета

уреди

Со посебна одлука на Универзитетскиот сенат се востановува: плакета, повелба, благодарница, пофалба и други признанија и награди на Универзитетот, кои се доделуваат на заслужни поединци, правни лица или институции, кои со својата работа придонеле за развојот и афирмацијата на Универзитетот, како и за развој на научната мисла, а на студентите за постигнатиот успех во студирањето

Химна

уреди

Химната на Универзитетот се изведува на прослави, промоции и други свечени и спортски манифестации на Универзитетот, на единиците и на придружните членки на Универзитетот, при меѓународни универзитетски средби и други собири во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири. Химната се изведува со свирење, со пеење или комбинирано. Химната на Универзитетот е свечена песна, посветена на улогата и значењето на Универзитетот. Изработена е од доц. д-р Илчо Јованов
Химна на УГД:

I строфа Рефрен II строфа
Гордо чекориме со тебе ние,
Гоце учителу наш.
Делото твое нас нѐ води
Кон светлината,
Делото твое нас нѐ води
Кон иднината.
Знаење, мудрост ни даваш
За светла иднина,
Вечно и гордо зрачи
Универзитету наш.
Твојата укост гордост е наша,
Го свети патот наш.
Мислата твоја сила е вечна
Темелот силен наш,
Мислата твоја нас нѐ води
Кон иднината.

Студенти

уреди

Статус на студент на Универзитетот се стекнува со запишувањето на прв, втор и трет циклус на студии во рамките на еден од 13 факултети на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Статусот на студент се докажува со студентска легитимација. Студентот има право на слободно искажување на мислењата и ставовите во текот на наставата, како и право на изјаснување на квалитетот (оценување) на наставата и наставниците.

Начинот за упис на идните студенти на факултетите е преку полагање на надворешни и интерни испити во рамките на државната матура. За реализација на конкурсот за запишување во прв циклус на студии на Универзитетот се формираат конкурсни комисии за секоја единица. Рангирањето на кандидатите го врши конкурсната комисија. На студентските програми на Универзитетот не можат да бидат запишани кандидати кои имаат помалку од 40 бода, добиени по сите основи.

Странските државјани се запишуваат надвор од квотите утврдени во Конкурсот. При пријавувањето кандидатите поднесуваат нострифицирано свидетелство за завршено средно образование, како и нострифицирани свидетелства за сите класови, заверен превод на изводот од матичната книга на родените, потврда за знаење на македонскиот јазик (издадена од комисија на Универзитетот) и уверение за здравствена состојба. Кандидатите наведуваат дали се стипендисти на својата влада или самостојно ги поднесуваат трошоците на студирањето. На странските државјани кои се пријавуваат на факултетот за музичка уметност им се врши проверка на знаењата и умеењата. Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип организира курс за изучување на македонскиот јазик. Школарината за странските студенти за учебната 2012/2013 година изнесува 300 евра за еден семестар на сите единици, освен на Факултетот за медицински науки, каде за еден семестар изнесува 500 евра, доколку поинаку не е регулирано со договор за меѓууниверзитетска соработка. Во оваа категорија влегуваат и кандидатите странски државјани чии родители или пак тие работат во дипломатските претставништва во Република Македонија[10].

Софтверско решение кое придонесува за модерен начин на студирање е електронскиот индекс на Универзитетот. Преку електронскиот индекс се овозможува комплетно електронско студирање, вклучувајќи електронски упис и заверка на семестар, електронско пријавување на испити и семинарски работи, објава на електронски резултати, електронска огласна табла, перманентна електронска комуникација и електронски консултации со наставничкиот и соработничкиот кадар, електронско учење, како и многу други активности.

Студентите (од сите степени на високо образование) кои се без родители, слепи, глуви, инвалиди од прва и втора група, мајки со деца до шестгодишна возраст и хоспитализираните лица имаат право на посебни предности утврдени со Статутот на високообразовната установа.

Меѓууниверзитетска соработка

уреди

Универзитетот остварува соработка со многу образовни и научни институции во земјава и во странство. Соработката со универзитетите од странство се реализира во рамките на меѓународните универзитетски асоцијации и мрежи, како и со билатерални договори.

Целта е воспоставување соработка за развивање и проширување на научните и професионални искуства, научна и техничка соработка со странски и со национални високообразовни и научни установи и остварување на други форми на меѓународна соработка.

Универзитетот „Гоце Делчев“, како член на Ерасмус мрежата, отвора можност студентите да добијат Ерасмус стипендија. Ерасмус програмата подразбира испраќање и примање на студенти од странство. Ерасмус студентите можат да поминат еден или два семестра на некој од европските универзитети, каде ќе имаат можност да го изучуваат јазикот на државата во која престојуваат и да ја запознаат нивната култура. Испитите кои ќе ги полагаат студентите додека престојуваат во странство ќе им бидат признати согласно со Правилникот за ЕКТС.

Универзитетот „Гоце Делчев“ се стреми за плодна и ефикасна соработка со другите универзитети, така што потпиша договори за меѓусебна соработка со:

Наука и истражување

уреди

Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип одгледува и произведува академски вредности кои на општата скала на општествени вредности традиционално се поставуваат многу високо. Во најголема мерка позитивните академски вредности се темелат на движечката сила која произлегува од научните активности. Универзитетското наследство, универзитетската независност-автономност, универзитетската веродостојност се основни елементи на кои може со сигурност да се подигнат новите генерации на интелектуалци, извонредни професионалци, квалитетни личности кои можат да ја носат одговорноста на иднината на општеството. Во оваа насока научните истражувања ги развиваат поединечните квалитети на секој поединец како важен елемент на универзитетската академска заедница. Научните истражувања на Универзитетот кои се изведуваат како фундаментални и како апликативно развојни се темелат на поединечниот проектен пристап кој го одразува и осигурува минималниот развој на академските јадра. Научните истражувања на Универзитетот се изведуваат во рамките на факултетите, односно во рамките на нивните катедри-департменти.

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. Academic Ranking of World Universities (ARWU) - Macedonian HEIs Ranking 2013-2014[мртва врска]
  2. „Матична страница на Универзитетот „Гоце Делчев" - „За Универзитетот". Архивирано од изворникот на 2014-02-08. Посетено на 2013-03-04.
  3. „Објавени резултатите од рангирање на универзитетите во Република Македонија - 2013“. Министерство за образование и наука на Македонија.
  4. „Матична страница на Универзитет „Гоце Делчев" - „Историја". Архивирано од изворникот на 2013-10-24. Посетено на 2013-03-04.
  5. Матична страница страница на Универзитетот „Гоце Делчев“ - „Факултети“
  6. Матична страница на Универзитет „Гоце Делчев“ - „Центри“
  7. „Штипскиот универзитет „Гоце Делчев" има нов ректор“. Курир. 18 мај 2015. Посетено на 18 мај 2015.[мртва врска]
  8. „Матична страница на Универзитет „Гоце Делчев" - „Проректори". Архивирано од изворникот на 2013-03-01. Посетено на 2013-03-04.
  9. „Матична страница на Универзитетот „Гоце Делчев" - „Симболи". Архивирано од изворникот на 2013-03-13. Посетено на 2013-03-04.
  10. „Матична страница на Универзитет „Гоце Делчев" - „Интернационални студенти". Архивирано од изворникот на 2013-03-01. Посетено на 2013-03-06.