Цвета Мартиновска
Проф. д-р Цвета Мартиновска-Банде е декан и редовен професор[1] на Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Своите додипломски студии ги завршила во 1989 година на Електротехничкиот факултет, отсек Компјутерска техника и информатика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје и се стекнала со звањето дипломиран електротехнички инженер, а на истиот факултет во 1993 година ги завршува постдипломските студии по електротехничките науки. Во истата 1993 година одржува и студиски престој во Универзитетот „Лимбург“ – Мастрихт (Холандија), на Катедра за медицинска информатика.
Во периодот од 1996 до 1997 година ја завршува својата специјализација на Нов бугарски универзитет во Софија (Р. Бугарија), на Катедрата за когнитивна наука. Во 2004 година се стекнува со звање доктор на технички науки, кога ги завршува докторските студии на Електротехнички факултет, Компјутерска техника и информатика, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Проф. д-р Мартиновска-Банде има интерес во областите вештачка интелигенција, машинско учење, алгоритми и комплексност, биоинформатика, интеракција човек-машина, мултимодални интерфејси и дистрибуирани компјутерски системи.
Во своето работно искуство од 1990 до 1992 година работела како стручен соработник во Институтот за сеизмологија и земјотресно инженерство во Скопје. Во периодот од 1994 до 1999 работела како систем инженер во ЈСП – Скопје. Во периодот од 1999 до 2005 година била на позиција главен инженер во техничката дирекција во Агенцијата за разузнавање во Скопје, а во 2005 година да се врабила како доцент на Факултетот за информатика на Европскиот универзитет во Скопје.
Во 2007 година, со отворањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, проф. д-р Мартиновска-Банде е вработена како доцент на Факултетот за информатика, а во 2009 година е избрана како вонреден професор на овој факултет.[2]
Во моментот работи на развој на нови алгоритми и софтверска библиотека за примена во биомедицинското инженерство (2013-2014) на Факултетот за информатика при УГД. Помеѓу другото, проф. д-р Мартиновска е консултант на фирмата „NI TEKNA – Интелигентни технологии“, а членува и во неколку професионални асоцијации, како Друштвото за електроника, телекомуникации, автоматика и информатика и Здружението на информатичари и математичари.
Наводи
уреди- ↑ „Официјално мрежно место на Факултет за информатика - Штип - „За факултетот"“. Архивирано од изворникот на 2013-04-01. Посетено на 2013-04-24.
- ↑ „Официјално мрежно место на Факултет за информатика - Штип - „Наставници"“. Архивирано од изворникот на 2013-07-10. Посетено на 2013-04-24.