Центар за односи со јавноста

Центарот за односи со јавноста редовно ја информира јавноста и осмислено ги презентира информациите и содржините за работата на структурите на Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип. Центарот обезбедува континуирана присутност на точни и вистинити информации за потребите на студентите и пошироката јавност.[1]

Организација и структура уреди

Во рамките на Центарот за односи со јавноста функционираат три оддели:[2]

- Одделот за издавачка дејност кој придонесува за развој на наставните, научните и другите дејности на Универзитетот, но и го поттикнува творештвото на Универзитетот. Одделот за издавачка дејност својата дејност ја остварува преку издавање на универзитетски гласник, универзитетски билтен, универзитетски весник, учебници и учебни помагала на наставниците и соработниците на Универзитетот, како и монографии на наставниците и соработниците, студии, списанија, годишници, зборници на трудови на членките на Универзитетот, преводи на странски изданија, службени и периодични публикации на Универзитетот, информативен и пропаганден материјал, брошури и сл., како печатени изданија, но и како електронски изданија објавени на мрежната страница на Универзитетот. Во Одделот за издавачка дејност ефикасно и квалитетно се спроведува Издавачкиот план на Универзитетот. Одделот за издавачка дејност е одговорен за одржување и развој на официјалното мрежно место на Универзитетот и мрежните места на нејзините единици. Одделот за издавачка дејност во соработка со останатите оддели на Центарот за односи со јавноста и другите единици на универзитетот редовно ги објавува: универзитетскиот весник, студентското ехо како и годишниот каталог на изданија на Универзитетот.

- Одделот за радио и ТВ е единица која што претставува информатор за сите активности кои се одржуваат на Универзитетот „Гоце Делчев“. Одделот за радио и ТВ придонесува во подобро информирање на студентите и на останатата јавност за активностите на Универзитетот, а воедно претставува место каде што студентите по новинарство и односи со јавноста ја вршат својата пракса. Во овој оддел се продуцира независна и самостојна радио и ТВ програма која преку радиофреквенција се емитува на ниво на цела Општина Штип, а преку интерната ТВ мрежа се емитува низ сите објекти каде што гравитираат студенти и наставници на УГД. Универзитетското радио УГД-ФМ, како дел од Одделот за радио и ТВ, емитува 24-часовна програма што се однесува на студентите и младите луѓе во градот, програма која го засега работењето на Универзитетот и студирањето на сите студенти. Студентите континуирано се информираат за настаните и за активностите на УГД, а воедно студентското радио и интерната телевизија имаат и образовна и забавна компонента. Преку продукција на образовни и забавни програми овие два медиума претставуваат неформално надополнување на едукацијата на студентите и останатите консументи. Воедно овие два медиума континуирано даваат поддршка преку преноси во живо, гостувања и продукција на емисии на сите настани кои се организираат од страна на Универзитетот. Одделот за радио и ТВ, исто така, им дава поддршка на сите млади луѓе и студенти кои сакаат креативно да се изразат или нивниот глас да се слушне подалеку во јавноста. И двата медиума постојано соработуваат со многу млади луѓе кои активно се вклучени во создавањето на програмата.

- Одделот за маркетинг и протокол осмислува и дизајнира маркетинг активности, промотивни и рекламни кампањи на Универзитетот и на универзитетските единици. Врши евалуација на извршените активности, подготвува извештаи, дава насоки и предлага корективни акции. Осмислува и дизајнира печатени, аудио и видео реклами, презентации, настапи на Универзитетот и на универзитетските единици. Ја одредува и координира динамиката на медиумското претставување. Подготвува, осмислува и дава поддршка на настаните организирани од страна на Универзитетот.

Активности уреди

Основните активности на Центарот за односи со јавноста се утврдени со годишен план кој го одредува работењето на овој Центар. Имајќи ја предвид стратегијата за комуникација со јавноста и тргнувајќи од основната визија и мисија на Универзитетот „Гоце Делчев“, центарот реализира активности кои имаат за цел да ја информираат јавноста за целокупното работење на Универзитетот. Покрај редовните изданија на Универзитетот, Центарот за односи со јавноста редовно ја информира јавноста и преку електронски информатори и изданија, подготвува печатени информативни материјали кои во форма на брошури, летоци, каталози и друго имаат за цел да го претстават Универзитетот со неговата основна дејност – наставата и науката.

Центарот за односи со јавноста редовно организира отворени денови за потенцијалните студенти и заинтересирани граѓани кои сакаат да се информираат за условите и можностите за студирање на УГД.

Центарот за односи со јавноста често се јавува како организатор на различни заеднички дружења со студентите – студентски забави, трибини, панел дискусии, дебати итн.

Центарот за односи со јавноста претставува вистинско место и одлична можност за секој студент кој сака да ги развива своите новинарски вештини, да ги изучува компјутерските програми за аудио и видео монтажа, техничко уредување на печатени изданија, веб дизајнирање, како и преку практична работа да ги подобри знаењата за маркетинг и ПР.[2]

Надворешни врски уреди

Наводи уреди

  1. „За Центарот“. coj.ugd.edu.mk. Посетено на 2021-02-08.
  2. 2,0 2,1 Официјална страница на Центар за односи со јавноста