Факултет за музичка уметност - Штип

Факултет за музичка уметност - Штип
Виддржавен
Основан2007
Деканпроф. д-р Илчо Јованов
МестоШтип, Република Македонија
ПрипадностУниверзитетот „Гоце Делчев“ - Штип
fmu.ugd.edu.mk

За Факултетот

уреди

Со формирањето на Факултетот за музичка уметност се даде можност за создавање на музички професионалци, кои со својата натамошна дејност културно ќе ја ревитализираат Источна Македонија, а својата професионална кариера ќе ја посветат на подигнување на општотообразовно и уметничко ниво на Р Македонија. Факултетот ги овозможува сите услови за квалитетно усовршување и обезбедување на добра подлога и стимул културно да бидеме претставени секаде низ светот. Овде, освен класичната, се изучуваат традиционалната и џез-музиката, што претставува уникатна можност во Р Македонија, но и ретка опција на високообразовните институции во поширокиот регион. Современите студиски програми, засновани врз Европскиот кредит-трансфер систем и Болоњската декларација, ги прават студентите конкурентни на глобалниот пазар на знаења. Недвосмислено, Факултетот за музичка уметност во Штип е од огромно значење за Источна Македонија, но и за целата држава, особено заради долгогодишните незадоволени културни и образовни потреби на младите и перспективни музичари од овој регион, но и на сите оние кои ја немаа можноста да студираат на привлечни оддели, какви што се оние кои ги нуди Факултетот за музичка уметност. Факултетот има благородна мисија да создава квалитетен високостручен кадар, кој ќе го подигне нивото на домашните образовни и културни институции, но и да им овозможи вработувања на своите најдобри студенти, кои досега беа принудени да се доусовршуваат, а потоа да работат надвор од струката и надвор од својата родна средина.

Организација и структура

уреди

Функцијата декан на Факултетот за музичка уметност ја врши проф. д-р Илчо Јованов, а продекан за настава е доц. м-р Владимир Јаневски[1]. Факултетот за вршење на својата дејност е организиран во уметнички наставно-научни организациони единици. Уметнички наставно-научни организациони единици на Факултетот се катедрите и одделите. Катедрите на Факултетот се основни форми за организирање на наставната, научноистражувачката и апликативната работа на Факултетот, односно основни внатрешно-уметнички и наставно-научни организациони единици на Факултетот. Заради неопходното поврзување на научните области, насочување и усогласување на наставно-образовната и со неа поврзаната научноистражувачка дејност на катедрите, како и заради развивање на научните дисциплини и струки од тие области на Факултетот се формираат оддели.
На Факултетот се основани и функционираат следниве оддели[2]:

Музичко-теориски и педагошки оддел

уреди

Музичко-теоретскиот педагошки оддел е поврзан со следниве катедри:

  1. Катедра за музичка теорија и педагогија;
  2. Катедра за етнокореологија;
  3. Катедра за народни инструменти.

Оддел за џез студии

уреди

Одделот за џез студии е поврзан со следниве катедри:

  1. Катедра за инструментален џез;
  2. Катедра за џез композиција.

Вокално-инструментален оддел

уреди

Вокално-инструменталниот оддел е поврзан со следниве катедри:

  1. Катедра за пијано;
  2. Катедра за дувачки инструменти;
  3. Катедра за гудачки инструменти;
  4. Катедра за соло пеење.

Во рамките на вториот циклус студии се акредитирани студиските програми на следниве оддели:

  1. Оддел за музичка теорија и педагогија;
  2. Вокално-инструментален оддел;
  3. Оддел за џез студии;
  4. Оддел за етнокореологија.

Академските студии се структуирани во три циклуси, според моделот 4+1+3, со можност за стекнување на соодветни академски титули.

Прв циклус на студии

уреди

Во првиот циклус на студии на Факултетот за музичка уметност се изучуваат следниве студиски програми[3]:

  • Оддел за теорија на музиката и музичка педагогија
    • Теорија на музиката и музичка педагогија
    • Етнокореологија, етномузикологија и народни инструменти
  • Вокално-инструментален оддел
    • Пијано
    • Дувачки инструменти (Флејта, Обоа, Кларинет, Хорна, Труба, Тромбон)
    • Жичени инструменти (Виолина, Виола, Виолончело, Контрабас)
    • Вокално пеење
  • Оддел за џез студии
    • Џез (гитара, бас, труба, саксафон, тапани, пијано, тромбон кларинет)

Основните академски студии се во траење од 4 години (8 семестри), во вредност од 240 КТС и со можност за добивање на следниве титули, наведени со нивните меѓународни еквиваленти:

  • дипломиран музички изведувач (инструмент), Bachelor of Music (BM) inPerformance - (instrument);
  • дипломиран џез-музичар, Bachelor of Music (BM) in Jazz Studies;
  • дипломиран музички педагог – теоретичар, Bachelor of Music in Education (BMEd.);
  • дипломиран етнокореолог, Bachelor of Music Science (BMSc.) in Ethnocoreology.

Оценувањето се врши според принципот од Болоњската декларација, каде соодносот на предиспитните и испитните обврски на секој студент треба да е во размер 70:30. Во предиспитните обврски се оценуваат повеќе аспекти од исполнителноста на студентот – неговата редовност и ангажираност во наставата, успешноста во извршувањето на зададените семинарски задачи, апсолвирање на делови од материјалот, преку полагање на колоквиуми, остварени теренски истражувања, партиципирање на натпревари, јавни настапи, концертни претставувања и сл.

Втор и трет циклус на студии

уреди

Во вториот циклус на студии на Факултетот за музичка уметност се изучуваат следниве студиски програми[4]:

  • Теорија на музиката и музичка педагогија - едногодишни студии
  • Џез музика (џез гитара, џез бас, џез тапани, џез саксофон, џез пијано) - едногодишни студии
  • Етнокореологија - едногодишни студии
  • Музичар изведувач (флејта, обоа, кларинет, хорна, труба, тромбон, виолина, виола, виолончело) - едногодишни студии
  • Методика на настава по пијано - едногодишни студии
  • Пијано - соло интерпретација - едногодишни студии
  • Соло пеење - едногодишни студии

На вториот циклус на студии со траење од 1 година (2 семестра), во вредност од 60 КТС, студентите имаат можност да се здобијат со следниве титули:

  • магисер по музичка уметност (инструмент), Master of Music (MM) inPerformance-(instrument);
  • магистер по џез-музика, Master of Music (MM) in Jazz Studies;
  • магистер по музичка теорија и педагогија, Master of Music in Education (MMEd.);
  • магистер по музички науки (етномузикологија, етнокореологија, етноорганологија), Master of Music Science (MMSc.) in (Ethnomusicology, Ethnocoreology, Ethnoorganology).

Научноистражувачка дејност

уреди

Прашањата кои се поврзани со уметничко-творечката и научноистражувачката дејност на академскиот кадар се клучни за спроведувањето на магистерските програми (впрочем, како и на сите три академски циклуси) на ниво кое гарантира квалитет и одржливост во еден модерен и глобално поврзан свет. Факултетот за музичка уметност и Универзитетот се мошне активни на полето на јавни сценски изведби на ансамбли составени од студенти и наставници во Штип (Универзитетот поседува современи техничко опремени концертни простории и универзитетски клуб, но и соработува со градот и со Меѓународниот штипски џез фестивал), пошироко во Републиката и на меѓународната сцена. Наставните области, истражувачките и сите други активности на Факултетот за музичка уметност им припаѓаат на една од следниве категории:

  • научни (музичките науки се широка, мошне разновидна област чиј предмет на истражување се сите аспекти на музичкото делување),
  • уметнички (сите вештини и способности врзани за музичката интерпретација, творба и организација на музичкиот материјал).

Факултетот организира семинари, конференции и клиничка настава (предавања на истакнати стручњаци од практиката) од областите кои им припаѓаат на овие две категории. Лабораторија на музичарот е подиумот. Наставниците и студентите постојано настапуваат на сцените во Македонија, но и на интернационалната сцена. Својата креативна работа често ја бележат во форма на ЦД изданија. Исто така, тесно соработуваат со Универзитетското радио „УГД ФМ“ при продукција на применета музика за реклами, џинглови и слично.

Наводи

уреди
  1. „Официјално мрежно место на Факултет за музичка уметност - „За факултетот". Архивирано од изворникот на 2012-12-21. Посетено на 2013-03-07.
  2. „Официјално мрежно место на Факултет за музичка уметност - „Катедри и институти". Архивирано од изворникот на 2012-12-21. Посетено на 2013-03-07.
  3. „Официјално мрежно место на Факултет за музичка уметност - „Прв циклус на студии". Архивирано од изворникот на 2013-06-13. Посетено на 2013-03-07.
  4. „Официјално мрежно место на Факултет за музичка уметност - „Втор циклус на студии". Архивирано од изворникот на 2013-08-20. Посетено на 2013-03-07.

Надворешни врски

уреди