Факултет за образовни науки - Штип
Педагошкиот факултет во Штип е основан со Одлука на Универзитетската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на 13 јуни 1995. Факултетот на повисоко наставно-образовно и научноистражувачко ниво во областа на педагогијата и означува нова етапа во развојот на овие дејности чии почетоци датираат од времето на формирањето на Вишата педагошка школа во 1959 година, односно Педагошката академија од 1961 година. До септември 2007 година, Педагошкиот факултет беше во составот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Од септември 2007 година, Педагошкиот факултет влезе во состав на новоформираниот државен Универзитет „Гоце Делчев“, со своето богато искуство во наставно-научната дејност. Факултетот ја збогати својата дејност со формирањето на Центарот за перманентно образование (и доусовршување) на оние воспитувачи и одделенски наставници коишто одамна ги завршиле своите студии.
Вид | државен |
---|---|
Основан | 2007 |
Декан | проф. д-р Емилија Петрова Ѓорѓева |
Место | Штип, Македонија |
Припадност | Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип |
fon.ugd.edu.mk |
Денес Факултетот за образовни науки подготвува кадри за професори по одделенска настава и кадри за предучилишно воспитување. Факултетот за образовни науки меѓу првите направи значителни измени во наставниот процес и наставните програми со имплементирањето на ЕКТС. Студентите студираат по методот на Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС). Меѓутоа, секогаш се поставува како отворена можноста за доусовршување и подобрување на студиските програми.
Организација и структура
уредиФункцијата декан на Факултетот за образовни науки ја врши проф. д-р Емилија Петрова Ѓорѓева, а продекан е проф. д-р Даниела Коцева.
Студиски програми се организирани во:
- Прв циклус студии Архивирано на 21 јули 2013 г.
- Втор циклус студии Архивирано на 20 август 2013 г.
Носител на студиите е Факултетот за образовни науки, а реализатор на студиите се катедрите за педагогија, дидактика и методика и општествени и хуманистички науки како составен дел на Факултетот за образовни науки.
Прв циклус на студии
уредиСтудиите се остваруваат врз основа на акредитирани студиски програми дизајнирани според кредит-трансфер системот. Услови за запишување на Факултетот за образовни науки е кандидатот да има завршено средно образование во траење од 4 години и положени матурски испити.
Наставата во првиот циклус е организирана преку предавања, вежби (слушни), консултации (групни или поединечни), семинарски работи и самостојна работа. Активна присутност на предавања и вежби, завршена и позитивно оценета семинарска работа или проектна задача, задолжително присуство на тестови (колоквиуми), се услов за појавување на испит. Минимум 60% од поединечните бодови (предвидени активности), предвидени да се остварат во текот на семестарот, се услов за завршен испит.
Во првиот циклус на студии на Факултетот за образовни науки се изучуваат следниве студиски програми[1]:
- Одделенска настава
- Предучилишно воспитување
- Историја со археологија – наставна насока
- Историја со археологија – применета насока
Студиските програми за основните академски студии се структурирани како високоинтердисциплинарни и мултидисциплинарни студиски програми. Истите се структуирани од општествено-хуманистички и природно – математички дисциплини меѓу кои: Педагогија, Психологија, Социологија, Филозофија; природно-математичките дисциплини: Основи на природните науки, Детето и природата, Еколошко воспитание, Географија; стручно уметничките дисциплини: Естетика, Музички инструмент, Кукларство и Сценографија, Детското ликовно, Литературно и музичко творештво; македонскиот јазик и книжевност: Лингвостилистика, Култура на јазичното изразување и сл. Во програмата е предвиден и модул за рано учење на странски јазик, кој се состои од: Англо-американска култура и цивилизација, Англиска граматика, Фонологија, Детската странска литература и сл. и методиките од одделените наставни предмети, како и соодветната педагошка практика од истите.
Втор циклус на студии
уредиВо вториот циклус на студии на Факултетот за образовни науки се изучуваат следниве студиски програми[2]:
- Дидактика и методика - едногодишни студии
- Менаџмент во образование и образовна политика - едногодишни студии
- Методика на наставата по религиско образование
- Специјалистички студии стекнување на наставнички компетенции за предметните наставници - едногодишни студии
- Училишна педагогија - едногодишни студии
- Предучилишна педагогија - едногодишни студии
- Универзитетски специјалистички студии од областа на предучилишното воспитание и образование
- Социјална педагогија - едногодишни студии
Научноистражувачка и издавачка дејност
уредиДел од наставниот кадар на Факултетот е носител на научноистражувачки проекти, а дел е вклучен во научноистражувачки проекти што се реализираат при други научни институции. Моментално во тек на реализација е проектот “learning and teaching with technology” – Tempus. Во тек на триесетгодишното постоење на Факултетот, има издадено голем број на книги и зборници од поранешните и сегашните вработени на Факултетот.
Наводи
уреди- ↑ „Официјално мрежно место на Факултет за образовни науки - „Прв циклус студии"“. Архивирано од изворникот на 2013-07-21. Посетено на 2013-03-13.
- ↑ „Официјално мрежно место на Факултет за образовни науки - „Втор циклус студии"“. Архивирано од изворникот на 2013-08-20. Посетено на 2013-03-13.