Јован Ананиев
Проф. д-р Јован Ананиев е професор[1] на Правен факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Роден е на 21 јануари 1978 година. Во 2000 година дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на Катедрата за политички науки и меѓународни односи. Магистрирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2004 година. Доктор е по политички науки, а својата докторска дисертација ја одбранил на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, 2006 година.
Професор е во наставни области: политички системи и човекови права. Од јануари 2013 година е комесар во ЕКРИ (Европска комисија против расизам и нетолеранција) во Советот на Европа во Стразбур. Од јануари 2011 година е комесар во Комисијата за заштита од дискриминација на Република Македонија. Во периодот 2000 – 2006 година работи како научен соработник и проектен асистент на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Од 2006 година е доцент на магистерски студии по политички науки на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и доцент на Факултетот за јавна администрација и менаџмент со информациски системи при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Од септември 2006 до јули 2007 година е раководител на Секторот за анализа, оценување и стратешко планирање и управување со кризи при Владата на Република Македонија. Од 2007 година работи како доцент[2] на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а од 2011 година ја извршува функцијата декан на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Наводи
уреди- ↑ „Официјално мрежно место на Превен факултет - „За факултетот"“. Архивирано од изворникот на 2013-07-10. Посетено на 2013-05-17.
- ↑ „Официјално мрежно место на Превен факултет - „Наставници"“. Архивирано од изворникот на 2013-06-14. Посетено на 2013-05-17.