Тирено-Адријатико 2011 — 46. издание на велосипедската етапна трка Тирено-Адријатико, често позната како Трка на две мориња. Започнала на 9 март во Марина ди Карара, а завршила на 15 март во Сан Бенедето дел Тронто и се состоела од седум етапи, вклучувајќи воведен екипен хронометар и завршен поединечен хронометар. Била трета трка во сезоната на Светската турнеја.
Трката била освоена од возачот на БМЦ Рејсинг Тим Кедел Еванс, кој ја освоил водечката сина маичка на петтата етапа пред да ја постигне етапната победа на наредната етапа.[1][2] Разликата на Еванс пред второпласираниот Роберт Гесинк (Рабобанк) била 11 секунди, додека Гесинк ги претекнал Иван Басо од Ликвигас-Канондејл и возачот на Лампре-ИСД Микеле Скарпони на завршниот хронометар.[2] Скарпони — победник на четвртата етапа — го заокружил подиумот, 15 секунди зад Еванс.
Во другите пласмани на трката, второто место на Гесинк му ја донело и белата маичка за највисоко пласиран возач под 25 години, а Скарпони ја освоил црвената маичка за највисок број на бодови на етапите и средните спринтови. Возачот на Квик Степ Давиде Малакарне го освоил планинскиот пласман, додека Ликвигас-Канондејл завршил на чело на екипниот пласман.
На Тирено-Адријатико 2011 се доделувале четири различни маички. За генералниот пласман, пресметуван преку додавање на завршните времиња на секој велосипедист по секоја етапа и одземајќи ги временските бонуди на средните спринтови и на завршниците на етапите, предводникот ја добивал сината маичка. Овој пласман бил сметан за најважен и победникот бил сметан за победник на самата трка.
Дополнително постоел бодовен пласман, на кој се доделувала црвената маичка. Во бодовниот пласман, велосипедистите добивале бодови доколку завршат на првите десет места на етапите. Етапната победа носела 12 бодови, второто место носело 10 бодови, третото 8 бодови и по еден бод помалку за секое место подолу, сè до еден бод за десеттото место. Исто така, првите четворица возачи на средните спринтови добивале 5, 3, 2 и 1 бод.
Постоел и планинскиот пласман, кој бил претставен преку зелената маичка. Во планинскиот пласман, бодови се добивале доколку возачот стигне пред другите на врвот на искачувањето. Постоеле шеснаесет искачувања на трката. За разлика од другите трки, искачувањата не биле поделени во категории — секое искачување носело ист број на бодови за првите петорица преку врвот.
Четвртата маичка го претставувала пласманот за млад возач, на кој се доделувала белата маичка. Овој пласман бил пресметуван на ист начин како генералниот пласман, но учествувале само возачите родени по 1 јануари 1986 година.[3]
Исто така, постоел и екипен пласман, во кој се натпреварувале самите екипи.