Ресава
Ресава — село во Општина Кавадарци, во областа Тиквеш, во околината на градот Кавадарци.
Ресава | |
Панорамски поглед на селото | |
Координати 41°22′03″N 21°59′51″E / 41.36750° СГШ; 21.99750° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Кавадарци |
Област | Тиквеш |
Население | 71 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1430 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 11035 |
Надм. вис. | 330 м |
Слава | Архангел Михаил |
Ресава на општинската карта Атарот на Ресава во рамките на општината | |
Ресава на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во средишниот дел од Општина Кавадарци, односно јужно од градот Кавадарци, во областа Тиквеш, а чиј атар се допира со вештачкото Тиквешко Езеро.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 330 метри. Од градот Кавадарци, селото е оддалечено околу 6 километри.[2]
Атарот зафаќа простор од 11,9 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 666 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 440 хектари.[2]
Селото е од збиен карактер од полуварошки тип, поделено на шест маала. На главниот пат е Сретселото со малата чаршија со дуќани и занаетџилници. Некои улици се калдрмисани, а повеќето куќи имале варошки изглед. Маалата во селото се Шуманово, Средско, Клинчарово, Синановско, Лалковско и Пејковско.[3]
Историја
уредиПодрачјето на Ресава е населено уште од младото камено време, зашто сведочат остатоците во наоѓалиштето Чаковец североисточно од селото.[4]
Во турско време, селото најпрвин било слободно, а подоцна делумно станало чифлик на Синановци од Кавадарци, кога успеале на сила да го заземат Средско Маало и да го основаат Синановско Маало (наречено по нив). Ослободувањето од чифликот започнало во 1880 година. На 13 јуни 1905 година во селото се водела битка помеѓу Турците и четата на Добри Даскалов, кога селото настрадало, а околу 20 куќи биле запалени.[3]
Во XIX век, Ресава било село во Тиквешката каза на Отоманското Царство.
Стопанство
уредиСелото има мешовита полјоделско-сточарска функција.[2]
Селаните повеќе живееле од земјоделство, а дополнително се занимавале со сточарство, а неколкумина биле дуќанџии и занаетчии.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Ресава имало 650 жители, сите Македонци.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ресава имало 720 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[7]
Од Ресава се иселил значителен број од населението и од таа причина селото преминало од средно во мало село, населено со македонско население. Така, во 1961 година селото имало 616 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 179 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Ресава имало 144 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 71 жител, од кои 65 Македонци и 6 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 650 | 720 | 670 | 660 | 616 | 492 | 336 | 197 | 179 | 144 | 71 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
уредиКако родови во Ресава се споменуваат:[3]
- Старинци: Лалковци (7 к.), Асијовци (2 к.), Дековци (3 к.), Биковци (7 к.), Палетовци (3 к.) и Каравилчевци (2 к.)
- Доселеници: Пејковци (5 к.) доселени се кон крајот на XVIII век од селото Мравенево во Меглен; Клинчаровци (11 к.) доселени се на почетокот од XIX век од селото Горничево кај Лерин. Овде се доселиле тројца браќа бегајќи од зулумите на Али Паша Јанински; Шоповци (2 к.) доселени се на почетокот од XIX век од Тетовско; Чундевци (3 к.) доселени се од селото Никодин кај Прилеп; Радевци (1 к.) доселени се од Прилепско; Лоловци (4 к.) доселени се од Арнаутлук; Струмичани (7 к.) доселени се од Струмичко; Јанчевци-Јакововци-Валавајке (1 к.) доселени се од селото Шешково; Камчевци-Дисанци (3 к.) доселени се од селото Горни Дисан; Јовевци (2 к.) доселени се од селото Бегниште. Подалечно потекло од областа Азот; Радобилци (3 к.) доселени се од селото Радобил кај Прилеп; Поп-Лазаровци (2 к.) доселени се од Кавадарци; Точковци (3 к.) доселени се од селото Добротино; Ајтовци (2 к.) и Карајовци (2 к.) доселени се во 1850 година од селото Трстеник; Тодоровци (2 к.) доселени се од селото Возарци; Зајковци (1 к.) доселени се од селото Возарци; Дрваровци (5 к.) доселени се од селото Возарци; Кичевци (3 к.) се делат на Мрчковци и Карадачовци. Доселени се од селото Брушани, уште подалечно потекло од Кичевско; Милачовци (6 к.) доселени се од селото Полошко; Митревци (3 к.) доселени се од селото Праведник; Миџовци (4 к.) доселени се од селото Клиново во Мариово; Убавковци (3 к.) доселени се од селото Бегниште, уште подалечно потекло од Мариово; Костовци (1 к.) доселени се од селото Брушани; Шиковци (7 к.) доселени се од селото Брушани; Басмаџијовци (1 к.) доселени се од селото Ваташа; Ризовци (1 к.) доселени се од селото Праведник; Бунарци (3 к.) доселени се од селото Бунарче. Уште подалечно потекло од Мариово; Џулажи (1 к.) доселени се од селото Брушани; Грковци (1 к.) доселени се од манастирот Полошко. А таму од селото Колиќије кај Солун; Исаковци (1 к.) доселени се од селото Бунарче; Шоповци-Сопотски (1 к.) живееле во повеќе тиквешки села како Сопот, Паликура, Полошко и Драгожел. Право потекло од Тетовско; Самарџијовци (1 к.) доселени се од селото Бегниште, уште подалечно потекло од Азот; Кабрани (2 к.) доселени се од селото Бегниште, уште подалечно потекло од Мариово; Јовчевци (1 к.) доселени се од селото Клиново во Мариово; Соколовци-Горниковци (1 к.) доселени се од селото Гарниково, таму од селото Бунарче, а уште подалечно потекло од Мариово; Курчевци (1 к.) доселени се од селото Бегниште. Уште подалечно потекло од Азот.
Општествени установи
уреди- Месна заедница
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Кавадарци, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната општина, Конопиште. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Кавадарци.
Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Бегниште, во која се наоѓале селата Бегниште, Гарниково, Дабниште, Драгожел, Кошани и Ресава.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Бегниште, во која покрај селото Ресава се наоѓале селата Бегниште, Гарниково, Дабниште, Драгожел, Кажани и Куманичево.
Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната општина Кавадарци.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кавадарци.
Избирачко место
уредиСелото е опфатено во склоп на избирачкото место бр. 0700 според Државната изборна комисија, кое ги опфаќа селата Брушани, Дабниште и Ресава, кое е сместено во објект на општината, поранешно основно училиште во село Ресава.[14]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 115 гласачи.[15] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 111 гласачи.[16]
Културни и природни знаменитости
уреди- Црква „Св. Архангел Михаил“ — главна селска црква
Архитектура
уредиСелото е познато по своите куќи изградени од црвени тули кои се направени со вино наместо со вода. Во минатото селаните имале многу вино, кое било тврдо „што можело во торба да се носи“ и иако има неколку водотеци и водопади во околината на селото, сепак било тешко да се стигне до водата, па затоа тулите со кои ги изградиле своите куќи ги направиле со вино наместо со вода. Денес, во селото постојат повеќе куќи изградени од црвени тули.
Археолошки наоѓалишта
уредиСелото изобилува со археолошки наоѓалишта кои временски се протегаат од младото камено време до средниот век.[4]
- Големи Лозја — некропола од доцноантичко време
- Градиште - Тиквеш Град — утврдена населба и некропола на истоимениот остров од раноантичко време, римско време и средниот век
- Градевица — некропола од доцноантичко време
- Диво Бачило — населба и некропола од римско време
- Ежовите Падини — населба од доцноантичко време
- Лака — некропола од римско време
- Манастир Тиквеш — сакрален објект од доцноантичко време
- Подрид — некропола од римско време
- Разбиеница — населба од доцноантичко време
- Стари Лозја — некропола од доцноантичко време
- Ушите — населба од доцноантичко време
- Црвениково Брдо — населба од римско време
- Чаковец — населба од неолитско време и некропола од римско време
- Шакалица — вила рустика од римско време
Редовни настани
уреди- Архангел Михаил — селска слава
Личности
уреди- Родени во Ресава
- Блажо Тодоровски (1902-1943) — народен херој
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 257. Посетено на 15 февруари 2018.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Радовановиќ, Воислав. Тиквеш и Рајец. стр. 429-434.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 158. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 154.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 104-105.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 15 февруари 2018.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 15 февруари 2018.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-11-24. Посетено на 15 февруари 2018.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 5 мај 2019. Посетено на 5 мај 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Цркви во Маренската парохија“. Повардарска епархија. Посетено на 15 февруари 2018.
Литература
уреди- Петре Камчевски, „Селото Ресава низ историјата“, Музеј-галерија, Кавадарци, 2005.