Неопаганство
Неопаганство — хетерогена група на нови религиозни движења кои се засновани врз антички, главно претхристијански верувања. Најголем број од нив се индоевропски по потекло. Како што вели и името, овие религии се пагански по природа, иако точната врска со античкото паганство е извор на голем број дебати.[1][2]
Неопаганските верувања се разновидни и затоа самиот термин неопаганство е доста широк. Неопаганските религиозни движења се цела редица на движења од политеизам до анимизам, пантеизам и други парадигми. Повеќето неопаганисти практикуваат духовност која во суштина е модерна верзија, додека други ги прифаќаат и ги развиваат народните религиозни верувања кои ги наоѓаат во историските и фолклорните извори.[3] Некои неопагани следат синкретички споеви на повеќе култури, митологии и ритуали, додека други пробуваат до некој степен да ги реконструираат античките верувања кои постоеле пред аврамските религии (христијанството, јудаизмот и исламот). Други пак, следат верувања кои се создадени во модерно време.
Неопаганството најмногу се среќава во САД, Британија, Летонија, Грција, Литванија, Скандинавија и Русија. Најраширено неопаганско движење е Вика, а други значајни движења потекнуваат од учењата на друидите, од германскиот и словенскиот фолклор.
Бидејќи термините паган и паганство биле создадени од авраамска гледна точка, неопагански религии се пост-христијански религиозни движења и се главно модерен феномен чии корени потекнуваат од романтизмот во 19 век. Политеистичките религии кои преживеале во модерното доба релативно недопрени од аврамските религии како хиндуизмот и шинтоизмот не се сметаат за неопагански.
Историја
уредиПо христијанизацијата на Европа, одредени пагански елементи биле асимилирани во христијанството, но интерес за пред-христијанските верувања не се јавил до доцниот среден век со откривањето на старогрчки текстови од страна на Арапите и пренесени во Европа од страна на еврејски трговци. Тома Аквински се обидел да ги спои грчко-римските филозофски концепти и космологија со христијанството. Во времето на ренесансата, грчката и римската митологија станале сеопфатни низ Европа, но сè уште биле толкувани низ христијанска перспектива.
Овој интерес за паганството стигнал во Германија кон крајот на 19 век и бил добредојден во националните движења кои настанале во овој период. Претставниците на романтизмот исто така се интересирале за паганството. Голем број на опери напишани од Вагнер, како “Златото на Рајна” (Das Rheingold), “Валкира” (Die Walküre), “Зигфрид” (Siegfried) и “Самракот на боговите” (Götterdämmerung) се засновани врз легенди од германската митологија. Исто така во овој период се јавуваат голем број на окултистички друштва, особено во Британија. Друштвата како Херметичкиот ред на Златната зора и Ордо Темпли Ориентис изведувале голем број на ритуали чии корени биле поставени во паганството.
Неопаганството се создава во 1954 година. Џералд Гарднер ја создава првата неопаганска вера наречена Вика (Wicca), наводно од антички келтски вештерски верувања кои се развивале во тајност (со мешан успех бидејќи многу вештерки биле изгорени од страна на инквизицијата). Подоцна, во 1960-те и 1970-те се создаваат голем број на други неопагански движења како Неодруидизмот и Асатру (Ásatrú).
Историски извори
уредиНајголем број од неопаганските вери пробуваат да вклучат историски религии и митологии во нивните верувања, често давајќи емфаза на нивната старост. Така, следбениците на Вика ја нарекуваат својата религија “Старата вера”, а Асатру уште се нарекува Форн Сед (Forn Sed, на старонордиски Forn Siðr), што значи ”Старите начини“. Сепак, оваа емфаза не е застапена само во неопаганството, таа постои во речиси секое религиозно движење. На пример, името на хиндуистичките текстови Пурани доаѓа од санскрит и значи “прастаро”.
Многу проповедници на неопагански религии тврдат дека постоел историски континуитет меѓу неопаганството и античкото паганство и овие вери продолжиле да се развиваат подземно за да одбегнат просекуција, но главно овие тврдења се сметаат за лажни. Некои неопагани ги засноваат своите верувања врз книги и дела чија автентичност е сомнителна. На пример, родноверието, преродбата на верувањата на старите Словени е главно засновано врз Велесовата книга, која се смета за фалсификат, главно поради фактот дека Словените го создале своето писмо долго по христијанизацијата. Бидејќи неопаганските религии се главно недогматски и најголем број од нив немаат ни свои свети писма, се јавуваат голем број на фалсификувани текстови, митови и податоци. Постојат дури и шпекулации за историското постоење на некои богови. На пример, англосаксонската божица Еостре и словенскиот Белбог се производ на хипотези и нивното постоење предизвикува голем број дебати. Сепак, неопаганите не изгледаат премногу загрижени околу тоа, бидејќи според нив, секој бог (или божица) кој бил обожуван е вистинит, независно од тоа дали претходно постоел низ историјата или не.
Митолошките извори на неопаганството варираат од келтски, нордиски, грчки, римски, сумерски, египетски, и многу други извори. Некои групи се концентрираат на една традиција, додека други користат повеќе. Некои движења прават синкретски спој на паганството со други поголеми религии, најчесто со христијанството. Христо-паганството е такво движење.
Број на верници
уредиСпоред мрежното место Adherents.com Архивирано на 3 март 2020 г., има околу еден милион неопагани ширум светот. Според истражувањата на Роналд Хатон, постојат 250.000 неопагани во Обединетото Кралство. Неодамнешното истражување „АРИС 2001“ (ARIS 2001 Архивирано на 24 октомври 2005 г.) спроведено од градскиот Универзитет на Њујорк, во САД живеат 307.000 неопагани, од кои 134.000 се следбеници на Вика, а 33.000 се друиди.
Организацијата „Сојуз на божицата“ (Covenant Of The Goddess) извршила анкета во 1999 во САД и Канада, според која неопагантската поулација на овие две земји брои 768.400 лица. Други статистики на оваа анкета се:
Верувања
уредиНајголем број од неопаганските религии се политеистички, но интерпретациите за божественото варираат од монистички и анимистички до пантеистички и хенотеистички.
Иако според Роналд Хатон античките пагани не верувале дека „Сите божици се една божица и сите богови се еден бог“, некои неопагани веруваат дека постои една сеопфатна божествена сила, а сите богови се нејзини аспекти и манифестации. Според некои правци на Вика, постојат две божествени сили, една машка, а другата женска и овие две создаваат рамнотежа во светот, слично на јин и јанг. Сепак, многу ориентални филозофии ја поврзуваат женската страна со слабост, а машката со сила. Во неопаганството ова не е случај, и тука овие две сили се рамноправни.
Бидејќи неопаганските религии главно гледаат на природата и земјата како света, голем процент од неопаганите чувствуваат потреба да ја заштитат и затоа често се борат за еколошки цели како заштита на прашумите и правата на животните.
Традиции
уредиРазлични правци во неопаганството се нарекуваат традиции. Овој збор исто така се користи за различните секти во една иста традиција. Некои поголеми неопагански традиции се:
Вика
уредиВика е најголемата неопаганска религија и е проширена во повеќе земји, но најраширена е низ Британија и САД. Создадена е во 1954 од страна на Џералд Гарднер. Според него, религијата е стар вештерски култ кој преживеал од претхристијански времиња и постоела во тајност со векови. Од тогаш повеќе секти на религијата се развиле. Оригиналната традиција поставена од Гарднер е наречена Гарднерска Вика. Освен неа постојат и Александриска Вика, создадена од страна на Алекс Сандерс. Дијанската Вика, наречена според божицата Дијана е феминистичка секта на религијата и најчесто е организирана во групи чии членови се експлицитно жени. Има и некои следбеници на Вика кои не следат ни една гранка, туку се дел од таканаречената Еклектичка Вика.
Оваа религија е често поврзана со магија и окултизам. Во неа изведувањето на магични ритуали е често. Празниците на традицијава се наречени Сабати. Постојат осум различни Сабати и 10 помали празници, наречени гозби.
Финско неопаганство
уредиФинското неопаганство нема едно посебно име туку повеќе имиња кои се користат од страната на финските неопагани. Често се нарекува Укос вера, а името е на постар обид да се оживеат старите фински верувања кое е повеќе свртено кон политика од модерното финско неопаганство.
Главен проблем на оваа традиција е недостигот на пишани материјали. Повеќето извори се напишани од страна на христијани и можат да бидат претерани или недоверливи. Затоа главно оваа традиција се осврнува на орална култура.
Поради сличноста со нордиската митологија, (особено во ликот на громовникот Уко, кој како и нордискиот Тор создава громови со помош на чекан) многу Финци вклучуваат делови од Асатру, нордиското неопаганство во својата вера. Сепак, некои ја одбиваат оваа традиција како туѓа, па дури и империјалистичка.
Асатру
уредиАсатру доаѓа од старонордиски и значи вера на боговите (поточно вера на Æsir), кои се клан на богови од нордиската митологија. Традицијава се нарекува уште и Одинизам и Форн Сед, иако овие два термина исто така се користат за други традиции специфично насочени кон верувањата на други германски племиња. Сепак, поради сличноста помеѓу сите овие традиции, понекогаш сите овие имиња се користат како синоними.
Поради толерантните религиозни услови во Исланд во 13 век, има огромни пишани податоци за верувањата на нордиските народи, претежно запишани во поетска форма. Овие поеми се користат како еден вид на света литература, особено Едите на Снори Стурлусон.
Традицијата Асатру е создадена во 1960-тите од организацијата „Исландско асатруанско братство“ (Íslenska Ásatrúarfélagið), и е призната како религија во Исланд, Данска и Норвешка. Иако Асатру е генерално толерантна религија, некои неонацистички групи ја проповедаат како замена за христијанството. Асатру организациите негираат секаква врска со ваквите групи. Познато е дека неонацистите имаат лош однос со овие организации.
Хеленизам и Религио Романа
уредиИако не се исти, грчката и римската религија се толку слични што e тешко целосно да се одвојат едната од другата. Иако некои организации како „Нова Рома“[4] следат само една од овие традиции, често може да се најдат групи кои ги следат или двете, или некаков нивен спој.
Хеленизам (Hellenismos) е името дадено на грчкото неопаганство, а римското неопаганство е наречено Религио Романа (Religio Romana).
Најстарата организација која ја следи традицијата Религио Романа е италијанското „Римско Традиционално Движење“ (Movimento Tradizionale Romano), кое постои од 1988 година и вклучува стотици членови низ целата земја.
Родноверие
уредиРодноверието, како што кажува и името, е неопаганска традиција која ги следи верувањата и обичаите на старите Словени. Најраспространето е во Русија, но може да се најде и во повеќето други земји од поранешниот СССР. На Балканот не се појавени следбеници.
Ова движење предизвикува голем број на шпекулации и расправи. Бидејќи старите Словени не развиле своја азбука пред христијанизацијата, сите пишани информации за словенската митологија се пренесени од втора рака и често се недоверливи. Затоа, голем број од информациите за словенската митологија се хипотези или теории и не може да се утврдат со стопроцентна сигурност. Исто така, оваа традиција оставила голем број на фалсификувани извори, правејќи еден неред во научниот свет. Дури и светата книга на родноверието, Велесовата книга се смета за фалскификат. Некои пак, оваа книга ја сметаат за оригинален остаток од античкото словенско паганство во родноверниот свет.
Иако некои родноверни организации претпочитаат толеранција, постојат групи, особено во урбаните центри на Русија и Украина кои имаат националистички карактер и се отворено антисемитски или антихристијански насочени.
Останати традиции
уредиОсвен овие, постојат стотици други традиции како Ромува, Диевтуриба, Шаманизам, Натиб кадиш, Технопаганство и многу други. Најголем број од овие се наоѓаат во Европа и Америка, но ги има и во Африка како и на Блискиот Исток.
Поврзано
уредиБелешки
уреди- ↑ Lewis, James R. The Oxford Handbook of New Religious Movements (Oxford University Press, 2004). p. 13. ISBN 0-19-514986-6.
- ↑ Hanegraaff, Wouter J. New Age Religion and Western Culture: Esotericism in the Mirror of Secular Thought (Brill Academic Publishers, 1996). p. 84. ISBN 90-04-10696-0.
- ↑ Adler, Margot (1979, revised and updated 1986, 1996, 2006). Drawing Down the Moon: Witches, Druids, Goddess Worshippers and Other Pagans in America. New York, NY: Penguin Books. стр. 3-4 (1986 ed.). ISBN 0-14-303819-2. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ Nova Roma