Алистер Кроули

поет, планинар, окултист

Алистер Кроули (англиски: Aleister Crowley), роден Едвард Александар Кроули (англиски: Edward Alexander Crowley; 12 октомври 1875 - 1 декември 1947) бил британски окултист, писател, планинар, поет и јоги.[1] Бил важен член на неколку окултни организации, вклучувајќи ги Златна зора, A∴A∴ и Ordo Templi Orientis (O.T.O.).[2]

Алистер Кроули
Алистер Кроули
Роден(а)Едвард Александар Кроули
12 октомври 1875(1875-10-12)
Ројал Лемингтон Спа, Англија
Починал(а)1 декември 1947(1947-12-01) (возр. 72)
Хејстингс, Англија
Занимањеокултист, поет, романопиец
СопружникРоуз Едит Кели

Денес е најпознат по неговите окултни текстови, посебно Книга на законот, главниот свет текст на Телема. Стекнал лош глас за време на животот и бил наречен „најпорочен човек на светот“.[3] Кроули исто така бил сликар, астролог, хедонист, добар шахист,[2] потоа експериментатор со дрога и општествен критичар. Самиот за себе велел дека е масон.[4]

Кроули умрел од респираторна инфекција на 1 декември 1947 година.

Рани години

уреди
 
Љубовта е закон, љубов под волјата.

Едвард Александер Кроули е роден во Ворикшир, Англија, меѓу 23:00 часот и полноќ на 12 октомври 1875.[5] Неговиот татко, Едвард Кроули учел за инженер, но според Алистер, никогаш не го работел тоа.[6]. Татко му поседувал акции во семеен бизнис, што му овозможило да се пензионира пред да се роди Алистер. Мајка му, Емили Берта Бишоп, имала келтско потекло, од семејствата Девон и Сомерсет.[6]
На Кроули не му било дозволено да се дружи со деца кои не се од иста вероисповед. Татко му бил фундаменталистички протестантски проповедник, патувал низ Британија и делел памфлети. Дневните библиски студии и приватните часови биле главната потпора во детството на Алистер.
На 29 февруари 1880 година[7], се родила сестрата на Алистер, Грејс Мери Елизабет, но живеела само неколку часа. Кроули го однеле да го види мртвото тело.

На 5 март 1887 година, татко му умира од рак. Ова било пресвртница во животот на Кроули. После смртта на татко му со кого бил близок, Кроули бил ослободен од религиозното воспитување, а секој обид на мајка му да ја задржи кај синот вербата во Христа, само го подгревала неговиот скептицизам. Неговата незауздана природа не ѝ се допаѓала на мајка му, која го карала нарекувајќи го „Ѕвер“ (од библиската Апокалипса), епитет кој Кроули подоцна ќе си го присвои за себе.

Студии

уреди

Во 1895 година, заминува на студии во Кембриџ, и на почеток имал намера да студира филозофија, но со одобрување на неговиот тутор, се префрлил на англиска книжевност.[8] Трите години поминати на Кембриџ за него биле среќни години. Овде тој конечно во себе раскрстил со Црквата на Англија:

Кога открив дека богослужбата е задолжителна, веднаш го возвратив ударот. Помладиот декан ме прекори затоа што не ја посетувам богослужбата, што јас секако немав намера да го правам повеќе. Деканот ме замоли да го посетувам одвреме-навреме за да разговараме за тоа, а јас со зачудувачка дрскост се осмелив да му напишам дека 'Семето што го посеја татко ми, наводенето со солзите на мајка ми, се покажа претешко за да порасне и покрај неговата елоквенција и знаење.[9]

Во декември 1896 година, после еден настан кој самиот замаскирано го опишува, Кроули решил да се посвети на окултизам и мистицизам. Од наредната година, тој почнува да чита книги на тема алхемија и мистицизам, и книги за магија.[5]
Во текот на 1897 година, за Алистер овоземните намери станале бескорисни. Во октомври, кратка болест кај него поттикнала размислување за смртноста и за „безнадежноста на целиот човечки труд“, па Кроули се откажува од дипломатската кариера и славата која му ја предвидувале.[10]

Една година подоцна, тој ја печати својата прва книга поезија, и заминува да се сретне со членови од херметичкиот ред Златна зора.

Бисексуалност

уреди

Во текот на 1895 година, тој наводно живеел активен сексуален живот, главно со проститутки и девојки кои ги наоѓал во локалните барови, за на крајот да се препушти и на хомосексуални активности, со пасивна улога.[11] Во текот на животот, Кроули практикувал ритуали на сексуална магија и со жени и со мажи.
Во време кога британскиот закон ја забранувал хомосексуалноста, и кога Оскар Вајлд бил затворен и осуден, Кроули во предговорот на драмата Трагедијата на светот, вклучил дел за „содомија“ каде отворено ја признава својата бисексуалност. Но, некој ги отстранил тие две страници од сите копии на таа книга, освен од оние неколку кои Кроули им ги подарил на своите пријатели.[12]

Подоцна, во едно писмо од јануари 1929 година, Кроули пишува:

Постојат четворица мажи во мојот живот за кои можам да речам дека сум ги сакал... Наречете ме педер ако сакате, но јас такви чувства не сум имал за жена.[13]

Промена на името

уреди

Кроули вака ја опишува својата одлука да го смени името:

Долги години мразев да ме викаат Алик, делумно заради самиот збор што не е убав, и делумно затоа што мајка ми ме викаше така. Името Едвард не ми одговараше, а исто и кратенките од тоа име Тед и Нед. Александер е премногу долго име. Прочитав некаде дека најповолно име е она кое содржи дактил и спондеј и завршува како хексаметар: како „Џереми Тејлор“. Алистер Кроули ги исполнува овие услови, а Алистер е келтска форма за Александер, и ги исполнува моите романтични идеали.[14]

Златна зора

уреди

Вклучен уште млад во херметичкиот ред Златна зора, Кроули на почеток учел мистицизам заедно со Вилијам Батлер Јејтс и Артур Едвард Вејти, кои ги претворил во свои непријатели. Како многумина од окултните кругови од тоа време, Кроули разгласил дека Вејти е вообразен и досаден. Неговиот пријател и поранешен член на Златна зора, Алан Бенет, го запознал со идеите на будизмот,[15] а Мек Грегор Метерс, кој бил неприкосновен и автократски водач на организацијата Златна зора, од почеток му бил ментор за западната магија, а подоцна непријател. Неколку децении после вклучувањето на Кроули во Златната Зора, Метерс го тужел Кроули за прекршување, затоа што Кроули јавно ги покажувал ритуалите. Додека јавното судење било во тек, Метерс и Кроули и двајцата барале да се повикаат демоните и ангелите за да го разрешат спорот. И двајцата носеле сложени амајлии и талисмани со Соломоновиот печат

Во книгата насловена Месечево дете, Кроули го портретирал Метерс како негативен лик. Во истото дело го вклучил и Вејти како негативен лик, додека Бенет го претставил како молчалив монах по име Махатера Панг.

Подоцна, Кроули заминува за Мексико, и продолжува да учи магија во изолација. Како што запишал самиот, во тој период го открил зборот Абракадабра.
Во октомври 1901 година, после практикувањето на раџа јога, изјавил дека ја достигнал состојбата наречена џана— една од многуте состојби на соединување во мислите кои се опишани во „Магика“ (книга 4).[16] На 12 август 1903 година, тој се жени со Роуз Едит Кели.

Годините после 1904 година

уреди

Кроули кажал дека едно мистично искуство од 1904 година, додека бил на одмор во Каиро, Египет, го одвело до основањето на филозофската религија позната како Телема. Неговата сопруга Роуз, иако сосема неупатена во херметиката, почнала да се однесува чудно, а тоа го навело Алистер да се посомнева дека некаков ентитет е во контакт со неа. Според нејзините инструкции, тој извел ритуал на повикување на египетскиот бог Хор на 20 март што завршило (како што самиот се изразил) со „голем успех“. Според Кроули, богот му кажал дека започнува нов магичен Еон, и дека Кроули е избран за да го најави. Иако со недоверба, Кроули се подготвил да ги запише пораките. Во текот на 8, 9 и 10 април точно на пладне, тој го слушал гласот кој му го диктирал текстот Liber AL vel Legis или Книга на законот, што Кроули го запишал. Гласот се претставил како Аивас (или Аиваз) пратеник на богот Хор, богот на силата и огнот, дете на Изида и Озирис и самопоставен бог на новиот Еон.
Деловите од книгата се со бројчени цифри, за кои Кроули изјавил дека е новозможно да се декодираат. Во книгата Законот е за сите, која е подоцна напишана, се огледа загриженоста на Кроули од појавата на догма. На Кроули паднала тешката задача да биде пророк на Телема, слободната волја на човекот, и да се бори против дегенерираните вредности и моралот кој ограничува.
Роуз и Алистер имале ќерка, родена во јули 1904 година, но умрела во 1906 година. Потоа имале друга ќерка, Лола Заза, летото таа година, а Кроули смислил посебен ритуал за благодарност заради нејзиното раѓање.[17]
Алистер и Роуз се разведуваат во 1909 година.
Алистер Кроули подалеку од очите на другите луѓе започнал операција наречена Светата магија на магот Абрамелин. Со денови и недели ги повикувал бестелесните Битија и невидливите Интелигенции, сакајќи да се запознае со својот ангел. Заедно со тогашниот негов следбеник, Виктор Нојбург, во пустините на северна Африка Кроули ја презема познатата „пустинска авантура“. Тие двајцата со денови оделе по вжарениот песок на пустината Сахара. Кроули требало да се сретне со Хоронзон, демонот на уништување, смрт и пекол, кој често се изедначува со Искушувањето и последниот испит кој се поставува пред магот. Магот кој ги совладал сите препреки, сега треба да се сретне со Хоронзон, и ако успее да го совлада, ќе се претвори во Блескав ангел на Светлината кој го поништува човечкото его.

A∴A∴ и Ordo Templi Orientis

уреди

Во 1907 година, Кроули се занимава со две за него важни работи. Првата е создавањето на тајниот ред Argenteum Astrum или Редот на Сребрената Ѕвезда (A∴A∴), а втората е составувањето на светата книга на Телема.[18]
Според кажувањата на Кроули, во 1912 година Теодор Реус го побарал за да го обвини за јавно објавување на тајните на редот O.T.O., што Кроули го отфрлил како неосновано, поради тоа што никогаш не стигнал до деветтиот степен во кој се предаваат овие тајни. Реус ги пронашол тие тајни во веќе објавената книга на Кроули Книгата на Лаги[19]

Годините во Америка (1914-1918)

уреди

Р.Б. Спенс објавил дека Кроули тајно работел за британската разузнувачка служба додека престојувал во Америка, од 1914 до 1918 година.[20]
Како и да е, Кроули го искористил престојот во САД за експерименти со магијата.[21] На остров од реката Хадсон, купил големо количество црвена боја наместо да си купи храна. На карпите од двете страни на островот напишал: „Прави што ти е волја“. Тука на островот имал визии на минати животи, а кон крајот на својот престој таму доживеал шокантно искуство што го поврзал со „кинеската мудрост“, покрај кое дури и Телема изгледала безначајно.[22]

Манастирот на Телема

уреди

Во 1920 година, во малото сицилијанско место Чефалу, Кроули го основал манастирот на Телема.[23] Името е позајмено од сатирата Гаргантуа на Рабле,[24] каде „Манастирот на Телема“ е опишан како еден вид анти-манастир во кој неговите жители живеат не според закони и правила, туку прават „што им е волја и задоволство“.[25] Оваа идеалистичка утопија била модел за комуната на Кроули, но исто така била еден вид школо за магија, Колеџ на Светиот Дух. Општата програма овде била во склад со курсевите на тајниот ред A∴A∴. Вклучувала секојдневно обожување на Сонцето, учење од книгите на Кроули, редовни јога и ритуални практики, како и одработување на секојдневните обврски. На Сицилија Алистер го постигнал највисокото ниво на просветлување.
Фашистичката влада на Мусолини го укинала манастирот и го избркала Кроули од земјата кон крајот на април 1923 година, па Кроули продолжува да скита по светот и да проповеда. И денес селаните од Сицилија тој период го нарекуваат „време на вештерки“.

После манастирот

уреди

На 16 август 1929 година, Кроули се жени со Марија де Мирамар од Никарагва, за време на престојот во Лајпциг. Се разделуваат во 1930 година, но никогаш не се разведуваат официјално.[26]

Во 1934 година, Кроули прогласува личен банкрот откако го изгубил судскиот спор во кој тој ја тужи Нина Хамнет затоа што го нарекла црн волшебник во нејзината книга од 1932 година.
Посебно меѓу неговите дела од овој период се истакнуваат тарот ТОТ картите, кои цели пет години ги работел во соработка со Лејди Фрида Харис, како и „Книгата ТОТ“, која се занимава со анализа на тарот картите.

Смрт

уреди

Алистер Кроули умира од респираторна инфекција во пансион во Хастингс, на 1 декември 1947 година, на 72 годишна возраст.[27] Тој бил зависен од хероин, откако му бил препишан морфиум заради астмата и бронхитисот.[28] Неговиот доктор умира во рок од 24 часа после смртта на Алистер, а во весниците пишувало за тој настан дека докторот одбил да му препише опијати на Кроули, па затоа овој фрлил клетва на него.[29]

Магиката на Кроули

уреди

За него, магика е наука и уметност за предизвикување промени во согласност со волјата, а секој намерен акт е магиски акт. Оттаму, произлегуваат и поуките:
„Прави што ти е волја, и тоа нека биде цел Закон.“
„Љубовта е закон, закон под волјата.“
„Секој човек и секоја жена е ѕвезда.“

Кроули користи нова терминологија за спиритуалната практика и теорија. Така на пример магиската формула Абракадабра ја изменил во Абрахадабра, и ја нарекол нова формула на новиот Еон. Исто така самиот збор магија го изговара архаично како магика, со што сака да направи разлика меѓу „вистинската наука на маговите и лажната магија“.[30]

Алистер Кроули темелно ги проучувал окултните науки. Добро ја познавал астрологијата и системите на И Чинг, потоа еврејската Кабала, геомантијата. Бил добар шахист, а самиот изјавил дека научил да игра шах на шест години. Планинарењето го користел како лек против астмата. Сепак, во март 1902 година, Кроули заедно со Оскар Екенштајн се обиделе да се искачат на врвот Чого Ри (познат на запад како K2), кој се наоѓа во Пакистан.

Во мај 1905 година, Кроули се приклучил на првата експедиција на Канченѕунга во Непал, третата највисока планина на светот.

Дела

уреди

Кроули пишувал не само на окултни теми, туку и филозофија, политика и култура. Неговите поеми објавени во Собрани дела на Алистер Кроули 1905-1907 се доволни за да ја потврдат неговата писателска кариера. Повеќето од своите книги самиот ги објавувал, на што потрошил голем дел од своето наследство.

Некои од неговите највлијателни книги:

  • Книга на законот
  • Магика (книга 4)
  • Книга на Лаги
  • 777 и други кабалистички пишуванки
  • Исповедта на Алистер Кроули
  • Магика без солзи
  • Мали есеи за вистината
  • Општи принципи на астрологијата
  • III:4, Осум лекции за Јога
  • III:5, Книга на Тот (целосна студија за неговите Тот тарот карти)
  • III:6, Либер Алеф (проширени коментари за Либер Легис во форма на кратки писма)

Го уредувал и го издавал Еквинокс, кое било гласник на неговиот таен ред A∴A∴.

Кроули пишувал и прозни дела, меѓу кои се насловите:

  • Месечево дете
  • Златни гранчиња
  • Дневникот на еден наркоман
  • Рибата (недовршено)
  • Симон Иф во Америка (необјавено)

Има објавено повеќе од 12 поетски книги.

Влијанија

уреди
  • Италијанскиот историчар на езотерија, Џордано Берти, во својата книга Tarocchi Aleister Crowley (1998) набројува бројни литературни трудови и филмови инспирирани од животот на Кроули и легендите поврзани со него. Некои од филмовите се: Магичарот (1926) на Рекс Инграм; Ноќта на демонот (1957) на Жак Турнер; и Истерувач на ѓаволот (1968) на Теренс Фишер.
  • Во романот од 1990 година "Добри знаци" (полупародија на филмот од 1976 година "Знаци") на Тери Прачет и Неил Геимен, змијата во градината Еден се вика Кроули.
  • Кроули се појавува во британската аудио драмска серија "The Scarifyers".
  • Полските метал групи Бенемот и Весаниа често користат теми за своите песни поврзани со Алистер Кроули и Телема.
  • Битлси го имаат Кроули на насловната корица од нивниот осми албум.
  • Ози Озборн ја сними песната со наслов "Mr. Crowley" од неговиот соло албум "Виулица од Оз".
  • Ајрон Мејдн снимија две песни псоветени на Кроули: "Месечево дете" од Седмиот син од седумте синови и "Откровение" од Дел од умот.
  • Ернест Хемингвеј го споменува Кроули во своите мемоари "Подвижна гозба".
  • Во филмот "Chemical Wedding" (2008) стар предавач на Кембриџ се претвора во Алистер Кроули.
  • Во 2002 година BBC broadcast меѓу стоте најголеми Британци го вбројува и Кроули на 73 место.
  • Во песната "Жив песок" од албумот од 1971 година, Дејвид Боуви го споменува Кроули и Златната Зора: “I'm closer to the Golden Dawn, Immersed in Crowley's uniform of imagery”.

Наводи

уреди
  1. Sutin, L. (2000). Do What Thou Wilt.
  2. 2,0 2,1 Crowley, Aleister. Confessions.
  3. [Bottomley, Horatio] (1923-03-24). „The Wickedest Man In The World“. John Bull. Архивирано од изворникот на 2006-10-25. Посетено на 2006-05-28.
  4. Sutin:Do What Thou Wilt (p. 83)
  5. 5,0 5,1 The Magical Diaries of Aleister Crowley (Tunisia 1923) : Edited by Stephen Skinner; page 10
  6. 6,0 6,1 The Confessions by Aleister Crowley
  7. The Confessions of Aleister Crowley state she was born in 1808 but this would seem to be a misprint)
  8. Booth, Martin (2001) [2000]. „A Trinity Man“. A Magickal Life (paperback)|format= бара |url= (help). London: Coronet. стр. 49. ISBN 978-0-340-71806-3.
  9. The Confessions of Aleister Crowley
  10. Sutin, pp. 37-39
  11. Magical World of AC, Francis King, page 5
  12. Sutin, p. 183. See also p. 391 for a later homosexual fantasy.
  13. letter to Montgomery Evans, 17 јануари 1929, O.T.O. archives, quoted Sutin p. 334
  14. The Confessions of Aleister Crowley
  15. IAO131. Thelema & Buddhism in Journal of Thelemic Studies, Vol. 1, No. 1, Autumn 2007, pp. 18-32
  16. Sutin, pp. 85, 94
  17. Sutin, pp. 142-143, 171-173
  18. Magical World, F.King, page 41
  19. King, Magical World, pages 80-81
  20. Spence, R.B. " Secret Agent 666: Aleister Crowley and British Intelligence in America, 1914-1918" in International Journal of Intelligence and Counterintelligence, Volume 13, Number 3, 1 октомври 2000 , pp. 359-371(13)
  21. Sutin p257.
  22. Sutin p271, 272.
  23. Sutin, Do What Thou Wilt, p.279
  24. Nature of the Beast by Colin Wilson; page 73
  25. Rabelais, F. Gargantua and Pantagruel Ch јануари
  26. Thelemapedia: The Encyclopedia of Thelema & Magick | Maria de Miramar
  27. Sutin, pp. 417-419
  28. Sutin p 411, 416, initial prescription p 277.
  29. 1947 декември 4 - Daily Express Архивирано на 2 декември 2008 г. and 1969 мај 31 - The Winnipeg Free Press Архивирано на 2 декември 2008 г., both retrieved from lashtal.com 13 април 2007. See also Sutin p 418.
  30. (Crowley, Magick, Book 4, p.47)

Надворешни врски

уреди
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: