Кристијан IX Дански

(Пренасочено од Кристијан IX од Данска)

Кристијан IX (8 април 1818 - 29 јануари 1906) — крал на Данска од 1863 година до 1906 година. Од 1863 до 1864 г., истовремено бил и војвода од Шлезвиг, Холштајн и Лауенбург.

Кристијан IX
Кристијан IX, ок. 1900-06
Крал на Данска
На престол15 ноември 1863 – 29 јануари 1906
ПретходникФредерик VII
НаследникФредерик VIII
Роден(а)Принц Кристијан од Шлезвиг-Холштајн-Сондербург-Бек
8 април 1818(1818-04-08)
Змокот Готорф, Шлезвиг, Војводство Шлезвиг
Починал(а)29 јануари 1906(1906-01-29) (возр. 87)
Палатата Амалиенборг, Копенхаген, Данска
Почивалиште15 февруари 1906
Катедралата Роскилде
СопружникЛуиза од Хесен-Касел (в. 1842; died 1898)
Деца
Detail
ДинастијаГликсбурзи
ТаткоФридрих Вилхелм, војвода од Шлезвиг-Холштајн-Сондербург-Бек
МајкаПринцезата Луиза Каролина од Хесен-Касел

Шестте деца на Кристијан со Луиза стапиле во брак со други европски кралски семејства, и тој го добил прекарот „Свекор на Европа“. Меѓу неговите директни потомци се данската кралица Маргрете II, белгискиот крал Филип, норвешкиот крал Харалд V, големиот војвода Анри од Луксембург, кралот Чарлс III од Обединетото Кралство, поранешниот грчки крал Константин II и кралот на Шпанија Филип VI.[1]

Потекло и живот

уреди

Кристијан IX е роден на 8 април 1818 година во близина на градот Шлезвиг во Војводството Шлезвиг.[2] Роден како принц од Шлезвиг-Холштајн-Сондербург-Бек, тој бил четврти син и шесто дете на Фридрих Вилхелм, војводата од Шлезвиг-Холштајн-Сондербург-Бек и принцезата Луиза Каролина од Хесен-Касел.[3] Името го добил по братучедот на мајка му, принцот Кристијан Фредерик од Данска, подоцнежниот крал Кристијан VIII, кој исто така бил негов кум. [4] [5]

Од таткова страна, принцот Кристијан бил директен машки потомок на кралот Кристијан III Данскаи и патрилинеарен потомок на Хелвиг од Шауенбург (грофицата од Олденбург), мајка на данскиот крал Кристијан I. Така, принцот Кристијан имал право да застане на чело на војводствата Шлезвиг-Холштајн, но не прв во редот. Преку неговата мајка, бил правнук на Фридрих V, правнук на Џорџ II од Велика Британија и потомок на неколку други монарси, но не бил директен наследник на некој европски престол.

Војводата Фридрих Вилхелм починал на 17 февруари 1831 година на 46-годишна возраст. Ја оставил војвотката вдовица со десет деца и без пари. Принцот Кристијан имал дванаесет години кога неговиот татко починал. Кристијан пораснал во Данска и се школувал на Воената академија во Копенхаген.

Брак

уреди

Во 1838 година, принцот Кристијан, кој го претставувал Фредерик VI, присуствувал на крунисувањето на кралицата Викторија во Вестминстерската опатија. [2] За време на неговиот престој во Лондон, тој неуспешно ја побарал раката на британската кралица за брак. Сепак, 25 години подоцна Кристијан ќе му стане дедо на нејзиниот најстар син, принцот од Велс.[4]

 
Принцот Кристијан и принцезата Луиз во 1840-тите .

Принцот Кристијан стапил во брак кој требало да има големо значење за неговата иднина. Во 1841 година тој се свршил со својата втора братучетка принцезата Луиза од Хесен-Касел. [2] Таа била ќерка на принцот Вилијам од Хесен-Касел, кој бил дански генерал и гувернер на Копенхаген. Принцот Вилијам бил оженет со сестрата на Кристијан VIII од Данска, принцезата Шарлот од Данска, а Луиза била внука на новиот крал и била тесно поврзана со кралското семејство. Се венчале на 26 мај 1842 година во резиденцијата на нејзините родители во палатата на Фредерик VIII во Амалиенборг. [2] Невестата и младоженецот заминале на меден месец во Кил во Војводството Холштајн. [4]

Данска наследна криза

уреди

Во 1840-тите, станувало сè појасно дека данската монархија се соочува со наследна криза. Кралот Фредерик VII немал деца, а прашањето за наследување на данскиот престол се покажало сложено, бидејќи не биле исти правилата за наследување на одделните делови од данската монархија обединети под власта на кралот (Кралството Данска и трите војводствата Шлезвиг, Холштајн и Саксо-Лауенбург), па имало веројатност за одвојување на круната на Данска од нејзините војводства.[6]

 
Војводствата Шлезвиг, Холштајн и Лауенбург пред 1864 година.

Во 1852 година, Кристијан бил избран за наследник на данскиот престол. Одлуката била спроведена со данскиот закон за наследување од 31 јули 1853 година - односно со Кралската уредба за решавање на наследството на круната на принцот Кристијан од Гликсбург, кој го назначил како втор во редот за наследување на данскиот престол по вујкото на кралот Фредерик VII. . Како резултат на тоа, принцот Кристијан и неговото семејство ги добиле титулите принц и принцеза на Данска и протоколарниот третман височество.[7]

1863 година била полна со значајни настани за принцот Кристијан и неговото семејство. На 10 март, неговата најстара ќерка, принцезата Александра се омажила за принцот од Велс (идниот крал Едвард VII од Обединетото Кралство). На 20 март, неговиот втор син, принцот Вилијам бил избран за крал на Грција и седнал на грчкиот престол земајќи го името на кралот Џорџ I.[8] А во јуни 1863 година, самиот принц Кристијан станал престолонаследник по смртта на постариот Принц Фердинанд.

Владеење

уреди

На 15 ноември 1863 година, кралот Фредерик VII ненадејно починал на 55-годишна возраст, по шеснаесетгодишно владеење. По смртта на Фридрих VII, Кристијан го наследил престолот на 45-годишна возраст. Тој бил прогласен за крал на 16 ноември 1863 година како Кристијан IX.

Кристијан (кој бил втор братучед на Фредерик и сопруг на првата братучедка на Фредерик, Луиза од Хесен-Касел) бил прв дански монарх од Гликсбуршката династија.[9]

Кристијан и Данска веднаш се нашле во криза околу поседувањето и статусот на војводствата Шлезвиг и Холштајн. Уште во ноември 1863 година, принцот Фредерик од Шлезвиг-Холштајн-Сондербург-Аугустенбург (1829-1880) (идниот дедо на Кајзер Вилхелм II од Германија) се прогласил себеси за Фредерик VIII, војвода од Шлезвиг-Холштајн. Фридрих од Августенбург (како што бил познат кај народот) станал симбол на националистичкото германско движење за независност на Шлезвиг-Холштајн откако неговиот татко (за паричен надомест) се откажал од своите претензии да го наследи престолот на војводствата Шлезвиг и Холштајн. Со Лондонскиот протокол од 8 мај 1852 година била завршена Првата Шлезвишка војна, и барањето на Фредерик не било признаено од страните во протоколот.

Втора Шлезвишка војна

уреди

Под притисок, Кристијан го потпишал ноемврискиот устав, договор со кој Шлезвиг станува дел од Данска. Ова ја предизвикало Втората Шлезвишка војна меѓу Данска и пруско/австрискиот сојуз во 1864 година.Исходот од војната бил неповолен за Данска и довел до присоединување на Шлезвиг кон Прусија во 1865 година. Холштајн исто така бил присоединет кон Австрија во 1865 година, а потоа по понатамошниот конфликт меѓу Австрија и Прусија, кон Прусија во 1866 година.

По загубата на териториите, Кристијан IX скришно од данската влада стапил во контакт со Прусија, и им понудил цела Данска да се приклучи на Германскиот Сојуз, но под Данска да се придодадат Шлезвиг и Холштајн. Овој предлог бил отфрлен од Бизмарк, кој се плашел дека етничките судири во Шлезвиг меѓу Данците и Германците потоа ќе останат нерешени. Преговорите на Кристијан IX не биле јавно познати сè додека не беа објавени во книгата Dommedag Als од 2010 година од Том Бук-Свиенти, кому кралицата Маргрете II му дала пристап до кралските архиви.[10]

Уставна борба

уреди

Поразот од 1864 година долги години фрлило сенка врз владеењето на Кристијан IX. Неговата непопуларност била подгреана откако тој неуспешно се обидел да го спречи ширењето на демократијата во Данска со поддршка на авторитарниот и конзервативен премиер Еструп, чие владеење од 1875–1894 година многумина го сметале за полудиктатура. Сепак, тој во 1874 година потпишал договор со кој му дозволил на Исланд, тогашен дански посед, да има свој устав, но под данска власт. Во 1901 година, тој неволно побарал од Јохан Хенрик Деунцер да формира влада. Ова било почеток на парламентарна демократија во Данска и ја подобрило неговата репутација.[11]

Последни години

уреди
 
Погребната поворка на кралот Кристијан IX на плоштадот пред палатата Кристијансборг на 16 февруари 1906 година.

Кралицата Луиза починала на 29 септември 1898 година на 81-годишна возраст. Кралот Кристијан IX ја надживеал својата сопруга за седум години и умрел мирно од старост, на 87-годишна возраст, на 29 јануари 1906 година во палатата Амалиенборг во Копенхаген. Владеел 42 години и 75 дена. Бил погребан на 16 февруари 1906 година покрај кралицата Луиза во катедралата Роскилде на островот Зеланд, традиционалното гробно место за данските монарси од 15 век.

По смртта на кралот Кристијан IX, престолонаследникот Фредерик на 62-годишна возраст стапил на престолот како крал Фредерик VIII.

Семејство

уреди

Сопруга

уреди
Име слика Дата на раѓање Починала
Луиза од Хесен-Касел
 
7 септември 1817 . 29 септември 1898 .

Деца

уреди
Име слика Датум на раѓање Починал Сопружник
Фредерик VIII од Данска
 
3 јуни 1843 . 14 мај 1912 . Луиз од Шведска
Александра од Данска
 
1 декември 1844 . 20 ноември 1925 . Едвард VII
Ѓорѓи I од Грција
 
24 декември 1845 . 18 март 1913 . Големата војвотка Олга Константиновна
Дагмар од Данска
 
26 ноември 1847 . 13 октомври 1928 . Александар III Александрович
Тира од Данска
 
29 септември 1853 . 26 февруари 1933 . Ернст Август од Хановер
Валдемар од Данска
 
27 октомври 1858 . 14 јануари 1939 . Марија од Орлеан
 
Кристијан IX со семејството во градината на палатата Фреденсборг во 1883 година; слика од Лауритс Туксен

Наводи

уреди
  1. „HM King Christian IX of Denmark“. European Royal History. Посетено на 15 August 2016.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Thorsøe 1889.
  3. Montgomery-Massingberd, Hugh, уред. (1977). Burke's Royal Families of the World. 1: Europe & Latin America. London: Burke's Peerage Ltd. стр. 280. ISBN 0-85011-023-8.
  4. 4,0 4,1 4,2 Bramsen 1992.
  5. „Welcome To Schloss Glücksburg“. Schloss Glücksburg. Посетено на 15 August 2016.
  6. Glenthøj 2014.
  7. Royal Ordinance settling the Succession to the Crown on Prince Christian of Glücksburg. from Hoelseth's Royal Corner. Retrieved 7 November 2011.
  8. Montgomery-Massingberd, Hugh, уред. (1977). Burke's Royal Families of the World. 1: Europe & Latin America. London: Burke's Peerage Ltd. стр. 69. ISBN 0-85011-023-8.
  9. „Schleswig-Holstein-Sonderburg-Glücksburg Royal Family“. Monarchies of Europe. Посетено на 15 August 2016.
  10. Hemmeligt arkiv: Kongen tilbød Danmark til tyskerne efter 1864 18 August 2010 (politiken.dk)
  11. Scocozza 1997.

Надворешни врски

уреди