Војводство Шлезвиг

Војводство Шлезвиг (дански: Hertugdømmet Slesvig; германски: Herzogtum Schleswig; долногермански: Sleswig; севернофризиски: Slaswik) — кнежевство во јужниот дел на полуостровот Јитланд зафаќајќи ја областа 60 километри северно и 70 километри јужно од денешната граница помеѓу Германија и Данска; територијата била поделена помеѓу двете земји од 1920 година, со Северен Шлезвиг во Данска и Јужен Шлезвиг во Германија.

Војводство Шлезвиг
Hertugdømmet Slesvig
Herzogtum Schleswig
1058–1866
Coat of arms of Шлезвиг
Coat of arms
СтатусФеуд на Данската Круна
Главен градШлезвиг, Фленсбург, Копенхаген
Говорени јазицидански, германски, долногермански, севернофризиски
Вероисповед
римокатолицизам, лутеранство и менонитизам (од XVI век), јудаизам
УредувањеВојводство
Војвода 
• 1058–1095
Олаф I
• 1863–66
Кристијан IX
Историја 
• Основана
1058
• Престанала да постои
1866
Валутаталир, ригсдалер, пфениг
Претходници
Наследници
Јужен Јитланд
Покраина Шлезвиг-Холштајн
Денес дел од Данска
 Германија

Традиционалното значење на областа се наоѓа во размената на добра помеѓу Северното и Балтичкото Море, поврзувајќи ги трговските патишта низ Русија со трговските патишта долж Рајна и атлантскиот брег (поврзано Килски Канал).

Историја

уреди
 
Историските области во Шлезвиг/Јужен Јитланд.
 
Историските окрузи во Шлезвиг.
 
Јазичната промена во XIX век во Јужен Шлезвиг

Рана историја

уреди

Во римските извори пишува дека племето Јути живеело северно од реката Ајдер, а племето Англи јужно од нејзе, кои биле соседи на Сасите. Кон раниот среден век, населението на Шлезвиг се состоело од Данци на север од Даневирке и Шлај и на полуостровот Шванзен, Фризи на западниот брег под денешната граница и на островот и Саси (или Долногерманци) во крајниот југ. Во текот на XIV век, населението на Шванзен започнало да зборува германски, но етничките граници останале непроменети до околу 1800 година со исклучок на населението во градовите, во кои се зголемувало германското влијание од XIV век.

Во текот на раната Викиншка ера, Хаитхабу — најголемиот трговски центар во Скандинавија — се наоѓал во оваа областа, која исто така била место на внатрешните утврдувања познати како Даневирке. Нивната изградба и нивното проширување во 737 година биле претставени како знак за појавување на обединета данска држава.[1] Во мај 1931 година, научници од Националниот музеј на Данска објави дека пронашле осумнаесет викиншки гробови со остатоци на осумнаесет лица во нив. Откривањето дошло во текот на ископувања во Шлезвиг. Скелетите покажале дека луѓето биле поголеми отколку оние во XX век. Секој од гробовите бил ископан во насока од исток кон запад. Истражувачите претпоставиле дека телата првично биле закопани во дрвени ковчези, но дека останале само железните клинови.[2] Кон крајот на раниот среден век, Шлезвиг бил дел од историските дански земји, откако Данска обединила голем број феуди во периодот на VIII и на X век (врвот на викиншката ера).

Јужната граница на Данска во областа на реката Ајдер и Даневирке биле извор на постојани борби. Договорот од Хајлиген бил потпишан во 811 година помеѓу данскиот крал Хеминг и Карло Велики, со кој границата била воспоставена на Ајдер. Во текот на X век се воделе неколку војни помеѓу Источна Франкија и Данска. Во 1027 година, Конрад II и Кнут Велики повторно ја поставиле заедничката граница на Ајдер.[3]

Во 1115 година, кралот Нилс му доделил титула на неговиот внук Кнут Лавард — син на неговиот претходник Ерик I — гроф од Шлезвиг, титула користена за кратко време пред самиот повторно да се условува како војвода.[4]

Почеток на новото доба

уреди

Во 1230-тите, Јужен Јитланд (Војводство Шлезвиг) било доделено како апанажа на Абел Валдемарсен, правнук на Кнут, помлад син на Валдемар II од Данска. Абел, држејќи ги данскиот престол и самиот краток период, го оставил војводството на неговиот син и неговите наследници, кој тежнеел кон престолот на Данска во текот на следниот век, па така данските кралеви биле во поврзаност со нивните братучеди, војводите од Шлезвиг. Феудите и поморските сојузи ја донеле династијата на Абел во блиска врска со германското Војводство Холштајн од XV. Холштајн бил подреден феуд на Светото Римско Царство, додека Шлезвиг останал дански феуд. Овие двојни поделби биле главната точка на расправии во проблемот помеѓу германските држави и Данска во XIX век, кога идеите за национализам и национална држава имале поддршка. Титулата војвода на Шлезвиг во 1460 година била наследена од кралот на Норвешка, кој истовремено исто така бил избран за крал на Данска. Ова направило проблем — крал да поседува војводска титула, кој тој како крал бил основач и негов надреден. Титулата и проблемот опстоиле бидејќи војводството било заеднички владеено од неговите синови. Во периодот 1544 година и 1713/20, владеењето на војводството станало заедничко на кралската Олденбуршка династија и новата династија на Холштајн-Готорп. Постои и трет дел во заедничкото управување, краткотрајната династија на Хадеслев, која исчезнала во 1580 година со смрртта на Јохан Постариот.

По реформацијата, кога латинскиот јазик бил заменет со народните јазици за време на богослужбите, Шлезвишката епископија била поделан и била создадена автономното архиерејство во Хадерслев. На западниот брег, данската епископија Рибе се протегала на околу 5 километри северно од денешната граница. Ова создало нова културна линија на поделби во војводството, бидејќи германскиот јазик бил користен во црковните служби и наставата во епископијата Шлезвиг, а данскиот јазик бил користен во епископијата Рибе и архиерејството Хадерслев. Оваа линија е зачувана и со денешната граница.

Во XVII век низа на војни помеѓу Данска и Шведска — која Данска ја загубила — потполно ја уништиле областа во стопански поглед. Меѓутоа, благородништвото одговорило со нов земјоделски систем, кој го вратил развојот. Во периодот 1600-1800 година, областа доживеала раст на маноријализмот и многу се произведувало жито. Дворците биле големи поседи, кои биле обратувани од страна на крепосните селани. Тие биле насочени во висококвалитетни млечни производи. Феудалното владеење со техничкото осовремување и разликата помеѓу аргатлукот и платената работа често била нејасна. Феудалниот систем бил постепено укинуван кон крајот на XVIII век, започнувајќи со кралските поседи во 1765 година, а подоцна и на поседите на благородништвото. Во 1805 година било укинато крепосното селанство и се спровеле реформи за право на посед на земјата, со што сега поранешните крепосни селани можеле да поседуваат свои фарми.[5]

XIX век и раст на национализмот

уреди

Од околу 1800 година до 1840 година, данските говорници на полуостровот Ангелн помеѓу Шлезвиг и Фленсбург започнале да се префрлаат на долногермански и во истиот период, многу Северни Фризи исто така се префрлиле на долногермански. Оваа јазична промена создала нова „де факто“ линија на поделба помеѓу германските и данските говорници северно од Тендер и јужно од Фленсбург. Од околу 1830 година, големи делови на населението започнало да се идентификува како Германци или Данци и да се вклучува политички. Во Данска, Националната либерална партија го користела прашањето на Шлезвиг како дел од нивната агитација и барала војводството да биде вклучено во данското кралство под слоганот „Данска до Ајдер“. Ова предизвикало конфликт помеѓу Данска и германските држави за Шлезвиг и Холштајн, кој довел до создавање на прашањето на Шлезвиг-Холштајн во XIX век. Кога националните либерали дошле на власт во Данска, во 1848 година, тоа предизвикало востание на етничките Германци кои ги поддржувале врските на Шлезвиг со Холштајн. Ова довело до Првата шлезвишка војна. Данска победила и пруските трупи требало да се повлечат од Шлезвиг и Холштајн по Лондонскиот протокол од 1852 година.

Данска повторно се обидела да го припои Шлезвиг преку донесување на нов устав (т.н. Ноемвриски устав) за Данска и Шлезвиг во 1863 година, но Германскиот Сојуз, предводен од Прусија и Австрија, ги поразиле Данците во Втората шлезвишка војна следната година. Потоа, Прусија и Австрија ја презеле администрацијата на Шлезвиг и Холштајн соодветно. Меѓутоа, тензиите помеѓу двете сили кулминирале во Австриско-пруската војна во 1866 година. Со Прашкиот мир, победоносните Пруси ги припоиле Шлезвиг и Холштајн, создавајќи ја нивната Покраина Шлезвиг-Холштајн. Конечните граници помеѓу Прусија и Данска биле договорени со договор од 1907 година.[6]

Ново време

уреди

Версајскиот договор предвидел одржување на референдум за одредување на судбината на областа.[7] Така биле одржани два референдума во 1920 година, што довеле до поделба на областа. Северен Шлезвиг се приклучил на Данска, додека Средиштен Шлезвиг, со мнозинство од 80%, останал дел од Германија. Во Јужен Шлезвиг не бил одржан референдум, бидејќи исходот бил очигледен. Името Јужен Шлезвиг сега се користи за целиот германски дел на областа. Оваа одлука оставила значителни малцинства на обете страни на новата граница.

По Втората светска војна, значаен дел на германското население во Јужен Шлезвиг ја променило нивната националност и се изјаснувале како Данци. Оваа промена била предизвикана од голем број на причини, најмногу од германскиот пораз и големиот број бегалци од источна Германија, чија култура и изглед се разликувале од локалните Германци, кои главно биле потомци на данските семејства кои ја променила нивната националност во XIX век. Промената создала привремено данско мнозинство во областа и потреба за нов референдум од данското население во Јужен Шлезвиг и некои дански политичари, вклучувајќи го и премиерот Кнуд Кристенсен. Но, мнозинството на данскиот парламент ја одбило поддршката за референдум во Јужен Шлезвиг, стравувајќи дека „новите Данци“ не биле искрени во нивната промена на националноста. Ова се покажала како вистина и од 1948 година, данското население повторно започнало да се намалува. Сепак, на почетокот на 1950-тите години се стабилизирало на ниво на четири пати повисоко од бројката пред војната.

Во декларацијата Копенхаген-Бон од 1955 година, Германија и Данска ветиле да ги поддржат правата на секое малцинство на двете страни. Денес, обата дела соработуваат како европски регион и покрај националната граница, која го раздвојува поранешното војводство. Бидејќи и Данска и ГЕрманија се дел од Шенгенската зона, не постојат контроли на границата.

Име и проблем со името

уреди
 
Данска карта на Јужен Јитланд (1918)

Во XIX век се појавил проблем со името во врска со употребата на Шлезвиг (Schleswig) или Слесвиг (Slesvig) и Јужен Јитланд (Sønderjylland). Првично, војводството било наречено Јужен Јитланд, но кон крајот на XIV век, името на градот Слесвиг (сега Шлезвиг) започнало да се користи на целата територија. Терминот Јужен Јитланд бил многу малку користен помеѓу XVI век и XIX век, а во овој период името Шлезвиг немало особено политички врски. Но, околу 1830 година, некои Данци започнале да го воведуваат архаичниот термин Јужен Јитланд за да се нагласи историјата на областа пред нејзината поврзаност со Холштајн и врската со остатокот на Јитланд. Неговата обнова и проширена употреба во XIX век потоа добила јасна данска националистичка врска за контрола на територијата и отфрлување на германските барања. „Картата на Олсен“, издадена од данскиот картограф Олсен во 1830-тите која го користела овој термин, предизвикала бура протести од германските жители на војводството. Иако многу дански националисти, како национал-либералниот идеолог и агитатант Орла Леман, го користеле името Шлезвиг, тоа започнало да добива јасен германски националистички карактер во средината на XIX век — особено кога бил вклучен во збирниот термин Шлезвиг-Холштајн. Средиштен дел на германското националистичко тврдење било дека Шлезвиг и Холштајн се еден единствен нераздвоив ентитет. Откако Холштајн станал официјално дел од Германскиот Сојуз — етнички целосно германски, без данско население — употребата на тоа име претполагало дека обете покраини треба да припаѓаат на Германија и дека нивната врска со Данска треба да ослаби.

По германското освојување во 1864 година, терминот Јужен Јитланд преовладувал помеѓу данското население, иако повеќето Данци немале проблем со употребата на Шлезвиг (етимолошки е со данско потекло) и многу од нив го користеле самите во нивната данска верзија Слесвиг. Пример за тоа е основањето на „Северношлезвишкиот земјоделски сојуз“ (De Nordslesvigske Landboforeninger). Во 1866 година, Шлезвиг и Холштајн биле припоени кон пруската Покраина Шлезвиг-Холштајн.

Проблемот со името бил разрешен со референдумите во 1920 година и поделбата, секоја страна си го употребувала своето претпочитано име на делот на територијата која им припаднала — иако всушност двете имиња се однесуваат на целата област. Северен Шлезвиг бил, по референдумите во 1920 година, официјално именуван Јужнојитландски окрузи (de sønderjyske landsdele), додека Јужен Шлезвиг потоа останал дел од пруската покраина, која подоцна станала германската сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн во 1946 година.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Michaelsen, Karsten Kjer, "Politikens bog om Danmarks oldtid", Politikens Forlag (1. bogklubudgave), 2002, 87-00-69328-6, pp. 122-123 (дански)
  2. Viking Find Reported, New York Times, 17 мај 1931, pg. 5.
  3. Meyers Konversationslexikon, 4th edition (1885-90), entry: "Eider" [1](германски)
  4. Danmarkshistoriens hvornår skete det, Copenhagen: Politiken, 1966, p. 65 (дански)
  5. Carsten Porskrog Rasmussen, "Innovative Feudalism. The development of dairy farming and Koppelwirtschaft on manors in Schleswig-Holstein in the seventeenth and eighteenth centuries," Agricultural History Review (2010) 58#2 pp 172-190.
  6.   „Schleswig“ . Енциклопедија Британика (12.. изд.). 1922.
  7.   „Schleswig (duchy)“ . Нова Колиерова енциклопедија. 1921. (англиски)

55°10′N 9°15′E / 55.167° СГШ; 9.250° ИГД / 55.167; 9.250