Мајанска цивилизација

(Пренасочено од Империја на Маите)

Маите се централноамериканска цивилизација, значајни по целосно развиениот пишан јазик од пред-колумбискиот период, но и според нивната архитектура, уметност, математичките и астрономските системи. Оваа цивилизација своите почетоци го забележала во пред-класичниот период (2000 п.н.е. до 250), додека пак врвот на својот развиток Маите го забележале за време на класичниот период (од 250 до 900 година) и продолжил во пост-класичниот период па сè до доаѓањето на Шпанците во Америка. Во својот најголем подем, областа каде живееле била најгусто населена област во светот во тоа време.

Маите споделуваат голем број на заеднички особености со останатите централноамерикански цивилизации поради високиот степен на соработка помеѓу народите. Календарот, писмото и епиграфијата не потекнуваат од Маите, но тие ги развиле потполно. Територијата на Маите се протегала од Хондурас, Ел Салвадор, Гватемала па сè до централно Мексико. Маите како народ никогаш не исчезнале, ниту за време на класичниот период ниту пак со доаѓањето на Шпанците во Америка. Денес, Маите и нивните наследници сочинуваат значителен процент од населението во нивниот регион, Ел Салвадор, Мексико, Хондурас и Гватемала. Голем број на мајански јазици и денес се зборуваат.

Територија

уреди
 
Територијата на која се протегала Мајанската цивилизација

Мајанската цивилизација се протегала на територија која често се нарекува „мајанска територија“ и таа ги опфаќа јужните делови на Мексико (сојузните држави Чијапас, Табаско, Јукатан, Кинтана Ро и Кампече), Гватемала, Белиз, Ел Салвадор и западен Хондурас.

Територијата опфаќа различен вид на релјеф, од планинските предели на Сиера Мадре до рамниците на Јукатан. Климата во овој регион варира и најчесто има урагани и тропски бури од околните океани и мориња.

Мајанската територија е подделена на три зони: јужни мајански планински предели, јужни или централни мајански рамничарски предели и северни мајански рамничарски предели. Јужните мајански планински предели се наоѓаат во Гватемала, јужните рамничарски предели се северно од планинските предели во мексиканските држава Кампече и Кинтана Ро, Белиз, Гватемала и Ел Салвадор. Северните рамничарски предели се наоѓаат во државата Јукатан во Мексико.[1]

Историја

уреди

Предкласичен период

уреди

Мајанската територија била населене во 10 век п.н.е. Скорешни откритија во Белиз забележале мајанско населено место кое датирало до 2600 п.н.е.[2][3] Сепак, пошироко е прифатена тезата дека маите ги населиле тие простори во 1800 година п.н.е. во регионот Соконуско. Овој период познат како ран предкласичен период е својствен по појавата на грнчарството[4].

Важни мајански градови во јужните рамничарски предели се Накбе, Ел Мирадор, Кивал и Сан Бартоло. Покрај овие, градовите Изапа, Такалик и Чокола во 600 п.н.е. биле главните производители на какао. Првиот мајански натпис датира од овој период. поточно од 250 п.н.е.[5]

Помеѓу научната јавност постои несогласување околу прашањето до каде се протегале физичките, а до каде културните граници на Маите. Во натписите од овој период се забележува заемно влијание помеѓу Маите и околните антички цивилизации[6].

Класичен период

уреди
 
Рушевини во Паленке.

Класичниот период (од 250 до 900 година) е период на голем развој на мајанската цивилизација, висок степен на урбанизација, градење на споменици и натписи и ова е период на значаен интелектуален и уметнички развој, особено во јужните предели на мајанската територија[7]. Тие го развиле земјоделството и се развиле повеќе независни градови-држави. Такви значајни градови-држави биле Тикал, Паленке, Копан и Калакмул, но исто така опстојувале и некои помали како на пример Дос Пилас, Уашактун, Алтун Ха и Бонампак. Северните предели не се многу познати за денешната наука како јужните, но сепак тука се откриени значајните Ошкинток, Чунчукмил и Ушмал.

Најзначајните спомениви се скалестите пирамиди. Тие биле градени во религиозните центри заедно со палатите на владетелот на кралството. Палатата во Канкиен е најголема, иако огромното археолошко наоѓалиште нема пирамида. Покрај палатите и пирамидите, знчајни се изгравираните камени плочи наречени стели или на мајански тетун, на кои се пишувал текст со мајанско писмо со различна тематика[8].

Мајанската цивилизација учествувала долг период во трговијата во Средна Америка и општела со околните цивилизации: Теотивакан, запотечка цивилизација и останати околни цивилизации, како од Средна Америка така и од Карибите. Исто така, археолозите пронашле злато од Панама во Чичен Ица[9]. Маите тргувале во какао, сол, морски школки и жад.

Падот на Маите

уреди

Поради сè уште непознати причини, мајанските градови од јужните предели пропаднале во 8 век и 9 век и накратко биле комплетно напуштени. Падот бил проследен и со значително намаление на создавање на мајански натписи. Иако сè уште нема општоприфатлива теорија за причините и падот на Маите, денешните историчари и научници имаат создадено повеќе теории за овој феномен и се делат во две групи: еколошки и нееколошки причини.

Нееколошките теории за падот на Маите се подделени на неколку поткатегориим како на примнер, пренаселеност, странски напад, револт на населението и пад на клучните трговски патишта. Еколошките хипотези за падот на Маите се делат на еколошки катастрофи, зарази и климатски промени. Како и да е, има докази дека Маите се соочувале со потешкотии во земјоделството, а особено имале проблеми со ловот[10]. Некои научници излагаат со понови теории за 200 годишна суша во тој регион што резултирала со колапс на Мајанската цивилизација[11]. Теориите за сушата се засноваат на истражувања на почвата околу копнените водени површини и испитување на почвата воопшто[12].

Пост-класичен период

уреди

За време на пост-класичниот период (од 10 век до ран 16 век), развојот на северните градски центри продолжил и се одликува со зголемување на различноста во општествата и надворешни културни влијанија. Мајанските градови во Јукатан продолжиле со својот развој уште неколку векови после големиот пад на јужните предели и меѓу главните градови биле: Чичен Ица, Ушмал, Еѕна и Коба. По падот на владеачките династии во Чичен и Ишмал, Мајапан владеел со целиот Јукатан сè до револтот во 1450 година. Подоцна, ова кралство се намалило и опстојувало како град-држава сè до шпанската колонизација на Јукатан.

Маите од Ица, Ковох и Јалаин од Централен Петен го преживеале падот на класичниот период и до 1250 година се обединиле и создале градови-држави. Ица Маите како свој центар го имале Тајасал или познат како Нох Петен. Тој владеел со територијата околу езерото Петен. Ковох Маите за свој главен град го имале Киче и е познат по најголемиот извор на мајанска митологија, Попол Вух. Покрај овие, позначајни кралства биле оние на Мамите, Какчикелците, Чахомаците и Чухците[13].

Колонијален период

уреди

Кратко после неколку мали експедиции, Шпанците започнале воени походи за освојување на териториите на Маите и основале колонија на територијата на Маите во Јукатан и во Гватемала. Оваа кампања наречена Шпанска колонизација на Јукатан била тешка задача за шпанските конкистадори и им требало околу 170 години за да воспостават комплетна шпанска контрола на таа територија.

За разлика од Ацтеките и Инките, Маите немале еден единствен политички центар, што би овозможило Шпанците со еден напад да ја освојат цела територија. Наместо тоа, Шпанците биле приморани да ги освојуваат секој град-држава поединечно. Повеќето од колонизаторите биле мотивирани од идејата дека ќе пронајдат големо богатство во освоените градови како на пример злато и сребро, но сепак мајанските предели биле сиромашни. Но тоа не влијаело демотивирачки, туку Шпанците се заинтересирале за освојување на другите империи во Перу и Мексико.

Шпанската црква и шпанските власти ги уништиле мајанските записи и со тоа за секогаш го уништиле знаењето на Маите. За среќа зачувани се три книги од класичниот мајански период[14]. Последните мајански кралства Тајасал и Закпетен биле освојувани и ослободувани сè до 17 век кога подоцна биле засекогаш уништени во 1697.

Мајанска уметност

уреди
 
Приказ на Упакал Кинич пронајден во Паленке.

Според голем број на реномирани научници и уметници, уметноста на Маите е најсофистицираната и најубавата уметност од сите антични култури од „Новиот Свет“. Резбите и цртежите од Паленке и статуите од Копан се најдобрите дела од уметноста на Маите бидејќи има голема прецизност при претставувањето на човековите фигури. Од сликарството има многу малку останато, воглавно сликање на керамика бидејќи само тоа опстоило низ вековите. својствена сина боја е зачувана до ден денес поради хемиските состојки на бојата и е наречена мајанска сина боја. Користењето на бојата било присутно до 16 век кога техниката е загубена за денешната наука.

Архитектура

уреди

Како една од уникатните стари архитектури, мајанската архитектура се развивала и опстојувала повеќе илјадници години. Најпознатите својствено мајански градби се скалестите пирамиди од пред-класичниот мајански период и порано. Покрај нив има и археолошки наоѓалишта во пештери кои биле или се важни за Маите. Такви пештери се Холха, Нах Тунич, Канделарија и Пештерата на вештерката. Некои од старите пештери се користат и денес од Маите во Чијапас, Мексико.

Меѓу научниците кружи теорија дека пирамидите биле обновувани секои педесет и две години во согласност со мајанскиот календар. Сепак ова било доста обичен феномен зошто старите градби побарувале обнова. Познати се пирамидите од Тикал, Јашха и Чичен Ица.

Урбанистички план

уреди

Како што мајанската цивилизација се протегала на различни релјефски предели, така урбанистичкиот план на градовите бил минимален. При градењето на градовите, Маите тежнееле да го создадат градот во склоп со природата и природните ресурси. Така на пример некои градови се изградени на рамни варовнички платоа (Јукатан), додека другите биле градени на ридови и импресивни височини.

Класичниот мајански период може полесно да се опише како простор на големи споменици и патеки. Големите плоштади биле центри за собирање на луѓето и тука бил фокусот на урбанистичкиот план, додека околниот предел бил на некој начин на втор план. Во доцниот пост-класичен мајански период градовите биле како тврдини, со безбедносни структури и со големи плоштади.

Како што градовите растеле поголеми, Маите ги правеле градовите во кардинален правец. Така, градовите се граделе покрај извори на вода или сеноти и главните плоштади биле поврзани со сакбеи.

Во срцето на големите мајански градови биле големите централни плоштади опколени со најважните владини и верски објекти како на пример кралската палата, пирамидата и средноамерикански стадиони. Бидејќи Маите обрнувале големо внимание на природата и религијата, тие ги граделе пирамидите во склопс со тогашното сфаќање на орбитата и останатите небесни тела.

Градежен материјал

уреди

Една од најзначајните и најимпресивните аспекти за мајанската цивилизација е тоа што тие граделе без некои денешни познати техники и начини на градба. Така тие немале животни за пренос на градежниот материјал, метални алатки и колични, па така изработката на сите конструкции побарувала голема човечка моќ и енергија. Сите канеми блокови кои ги користеле Маите при изработката биле црпени од локални околни каменоломи. Најчесто се користел варовникот, кој бил лесен за изработка дури и со камени алатки. Покрај готовиот варовник, Маите правеле и материјал кој е сличен со денешниот цимент, но направен од дробен варовник. Покрај варовникот Маите користеле и дрво за градење на обични куќи за живеење.

Значајни градби

уреди
 
Храм на крстот во Паленке.
  • Церемонијлните платформи биле платформи од варовник со височина помалку од четири метри и служеле за јавни церемонии од религиозен или општествен карактер. На нив имало цомпантил, место каде се ставала отсечената глава на жртвата жртвувана за време на религиозен обред.
  • Палатите биле големи и често доста украсени градби. Најчесто се граделе во близина на центарот на градот. Палата со многу простории и спратови, денес се именува како акропол. Сепак, палатите биле едноспратни и имале помалав број на соби.
  • Е-групите се специфични структури кои можат да се најдат во сите центри на мајанската империја. Овие биле поставено во согласност со специфични астрономски настани и се мисли дека служеле како обзерватории.
  • Пирамиди и храмови. Најчесто најзначајните религиозни храмови на Маите се наоѓале на врвот од скалестите пирамиди, за кои се верувало дека се најблиску до небото.
  • Обзерватории. Маите биле големи астрономи и љубители на астрономијата. Тие имаат забележано карти за вселенските објекти, најмногу обрнато внимание на Месечината и Венера.
  • Стадиони. Како дел од начинот на живот, стадионите за нивната ритуално-спортска игра биле градени насекаде на просторот на мајанската империја. Тие биле обиколено од две страни со скалести трибини кои воделе до церемонијални платформи или мали храмови.

Писмо и писменост

уреди

Мајанско писмо

уреди

Мајанското писмо, често наречено мајански хиероглифи, било писмо комбинирано од фонтски букви и логограми. Најчесто писмото се класифицира како логограмско или логослоговно писмо во кое слоговите играат значајна улога при пишување. Тоа е единствено писмо од пред колонизацијата кое целосно го претставува зборуваниот јазик. Писмото има над илјада различни глифи или симболи, иако некои се варијации од одреден знак. Не повеќе од 500 знаци биле во употреба, од 200 имаат фонтска или слоговна вредност.

Најраните мајански натписи датираат од периодот од 200 п.н.е. до 300 п.н.е. Ова писмо за свои корени ги зема некои веќе постоечни писма од тој регион. Покрај ова писмо, има и варијација на мајанското писмо кое се нарекува епи-олмекско писмо или пост-олмекско писмо за кои научниците мислат дека е преодна варијанта од олмекското кон мајанското писмо. Со текот на времето Маите развиле доста сложено и напредно писмо, можеби најсложеното и најусовршеното писмо од сите американски писма.

Уште од своето оформување, Мајанското писмо било во употреба сè до доаѓањето на европските колонизатори. Иако поголем број мајански градови пропаднале или биле напуштени, користењето и учењето на писмото продолжило и понатака. Шпанците забележале дека и по нивното доаѓање имало луѓе што го читале писмото, но поради незаинтересираност, писмото западнало во заборав сè до неговото дешифрирање.

Денес има околу 10.000 зачувани мајански текстови, најмногу од нив се напишани на камени споменици, стели и керамика. Маите исто така пишувале текстови на материјал сличен на хартија изработена од дрво (смокви)[15]. Овој вид на хартија познат под името аматл е лесно препознатлив по тоа што се чувал превиткан на неколку еднакви страни за да се создаде кодекс кој може да се пишува од двете страни. По шпанската колонизација на Маите, Шпанците наредиле да се уништат сите хартиени кодекси. Само три кодекси преживеале од тој терор и тие се: мадридски кодекс, париски кодекс и дрезденски кодекс. Неколку страници преживеале од четвртиот гролиерски кодекс.

Алатки за пишување

уреди

Иако археолошките докази не даваат јасни информации за алатките за пишување, сепак Маите пишувањето го правеле со четки со влакна од животни. Кодексите биле пишувани со црно мастило и со црвени назначени делови, што ја потврдува ацтечката изрека за Маите „земја на црното и црвеното“.

Писари и писменост

уреди

Писарите имале важна улога во мајанските судови. Мајанската уметност често ги опишувала владетелите како писари со што назначувале дека тие знаат да читаат и пишуваат.

Математика

уреди
 
Maya numerals

Како и останатите средноамерикански цивилизации Маите користеле основни 20 броеви и 5 нумерични системи. Маите, и останатите околни цивилизации, во пред-класичниот период го развиле поимот за 0 во 36 п.н.е. Според археолошките докази, Маите оперирале до стотици и милиони, додека датите се толку големи што зафаќаат два реда текст. Тоа им овозможило да создадат прецизен астрономски календар.

Маите ја мереле должината на сончевата година со голем степен на прецизност. Тие не користеле фигура за да ја претстават должината во календарот, но сепак календарите биле составено од 365 денови.

Покрај тоа што калнедарот е многу прецизен и е речиси ист со денешниот календар, прецизноста на мерењето на селарната година со денешните календари е за малку попрецизен од мајанскиот.

Астрономија

уреди

Маите се единствената цивилизација од пред ерата на телескопите кои имале големо познавање за маглината Орион. Ова го потврдуваат приказните од мајанскиот фолклор. Голем број на мајански градови се сместени според плејади и ѕвездата Ета Змеј.

Маите биле посебно заинтересирани за зенијалните патеки, односно феномен кога сонцето поминува директно над луѓето. Дрезденскиот кодекс содржи повеќе феномоени забележани од Маите и според анализите на кодексот планетата Венера бил најважниот астрономски објект на Маите после сонцето.

Религија

уреди
 
Маска од жад која би требало да го претставува богот на дождот и молњата.

Како и Ацтеките и Инките кои владееле подоцна, Маите верувале во циклична природа на времето. Ритуалите и церемониите биле во тесна врска со земјени и вселенски циклуси ки ги набљудувале и анализирале. Мајанските свештеници имале задача да ги протолкуваат овие феномени и давале предвидувања на иднината и на минатото. Тие исто така одлучувале за организирање на одреден настан според небото.

Маите принесувале и човечко жртвување. Во некои мајански ритуали луѓето биле убивани со откорнување на срцето и го принесувале како дар кон боговите. Ова е опишано во мајанските кодекси. Најчесто деца биле принесувани како жртви затоа што се мислело дека тие се најчисти[16].

Поголем дел од мајанската религиозна традиција денес не е сосема разбрана од научниците, но се знае дека Маите верувале дека космосот е создаден од три дела: подземје, небо и земја.

Мајанското подземје, Шибалба, може да се посети преку пештери и се мислело дека тоа подземје било под доминација на старите богови на смртта. Сонцето (Кинич Ахау) и Ицамна биле богови на небото. Ноќта се сметала за прозорец каде се појавуваат сите натприродни појави.

Мајанските богови не се остро одделени како на пример словенските или римските богови. Тие немале строго одредена улога и време на чествување, туку сè зависело од циклусот на времето.

Во центарот на мајанското верување се наоѓа животното тркало на пченската. Филозофијата се заснова на тоа дека мајанскиот бог на пченката е централна религиозна фигура.

Маите верувале дека ако се знае минатото, тоа доведува до разбирање на цикличните влијанија кои ја содаваат сегашноста, а со познавањето на сегашноста се разбира и иднината.

Земјоделство

уреди

Античките Маи имале различни усовршени методи за производство на храна. Порано се верувало дека привремените посеви овозможувале храна на Маите, но денес според археолошките докази се утврдило дека Маите има големи посеви, терасни посеви, шумски градини и дивечот биле главните методи за производство на храна во империјата. Некои од овие методи и денес се во употреба .

Откривање на мајанските археолошки наоѓалишта

уреди
 
Инфрацрвен спектар, техника за откривање на стари мајански градови.

Шпанските колонизатори имале слабо познавање за надворешниот Нов Свет, и голем број од старите мајански градови биле непознати за нив. Во 1893 година американскиот писател и патописец Џон Лојд Стефанс ги посетил Копан, Паленке и останатите поголеми и позначајни стари мајански градови. Нивните записи за мајанските градови побудиле интерес кај светската јавност

Поголемиот дел од старите мајански градови биле обраснати од џунглата и тоа било природно сокривање на самите структури. За да ги откријат старите градови, научниците користеле сателитски снимки. Најдобриот начин за таквото откривање е со техниката на инфрацрвен спектар, односно варовничките структури и околното земјиште даваат црвенкасто-кафеава боја на снимките.

Меѓу позначајните мајански градови се: Паленке, Чичен Ица, Копан, Тикал и други.

Белешки

уреди
  1. Coe D., Michael (1999). The Maya (6. изд.). New York: Dante Reed. стр. 31. ISBN 0-500-28066-5.
  2. http://www.nature.com/nature/journal/v260/n5552/abs/260579a0.html
  3. http://ambergriscaye.com/pages/mayan/mayasites.html
  4. Coe D., Michael (2002). The Maya (6. изд.). Thames & Hudson. стр. 47.
  5. „HISTORY OF WRITING and RELIGION“. Архивирано од изворникот на 2016-04-23. Посетено на 2009-06-28.
  6. Coe D., Michael (2002). The Maya (6. изд.). Thames & Hudson. стр. 63–64.
  7. Coe, Michael D. (2002). The Maya (6. изд.). Thames & Hudson. стр. 81.
  8. „Maya Art Return“. Посетено на 2006-12-25.
  9. Види Coggins (1992).
  10. „University of Florida study: Maya politics likely played role in ancient large-game decline, Nov. 2007“. Архивирано од изворникот на 2014-11-12. Посетено на 2009-06-28.
  11. Gill, R. (2000). The Great Maya Droughts. Albuquerque: University of New Mexico Press. ISBN 0826321941.
  12. Hodell, David A.; Curtis, Jason H.; Brenner, Mark (1995). „Possible role of climate in the collapse of Classic Maya civilization“. Nature. 375 (6530): 391–394. doi:10.1038/375391a0.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  13. Love 2007, p.305. Sharer 2006, pp.621, 625.
  14. "The Ancient Maya", Robert J. Sharer, Loa P. Traxler Contributor Loa P. Traxler, p126, Stanford University Press, 2006, ISBN 0-8047-4817-9
  15. Miller and Taube (1993, p.131)
  16. „Evidence May Back Human Sacrifice Claims“. Live Science. Посетено на 2007-06-06.

Наводи

уреди

Надворешни врски

уреди

Поврзано

уреди



  Статијата „Мајанска цивилизација“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).