Василиј Иванчук
Василиј Михајлович Иванчук (украински: Василь Михайлович Іванчук; роден на 18 март 1969) е украински шаховски велемајстор.
Василиј Иванчук | |
---|---|
Целосно име | Василиј Михајович Иванчук |
Земја | Украина |
Роден | 18 март 1969 Количинци, Украина |
Титула | велемајстор |
ФИДЕ-рејтинг | 2735 (бр. 21 на рејтинг-списокот на ФИДЕ во јули 2014) |
Најв. рејтинг | 2787 (октомври 2007) |
Иванчук се вбројува меѓу најдобрите шахисти во светот уште од 1988 година, кога на листата според Ело рејтингот го зазел второто место,[1] но досега не ниту во еден наврат не бил светски првак. Познат е по променливите резултати, па така во 2007 година на рејтинг листата според ФИДЕ, неговиот пласман беше во опсегот од 12. место на априлската[2] до 2. место на октовмриската листа[3], пред да падне на 30. место на листата во јули 2009 и повторно да се иакачи меѓу најдобрите 15 во 2010 година.
Иако никогаш не бил светски првак, Иванчук играше меч за светски првак во 2002 година, во кој загуби од сонародникот Руслан Пономариов. Сепак, тој е поранешен светски првак, но во брзопотезен шах во периодот од 2007 до 2008 година.[4] Освојувач е и на бројни медали во тимска и во поединечна конкуренција на шаховските олимпијади, меѓу кои се и двата златни медали во тимска конкуренција на шаховските олимпијади во 1990 и во 2004 година. Истата 2004 година, Иванчук го освои златниот медал на поединечното европско првенство коешто се одржа во Анталија.
Рани години
уредиИванчук е роден во Копичинци, како дете на правник и професорка по физика. Шах научил да игра од неговиот татко, кратко откако наполнил шест години.
Во 1985 година, Иванчук победил на младинското првенство на Советскиот Сојуз и го зазел третото место на првенството на Украина. Неговиот прв меѓународен успех била победата на отворениот турнир во Њујорк во 1988 година, на којшто учествувале и велемајстори, освојувајќи 7½ од 9 бода. На светското младинско првенство истата година, коешто се одржало во Аделаида, завршил на делба на првото место, но загубил во разигрувањето против Жоел Лаутје.[5] Благодарение на овие резултати, истата 1988 година Иванчук станал велемајстор, а до крајот на годината станал и еден од најдобрите 10 шахисти во светот.[1]
Завршил факултет по физичка култура во Лавов.
Напредок и врвна кариера
уредиТурнирски победи
уредиИванчук се стекнал со светска слава со победата на турнирот во Линарес во 1989 година. Истата година, победил и на турнирот во Бил. Следната година, тој поедил на силниот шаховски турнир во Тилбург.
Особено значаен успех, Иванчук постигнал со победата на турнирот во Линарес во 1991 година. На турнирот учествувале 14 шахисти, од кои 8 биле меѓу најдобрите 10 во тој момент на светот, вклучувајќи го и најдобриот шахист во тој момент, Гари Каспаров. За време на целиот турнир, главната борба се водела меѓу Иванчук и Каспаров, а по завршувањето на последниот круг, Иванчук победил со половина бод повеќе од големиот противник,[6] притоа пбедувајќи го во меќусебната партија.[7]
По втората победа на турнирот во Линарес, набргу следувала и победата на шаховскиот турнир во Рејкјавик. Во 1992 година, победил и на силниот шаховски турнир во Дортмунд. Останати силни турнири на кои победил во текот на 1990-тите се и оние во Минхен и Новгород во 1994, третата победа во Линарес во 1995, победата во Хорген истата година, првата и досега единствена победа на турнирот во Вајк ан Зее во 1996 годинам како и победите во Белград во 1997, Елиста во 1998 и Лавов и Монтекатини Терме во 2000.
Кандидат за светски првак
уредиСо добрите игри во својата рана кариера, многумина сметале дека Иванчук ќе стане светски првак, но ова сè уште се нема случено. Најблиску до овој успех беше во 2002 година, кога играше меч за светски првак во кој загуби против сонародникот Руслан Пономариов со 2½:4½ (+0-2=5). Тој, исто така беше неуспешен и покрај неговите напори да стане класичен светски првак, титула која постоеше во периодот од 1993 до 2006 година. Поради обврските кон ФИДЕ, Иванчук заедно со Ананд не учествуваа на турнирот во Дортмунд во 2002 година, кој воедно беше и турнир на кандидатите за светското првенство во 2004 година.[8] Во својот следен обид, на светското првенство во 2005, Иванчук беше исклучен од конкуренција врз основа на неговиот рејтинг, кој беше за малку послаб од потребниот.
Во ноември 2007 година, во рамките на меморијалниот турнир во чест на Михаил Таљ се одржа светското првенство во брзопотезен шах на кое Иванчук победи и стана светски првак во една шаховска категорија.
Тимски настапи
уредиИванчук, често учествува на најголемите тимски и репрезентативни настапи. Досега има учествувано на 11 шаховски олимпијади, двапати како претставник на Советскиот Сојуз (во 1988 и во 1990 година) и девет пати како претставник на Украина (од 1992 до 2010 година). Освојувач е на вкупно 13 медали, од кои 4 се златни како дел од победничката репрезентација на Советскиот Сојуз во 1988 и во 1990 година и на Украина во 2004 и 2010 година. Од вкупно 143 одиграни партии, неговата успешност е 67.5%(+57 =79 -7).
Во следната табела е даден детален преглед на остварените резултати на Иванчук на шаховските олимпијади[9]:
Година | Град | Олимпијада | Табла бр. | + | − | = | Резултат | Место (тимски) | Место (поединечно) |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1988 | Солун | 28. шаховска олимпијада | 2 р. | 4 | 5 | 0 | 6½ од 9 | 1 | 5 |
1990 | Нови Сад | 29. шаховска олимпијада | 1 | 5 | 4 | 1 | 7 од 10 | 1 | 3 |
1992 | Манила | 30. шаховска олимпијада | 1 | 6 | 5 | 1 | 8½ од 12 | 9 | 11 |
1994 | Москва | 31. шаховска олимпијада | 1 | 5 | 9 | 0 | 9½ од 14 | 9 | 9 |
1996 | Ереван | 32. шаховска олимпијада | 1 | 6 | 5 | 0 | 8½ од 11 | 2 | 2 |
1998 | Елиста | 33. шаховска олимпијада | 1 | 3 | 8 | 0 | 7 од 11 | 3 | 15 |
2000 | Истанбул | 34. шаховска олимпијада | 1 | 4 | 10 | 0 | 9 од 14 | 3 | 17 |
2002 | Блед | 35. шаховска олимпијада | 2 | 4 | 10 | 0 | 9 од 14 | 14 | 17 |
2004 | Калвија | 36. шаховска олимпијада | 1 | 6 | 7 | 0 | 9½ од 13 | 1 | 3 |
2006 | Торино | 37. шаховска олимпијада | 1 | 4 | 8 | 1 | 8 од 13 | 8 | 27 |
2008 | Дрезден | 38. шаховска олимпијада | 1 | 3 | 6 | 2 | 6 од 11 | 4 | 15 |
2010 | Ханти-Мансијск | 39. шаховска олимпијада | 1 | 7 | 1 | 2 | 8 од 10 | 1 | 2 |
Контроверзи
уредиНа 38. шаховска олимпијада, која се одржа во 2008 година во Дрезден, Иванчук беше дел од репрезентацијата на Украина, играјќи на прва табла. Пред последниот круг на натпревари, репрезентацијата на Украина беше на второто место, со реални шанси за победа, додека само висок пораз од репрезентацијата на САД ќе ја оставеше без медал. Уште пред почетокот на натпреварите од последниот круг, Иванчук беше избран од својата репрезентација за контролата за утврдување на употребата на недозволени средства, којашто требаше да се спроведе веднаш по завршувањето на натпреварите.
Во мечот, вознемирените репрезентативци на Украина загубија со 3½ - ½, при што Иванчук загуби против Гата Камски во партијата којашто се играше на првата табла. По мечот, Иванчук беше загрижен и бесен, а неговото расположение беше јасно видливо од гледачите во салата. Кога официјалните претставници на организаторот го повикале да го одведат до местото каде што треба да се изврши контролата, тој одбил да биде тестиран. Според правилата, одбивањето да се биде тестиран е еднакво на позитивен резултат на тестот што значеше двегодишна забрана за Иванчук од учество на турнирите организирани од страна на ФИДЕ.
Според правилата на ФИДЕ, сите резултати на шахистот за кој е утврдено дека користи недозволени средства, остварени на натпреварот по кој е извршена контролата се поништуваат. Ова претходно им се има случено уште на двајца шахисти, кои одбиле да бидат тестирани на контролата спроведена по натпреварите на 36. шаховска олимпијада, која се одржа во 2004 година во Калвија. Но, примената на ова правило зазема поголеми размери, па истото не се примени во случајот со Иванчук, бидејќи доколку истото доследно се применеше, ќе настанеа промени при освојувачите на медали, па така бронзениот медал на репрезентацијата на САД ќе ѝ беше одземен и истиот ќе ѝ беше доделен на репрезентацијата на Унгарија.[10]
Сепак, подоцна беше утврдено дека Иванчук не е виновен во случајот, врз основа на тоа што тој наводно не бил информиран за потребата од спроведувањето на контролата од страна на официјалните лица и дека во моментите на загриженост и бес по мечот, не го разбрал целосно барањето на арбитарот.[11]
Карактер и стил на игра
уредиМеѓу своите колеги, поради својот необичен и ексцентричен карактер, Иванчук е познат како „Големиот Чаки“. Во својот опис, Вишванатан Ананд ги употребува следните зборови:
„ | Тој е многу интелигентен... но никогаш никој не знае кон што ќе се измени неговото расположение. Некогаш, тој ќе Ве смета како негов изгубен брат. Но, следниот ден може целосно да Ве игнорира.
Така, шахистите имаат изрека за него. Тие велат дека тој живее на „Планетата Иванчук“... Го имам видено пијан, рецитирајќи украинска поезија, а наредниот ден како има импресивен разговор. Едно време, тој учеше турски. Не ме прашувајте зошто... Секој ден е изненадување со него.[12] |
“ |
Кога игра, Иванчук ретко гледа во таблата. Наместо тоа, тој се ѕвери во таванот и ѕидовите со празен поглед, што сепак е случај и со други силни шахисти, кои ги анализираат позициите на таблата, без да гледаат во неа. Неговиот стил на игра е непредвидлив и многу оригинален што го прави закана за било кој шахист, иако понекогаш води и до брзи порази.
Низата неуспешни резултати кулминираше со неговата елиминација уште во раната фаза на светскиот куп во 2009, по што тој емоционално изјави дека ќе се повлече од професионалното играње шах.[13] Сепак, подоцна тој ја повлече оваа одлука.[14]
Личен живот
уредиВо 1991 година, Иванчук се оженил со руската шахистка Алиса Гаљамова, со која подоцна се развел. Во 2007 година, се оженил по вторпат.
Турнирски резултати
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Ранг список на сите времиња“. Архивирано од изворникот на 2009-11-26. Посетено на 5 јули 2010.
- ↑ 100 најдобри шахисти според ФИДЕ во април 2007
- ↑ 100 најдобри шахисти според ФИДЕ во октомври 2007
- ↑ Иванчук победи пред Ананд на светското првенство во брзопотезен шах, Chessbase, 22 ноември 2007
- ↑ Аделаида 1988 (Светско првенство до 20 години, Chessmetrics.com
- ↑ Just How Much Wood Can a Woodchuck Chuck, Chucky?, извештај за учеството на Василиј Иванчук на шаховскиот турнир во Линарес, Chessbase, 2 март 2002
- ↑ Ivanchuk-Kasparov, Linares 1991, chessgames.com
- ↑ From a Fresh Start to a New Dawn - Part 2 Архивирано на 9 јуни 2002 г., Јасер Сеираван, 2002
- ↑ Ivanchuk, Vasyl, профил на Василиј Иванчук на OlimpBase
- ↑ Olympiad Dresden: The Ivanchuk Files, Chessbase, 2 декември 2008
- ↑ Decision of the FIDE doping hearing panel
- ↑ Anand interview in Indiaexpress.com, dead link in July 2008
- ↑ Ivanchuk threatens to quit professional chess, Chessbase, 26 ноември 2009
- ↑ „Ivanchuk: Sorry, I am not quitting chess“. 30 ноември 2009. Посетено на 30 ноември 2009.