Штефан Цвајг (германски: Stefan Zweig) (28 ноември 1881 во Виена, Австроунгарија - 22 февруари 1942 во Петрополис, Бразил) бил познат австриски писател, есист и хуманист. На врвот на неговата литературна кариера, во 1920-тите и 1930-тите, бил еден од најпознатите писатели во светот.[2]

Штефан Цвајг
Роден(а)ноември 28, 1881(1881-11-28)
Виена,[1] Австроунгарија
Починал(а)февруари 22, 1942(1942-02-22) (возр. 60)
Петрополис, Бразил
РодителиМориц Цвајг (1845–1926)
Ида Бретауер (1854–1938)
РодниниАлфред Цвајг (1879–1977)
(брат)
Потпис

Животопис

уреди
 
Штефан Цвајг (стои) со брат му Алфред, Виена, околу 1900. година.

Штефан Цвајг е роден во Виена во богато граѓанско семејство, од татко Мориц Цвајг (1845-1926) и мајка Ида Бретауер (1854-1938). Студирал германистика и романистика во Германија и Франција, но подоцна, наместо да ја проучува литературата, тој одлучил самиот да пишува. Во 1904 година, станал доктор на науки по филозофија на Универзитетот во Виена. Уште од раната младост, почнал да се воодушевува од големите странски писатели и започнал да ја преведува поезијата на познатите француски и англиски поети и да пишува за нив. Цвајг бил посебно воодушевен од белгискиот поет Емил Верхарен, кој му служел како уметнички и морален пример и учител.

Покрај туѓото творештво, младиот Цвајг го привлекувале и непознатите краишта, така што една цела деценија пред Првата светска војна ја поминал во патување низ светот (Париз, Лондон, Берлин, Рим, Фиренца, Шпанија, Шкотска, Индија, Индокина, Африка, САД, Канада, Куба, Панама итн.). На своите патувања стекнал голем број пријатели и, во тој поглед, Херман Хесе го нарекувал „мајстор на пријателствата“, а Ромен Ролан тврдел дека „пријателството било негова религија“.[3]

 
Потписот на Цвајг, 1927 година.

Цвајг уживал огромен углед во општеството. Оттука, како ретко кој писател, Цвајг имал голем број пријатели од редот на своите познати колеги (Рилке, Хофмнастал, Горки, Ролан, Верхарен, Шо, Швајцер итн.), но се однесувал пријателски и кон непознатите, а особено кон младите, кои често ги советувал и им помагал. Тој бил голем хуманист и пацифист и со својот збор се борел за почитување на човекот, за слободата на поединецот, за разбирање и мир меѓу народите.[4]

Под налетот на нацистите, поради своето еврејско потекло, Цвајг морал да ја напушти Австрија и во 1934 година, од Салцбург се преселил во Лондон. Кога избувнала Втората светска војна, во 1940 година, Цвајг се преселил од Англија во Јужна Америка, следната година се преселил во САД, а подоцна се населил во Петрополис, во близината на Рио де Жанеиро, Бразил. Избркан од саканата татковина и оддалечен од пријателите, неговиот живот изгубил секаква смисла. Разочаран од самоуништувањето на човештвото во војната, на 22 февруари 1942 година, Цвајг (заедно со неговата втора жена Лоте Алтман) извршил самоубиство, одлучувајќи, како што пишува во своето проштално писмо „навремено и исправен, да го заврши животот на кој духовната работа му беше најсвета радост, а личната слобода најголемо добро на земјата“.[5]

 
Претсмртното писмо на Цвајг.

Творештво

уреди
 
Творбата „Факир“ (Der Fakir) напишана со ракписот на Цвајг.

Помеѓу двете светски војни, Цвајг бил еден од најпознатите писатели кои пишувале на германски јазик, а неговите дела биле преведувани на сите позначајни јазици и имале милиони читатели. Неговата слава била толку голема, така што Томас Ман изјавил дека „можеби, од деновите на Еразмо, ниеден книжевник не бил толку славен како Штефан Цвајг.“[6]

Во книжевноста, Цвајг се појавил со своите две збирки лирска поезија, а потоа и со една збирка новели. Исто така, пишувал и драми, но немал посебна дарба за тој жанр, иако во Германија станал познат токму со драмите. Така, во 1917 година, во Швајцарија била изведена неговата трагедија „Еремија“, со која го кренал гласот против насилството. Како драматург, подоцна Цвајг доживел поширок успех само со својата преработка на комедијата на Бен Џонсон „Волпоне“, која била прикажувана во сите поголеми театри ширум светот.[7]

Како раскажувач, Цвајг се прославил со своите две збирки новели: „Амок“ (1922) и „Збрка и поматување на чувствата“ (1926). Подоцна ја објавил и новелата „Фантастична ноќ“. Популарноста на овие збирки не успеал да ја повтори со својот единствен романНестрпливо срце“ во кој дава психолошка анализа на австриското општество во старата монархија. По неговата смрт е објавено и делото „Новела за шахот“ (1941). Како раскажувач, Цвајг ја продолжува традицијата на виенската психолошка реалистичка школа, задржувајќи ја нејзината уметничка форма, но служејќи се со елементите на психоанализата. Исто како Фројд, кому му посветил еден свој есеј („Оздравување со помош на духот“), и тој во прв план ги става љубовта и сексот и често се враќа во детството на своите ликови, истакнувајќи ги нивите природни нагони. Во неговите новели, најчесто се портретираат проблематични ликови, кои се отфрлени од општеството, како: проститутки, алкохоличари, хохштаплери, морфонисти, хомосексуалци итн. Истовремено, во своите новели Цвајг дава критика на граѓанскиот морал и општествените конвенции или укажува на празнината и извештаченоста на монденскиот свет.[8]

 
Насловната корица на книгата „Марија Стјуарт“ од 1935 година.

Сепак, најголем успех Цвајг забележал како есеист и биограф. Тој е автор на повеќе есеи на големите писатели, заедно собрани под насловот „Неимарите на светот“, во кои пишува за Балзак, Дикенс, Достоевски, Хелдерлин, Клајст, Ниче, Казанова, Стендал и Толстој. Посебен вид есеи се неговите историски минијатури „Ѕвездените часови на човештвото“ (1927), кои претставуваат неговото најпопуларно дело. Неговите психолошки есеи, според научната основа, се слични на критички студии, според излагањето на фактите, личат на историски расправи, а по живото раскажување, прилегаат на романсирани биографии.[9].

Исто така, Цвајг е познат и по своите културно-историски биографии на Жозеф Фуше, Марија Стјуарт (1935), Марија Антоанета (1932) итн. Во последната деценија од својот живот, Цвајг напишал неколку биографии исполнети со хуманизам и протест против насилството. Такво е неговото познато дело „Триумфот и трагиката на Еразмо Ротердамски“ (1934), како и биографијата на еден подзаборавен хуманист Кастелио, објавена под насловот „Совеста против силата“ (1936). Својата последна биографија, која останала незавршена, Цвајг ја посветил на големиот француски филозоф Монтењ. Последното завршено дело на Цајг се „спомените на еден Европеец“, објавено по неговата смрт под насловот „Вчерашниот свет“ (1942), кое претставува живописна слика на епохата од крајот на 19 век до Втората светска војна, пропратена со портрети на повеќе истакнати луѓе.[10].

Најпосле, уште од раната младост, Цвајг се занимавал со превод на поезијата на познатите француски и англиски поети. Притоа, Цвајг не го сфаќал преведувањето како механичка работа, туку како оригинално уметничко творештво, со можност да се навлезе подлабоко во мајчиниот јазик.[11]

Наводи

уреди
  1. Prof.Dr. Klaus Lohrmann "Jüdisches Wien. Kultur-Karte" (2003), Mosse-Berlin Mitte gGmbH (Verlag Jüdische Presse)
  2. http://moreintelligentlife.com/story/stefan-zweig-secret-superstar
  3. Miloš Đorđević, „Štefan Cvajg“, во: Štefan Cvajg, Fantastična noć. Beograd: Rad, 1963, стр. 128-129.
  4. Miloš Đorđević, „Štefan Cvajg“, во: Štefan Cvajg, Fantastična noć. Beograd: Rad, 1963, стр. 127-129.
  5. Miloš Đorđević, „Štefan Cvajg“, во: Štefan Cvajg, Fantastična noć. Beograd: Rad, 1963, стр. 133-134.
  6. Miloš Đorđević, „Štefan Cvajg“, во: Štefan Cvajg, Fantastična noć. Beograd: Rad, 1963, стр. 127.
  7. Miloš Đorđević, „Štefan Cvajg“, во: Štefan Cvajg, Fantastična noć. Beograd: Rad, 1963, стр. 129.
  8. Miloš Đorđević, „Štefan Cvajg“, во: Štefan Cvajg, Fantastična noć. Beograd: Rad, 1963, стр. 129-130.
  9. Miloš Đorđević, „Štefan Cvajg“, во: Štefan Cvajg, Fantastična noć. Beograd: Rad, 1963, стр. 131.
  10. Miloš Đorđević, „Štefan Cvajg“, во: Štefan Cvajg, Fantastična noć. Beograd: Rad, 1963, стр. 131-133.
  11. Miloš Đorđević, „Štefan Cvajg“, во: Štefan Cvajg, Fantastična noć. Beograd: Rad, 1963, стр. 128.

Надворешни врски

уреди
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: