Француски директорат

виш управен орган на Франција од 1765 до 1799 година

Директоратот (наречен и Директориум, француски: le Directoire) бил влада на Првата Француска Република од 2 ноември 1795 до 9 ноември 1799 година, кога по државниот удар од 18-ти бример бил соборен од Наполеон Бонапарт и бил заменет со Конзулат. Времето на Директоратот ги опфаќа четирите последни години од Француската револуција. Во историографијата[1] терминот се користи за периодот од распуштањето на Националниот конвент на 26 октомври 1795 година (4 бример) до државниот удар на Наполеон.

Дел од темата Франција

Историја на Франција

Античка историја

Праисториска Франција
Галија
Римска Галија
Франки
Меровинзи

Среден век

Каролинзи
Капетинска династија
Династија Валоа
Династија Бурбони
Француска револуција

19 век

Прва Француска Република
Национален конвент
Француска директорија
Француско конзулство
Прво Француско Царство
Бурбонска реставрација
Јулска револуција
Јулска монархија
Француска револуција 1848
Второ Француско Царство
Трета Француска Република
Париска комуна

20 век

Вишиевска Франција
Привремена влада на Француската Република
Француска унија
Четврта Француска Република
Француска заедница
Петта Француска Република

Портал:Франција

Директоратот бил во постојана војна против странските коалиции, составени од Британија, Австрија, Прусија, Кралството Неапол, Русија и Отоманската империја. Директоратот успеал да ја анектирала Белгија и левиот брег на Рајна, и формирал 196 краткотрајни сестрински републики во Италија, Швајцарија и Холандија. Освоените градови и држави требало на Франција да ѝ испратат огромни суми пари, како и вредни уметнички дела кои биле искористени како експонати за новиот музеј Лувр во Париз. Армијата предводена од Бонапарт се обидела да го освои Египет и стигнала до Сен-Жан-Д'Акр во Сирија. Директоратот го спречил возобновувањето на бунтот во Вандеја, граѓанска војна предводена од ројалистите во регионот на Вандеја, но не успеал да го поддржи Ирскиот бунт од 1798 година за создавање на Ирска Република.

Економската криза во Франција продолжила и за време на Директоратот. На почетокот, касата била празна; книжните пари (асигнатите) загубиле најголем дел од својата вредност, а цените растеле. Директоратот престанал со печатење асигнати и парите си ја вратиле својата првобитна вредност, но тоа предизвикало нова криза; цените и платите паѓале, но стагнирала економската активност.

Во првите две години, Директоратот се концентрирал на ставање крај на практиките од Јакобинското владеење на теророт; престанале масовните погубувања, а мерките преземени против прогонетите свештеници и ројалисти биле ублажени. Јакобинскиот клуб бил затворен и владата го задушила планираното вооружено востание од Јакобинците.

Во 1799 година, по неколкуте порази на француската армија, Директоратот ја изгубил сета поддршка од политичките партии. Во октомври 1799, Бонапарт се вратил од Египет и бил ангажиран од опатот Сијес да изврши парламентарен државен удар на 8-9 ноември 1799 година. По превратот бил укинат Директоратот и бил заменет со Францускиот конзулат на чие чело застанал Бонапарт.

Политичка состојба

уреди
 
Конвентот се крева против Робеспјер (27 јули 1794 година)

Периодот познат како Владеење на теророт започнал како начин на заштита на Француската Република од надворешните и внатрешните непријатели, но набрзо станал алатка на Јакобинците за лична политичка пресметка против неистомислениците. На 17 септември 1793 година, со Законот за осомничени се овозможувало апсење на сите „непријатели на слободата“ а дефиницијата за непријател била многу широко поставена; на 10 октомври, Националниот конвент го признал Комитетот за јавен спас како врховна власт и го суспендирал Уставот додека не се „постигне мир“.[2]

Според архивските записи, од септември 1793 до јули 1794 година под обвинение за контрареволуционерна активност биле погубени околу 16.600 луѓе.[3] За време на кулминацијата на Теророт, членовите на Конвентот, па дури и поддржувачите на Робеспјер почнале да се плашат дека може да завршат на гилотина и затоа спремиле заговор за отстранување од власт на Робеспјер. На 27 јули, тој и неговите најблиски соработници биле уапсени и следниот ден биле погубени.[4]

По Термидорскиот пуч, била зачувана претходната структура на владата, но во првите месеци бил прекинат теророт, се извршила децентрализацијата на власта од комитетите и бил укинат Законот за максимум. Двата Комитета за јавен спас и јавна безбедност не биле распуштени, но ја загубиле својата политичка моќ. Зачуван бил и републиканскиот систем и покрај надежите на емигрантите и ројалистите за возобновување на монархијата. Новопечените богаташи во новото уредување се збогатиле како резултат на нелегална продажба, шпекулации, па дури и преку непосредно одземање на земјиштето и богатството кое претходно им припаѓало на благородниците и црквата.

Конвентот опстоил уште околу една година, но некои од најекстремните Јакобинци биле брзо отстранети од него: Био-Варен и Коло д'Арбоа биле протерани во Француска Гвајана, а Кариер, Думас и Фукие-Тренвил (претседателот и обвинителот од Револуционерниот трибунал) биле пратени на гилотина. Самиот Револуционерен трибунал бил затворен, а многу Жирондинци биле амнестирани.

Луксузот и задоволствата се вратиле во општествениот живот, а богатите граѓани излегуваат на улиците и се препуштаат на забавата. Јакобинската диктатура со сета нејзина строгост е минато, како и инсистирањето на скромност во облекувањето и прикривање на личното богатство. Било забрането луѓе кои не се познаваат меѓусебе да се обраќаат со „ти“. За разлика од Санкилотите, во Париз и другите поголеми градови биле формирани вооружени групи од богати млади луѓе, Мушкадинците, кои требало да ги гонат Јакобинците. Тие ги нападнале театрите и ги уништиле јакобинските кафулиња. На крајот Јакобинскиот клуб бил затворен во ноември 1794 година.

Термидорците не припаѓале на одредено политичко движење и немале сеопфатна социјална програма, но давале поддршка на приватната сопственост и ја поддржале слободата на изразување на незадоволство од регулирањето на цените и реквизициите. Термидорците ставиле крај на теророт и ги затвориле организации кои се бореле против заговорите, ројалистите и осомничените. Укината бил законот за максимална цена, што довело до брз пораст на цените. На почетокот од 1795 година зимата била невообичаено студена, а претходната жетва била слаба. Тоа предизвикало големо незадоволство и на улиците на Париз се појавиле летоци и плакати кои повикуваат на бунт. Во март 1795 година, немирите биле секојдневие, а во април и мај избувнале две востанија, познати како Жерминал и Прери, соодветно според имињата на месеците од револуционерниот календар. Бунтовниците упаднале во зградата на Конвентот, но биле растерани од армијата и вооружените групи од мушкадинците. По овие бунтови, Санкилотите биле разоружани, и биле запленети повеќе од 100.000 пушки, а нивните клубови биле затворени.

Подготвување на новиот Устав

уреди

Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година била приложена како преамбула, и наведувала дека „Правата на човекот во општеството се слобода, еднаквост, безбедност и сопственост“.[5] Уставот ја гарантирал слободата на религијата, слободата на печатот и слободата на трудот, но забранувал вооружени здружувања, па дури и јавни состаноци на политичките општества. Само поединци или јавната власт можеле да поднесат петиции.

 
Франсоа Антоан де Боаси д'Англас, еден од главните автори на Уставот од 1795 г.

Судскиот систем бил реформиран, а мандатот на судиите бил ограничен на две години за мировните судии, пет за судиите во одделенските трибунали.

Новиот законодавен дом имал два дома, Совет од петстотини и Совет на старите кој имал 250 членови. Изборните собранија во секој француски кантон избрале претставници на изборното собрание, кое потоа ги избирало членовите на двата дома. Членовите на овој законодавен дом имале мандат од три години, при што една третина од членовите се обновуваат секоја година. Старите не можеле да предложуваат нови закони, но можеле да стават вето на законите предложени од Советот од петстотини.

Со Уставот се воспоставила уникатен вид извршна власт, Директорат составен од пет лица кои ги избирал законодавниот дом.[6][7] Според Уставот, Советот од петстотини со тајно гласање требало да подготви листа на кандидати за Директоратот. Потоа, Советот на старите со тајно гласање ги избирал Директорите од доставениот список. Уставот налагал директорите да имаат најмалку четириесет години. За да се обезбеди постепена, но постојана промена, по еден директор, избран со ждрепка, се менувал секоја година. Министри со различни ресори им помагале на директорите.

Новиот Устав се обидел да создаде поделба на власта; Директорите немале право на глас во законодавството или во оданочувањето, и директорите или министрите не можеле да бидат членови во некој од двата дома. За да се овозможи независност на Директорите, секој од нив бил избиран од еден дел од законодавниот дом и не можеле да бидат отповикани од законодавниот дом освен ако не го прекршат законот.[8]

Најголема жртва во новиот систем бил Градот Париз, кој доминирал во настаните во првиот дел од Револуцијата. На 24 август 1794 година, биле укинати Јакобинските клубови. Набргу потоа, на 31 август, била укината општината Париз, а градот бил ставен под директна контрола на Владата. Со законот од 11 октомври 1795, во согласност со новиот Устав, биле создадени првите дванаесет арондисмани во Париз, биле формирани дванаесет нови комитети, по еден за секој арондисман. Градот станал нов департман, департман Сена, кој го заменувал дотогашниот департман Париз создаден во 1790 година.[9][10]

Историја

уреди

Директориумот ја презема одговорноста

уреди

Помеѓу 12 и 21 октомври 1795 година, веднаш по задушувањето на ројалистичкото востание во Париз, се одржале изборите за новите Совети според новиот Устав. Во новиот законодавен дом биле избрани 379 членови од стариот Конвент, во најголем дел умерени републиканци. За да се увери дека Директоратот нема во целост да ги напушти идеалите на Револуцијата, Советот побарал сите членови на Директоратот да бидат поранешни членови на Конвентот и да гласале за погубувањето на Луј XVI.

На 31 октомври 1795 година, Советот на старите го избрал првиот Директорат од списокот на кандидати поднесен од Советот од петстотини. Едно избрано лице, Абе Сијес, ја одбило позицијата, и рекол дека таа не одговара на неговите интереси или личност. На негово место бил избран нов член Лазаре Карно. [5]

Следниот ден, членовите на новата влада ги презеле своите канцеларии во Луксембуршката палата, каде претходно бил сместен Комитетот за јавен спас.

Галерија

уреди

Финансии и економија

уреди

Новиот директор задолжен за финансиските работи дал краток опис на финансиската состојба во Франција кога Директоратот ја презел власта: „Националната благајна беше целосно празна; не остана ниту едно су. Асагнатите беа речиси безвредни. Не може да се испечатат доволно пари за една ноќ која ќе ги задоволи најитните потреби за следниот ден. . . . Јавни приходи немаше; граѓаните ја изгубија навиката да плаќаат даноци. [. . . ] Целиот јавен кредит беше мртов и сета доверба изгубена. [. . . ] Депресијацијата на асагнатите, има застрашувачка брзина на паѓање, ја намали платата на сите функционери.“[5]

Падот на вредноста на парите бил проследен со голема инфлација. Луидорот (златник), кој вредел 2000 ливри во книжни пари на почетокот од Директоратот, се зголемил на 3000, а потоа на 5000 ливри. Цената на литар вино се зголемила од 50 су во октомври 1795 година на десет франци, а потоа на триесет франци. Мерка брашно која во 1790 година чинела две ливри во октомври 1794 година била 225 ливри.[5]

За да се справи со инфлацијата, владата почнала да кова нови златни и сребрени монети, кои имале вистинска вредност; Владата имала малку злато, но големи резерви на сребро, главно во форма на сребрени садови, свеќници и други предмети конфискувани од црквите и благородништвото.

Овие мерки ја намалиле стапката на инфлација. На 19 февруари 1796 година, владата на церемонија на Плоштадот Вандом ги уништила печатарските машини за производство на асагнати. Но, се јавил нов проблем: во Франција побарувањата за конфискуваните имоти биле изразени во асагнати (вкупните побарувања биле 2.400.000.000 асагнати). Оние кои имале асагнати можеле да ги заменат за државни мандати, со кои можеле да се купат замоци, црковни згради и друг државен имот по екстремно намалени цени.

Друг голем проблем со кој се соочи Директоратот бил огромниот јавен долг. Во периодот од септември до декември 1797, Директоратот го решил овој проблем со прогласување банкрот на две третини од долгот, но ја исплатил останатата третина. Оние кои поседувале големи количини државни обврзници пропаднале, но валутата била стабилизирана. За да се полни државната каса, Директоратот вовел нови даноци за сопствениците на имот, врз основа на бројот на камини и оџаци, а подоцна и според бројот на прозорците на нивните живеалишта. Биле создадени и други нови даноци: за златни и сребрени предмети, за играње карти, тутун и други луксузни производи. Со овие средства, Директоратот успеал да ги стабилизира финансиите.[5]

Снабдување со храна

уреди

Снабдувањето со храна за населението, а особено за Парижаните, бил голем економски и политички проблем пред и за време на револуцијата; тоа довело до немири за храна во Париз и напади на Конвентот. За да се обезбеди снабдување со храна на санкилотите во Париз, поддржувачи на Јакобинците, Конвентот строго ја регулирал дистрибуцијата на жито и поставил максимални цени за лебот и другите основни производи. Со падот на вредноста на валутата, замрзнатите цени набрзо не ги покривале трошоците за производство, а залихите се намалиле. Конвентот бил принуден да го укине максимумот на 24 декември 1794 година, но продолжил да купува огромни количини леб и месо кои ги дистрибуирал по ниски цени на парижаните. Ова бил тежок удар за буџетот и се јавило незадоволство во остатокот од земјата. На почетокот од 1796 година, снабдувањето со жито било дополнето со испораки од Италија и од Алжир. И покрај зголемениот увоз, снабдувањето со жито во Париз не било доволно. Министерството за внатрешни работи на 23 март 1796 година известило дека имало доволно пченица за пет дена, а има недостиг од месо и огревно дрво. Директоратот бил принуден да продолжи со испораките на субвенционирана храна за сиромашните, постарите, болните и државните службеници. Недостигот на храна и високите цени биле еден од факторите за растот на незадоволството и востанието на Бабеф, Заговорот на еднаквите, во 1796 година.[5]

Заговор на еднаквите

уреди
 
Франсоа Ноел Бабеф, гравура од Франсоа Боневил, 1794 година

Во 1795 година, Директоратот се соочил со нова закана од следбениците на Франсоа Ноел Бабеф, политички агитатор познат како Грах кој го организирал Заговорот на еднаквите. Од 1789 година, Бабеф се залагал за Аграрното право, аграрна реформа осмислена од староримските браќа, Тибериј и Гај Грах, за споделување на заедничките добра, како средство за постигнување економска еднаквост. По падот на Робеспјер, ја напуштил оваа идеја затоа што се покажала како непрактична шема.[11] Бабеф не барал укинување на приватната сопственост и напишал дека селаните треба да поседуваат свои парцели, но тој се залагал целото богатство да биде подеднакво поделено: од сите способни граѓани ќе се бара да работат и сите ќе добијат ист приход. Бабеф не верувал дека масата француски граѓани е подготвена за самоуправа; и затоа предложил диктатура под негово водство додека народот не се образува доволно за да ја преземе одговорноста.[12]

На почетокот, следбениците на Бабеф биле малубројни; читатели на неговиот весник, „Народна трибина“, биле претежно екстремно левичарски јакобинци од средната класа кои биле исклучени од новата влада. Сепак, стекнувал популарност кај работничката класа во главниот град по падот на вредноста на асигнатите, што довело до брзо намалување на платите и пораст на цените на храната. Од октомври 1795 година, Бабеф се здружил со најрадикалните Јакобинци и на 29 март 1796 година го формирал „Тајниот Директорат на еднаквите“ (Directoroire secret des Égaux), кој предложил да се „револуционизира народот“ преку памфлети и плакати за на крај да се собори владата. Тој формирал сојуз на утописки социјалисти и радикални јакобинци. Заговорот на еднаквите бил организиран на нов начин: во центарот биле Бабеф и Тајниот директорат, кои го криеле својот идентитет и споделувале информации со другите членови на Заговорот само преку доверливи посредници. И покрај мерките на претпазливост, Директоратот инфилтрирал агент во заговорот и бил целосно информиран за тоа што се прави.[13] На Бонапарт, новоименуваниот командант на Внатрешната армија, му било наредено да го затвори клубот Пантеон, главното место за состаноци на Јакобинците во Париз. Бил затворен на 27 февруари 1796 година. Директоратот презел и други мерки за да спречи востание; Легијата на полицијата (légion de police), месна полициска сила во која доминирале Јакобинците, била принудена да стане дел од Армијата, а Армијата организирала мобилна чета за патролирање низ населбите и запирање на востанија.[12]

Пред Бабеф да го спроведе својот заговор, на 10 мај 1796 година бил предаден од полициски шпион и уапсен во неговото скривалиште. Во скривалиштето биле пронајдени сите записи од заговорот, и сите имиња на заговорниците. И покрај ова, заговорот продолжил со своите планови. Ноќта меѓу 9 и 10 септември 1796, помеѓу 400 и 700 Јакобинци се обиделе да испровоцираат вооружен бунт против Конвентот. Во исто време била формирана милитантска чета во работничките населби во Париз и се упатиле кон палатата Луксембург, каде било седиштето на Директоратот. Директорот Карно претходната вечер бил информиран претходната вечер од командантот на кампот, а единицата драгуни била подготвена. По почетокот на нападот околу десет часот, ненадејно се појавиле драгуните. Околу дваесет Јакобинци биле убиени, а другите уапсени. Четата милитанти, откако дознала што се случило, се разбегала во паника. Следело сеопфатно апсење на милитантите на Бабеф и Јакобинците.

И покрај апсењето, Бабеф, во затвор, сè уште сметал дека може да преговара со владата.[12] Следбениците на Бабеф направиле неколку обиди да го ослободат од затвор. На крајот бил преместен во Вендом за судење. На обвинетите Јакобинци им судел воен суд во периодот од 19 септември до 27 октомври. Триесет Јакобинци, меѓу кои и тројца поранешни заменици на Конвентот, биле осудени и гилотинирани. Бабеф и неговите главни следбеници беа судени во Вендом помеѓу 20 февруари и 26 мај 1797 година. Двајцата главни водачи, Бабеф и Дарте, биле осудени. И двајцата се обиделе да се самоубијат, но не успеале и биле гилотинирани на 27 мај 1797 година. Меѓутоа, во следните месеци, Директоратот и Советите постепено се дистанцирале од ројалистичката десница и се обиделе да најдат нови сојузници на левата страна.[12] [14][15]

Војна и дипломатија (1796-1797)

уреди

Главната преокупација на Директоратот за време на неговото постоење била војната против коалицијата на Британија и Австрија. Воената цел поставена од Конвентот во октомври 1795 година била проширување на Франција до она што се сметало за нејзини природни граници: Пиринеите, Рајна и Алпите, границите на Галија од времето на Римската Империја. Во 1795 година, Прусија, Шпанија и Холандската Република излегле од војната на Првата коалиција и склучиле мир со Франција, но Велика Британија одбила да ја прифати француската анексија на Белгија. Покрај Британија и Австрија, единствени непријатели на Франција биле кралството Сардинија и неколку мали италијански држави. Австрија предложила европски конгрес за решавање на границите, но Директоратот го одбил тоа, и наместо тоа барал директни преговори со Австрија. Под британски притисок, Австрија се согласила да ја продолжи војната против Франција.[5]

Италијанска кампања

уреди
 
Бонапарт ги поразува Австријците во битката кај Риволи (14 јануари 1797 година)
 
Британски цртеж го прикажува неуспехот на француската воена експедиција во Ирска, разбиена од морска бура во 1797 година.

Бонапарт, иако имал само дваесет и осум години, бил именуван за командант на Италијанската армија на 2 март 1796 година. Таму Бонапарт се соочил со здружените војски на Австрија и Сардинија, кои броеле седумдесет илјади луѓе. Тој ги поразил во серија битки, кои кулминирале со битката кај Мондови каде ги победил Сардинците на 22 април 1796 година и битката кај Лоди, каде што ги поразил Австријците на 10 мај. Кралот на Сардинија и Савоја бил принуден да склучи мир во мај 1796 година и ѝ ги отстапил Ница и Савоја на Франција.

Кон крајот на 1796 година, Австрија испратила две нови војски во Италија за да го избрка Бонапарт, но Бонапарт ги поразил во битката кај Аркол и битката кај Риволи и ја принудил Австрија да го потпише Договорот од Кампо Формио (октомври 1797), со кој императорот ѝ ги отстапил Ломбардија и Австриска Холандија на Француската Република во замена за Венеција.[16]

Сојуз со Шпанија

уреди

Директоратот сакал да формира сојуз со Шпанија за да ја блокира британската трговија со континентот и да го затвори Средоземното Море за британските бродови. Со Договорот од Сан Илдефонсо, од август 1796, Шпанија станала сојузник на Франција, и на 5 октомври ѝ објавила војна на Британија. Британската флота ја поразила шпанската флота кај Кејп Сент Винсент, и Медитеранот останал отворен за британските бродови, но Обединетото Кралство загрозено од бунтовите во сопствената флота го признало француското освојување на Холандија.

Ирска експедиција

уреди

Директоратот, исто така, барал друг начин да ги загрози британските интереси и да му врати на Кралството Велика Британија за поддршката што им ја дало на ројалистичките бунтовници во Бретања, Франција (1707-1800). На 15 декември 1796 година, француска флота од 44 пловила и 14.000 војници го напуштила Брест во експедиција во Ирска, каде што требало да им помогнат на ирските бунтовници да ги протераат Британците од поранешното (1542-1800) Кралство Ирска. Сепак, флотата била зафатена од бура во близина на ирскиот брег и бидејќи не можела да стигне до Ирска, морала да се врати назад со 31 брод и 12.000 преживеани војници.

Подемот на ројалистите и државен удар (1797)

уреди

Првите избори по формирањето на Директоратот се одржале во март и април 1797 година, за да се замени една третина од членовите на Советите. Старите членови на Конвентот доживеале тежок пораз на изборите; 205 од вкупно 216 кандидати биле поразени. Само единаесет поранешни пратеници од Конвентот биле реизбрани, а меѓу нив неколкумина биле ројалисти. [17] На изборите победиле ројалистите, кои биле поделени на оние кои се залагаат за враќање на апсолутна монархија и оние кои посакуваат уставна монархија по британскиот модел.

 
Генералот Жан-Шарл Пичегру, претседател на Советот од петстотини, бил обвинет дека е таен ројалист

Ројализмот не бил во согласност со законите и пратениците не можеле да се декларираат како такви, но набрзо се појавиле ројалистички весници и памфлети, имало промонархиски демонстрации во театрите, а ројалистите носеле облека по која можат да се идентификуваат, како што се црните кадифени јаки, во знак на жалост за погубувањето на Луј XVI. Парламентарните ројалисти побарале промени во владината фискална политика и да бидат потолерантни кон религијата. На емигрантите кои избегале за време на Револуцијата, Конвентот им се заканувал со смртна казна ако се вратат; а сега, под Директоратот, тие полека почнале да се враќаат. [18]

 
Генералот Пјер Ожеро, близок сојузник на Бонапарт, ја предводел армијата која ги уапсила ројалистичките водачи во законодавниот дом (4 септември 1797 година)
 
Армијата го апси генералот Пичегру во палатата Туилери (4 септември 1797 година)

Паралелно со парламентарните ројалисти, кои не биле непосредно поврзани со нив, постоела и тајна мрежа на ројалисти, чија цел била да го постават Луј XVIII, тогаш во егзил во Германија, на францускиот престол. Тие во голема мера биле финансирани од Британија, преку канцелариите на Вилијам Викам, британски врвен шпион со седиште во Швајцарија. Овие мрежи биле внимателно следени од полицијата за да имаат голем ефект врз политиката. Сепак, Викам остварил еден контакт кој се покажал дека има одлучувачки ефект врз француската политика: преку посредник, тој водел преговори со генералот Пичегру, тогашен командант на Армијата од Рајна.[5]

Ројалистите во советите почнале да бараат поголема моќ врз владата и особено врз финансиите, загрозувајќи ја позицијата на Барас. [12] Барас почнал да го планира падот на ројалистите. Од писмата одземени од заробен ројалистички агент, тој знаел за контактите што генералот Пичегру ги остварил со Британците и дека бил во контакт со прогонетиот крал Луј XVIII. Информациите ги споделил со Карно, а тој се согласил да ја поддржи неговата акција против советите. [5]

На 4 септември 1797, започнал државен удар од 18 Фруктидор, година V. Војниците на генералот Ожеро ги уапсиле Пичегру, Бартелеми и водечките ројалистички пратеници во советите. Следниот ден Директоратот ги поништил изборите на околу двесте пратеници во 53 департмани.[5] Шеесет и пет пратеници биле депортирани во Гвајана, 42 ројалистички весници биле затворени, а 65 новинари и уредници биле депортирани. Карно и Бартелеми биле отстранети од Директоратот. Карно заминал во егзил во Швајцарија; подоцна се вратил и станал, извесно време, воен министер на Бонапарт. А Бартелеми и Пичегру биле испратени во егзил во Француска Гвајана (казнена колонија на Каен). Во јуни 1798 година, и двајцата избегале од таму и отишле прво во Соединетите Држави, а потоа во Англија. За време на Конзулатот, Пичегру тајно се вратил во Париз, каде што бил заробен на 28 февруари 1804 година. Умрел во затвор на 6 април 1804 година, или бил задавен или се самоубил.

Втор Директорат

уреди

Превратот бил проследен со многу востанија од страна на ројалистите во Екс ан Прованс, Тараскон и други градови. Еден комесар од Директоратот бил убиен во Лион, а на 22 октомври контрареволуционерите ја зазеле на 24 часа градската управа во Карпентрас. Овие кратки востанија служеле како оправдување за репресијата од новата влада.[12]

Откако ројалистите биле исфрлени од Советите, а Карно и Бартелеми ги немало во Директоратот, Јакобинците повторно ја контролирале владата. Двете празни места во Директоратот биле пополнети од Мерлин де Дуаи, адвокат кој помогнал да се напише Законот за осомничените за време на владеењето на теророт; и Франсоа де Нојфшато, поет и експерт во индустријата за внатрешна пловидба, кој служел само неколку месеци. Осум од дванаесетте директори и министри на новата влада биле регициди, кои како пратеници на Конвентот гласале за погубување на Луј XVI и сега биле решени да ја продолжат Револуцијата.[19] [5]

Централната администрација и градските власти биле брзо исчистени од осомничените ројалисти. Следна цел бил бранот на емигранти и свештеници кои почнале да се враќаат во Франција. На емигрантите им било наредено да ја напуштат Франција во рок од петнаесет дена. Ако не го сторат тоа, требало да им суди воена комисија и, по докажување на нивниот идентитет, ќе бидат погубени во рок од дваесет и четири часа. Низ целата Франција биле формирани воени комисии за да им судат не само на емигрантите кои се враќаат, туку и на бунтовниците и заговорниците. Од 4 септември 1797 година до крајот на Директоратот во 1799 година, 160 лица биле осудени на смрт од воените трибунали, меѓу кои 41 свештеник и неколку жени. [12]

Во пролетта 1798 година се одржале нови избори на кои не само што требало да се избере нова третина од законодавниот дом, туку требало да се изберат пратеници на местата на протераните пратеници по Фруктидорскиот преврат. Требало да се изберат 437 пратеници. Изборите се одржале во периодот од 9 до 18 април. Списокот со кандидати за директори бил испратен до Советите, во кој биле исклучени најрадикалните членови. Со ждрепка било одредено Франсоа де Нојфшото да го напушти Директоратот, а Барас предложил него да го заменат само умерени Јакобинци: изборот паднал на Жан-Батист Треилхард. Ваквите политички маневри ми ја обезбедиле моќта на Директоратот, но дополнително го зголемиле јазот помеѓу умерениот Директорат и радикалното јакобинско мнозинство во Советите.[5]

Војна и дипломатија (1798)

уреди

На 17 октомври 1797 година, генералот Бонапарт и Австријците го потпишале Договорот од Кампоформио. Франција го добила левиот брег на Рајна јужно од Келн, Белгија, и островите во Јонското Море кои ѝ припаѓале на Венеција. На Австрија за компензација ѝ биле дадени териториите на Венеција до Егејското Море. Наполеон учествувал во преговорите со Светото Римско Царство и Австрија, на Вториот конгрес во Раштат, за прекројување на границите на Германија. Потоа бил повикан назад во Париз за да биде назначен на уште поамбициозен проект, инвазијата на Британија, која била предложена од директорот Карно и генералот Хоше. Но по инспекција на пристаништата, Бонапарт сфатил дека шансите за успешна инвазија се мали: бродовите биле во лоша состојба, екипажите недоволно обучени и недостасуваат средства и логистика. Тој предложил да ги продолжат „проектите на Истокот. Само таму може да се постигнат големи резултати.“ [5] Инвазијата на Англија била откажана, а за возврат бил предложен помалку амбициозен план за поддршка на ирското востание.

Експедицијата на Бонапарт во Египет (мај 1798 година)

уреди

Идејата за француска воена експедиција во Египет била предложена од Талејран уште на 3 јули 1797. Експедицијата во Египет имала три цели: да го пресече најкраткиот пат од Англија до Британска Индија; да се основа колонија која би можела да произведува памук и шеќерна трска, кои биле дефицитарни во Франција поради британската блокада; и да обезбеди база за иден француски напад врз британска Индија. [5]

Но имало и проблеми: републиканската француска политика била против колонизација, а Франција не била во војна со Отоманската Империја, во чиј состав бил Египет. Затоа, на експедицијата ѝ била дадена дополнителна научна мисија: „да го просветли светот и да се здобие со нови богатства за науката“. Во експедицијата имало голем тим од истакнати научници; Дваесет и еден математичар, тројца астрономи, четворица архитекти, тринаесет природонаучници и исто толку географи, плус сликари, еден пијанист и поетот Франсоа-Огист Парсевал-Гранмесон.[5]

На 19 мај 1798 година, двесте бродови со 35.000 војници во составот на Армијата од Ориентот испловила од Тулон. Британската флота под команда на Нелсон, која очекувала француска експедиција кон Константинопол, не можела да ги спречи. Француската флота застанала на Малта и го зазела островот, чија влада пружила мал отпор. Војската на Бонапарт стигнала од заливот кај Александрија на 1 јули и го зазела градот на 2 јули. Во битката кај пирамидите на 21 јули 1798 година Наполеон ги поразил Мамелуците. Меѓутоа, на 1 август, британската флота на адмиралот Нелсон пристигна до брегот; француската флота била изненадена и уништена во битката кај Нил . Само четири француски бродови избегале. Бонапарт и неговата војска биле затворени во Египет.[5]

Војна и политичка криза (1799)

уреди

Втора коалиција против Франција

уреди
 
Суворов и руско-австриската војска ги поразуваат Французите во битката кај Касано на 27 април 1799 година. Слика од Лујџи Скијавонети

Британија и Австрија биле вознемирени од создавањето на сестрински републики. Австрија најпрво побарала Франција да ѝ предаде дел од територијата на новите републики. Кога Директоратот одбил, Австрија почнала да бара партнери за нов воен сојуз против Франција. Новиот цар на Русија, Павле I од Русија, бил крајно непријателски настроен кон француските републикански идеи, сочувствувал со прогонетиот Луј XVIII и бил подготвен да се приклучи на нова коалиција против Франција. Царот понудил војска од 20.000 луѓе, испратени по море во Холандија со неговата балтичка флота. Тој испратил друга армија од 60.000 луѓе, ветерани од борбите во Полска и Турција, под команда на неговиот најдобар генерал, Александар Суворов, да им се придружат на австриските сили во северна Италија.

Кралот на Прусија, Фридрих-Вилијам III, ја зачувал неутралноста со цел да профитира од двете страни, што претставува неуспех за Франција.

Кон крајот на 1798 година, коалицијата имала 300.000-на војска, со можност нејзиниот број да се зголеми на 600.000. Најдобрата француска војска, на чело со Бонапарт, била блокирана во Египет. Франција имала војска од 170.000 војници, и за да се обиде парира на коалициските сили, Директоратот наредил нова регрутација за армијата, и се барало да додат двесте илјади нови војници. [5]

Обновување на војната во Италија и Швајцарија

уреди

На 10 ноември 1798 година, британската и австриската влада се договориле да ги потиснат петте нови сестрински републики и да ја принудат Франција да се врати во нејзините граници од 1789 година. На 29 ноември 1798, кралот на Неапол започнал напад врз Рим, кој го бранеле француските војници. Французите ја поразиле неаполската војска во битката кај Цивита Кастелана на 5 декември. Следниот ден, француските војници го принудиле кралот на Сардинија да ги отстрани своите војници од Пиемонт и да се повлече на неговиот остров Сардинија. Француската армија се упатила кон Кралството Неапол, и кралот на Неапол го напуштил градот со британски воен брод на 23 декември 1798 година. Неапол бил окупиран на 23 јануари 1799, а на 26 јануари била прогласена нова неаполска република, таканаречената Партенопеска Република, шеста под француска заштита.

Мировните преговори со Австрија (пролетта 1799) биле во статус кво и Директоратот одлучил да започне нова офанзива во Германија, но доаѓањето на руска армија и нови австриски сили го променила балансот на силите. Французите биле поразени во неколку битки и се вратиле во Париз за да бараат повеќе војници.

Силите на Втората коалиција ја нападнале Италија окупирана од Франција, и по битката кај Касано (27 април 1799) ги окупирала Торино и Милано и со тоа ја повратиле Цисалпската Република од Франција. Сестринските републики основани од Французите во Италија брзо пропаднале, а само Џенова останала под француска контрола.[5]

Во август, Русите и Британците отвориле нов фронт во Холандија. На 27 август британската и руската армија се здружиле кај Хелдер. На 31 август, холандската флота, која била во сојуз со Франција, била поразена од Кралската морнарица. Користејќи ја кризата во владата и во армијата, водачите на ројалистичките бунтови во Вандеја и Бретања на 15 септември почнале да подготвуваат ново востание.[5] Кралскиот командант Луј де Фрот, во егзил во Англија, се вратил во Франција за да командува со новото востание. [5]

Пресврт: Француски успеси (септември 1799 година)

уреди

Воената положба на Франција, која изгледала катастрофална во текот на летото, значително се подобрила во септември. На 19 септември, генералот Бруне извојувал победа над британско-руската армија во Холандија во Кастрикум. На 18 октомври, откако биле опколени во Алкмар, британско-руските сили се согласиле да се повлечат. Во Швајцарија, армијата на руската империја била поделена на два дела. На 25-26 септември, француската армија во Швајцарија поразила еден дел од руската армија во Втората битка кај Цирих, и го принудила остатокот од руската армија да се повлече преку Алпите во „Италија“. Суворов бил бесен на Австријците, обвинувајќи ги дека не ги поддржувале неговите трупи и го повикал царот да ги повлече своите сили од војната. [5]

Ројалистичкото востание на западот на Франција, планирано да ја придружува британско-руско-австриската офанзива, исто така било неуспешно. Чуаните накратко го зазеле Ле Ман на 14 октомври и Нант на 19 октомври, но биле брзо протерани од француската армија, а бунтот бил задушен на 29 октомври. [5]

Нови избори, нови директори и растечка политичка криза

уреди
 
Лусиен Бонапарт, 24-годишниот брат на Наполеон, бил избран за претседател на Советот од петстотини. Слика од Франсоа-Ксавиер Фабре, Музеј Наполеонико, Рим

Од 21 март до 9 април 1799 година биле одржани избори за нови 315 членови во Советите. Ројалистите биле дискредитирани и ги немало; победници биле неојакобинците, кои сакале да ја продолжат и зајакнат Револуцијата. Меѓу новите членови на Советот бил и Лусиен Бонапарт, помладиот брат на Наполеон, кој тогаш имал само дваесет и четири години. Врз основа на името, бил избран за претседател на Советот од петстотини.

Овој пат директорите не се обиделе да ги дисквалификуваат Јакобинците, туку барале други начини да ја задржат контролата врз владата. Требало да се избере нов член на Директоратот. Според Уставот, изборот на нов член на Директоратот го гласале старите членови на Советите, а не новоизбраните. Бил избран Абе Сијес, еден од главните водачи на револуцијата од 1789 година, кој дотогаш бил амбасадор во Берлин. Сијес на ум имал свој проект: тој смислил нова доктрина дека моќта на владата треба да биде ограничена за да се заштитат правата на граѓаните. Неговата идеја била да се донесе нов Устав со врховен суд, по американски модел, за заштита на правата на поединецот. Својата мисија ја гледал како спречување на враќањето на владеењето на теророт од 1793 година, нов устав и завршување на Револуцијата што е можно поскоро, не бирајќи средства. [12]

По завршување на изборите, јакобинското мнозинство веднаш побарало Директоратот да стане „пореволуционерен“. Тие го прогласиле изборот на директорот Треилхард за незаконски поради технички пропусти и со гласање одлучиле да биде сменет со Луј-Жером Гоје, адвокат кој бил министер за правда за време на Конвентот и кој го надгледувал апсењето на умерените пратеници од Жирондин. Јакобинците во Советот потоа побарале и оставка од двајца умерени директори, Ла Ревелие и Мерлин. Тие биле заменети со два нови члена, Роже Дукос, малку познат адвокат кој бил член на Комитетот за јавен спас, и непознатиот јакобински генерал, Жан-Франсоа-Огист Мулен. Новите министри именувани од директорите во најголем дел биле докажани Јакобинци, иако Сијес издејствувал назначување на Џозеф Фуше за нов министер за полиција.[5]

Јакобинците веднаш почнале да предлагаат закони кои во голема мера биле поволни за санкилотите и работничката класа, но кои ги вознемириле високата и средната класа. Советите наметнале принуден заем од сто милиони франци, кои требало веднаш да го платат според степенеста скала сите кои платиле данок на имот над триста франци. Оние кои нема да платат ќе се сметаат за емигрантски благородници и ќе ги загубат сите граѓански права. [12] На 27 јуни генералот Жордан, истакнат јакобински член во Советите, предложил масовна регрутација на сите подобни млади мажи меѓу дваесет и дваесет и пет години во армијата. Ова била првата масовна регрутација по 1793 година.

Новите Јакобинци отвориле нов политички клуб по моделот на јакобинските клубови од времето на Конвентот. Отворен бил на 6 јули и наскоро имал три илјади членови, со 250 пратеници, меѓу кои и многу поранешни Јакобинци од времето на владеење на теророт, како и поранешни поддржувачи на ултра-револуционерот Франсоа Бабеф. Членовите на клубот не се плашеле да го нападнат Директоратот, жалејќи се раскошот и луксузот на членовите на Директоратот. Директоратот набрзо одговорил на провокациите; Сијес ги осудил членовите на клубот како враќање на владеењето на теророт на Робеспјер. Министерот за полиција Фуше го затворил клубот на 13 август. [12]

Бонапарт се враќа во Франција, државен удар и крај на Директоратот

уреди

Подготовка за државен удар

уреди
 
Емануел Џозеф Сијес прв предложил државен удар, но бил изоставен од владата
 
Жозеф Фуше, министер за полиција, потврдил дека полицијата нема да се меша во преземањето на власта од Бонапарт

Правилото дека директорите мора да имаат навршено четириесет години било едно од оправдувањата за државниот удар од 18 бример: државниот удар се случил на 9 ноември 1799 година, кога Бонапарт имал триесет години.[5] Бонапарт се вратил во Франција на 9 октомври 1799 и триумфално тргнал за Париз. За неговата победа над Отоманските Турци во битката кај Абукир често се зборувало и ги засенила другите француски победи во Втората битка кај Цирих и битката кај Берген. Помеѓу Авињон и Париз, бил пречекан од маса народ кои го сметале за спасител на Републиката од странските непријатели и корупцијата на Директоратот. По пристигнувањето во Париз, Наполеон бил избран за член во Францускиот институт за научните достигнувања на неговата експедиција во Египет. Бил пречекан од ројалистите затоа што потекнувал од мало благородничко семејство од Корзика, а од Јакобинците затоа што го потиснал обидот за државен удар на ројалистите на почетокот на Директоратот. Неговиот брат Лусиен, иако имал само дваесет и четири години, станал истакната личност во Советот од петстотини поради неговото презиме.[5]

Бонапарт имал амбиција да биде назначен за член во Директоратот, но сè уште немал четириесет години, минимална возраст утврдена со Уставот, а директорот Гохиер, строг легалист, не дозволувал промени во уставот. Негов најран сојузник бил директорот Барас, но не го сакал на Барас затоа што неговата сопруга Жозефина била Барасова љубовница пред да се омажи за него и поради обвиненијата за корупција што ги опкружувале Барас и неговите сојузници. Бонапарт подоцна напишал дека јакобинскиот директор, генералот Мулен, му пришол на Бонапарт и му предложил да започне државен удар, но тој одбил; тој сакал да ја прекине револуцијата, а не да ја продолжи. [12] Сијес, кој барал воен херој и генерал за помош во државен удар, првично го имал на ум генералот Жубер, но Жубер бил убиен во битката кај Нови во август 1799 година. Потоа му пришол на генералот Моро, но Моро не бил заинтересиран. Првата средба помеѓу Сијес и Бонапарт, на 23 октомври 1799 година, поминала лошо; и двајцата имале огромно его. Сепак, тие имале силен заеднички интерес и на 6 ноември 1799 година го официјализирале својот план. [5]

Државниот удар бил внимателно испланиран од Сијес и Бонапарт, со помош на братот на Бонапарт, Лусиен, дипломатот и совршен интригант Талеран, министерот за полиција Фуше и комесарот на Директоратот, Пјер Франсоа Реал. Планот предвидувал тројца директори да поднесат ненадејна оставка, и земјата да остане без извршна власт. Тогаш на Советите ќе им биде кажано дека на нацијата ѝ се заканува Јакобински заговор; Советите ќе бидат преместени заради сопствена безбедност во Шато де Сен Клауд, на околу 5 км западно од Париз. Бонапарт ќе биде именуван за шеф на владата за да ја брани Републиката од заговорот; Советите би се распуштиле и би се пишувал нов Устав. Ако пучот помине добро, тоа бил само парламентарен маневар и би било сосема легално. Бонапарт ќе треба да убеди дел од пратениците. Фуше и Реал треба да кажат дека нема да има мешање од полицијата или градот Париз. Фуше предложил водечките јакобински пратеници да бидат уапсени на почетокот на пучот, но Бонапарт рекол дека тоа нема да биде потребно, што подоцна се покажало како грешка. [5] Кратко пред пучот, Бонапарт се сретнал со главните армиски команданти: Журдан, Бернадот, Ожеро и Моро и ги информирал за претстојниот државен удар. Не бил поддржан од сите, но се договориле да не му стојат на патот. Претседателот на Советот на старите исто така бил доведен во пучот, за да може да ја одигра својата улога, а братот на Бонапарт, Лусиен, ќе раководи со Советот со петстотини. Вечерта на 6 ноември, Соборите одржале банкет во поранешната црква Сен-Сулпис. Бонапарт присуствувал, но изгледал ладно и расеано и си заминал рано. [12]

Државен удар (9-10 ноември)

уреди
 
Бонапарт се соочува со членовите на Советот од петстотини на 10 ноември 1799 година

Рано утрото на 9 ноември, армиските единици почнале да заземаат позиции во Париз, а членовите на Советот на старите биле разбудени и им било наложено да дојдат во палатата Туилери на итен состанок. Кога се собрале во седум и пол, им било кажано дека е откриен јакобински заговор за соборување на владата и дека состанокот следниот ден треба да го префрлат во Шато де Сен Клауд, каде што ќе бидат на безбедно. Од членовите било побарано да одобрат декрет за преместување на местото на состаноци и да го назначат Бонапарт за командант на трупите во Париз за да ја обезбеди нивната безбедност. Вознемирени, тие брзо го одобриле декретот. Се појавил и Бонапарт и им рекол: „Граѓани претставници, Републиката ќе загинеше. Вие дознавте за тоа и вашиот декрет штотуку ја спаси“.[5] И Советот од петстотини се согласил следниот ден да ја пресели седницата во Сен-Клауд.

Според планот, до попладневните часови Сијес и Рожер Дукос поднеле оставки. На Талејран му била доделена задача да изнуди оставка од Барас. Затоа, на Талејран му дале многу пари за да му ги понуди на Барас да се откаже; историчарите не се согласуваат околу тоа дали тој му ги дал парите на Барас или ги задржал за себе. Барас, откако ги видел војниците надвор и уверен дека може да го задржи големото богатство што го стекнал како директор, лесно се согласил да го напушти Директоратот. Со заминувањето на три члена, според законот Директоратот не можел да се состанува. Јакобинските директори Мулен и Гохие биле уапсени и затворени во Луксембуршката палата. Првиот ден од државниот удар поминал баш како што било планирано. [5]

 
Бонапарт како нов прв конзул, слика од Антоан-Жан Грос, в. 1802 година, Музеј на Легијата на честа, Париз

На 10 ноември, членовите од двата совета со силна воена придружба биле однесени до Сен Клауд. Бонапарт прво разговарал со Советот на старите, и им објаснил дека Директоратот повеќе не постои. Бонапарт бил ладно примен, но Советот не се противел. Потоа разговарал со Советот од петстотини, кој веќе засдеавал под претседателство на неговиот брат Лусиен. Овде Наполеон бил понепријателски пречекан од јакобинските пратеници. Бил испрашуван, исмејуван, навредуван, замолчуван и туркан. Неговиот брат не можел да ги смири, а некои од пратениците на Јакобинците почнале да бараат Бонапарт да се прогласи за одметник од законот. Доколку Советот го изгласал како одметник од законот, Бонапарт можел да биде уапсен и веднаш погубен без судење. Додека пратениците дивееле и се расправале, Бонапарт и неговиот брат, придружувани од неколку војници, ја напуштија Оранжеријата, и отишле до единицата гренадири која нестрпливо чекала надвор. Им рекле дека пратениците се обиделе да го убијат Бонапарт со нивните пенкала. Гренадирите влегле во салата и брзо ги исфрлиле пратениците. [5]

Бонапарт напишал своја официјална верзија за тоа што се случувало, која била објавена во сите весници и поставена на плакати на ѕидовите низ цела Франција; сликовито опишал како тој за влакно ја избегнал смртта од рацете на „дваесет јакобински атентатори“ и заклучува: „Мнозинството слободно и мирно се врати во салата за состаноци, ги послуша предлозите што беа дадени за гарантирање на јавната безбедност, размислуваше и подготви добра резолуција која треба да стане нов закон и основа на Републиката“. [5]

Со тој настан, Директоратот престанал да постои. Основана била нова влада, Конзулат. Според повеќето историчари, со ова завршила и Француската револуција.

Наводи

уреди
  1. For example F. Furet and D. Richet in “French Revolution” (Macmillan, 1970)
  2. Kennedy 2000.
  3. Gough 1998.
  4. Schama 1989.
  5. 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 5,11 5,12 5,13 5,14 5,15 5,16 5,17 5,18 5,19 5,20 5,21 5,22 5,23 5,24 5,25 5,26 5,27 5,28 5,29 5,30 Tulard, Fayard & Fierro 1998.
  6. J. F,. Bosher, The French Revolution (1988), pp. 226–230
  7. Gershoy, The French Revolution and Napoleon (1964) pp. 303–308
  8. Jean Tulard, Jean-François Fayard, Alfred Fierro, Histoire et dictionnaire de la Révolution française, Robert Laffont, Paris, 1998, pp. 198–199. (In French)
  9. Fierro, Alfred, Histoire et dictionnaire de Paris (1996), Robert Laffont, p. 608, (French)
  10. Loi du 19 vendémiaire, an 4. Tableau de l'emplacement des chef lieux de département, published in 1795, 15 pages
  11. John Hall Stewart, A Documentary Survey of the French Revolution (1951) pp. 654–657
  12. 12,00 12,01 12,02 12,03 12,04 12,05 12,06 12,07 12,08 12,09 12,10 12,11 Lefebvre 1977.
  13. R. B. Rose, Gracchus Babeuf: The First Revolutionary Communist (Stanford University Press, 1978)
  14. Doyle, Oxford History, pp. 324–326
  15. George Rude, The French Revolution: Its Causes, Its History and Its Legacy After 200 Years (1991) p. 122
  16. Black, p. 173.
  17. Soboul 1975.
  18. Furet 1996.
  19. Albert Soboul, The French Revolution (1975) p. 508

Извори

уреди
  • Black, Jeremy (2002). From Louis XIV to Napoleon: The Fate of a Great Power. Routledge. ISBN 9780203006382.
  • Church, Clive H., The Social Basis of the French Central Bureaucracy under the Directory 1795–1799, in Past & Present No. 36, April 1967, pp. 59–72 in JSTOR.
  • Doyle, William (1990). The Oxford History of the French Revolution (2. изд.). Oxford University Press. стр. 318–40. ISBN 9780199252985.
  • Fierro, Alfred (1996). Histoire et dictionnaire de Paris. Robert Laffont. ISBN 978-2-221-07862-4.
  • Furet, François (1996). The French Revolution, 1770–1814. France: Blackwell Publishing. ISBN 978-0-631-20299-8.
  • Garrioch, David (2015). La fabrique du Paris révolutionnaire. La Découverte/Poche. ISBN 978-2-7071-8534-1.
  • de Goncourt, Edmond and Jules (1864). Histoire de la société française pendant le Directoire. Ernest Flammarion.
  • Goodwin, A., The French Executive Directory – A Revaluation, in History, 1937, 22.87 pp. 201–218
  • Gottschalk, Louis R., The Era of the French Revolution (1715–1815), Houghton Mifflin Company, 1929, pp. 280–306
  • Héron de Villefosse, René (1959). HIstoire de Paris. Bernard Grasset.
  • Gough, Hugh (1998). The Terror in the French Revolution (2010. изд.). Palgrave. ISBN 978-0230201811.
  • Hunt, Lynn, David Lansky and Paul Hanson, The Failure of the Liberal Republic in France, 1795–1799: The Road to Brumaire, in Journal of Modern History (1979) 51#4, pp. 734–759 in JSTOR; statistical profile of the different factions
  • Jainchill, Andrew, The Constitution of the Year III and the Persistence of Classical Republicanism, in French Historical Studies, 2003, 26#3 pp, 399–435
  • Kennedy, Michael (2000). The Jacobin Clubs in the French Revolution: 1793–1795. Berghahn Books. ISBN 978-1-57181-186-8.
  • Lefebvre, Georges (1977). La France Sous Le Directoire (1795–1799) (француски). Éditions Sociales.
  • Lefebvre, Georges, French Revolution from 1793–1799, Columbia University, 1964, pp. 171–211
  • Lefebvre, Georges; Soboul, Albert (1965). The Directory. London: Routledge and Kegan Paul. OCLC 668426465.
  • Lyon, E. Wilson, The Directory and the United States, in American Historical Review, 1938, 43#3, pp. 514–532. in JSTOR
  • Lyons, Martyn (1975). France under the Directory (2008. изд.). Cambridge University Press. ISBN 978-0521099509.
  •   Montague, Francis Charles; Holland, Arthur William (1911). „French Revolution, The“ . Во Chisholm, Hugh (уред.). Encyclopædia Britannica. 11 (11. изд.). Cambridge University Press. стр. 154–171. excerpts are included in this article
  • Palmer, Robert R, The Age of the Democratic Revolution: A Political History of Europe and America, 1760–1800, vol 2: The Struggle, 1964, pp. 211–262, 549–576.
  • Ross, Steven T, The Military Strategy of the Directory: The Campaigns of 1799, in French Historical Studies, 1967, 5#2 pp. 170–187 in JSTOR.
  • Rudé, George (1988). The French Revolution. New York: Grove Weidenfeld. ISBN 978-0802132727.
  • Schama, Simon (1989). Citizens, A Chronicle of The French Revolution (2004. изд.). Penguin. ISBN 978-0-14-101727-3.
  • Soboul, Albert (1975). The French Revolution, 1787–1799: From the storming of the Bastille to Napoleon. стр. 477–547.
  • Sutherland, D.M.G., The French Revolution and Empire: The Quest for a Civic Order, 2nd ed. 2003, 430 pages, excerpts and text search pp. 263–301.
  • Tulard, Jean; Fayard, Jean-François; Fierro, Alfred (1998). Histoire et Dictionnaire de la Révolution Française (француски). Robert Laffont. ISBN 978-2-221-08850-0.
  • Woronoff, Denis (1984). The Thermidorean regime and the directory: 1794–1799. Cambridge University Press. ISBN 978-0-521-28917-7.

Примарни извори

уреди
  • Стјуарт, Џон Хол, ед. A Documentary Survey of the French Revolution (1951), pp. 654–766