Кралство Ирска

историска држава од 1542 до 1801 г.

Кралство Ирска (ирски: an Ríoghacht Éireann; ирски: an Ríocht Éireann) ― поранешна монархија на островот Ирска која била клиентска држава на Англија, а потоа и на Велика Британија. Кралството постоело од 1542 до 1801 година. Со него управувале монарсите од Англија, а потоа и на Велика Британија. На чело на кралството бил поткрал со титула лорд заменик на Ирска кој бил назначуван од англискиот крал, а управувал од Даблинскиот замок. Кралството Ирска имало свој парламент, составен од англо-ирски и месни благородници. Од 1661 до 1801 година, администрацијата имала своја војска. Црквата на Ирска била воспоставена како протестантска државна црква. Иако е основано како кралство, во поголемиот дел од својата историја тоа, де факто, било англиска зависна територија.[1] [2] Ваквиот статус бил вграден во Законот од Појнинг и во Декларативниот акт од 1719 година.

Кралство Ирска
Ríoghacht Éireann
Знаме Грб1
Местоположба на Ирска
Главен градДаблин
53°21′N 6°16′W / 53.350° СГШ; 6.267° ЗГД / 53.350; -6.267
Демоним Ирци
Уредување Унитарна парламентарна уставна монархија
Законодавство Парламент
Валута Ирска фунта

Кралството Ирска ја зафаќало територијата од поранешното Лордство Ирска, основано во 1177 година од кралот Хенри II од Англија како дел од англо-норманската инвазија на Ирска. Во 16 век, областа со која владееле англичаните била значително намалена; со поголемиот дел од Ирска владееле галските благородници во форма на кнежевства и вождества. Според одредбите од Законот за ирската круна од 1542 година, Ирскиот парламент го назначил Хенри VIII од Англија за „Крал на Ирска“. За време на Тјудоровото освојување била зголемена територијата под англиската контрола. Ова ги поттикнало Дезмондовите бунтови и Деветгодишната војна. На почетокот од 17 век англичаните го освоиле островот. Освојувањето било пропратено со конфискација на земјиште од домородните Ирци и колонизација на земјата со протестантски доселеници од Велика Британија.

Во првите години од своето постоење, Кралството Ирска го признале многу малку држави; ниту една католичка земја од Европа не го признала Хенри VIII, ни неговиот наследник, Едвард VI, за крал на Ирска. Следните монарси на кралството, Марија I и Филип II, биле побожни католици и како такви папата Павле IV ги признал како комонарси на Ирска (1554–58). Со исклучок на Џејмс II од Англија, во остатокот од своето постоење, Кралството Ирска било управувано од протестантски монарси. Нивните католички поданици, кои сочинувале најголем дел од населението, биле цел на санкционирана дискриминација. За Ирска особено тешки биле годините за време на Протекторатот, период на воена диктатура на Британските Острови под контрола на Оливер Кромвел. Оваа дискриминација била главен поттик за неколку конфликти што избувнале: Ирските конфедеративни војни (1641-1653), Вилијамската војна во Ирска (1689-1691), немирите во Армаг (1780-ти-1790-ти) и републиканскиот Ирски бунт од 1798 година.

Протестантската асценденција, која се состанала во Парламент на Ирска, во 1800 година го усвоил Актот за Унија со кои се укинал парламентот и кралството.[3] Актот бил усвоен и од Парламентот на Велика Британија. На први јануари 1801 година, била основана нова држава - Обединето Кралство на Велика Британија и Ирска - а парламентите на Ирска и на Велика Британија биле обединети во единствен законодавен дом - Парламент на Обединетото Кралство - кој до ден денес се состанува во Вестминстерската палата.

Наводи

уреди
  1. Ellis, Steven.
  2. MacInnes, Allan.
  3. Morley 2002.