Рајчица

село во Општина Дебар

Рајчица — село во Општина Дебар, во областа Горен Дебар, во околината на градот Дебар.

Рајчица

Воздушен поглед на маалото Рајчки во селото Рајчици

Рајчица во рамките на Македонија
Рајчица
Местоположба на Рајчица во Македонија
Рајчица на карта

Карта

Координати 41°30′56″N 20°32′17″E / 41.51556° СГШ; 20.53806° ИГД / 41.51556; 20.53806
Регион  Југозападен
Општина  Дебар
Област Горен Дебар
Население 162 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1250
Повик. бр. 046
Шифра на КО 08033
Надм. вис. 790-880 м
Рајчица на општинската карта

Атарот на Рајчица во рамките на општината
Рајчица на Ризницата

Познато е по женскиот манастир „Св. Ѓорѓи“, метох на Бигорскиот манастир, кој е сместен во маалото Радовци.

Потекло и значење на името уреди

 
Поглед на маалото Радовци, каде се наоѓа познатиот Раички манастир

Името на селото првпат е забележано во XIX век (1812 г.) како Рајчица или Радичица. Името Радичица може да доаѓа од личното име Радич (Радослав или Радислав) или пак од реката Радика што означува „ток, течење“.[2]

Бранислав Русиќ во својата книга „Дебарско Поле“ забележал дека името Рајчица се појавило како збирно име за сите три селски маала (делови). Како Радичица е забележано и во преписот на поменикот од страна на Бигорскиот манастир во 1863 година, додека од 1870 година се користи името Рајчица.[3]

Географија и местоположба уреди

Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Дебар, на јужните огранки на планината Дешат, недалеку од самиот град Дебар, па затоа припаѓа на неговата рурбална зона.[4] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 790 до 880 метри.[4]

Рајчица е всушност име за средишниот селски простор, бидејќи селото е составено од три маала: Долно Маало или Радовци, Горно Маало или Влаовци и Средно Маало или Рајчки. Маалата се оддалечени меѓусебно од 300 до 500 метри.[3]

Селското подрачје се наоѓа помеѓу подрачјето на Дебар на запад, Татар Елевци на север, Горно Косоврасти на исток и Горенци (во Дебарска Жупа) на југ.[3] Источниот дел на атарот на Рајчица, кој се наоѓал во Дебарското Поле, крај десниот брег на реката Радика и бил засаден под лозја, од 1969 година е потопен во водите на Дебарското Езеро.

 
Поглед на маалото Влаовци
 
Маалото Радовци со Рајчкиот манастир и регионалниот пат 1202

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Кр(е)чалија, Колиба, Рамни, Јамбачео, Ливацки Рид, Ќерамидница, Елешки Пат, Елешка Краста, Свинско Гумно, Косо(в)рашки Пат, Алкоица, Штрбино, Солена Вода, Мелнички Мос(т), Радика, Клакој, Чавкоо, Млаче, Долно Раброец или Долна Тумба, Бутоо, Нарезиња, На Камен, На Ѓуѓул, На Рид, Дреноо, Кубурица, Јон-Чулакој Корни, Крстеинца, Лединки, Мечина, Вапништа, Павлеј Корни, Самовилско Гумно, Грмада, Перо Краста, На Извори, Шавари, Аритоно Лојзе, По Цалки, Горни Раброец или Горна Тумна, Под Бразда, Митрејчино, Татароо, Ламчеица, Селска Ливада, Ограѓе и Црко Нивиште.[3]

До двете повисоки маала (Рајчки и Влаовци) води локален асфалтен пат, кој се исклучува од регионалниот пат 1202, додека покрај долното маало Радовци поминува споменатиот регионален пат.

Тлото кај Рајчица е доста нерамно, испресечено со многу долови. Земјиштето за обработување е настанато со сечење на шумата, поради што има доста ситен камен и песок. На многу места, почвата е црвеница.[3]

Низ селото течат длабоко всечени потоци, па така во Радовци е Трап, а во Рајчки се Чолачечки и Рајчки Трап. Нивната вода селаните ја употребуваат за наводнување, поење на стоката, а во минатото и за перење на облеката. Во Радовци има чешма која ја направил Бигорскиот манастир, како и три други извори. Во Рајчки има една чешма и Наридска, додека во Влаовци за нивите се служат со вода од отворена бразда доведена во селото од Вапништа.[3]

Селото е подигнато на присојна страна, а куќите се собрани околу три места, каде се збиени една до друга. Само некоја странична куќа се одвојува од другите. Свртени се во насока на падот на земјиштето, односно кон југ, а помалку кон запад и најмалку кон исток. Долниот дел на куќите е од камен, а горниот дел од чатми.[3]

Историја уреди

Подрачјето на Рајчица е населено уште од средниот век, за што сведочи наоѓалиштето Долни Раброец во неговата околина.[5]

Во мал поменик на Рајчкиот манастир „Св. Ѓорѓи“ од 1840 година, кој се чувал во Бигорскиот манастир, најпрвин било наведено село Радовци (што денес е само Долното Маало во Рајчица).[3]

По предание, предците на денешните мештани најпрвин живееле во некогашното мало село Пекларици, сместено на левиот брег на Радика, на место каде се наоѓаат ливади, а кое и денес се нарекува така. Бидејќи некои племиња им влегувале во селото, мештаните одамна се преселиле на десниот брег на Радика, на месноста Долно Рабровец (Раброец) пониско од денешното село Рајчица. На Раброец и порано невестите од Пекларица оделе на веселби. Од Пекларица дошле двајцата браќа Раде и Рајче (Рајко) на почетокот на XVIII век, а по сто години дошол и некој сточар Влав (некаде од Преспа), кој се преселил малку повисоко за подобра и пообилна вода, шума и пасишта. По овие тројца, трите селски краеви (денес маала) ги добиле своите имиња Радовци, Рајчки (Рајчица) и Влаовци.[3]

Покрај Рајчкиот манастир (обновен во 1999 година), во секое од трите маала се наоѓаат цркви: во маалото Рајчки се наоѓа црквата „Св. Варвара“, која е подигната во 1597 година,[6] во маалото Влаовци се наоѓа црквата „Св. Атанасиј“ и во маалото Радовци се наоѓа црквата „Св. Димитриј“.

Рајчица пред Втората светска војна била седиште на Рајчката парохија.[7]

 
Дел од селото со Дебарското Езеро

Во 1908 година во селото имало околу 80 домови, но со арбанашките грабежи и недоволно развиеното стопанство, мештаните на Рајчица го напуштале селото.[3]

Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[8]

По Втората светска војна во четириесеттите години на XX век, селото го фатило голем бран на иселување на македонското православно население, кое речиси во целост, со исклучок на семејството на Боге Исаковски, се иселило во Скопје, а во помала мерка и во Дебар. Имотите и земјиштето во најголем дел постепено преминал во посед на жителите на соседното блиско село Горно Косоврасти, кои и покрај тоа не покажале голем интерес за трајно населување и живот во тоа село.

Стопанство уреди

Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од 2,6 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 150 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 55 хектари, а на пасиштата 32 хектари.[4]

Главна стопанска гранка со кое се занимавало населението на Рајчица во минатото, а по која селото било надалеку познато и прочуено, било лозарство и винарството.[3] Во Рајчица се одгледувале многу лозја, а виното кое се произведувало и било со висок квалитет, покрај за манастирот се продавало и на жители на други места, со што жителите на Рајчица остварувале приходи.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948146—    
1953152+4.1%
1961116−23.7%
197177−33.6%
198180+3.9%
ГодинаНас.±%
199130−62.5%
199434+13.3%
2002131+285.3%
2021162+23.7%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Рајчица живееле 660 жители, сите Македонци.[9] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Рајчица имало 496 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[11]

Селото е мало, коешто во 1961 година имало 116 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 34 жители, од кои 26 биле Македонци, а осум жители Турци.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Рајчица живеел 131 жител, од кои 42 Македонци, 72 Албанци, 1 Турчин и 16 останати.[12]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 162 жители, од кои 56 Македонци, 70 Албанци, 16 Турци, 1 Бошњак, 11 останати и 8 лица без податоци.[13]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Рајчица:

Година Македонци Албанци Турци Бошњак Ост. б.п. Вкупно
1948 146
1953 152 0 0 0 0 152
1961 112 4 0 0 0 116
1971 65 10 2 0 0 77
1981 45 2 11 22 80
1991 14 2 8 6 30
1994 26 0 8 0 0 34
2002 42 72 1 0 16 131
2021 56 70 16 1 11 8 162

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови уреди

Рајчица било некогаш чисто македонско село.[3]

Според истражувањата од 1954 година, родови во селото биле:

  • Радовско Маало
    • Староседелци: Дуковци (1 к.), Тодоровци или Петковци (3 к.), Мартиновци (1 к.), Мојсовци (1 к.), Лековци, Мирчевци и Негријовци (3 к.) и Трајовци (1 к.), сите потекнуваат од еден предок, а тоа бил основачот на маалото Раде.
    • Доселеници: Радевци со Куновци (1 к.), доселени се од селото Деољани, кое се наоѓало од другата страна на границата во денешна Албанија, во долен Дебар.
  • Рајческо Маало
    • Староседелци: Докузовци или Докузбеловци (2 к.), Симоновци (1 к.), Веловци или Кузмановци (2 к.) и Ѓурчијовци и Јовчевци (2 к.), сите потекнуваат од основачот на маалото Рајко, братот на Раде.
    • Доселеници: Илковци (1 к.) и Зафировци или Домазетовци (2 к.), доселени се од областа Бојмија во Егејска Македонија (денес Грција). Викаат дека се доселиле од некое село Петогазица (Петгас) југозападно од Гуменџе. Јовчевци (1 к.), доселени се од селото Папрадник (Голем или Мал).
  • Влаоско Маало
    • Доселеници: Андоновци со Јаковчевци, Јовчевци и Стефановци (2 к.), потекнуваат од предок Влав кој дошол од некое место во областа Преспа. Шијаковци (2 к.), доселени се околу 1815 година од Шијак во Албанија. Постоловци (1 к.), доселени се од селото Маќелари во горен Дебар, во Албанија. Силковци (1 к.) доселени се од селото Горно Косоврасти.

Иселеништво уреди

Рајчица дала многу иселеници, на многу места во Македонија, како и надвор од неа.[3]

Од селото има целосно иселени родови: Стојковци се иселиле во Видин (едно семејство од 1914 година), Скопје (едно семејство од 1942 година) и во Софија (едно семејство од 1942 година). Во Рајчица биле староседелци, и припаѓале на растурениот род Радовци, и живееле во истоименото маало; Веловци се иселиле во Лом во северозападна Бугарија (три семејства од 1903 година). Во Рајчица биле доселени од селото Горно Косоврасти и Ѓурановци се иселиле во Лом (две семејства од 1903 година), Анѓелковци се иселиле во Лом (три семејства од 1904 година) и Божиновци се иселиле во Лом (четири семејства од 1905 година). Сите во Рајчица живееле во Радовско маало, и таму биле староседелци. Потекнувале од основачот на маалото Раде.

Од другите родови поединечно се знае за следните иселеници до 1954 година: од Дуковци има иселеници во: Лом (три семејства од 1905 година) и во Скопје (едно семејство од 1942 година); од Тодоровци има иселеници во: Лом (едно семејство од 1914 година) и во Софија (две семејства од 1900 и 1920 година); од Мартиновци има иселеници во: Дебар (едно семејство од 1935 година) и во Скопје (две семејства од 1930 и 1942 година); од Мојсовци има иселеници во: Кралево (едно семејство од 1900 година) и во Софија (две семејства од 1900 година); од Лековци има иселеници во: Скопје (три семејства од 1942 година, некои се вратиле во Дебар во 1945 година); од Трајовци има иселеници во: Лом (едно семејство од 1903 година), Пловдив (едно семејство од 1903 година) и во Скопје (едно семејство од 1942 година); од Докузовци има иселеници во: Скопје (две семејства од 1942 година) и во Охрид (едно семејство од 1942 година); од Симоновци има иселеници во: Дебар (едно семејство од 1945 година) и во Белград (едно семејство од 1954 година); од Веловци има иселеници во: Скопје (две семејства од 1942 година); од Ѓурчијовци има иселеници во: Лом (едно семејство од 1900 година); од Јовчевци има иселеници во: Лом (едно семејство од 1900 година); од Мојсовци (се одвоиле од Влаовци) има иселеници во: Лом (три семејства од 1895 година); од Чолаковци (се одвоиле од Влаовци) има иселеници во: Лом (две семејства од 1900 година); од Андоновци има иселеници во: Браил (едно семејство од 1900 година), Дебар (две семејства од 1912 година) и во Скопје (едно семејство од 1942 година); од Јаковчевци има иселеници во: Лом (три семејства од 1900 година) и од Јовчевци има иселеници во: Дебар (едно семејство од 1885 година, се иселил Стрезо).

Општествени установи уреди

  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика уреди

Кон крајот на XIX век, Рајчица било село во Дебарската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Дебар, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Дебар.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Дебарска градска општина, во која влегувал градот Дебар и селата Баниште, Бомово, Елевци, Коњари, Кривци, Рајчица, Селокуќи, Спас и Хаме. Во периодот 1950-1952 година селото било дел од градот Дебар, во кој влегувале и селата Рајчица и Елевци.

Избирачко место уреди

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0554 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на средното училиште „28 Ноември“ во Дебар. Во ова избирачко место е опфатен дел од градот Дебар и населените места: Рајчица и Татар Елевци.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 93 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 112 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости уреди

 
Поглед на познатиот женски манастир „Св. Ѓорѓи“, метох на Бигорскиот манастир
Археолошки наоѓалишта[5]
Цркви[17]
Манастири

Редовни настани уреди

Слави[3]
  • Ѓурѓовден — секоја година на 6 мај се одржува општонароден собор и прослава на патрониот празник на манастирот Свети Георги Победоносец, на кој присуствуваат некогашни жители на селото, нивни потомци, луѓе кои водат потекло од ово крај како и жители на Дебар, Скопје и посетители од сите краишта на Македонија.

Личности уреди

Родени во или по потекло од Рајчица

Галерија уреди

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 134. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 Русиќ, Бранислав (1954). Дебарско Поле. Скопје: Филозофски факултет - Скопје. стр. 154–158.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 252.
  5. 5,0 5,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 122. ISBN 9989-649-28-6.
  6. Јовчевски Петко и Методија. „Рајчица и Рајчка парохија - крајот на XIX и првата половина на XX век“. Дебар, 2000 г. стр. 57
  7. Јовчевски Петко и Методија. „Рајчица и Рајчка парохија - крајот на XIX и првата половина на XX век“. Дебар, 2000 г. стр. 13
  8. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  9. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 259.
  10. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 152-153.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 јануари 2023.
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. https://rezultati2021lokalni2krug.sec.mk/mk/mayr/r/11-496. Посетено на 11 јануари 2023. Отсутно или празно |title= (help)
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски уреди