Црква „Св. Ѓорѓи“ - Рајчица

црква во селото Рајчица

Свети Ѓорѓи (позната и како Свети Ѓорѓија или Свети Ѓорѓи Победоносец) — манастирска црква на Раичкиот манастир во дебарското село Рајчица, Македонија.[1]

Свети Ѓорѓи

Поглед на црквата во селото Рајчица

македонска православна црква
Епархија Дебарско-кичевска
Архијерејско намесништво Дебарско
Парохија Дебарско-реканска
Местоположба

Карта

Координати 41°30′52″N 20°32′56″E / 41.51444° СГШ; 20.54889° ИГД / 41.51444; 20.54889
Место Рајчица
Општина Дебар
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Ѓорѓи
Изградба 1835
Осветување 1836
Живопис 1840
Ктитор Арсениј Бигорски
Зограф Михаил, Димитар и Дичо Зограф
Архитектонски опис
Архит. тип еднокорабна градба

Црквата се наоѓа во долното маало Радовци. Истата, заедно со манастирскиот комплекс, е прогласена за заштитен споменик на културата на Македонија.

Местоположба

уреди

Црквата се наоѓа во селото Рајчица, на само два километри од градот Дебар, сместена во непосредна близина на регионалниот пат 1202.[2]

Историја

уреди

Изградбата на црквата завршила во 1835 година, а нејзин ктитор бил бигорскиот архимандрит и игумен Арсениј од Галичник. Ова е напишано на натписот од надворешната страна над влезната врата, кој што е испишан од раката на зографот Михаил, по завршувањето на неговата работа на живописот во куполата. Во годишниот биланс на Бигорскиот манастир е запишано дека биле потрошени 25.000 гроша за обемните работи околу изградбата на црквата (метох на манастирот), како и за нејзино опремување со икони за иконостасот, кандила, свеќници, крстови и слично. Но, посветеноста за црквата прекинала со смртта на Арсениј во 1839 година, а Бигорскиот манастир останал без игумен две години.[2]

Наследникот на Арсениј, игуменот Јоаким ја исполнил желбата на неговиот претходник, самаринскиот зограф Михаил да ја зографиса црквата, кој со својот син Димитар бил ангажиран да работи во Бигорскиот манастир. Игуменот Арсениј ги ангажирал самаринците уште пред да почнат зографските работи да изработат икони за иконостасот, а тоа се потврдува на престолните икони, каде зографите се потпишале и ја означиле годината 1832 година.[2]

Во 2022 година, црквата е ставена под железен саркофаг за претстојната нејзина обнова.

Архитектура

уреди

Манастирската црква е еднокорабна, зацврстена со пиластри во средишниот дел од каде што се издига купола со осмостран тамбур. На западниот дел е травеј со слепа калота на средината и полусводови од страните.[2]

Фрескоживопис

уреди

Живописот во средишната купола е изведен во 1840 година од зографите Михаил и Димитар (монашко име: Данил) по потекло од епирското село Самарина, кои биле најмени од страна на игуменот Јоаким. Откако го насликале овој живопис, зографите од неразбирливи причини ја прекинале работата. Ова е запишано во натписот на западната врата на храмот и на завршетокот на двата богослужбени текста во тамбурот.[2]

Фреските во овој дел се распоредени на следниов начин: Исус Христос Вседржител во допојасна фигура е претставен во темето и е опкружен од ангели и мноштво зраци. Под него е насликана Божествената служба, а на просторот меѓу прозорците, кои се на тамбурот на кубето се претставени осум пророци во цел раст. Големите празници се илустрирани на просторот околу тамбурот како и од Маките Христови, Тајната вечера, Предавство Јудино, Судење пред Пилат и Погребение Христово. Во пандантифите се претставени четирите евангелисти: Марко, Матеј, Јован и Лука.[2]

Работата на зографисувањето на црквата ја продолжил Дичо Зограф од мијачкото село Тресонче, кој работел во текот на 1848, 1850 и 1852 година, изработувајќи ги фреските во наосот, олтарот и травејот. За работата на Зограф се дознава од натписот над влезната врата од внатрешната страна, како и од натписите на композициите во наосот, во олтарот и во травејот.[2]

Иконографската програма во олтарниот дел е вообичаена како и кај другите преродбенски цркви. Истото се однесува и на фреските во наосот со исклучок на отсуството на патронот на храмот. Во наосот доминираат композициите Богојавление. Во нартексот се две композиции од Големите празници: Сретение и Вознесение. Во горните делови се сцени од житието на патронот на храмот.[2]

Во времето на игуменот Јоаким на западната фасада на црквата се изведени две композиции од непознат зограф и тоа Страшниот суд и Приговор на Исус Христос, додека во нишата над влезот во црквата е насликан Св. Ѓорѓи на коњ.[2]

Галерија

уреди

Иконостас

уреди

Во 1832 година, зографот Михаил по налог на игуменот Арсениј ги има направено иконите Св. Ѓорѓи Победоносец и Св. Богородица со Исус Христос, додека зографот Данил (монашкото име на Димитар) ги има направено иконите на северната и јужната врата на иконостасот Вознесение на Св. Илија и Св. Харалампие.[2] Овие икони се едни од најдобро насликаните ликовни дела (икони) во Македонија во XIX век.[3]

Самиот иконостас има многу икони: престолни од XIX век, царски двери од XIX век, празнични икони од XVIII век и Голем крст од XVI век со резба.[2]

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 35.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 Ḱornakov, Dimitar. (1991). Makedonski manastiri. Skopje: Matica makedonska. ISBN 9989-48-558-5. OCLC 469935586.
  3. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „„Свети Ѓорѓи"“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1324. Text "series " ignored (help)

Надворешни врски

уреди