Пчиња (село)

село во Општина Куманово

Пчиња — село во Општина Куманово, во областа Блатија, во околината на градот Куманово.

Пчиња

Воздушен поглед на стариот дел на селото Пчиња

Пчиња во рамките на Македонија
Пчиња
Местоположба на Пчиња во Македонија
Пчиња на карта

Карта

Координати 42°2′22″N 21°45′21″E / 42.03944° СГШ; 21.75583° ИГД / 42.03944; 21.75583
Регион  Североисточен
Општина  Куманово
Област Блатија
Население 647 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1323
Повик. бр. 031
Шифра на КО 17081, 17581
Надм. вис. 280 м
Слава Спасовден
Пчиња на општинската карта

Атарот на Пчиња во рамките на општината
Пчиња на Ризницата

Името го добило по реката Пчиња, која тече низ самото село. Во непосредна близина на селото започнува малата Бислимска Клисура.

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на новиот дел на селото, односно маалото Преко Река основано во 1927 година

Селото се наоѓа речиси во јужниот дел на територијата на Општина Куманово, во средното сливно подрачје на реката Пчиња.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 280 метри. Од градот Куманово е оддалечено 15 километри.[2]

Селото е поврзано со асфалтиран локален пат, кој води од селото Биљановце.

Селото се развило непосредно покрај реката Пчиња, сместено помеѓу Бислимската Клисура на север и долинското проширување на југ. Во минатото, водата за пиење мештаните ја добивале од поголем број на бунари.[3] Соседни села се Студена Бара, Вак’в и Орашац.

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Градиште, Китка, Селце, Корија, Манастирче, Крчмарица, Трска, Војковац, Големи Рид, Голиќ, Мало Каменче, Локва, Плоштак, Стари Лозја, Карпа, Картовачки Рид, Бабујевац, Пударница, Трипун, Банице, Селиште, Црквиште, Шумје, Крст, Јазбине, Уши, Годајца, Среде, Кајсија, Краста, Текијарница, Братанов Врест и Густи Трст.[3]

Пчиња е всушност поделена на два дела. На левиот брег се наоѓа главниот и стар дел на селото, кое е поделено на Горно, Средно и Долно Маало, додека на десниот брег на реката се наоѓа маалото Преко Река, основано во 1927 година.[3]

Историја

уреди
 
Запис од Цариградски гласник за пожарот во селото.
 
Местото на некогашното село Бислим, чиј атар денес припаѓа на селото Доброшане.
 
Новиот бетонски мост на реката Пчиња

Селото датира од пред IV век. Во близина на селото се пронајдени неколку населби од римско, доцноантичко, средновековно и железно време.[4]

Северно од селото во клисурата, на левиот брег од реката, се наоѓа истакнатото возвишение Градиште, кое е опкружено од три страни со реката Пчиња. Народната традиција наведува дека таму бил „римски град“, а на падините мештаните ископувале цигли, земјени ќупови, бакарни пари и камени блокови со натписи. Една месност близу Градиште го носи името Манастирче.[3]

Десно од реката Пчиња, на рамното земјиште се наоѓа пространата месност Селиште, а покрај него и Црквиште. Општото предание кажува дека на Селиште се наоѓало првобитната населба. Низ тоа село водел стариот пат Велес-Куманово. Но, по татарските зулуми мештаните целосно се иселиле. Од старото село само седум македонски домаќинства преминале на левиот брег на реката (подалеку 2 километри) и тука на поскриена местоположба го основале денешното село. Од тие домаќинства потекнуваат староседелските родови во Пчиња. Останатите мештани се населувале од разни блиски и далечни села.[3]

Селото Пчиња за време на владеењето на Османлиите од пред ХIV век, припаѓало во тимарот на Хусеин-Солак од Скопје, во состав на Нагоричанската нахија од Ќустендилскиот санџак.

Во турскиот дефтер од XVI век селото се спомнува под името Ипшиња и во него има 55 семејства и 52 неженети жители, односно во селото Пчиња во тоа време имало околу 205 жители, но точниот број не може да се утврди, земајќи предвид дека во тој период женските лица не се попишувале на попис.

Раселувањето на старото село на десниот брег на Пчиња и основањето на денешното село било во првата половина на XIX век. Тогаш во селото се основал чифлигот на Менсур-бег, татко на познатиот скопски Јашар-бег. Пред крајот на отоманскиот период, чифлигот имал околу 30 хектари земја.[3] Најстара градба во селото е црквата „Света Богородица“ изградена во 1869 година.

На 23 март 1895 една половина од селото изгорело во пожар во кој изгореле 25 куќи и амбари со жито. Овој запис е изваден од Цариградски гласник од 1 април 1895 година.

Еден дел од сегашното село после 1927 година се преселило повторно на десната страна на селото, познато како Преко Река.[3]

Во 1935 година бил изграден дрвен мост на реката Пчиња. Во 1938 година е обновен дрвениот мост со бетонски столбови, но повторна реконструкција е направена во 1940/1941 година. Сè до 1972 година овој мост се употребувал.

За време на Втората светска војна било вклучено и селото Пчиња со свои војници, а и со свои жртви. Најмногу жртви имало во 1944.

Од 10 ноември до 22 декември1972 траела изградбата на сегашниот бетонски мост на реката Пчиња која го поврзува селото. Градежните работи ги извеле тогашната Југословенска народна армија.

Во 1975 година е изградена првата амбуланта во селото Пчиња. Во 1995 година е изградена и поштата, а истата е дадена во употреба на 11 ноември 1995 година.

Стопанство

уреди
 
Куќа во селото, која во поново време е опремена за сместување

Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 25,3 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 1.080 хектари, на пасиштата отпаѓаат 1.056 хектари, а на шумите 314 хектари.[2]

Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.[2]

Во селото во текот на отоманскиот период имало чифлиг, но сепак поголемиот дел од селаните имале своја земја. Сопственикот на чифлигот во Пчиња имал и своја кула. По 1912 година, селаните ја купиле земјата во посед на бегот.[3]

Селото било познато како сточарска населба, каде особено се одгледувале кози, но по нивната забрана во 1947 година, сточарството бележи опаѓање.[3]

За време на социјализмот во селото имало неколку земјоделски комбинати и само две продавници. Но, по социјализмот во селото се отвораат повеќе минимаркети. Во селото и денес луѓето претежно се занимаваат со земјоделство и сточарство.

Со промовирањето на Бислимската Клисура и нејзиното препознавање од страна на домашните и странските туристи ја отворило потребата од развивање на селскиот туризам во селото. Така, во селото постои сместувањето „Куќата на сонцето на Соња“ кое се наоѓа во претпоследната куќа од селото пред влезот во самата клисура, кое нуди сместување на гостите во традиционални услови.[5]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948984—    
19531.097+11.5%
19611.184+7.9%
19711.011−14.6%
1981896−11.4%
ГодинаНас.±%
1991852−4.9%
1994777−8.8%
2002793+2.1%
2021647−18.4%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Пчиња живееле 330 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Пчиња имало 504 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 750 Македонци.[8]

Поради емиграција на населението, селото преминало од големо во средно село по големина. Така, во 1961 година селото имало 1.184 жители, од кои 1.172 биле Македонци и седум жители Срби. Во 1994 година бројот се намалил на 777 жители, од кои 774 биле Македонци и тројца жители Срби.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Пчиња живееле 793 жители, од кои 789 Македонци и 4 Срби.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 647 жители, од кои 596 Македонци, 2 Срби и 49 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 330 504 984 1.097 1.184 1.011 896 852 777 793 647
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди
 
Младина во Пчиња, 1964 г.

Пчиња е македонско село.[3]

Според истражувањата од 1953 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Пешевци (7 к.), Кара Велковци (6 к.), Зотевци (14 к.), Дуќевци (14 к.), Ристевци (15 к.), Воиновци (8 к.) и Исподинци (23 к.). Мештаните на овие родови водат потекло од некогашните седум домаќинства кои во првата половина на XIX век се населиле лево од реката и го основале селото Пчиња.
  • Доселеници: Анѓеловци (11 к.), доселени од соседното раселено село Бислим. Старото име им е Сеќевци. Овде живеат од околу 1820 година. Го знаат следното родословие: Милош (жив на 98 г. во 1953 година) Анѓел-Спасо, основачот на родот кој се доселил; Моравци (8 к.), доселени од некое село кај Горна Морава, во околината на Гнилане во Косово; Босневци (14 к.), доселени од некое место во Босна. Ги викаат и Домазетовци; Мавревци (3 к.), доселени од селото Маврово во Гостиварско; Брњарци (2 к.), доселени во XIX век од селото Брњарци, и таму се доселиле од некаде; Павковци (3 к.), доселени од селото Вак’в. Подалечното потекло не го знаат; Баратлици (3 к.), доселени од раселеното село Бислим; Винчанци (2 к.), доселени од селото Винце, подалечното потекло не го знаат; Филиповци (4 к.), Дворјанци (3 к.), Костевци (1 к.) и Дојчиновци (4 к.), сите доселени однекаде.

Иселеништво

уреди

Се знае за следниве иселеници од Пчиња: Ристевци (1 к.) во соседното Вак’в, Трендафиловци (6 к.) живеат во соседното Студена Бара, од родот Мавреви иселени се две домаќинства (по едно во кумановските села Орашац и Бељаковце), од родот Анѓелови едно домаќинство се преселило во Куманово, од родот Брњарци едно семејство живее во Скопје, додека Пчињани од 1917 година живеат во соседното Романовце.[3]

Најголемото иселување од селото Пчиња е во периодот од 1960 до 1980 година, каде што многу жители се имаат преселено во градовите Куманово и Скопје.

Општествени установи

уреди

Самоуправа и политика

уреди
Грб на село Пчиња
Знаме на село Пчиња

Кон крајот на XIX век, Пчиња било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Куманово.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Орашац, во која покрај селото Пчиња, се наоѓале и селата Алакинце, Вак’в, Винце, Д'лга, Доброшане, Живиње, Колицко, Малино, Орашац, Скачковце и Шупли Камен. Во периодот 1950-1952 година селото било седиште на некогашната Општина Пчиња, во која влегувале селата Вак’в, Пчиња и Студена Бара.

Избирачко место

уреди

Во селото се наоѓа избирачкото место бр. 1092 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место влегуваат селата Вак’в и Д’лга.[15]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 83 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[4]
Цркви[17]
Клисури
Реки[18]

Редовни настани

уреди
Селски слави[3]

Култура и спорт

уреди

Во селото Пчиња во периодот од 1950 до 1960 бил формиран фудбалскиот клуб Пчиња (ФК Пчиња). Овој клуб отсекогаш се натпреварувал во Општинската кумановска лига. Во 1999 година овој клуб завршил со дејност, а по две години во 2001 бил формиран нов клуб ФК Пчиња којшто се натпреварувал во истата лига. Во 2009 година ФК Пчиња го сменила своето име во ФК Пчиња Јунајтед.

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 248.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски, Јован (1964). Сеоска насеља скопске котлине. Скопје: САНУ. стр. 51–52.
  4. 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 220-222. ISBN 9989-649-28-6.
  5. „Sonja's House of Sun, Bislim Gorge, Riverview & yard, Kumanovo, North Macedonia“. Booking.com (англиски). Посетено на 2024-01-14.
  6. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 215
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 126-127.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 7 јануари 2024.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-11-12. Посетено на 12 ноември 2023.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  18. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 58. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Надворешни врски

уреди