Пожар

неконтролирано горење кое прави штети

Пожар — неконтролирано горење на материи коe намерно или од невнимание го предизвикал човекот или е резултат на природни биолошки, физички или хемиски процеси. Пожарите нанесуваат големи штети на човекот и на природната средина. Намерните пожари се нарекуваат палежи и се предизвикани со свесна човечка активност.

Горење Кибрит.

Причини за настанување на пожарите

уреди
 
Структурален пожар

Пожарите му биле познати на човекот уште од најстари времиња и тие најчесто биле предизвикувани од природните сили и појави. Денес пожарите најчесто се предизвикани од:

    • човекот,
    • природните појави (електрични празнења, искрење, вулкани, топлинско дејство на Сонцето),
    • неисправност на одредени машини, апарати, уреди, инсталации,
    • самозапалување на одредени супстанции.

За да постои пожар потребно е да се исполнети неколку услови:

    • да постои материја која што може да гори,
    • доволно силен надворешен импулс да изврши палење или согорување на материјата,
    • да има присуство на соодветна количина на материја што го поддржува горењето (кислород), и
    • да постои слободно одвивање на оксидационо-редукциските реакции во пламенот.
 
Шумски пожар

Ако не е исполнет еден од овие услови, неможно е настанување на пожар, т.е. со отстранување на еден од овие елементи се овозможува гасење на пожарот. Доколку се исполнети сите услови за појава на процесот на горење, тој ќе отпочне доколку се влијае со доволно силен надворешен импулс (топлинска енергија, отворен пламен, искра). Дали од првичното согорување понатаму ќе настане пожар, зависи од можноста за пренос на топлинската енергија. Преносот на топлинската енергија се врши на повеќе начини: преку спроводливост, со струење и со зрачење.

Пренесувањето на топлината по пат на спроводливост се одвива кај цврстите тела, каде топлинската енергија поминува низ цврстите супстанции како резултат на движењето на молекулите, односно атомите, при тоа со задвижување на побудените атоми топлината се пренесува од едниот крај на другиот. Појавата на пожари на ваков начин е доста честа, така се случува да дојде до палење на кровни конструкции, како резултат на загревањето на дрвената граѓа која се наоѓа во непосредна близина на оџаците кои се користат во станбените објекти.

До појава на пожар може да дојде и како резултат на пренесувањето на топлината преку струење:

    • гасени пламеници,
    • горење на свеќи и друг контролиран пламен,
    • заварување на разни метали,
    • електрични отпори,
    • огништа.

До појава на пожар може да дојде и преку пренесување на топлината по пат на зрачење, кога атомите и молекулите на телата побудени од топлинските движења оддаваат електромагнетни бранови.

Заштита на животната средина

уреди

Пожарите се една од главните причини за уништување на шумата. Има многу примери, а еден од најкарактеристичните е пожарот во Висконс и Мичиген (САД) од 1871 година кога е унштена шума од 1,7 милиони хектари, а загинаа повеќе од 2 200 луѓе. Во Сибир 1915 година, пожар уништи милиони км2 шума. Чадот со кој беше прекриено небото оневозможи продор на сончевите зраци и температурата се спушташе до неколку степени. Постојан и растителни врсти отпорно на пожар. Таков случај е со евкалиптусот. Имено, дури и кога изгори во пожарот, евкалиптусот се обновува. По мислењето на научниците, за тоа е договорно посебно ткиво кое ги регенерира загубените делови и кое се наоѓа во подолните слоеви на стеблото на ова растение.

Мерки против пожарот

уреди
  • Користење назапливи или самогасечки материјали
  • Опремање на просторијата со сензори кои реагираат на покачена температура со помош на корситење на уреди кои распрскуваат
  • Обезбедување на противпожарни патишта
  • Обезбедување локација каде е забрането користење на отворен пламен
  • Присуство на обучени пожарникари со опрема на местото каде се работи нешто, а постои моментална опасност од пожар
  • Обука на вработените
  • Поставување на апарати за гаснење на пожарот

Електричната струја и пожарите

уреди

Најчеста причина за појава на пожари се електричните инсталации, пред сѐ поради нивната широка распространетост и неисправностите заради дотраеност и оштетување, неправилната употреба на електроуредите и апаратите.

Електричната енергија може да предизвика пожар на неколку начини:

 
Електричен лак меѓу неизолирани спроводници

Дел од електричната енергија во текот на нејзиното движење низ спроводниците, се трансформира во топлинска енергија. Таа трансформација на електричната енергија во топлинска секогаш мора да се држи под контрола поради загубите кои би настанале во текот на нејзиниот пренос, а најмногу поради можноста од појава на пожар. При вакви несакани загревања, најчеста причина за појава на пожар е краткиот спој, кој се јавува во случај кога ќе се допрат два спроводници под напон, при што низ уредот и инсталациите почнува да тече многу појака струја од нормалната. Доколку краткиот спој веднаш не се прекине, доаѓа до уништување на уредот и инсталациите.

Краткиот спој се јавува како реултат на:

  • механички оштетувања,
  • дотраена инсталација,
  • систематско преоптоварување,
  • присуство на влага.

Постои еднофазен и двофазен краток спој. Краткиот спој може да се предвиди ако внимателно се набљудува работата на потрошувачите. Пожар како резултат на појава на искрење и електричен лак настанува кога два спроводници ќе се најдат на блиско растојание и кога струјата ќе почне да тече низ воздухот. Температурата на електричниот лак може да изнесува од 1500 до 4500 степени Целзиусови и може да ја запали секоја запалива материја која ќе се најде во негова близина.

До појава на искра доаѓа на повеќе начини: прекин на струјно коло, недоволно цврсти контакти, искрење во разни електрични машини, појава на искри при сечење на метал или електрично заварување, контакт на спроводници низ кои тече електрична струја, итн. Во такви услови, доаѓа до дисперзија на честички од металот-спроводник, кои се загреани на висока температура. Доколку тие паднат на некој запаллив материјал, можат да предизвикаат пожар.

Честа причина за појава на пожар претставуваат и електричните уреди и машини кои електричната енергија ја трансформираат во топлинска. При тоа, тие можат да предизвикаат пожар:

  • доколку во близина постои материјал кој може да гори,
  • доколку грејните тела ослободат топлина која ќе биде доволна да го запали материјалот.

Статичкиот електрицитет и пожарите

уреди
 
Статички електрицитет на косата, создаден со триење со пластика

Статистичкиот електрицитет претставува електричен полнеж кој се создава по пат на триење, движење на течности низ цевки, кршење на кристали и сл.

Статистичкиот електрицитет може да се појави и при контакт на две цврсти тела од различна природа. Така создадениот статички електрицитет се манифестира преку создавање на двоен слој на границата на допирот, а таквиот контакт на различните тела предизвикува меѓусебна размена на наелектризирање. Ако се работи за спроводници кои имаат мала електрична проводливост, може да дојде до јонизација на воздухот во веќе создаденото електрично поле.

За да се спречат несакани последици кои би можеле да настанат за време на празнењето на статичкиот електрицитет преку појава на искра, потребно е да се обезбеди перманентно одведување на статичкиот електрицитет. Најефикасна заштита од статичкиот електрицитет претставува оневозможувањето на неговото создавање, а таа се постигнува уште во фазата на проектирање и изведување на инсталацијата.

До појава на статички електрицитет доаѓа и кај ременските преноси на вртење на транспортните ленти од изолаторски материјали, при мешање на некои сусптанции, при мелење, дробење и пресување на некои изолаторски материјали, при филтрирање на воздухот и други гасови, при движење на течности низ цевководи во услови кога брзината на движење е поголема од дозволената итн.

Во однос на статичкиот електрицитет, посебно внимание им се посветува на експлозивните материи во прав, пластичните експлозивни материи, црниот барут, детонаторите, производство на муниција, транспортот на експлозивните материи, во текстилната индустрија, индустријата на хартија и лакирниците. Пожарот како резултат на статичкиот електрицитет настанува како последица на појава на искра која се јавува заради премин на електрицитетот од наелектризираното тело на неутрално (празнење).

Како заштитата од статичкиот електрицитет се препорачуваат превентивни мерки како: заземјување, одржување на просторијата во дозволените граници на релативна влажност, јонизација на воздухот, одведување на статичкиот електрицитет со помош на инфлуенција и сл.

Статичкиот електрицитет се создава и кај луѓето: телото, облеката, обувките, алатот. Создавањето на статичкиот електрицитет на човекот честопати претставува опасност во производствениот процес каде се работи со лесно запалливи материи. Празнењето на статичкиот електрицитет се врши по пат на искрење, при што се врши неутрализација и се ослободува големо количество енергија која во одредени услови може да предизвика несакани последици. Кај човекот статичкиот електрицитет се појавува како резултат на триењето помеѓу облеката и телото на човекот, триење кое настанува помеѓу различните слоеви и делови на облеката, при соблекување на облеката, при триење на облеката со предметите и помагалата за секојднена употреба, при движење на изолациски обувки по изолациски подлоги итн.

Електричните празнења и пожарите

уреди
 
Електричното празнење меѓу облак и Земјата е честа причина за пожар

Многу често се случува пожар да биде предизвикан како резултат на атмосферското празнење на електрицитетот. Во Земјината атмосфера се присутни позитивни и негативни јони, при што атмосефата се јонизира во повисоките и пониските слоеви. Причина за јонизација во пониските слоеви претставува присуството на радиоактивни супстанции, а додека пак во повисоките слоеви јонизацијата се појавува како резултат на космичкото зрачење и наелектризираните честички кои потекнуваат од Сонцето.

Постојат два извори на електризирање во атмосферата во присуство на водена пареа: топлинско и циклонско. Топлинското наелектризирање се појавува во услови на изразито загревање, воздушно струење и можност на кондензација на водената пара. За разлика од него, циклонското се појавува во случај кога ќе се сретнат две воздушни маси со различна влажност и температура. Во двата случаи, доаѓа до раздвојување на позитивните од негативните полнежи заради:

    • одвојување на оптоварувањето на допирната површина со селективна апсорпција на јоните и при испарувањето,
    • при триењето на честичките од влажните воздушни маси,
    • брзо заедничко смрзнување на облак со течни и облак со цврсти делови или кондензирани елементи,
    • фазно поместени потенцјали,
    • судар на смрзнати кристали и одвојување на смрзнати парчиња
    • судар на капки со капки,
    • судар на капки со замрзнати кристали,
    • судар на замрзнати кристали со замрзнати кристали и
    • судар на поларизирани смрзнати кристали и јони.

Облаците се движат низ атмосферата со одредена брзина, заради што се јавуваат триења меѓу воздушните слоеви, облаците се наелектризируваат, а по пат на електромагнетна индукција се наелектризируваат и облаците кои се наоѓаат во непосредна близина, со спротивен полнеж. Во даден момент може да дојде до електрично празнење и до појава на гром, кој всушност претставува атмосферско празнење помеѓу облак и Земјата.

Сончевата светлина и пожарите

уреди
 
Испакнатите парчиња стакло во природата ја фокусираат сончевата светлина во точка со висока температура, која може да предизвика пожар

Пожари настануваат и како резултат на топлинското дејство на Сонцето, директно и индиректно (кога сончевите зраци поминуваат низ конвексни стаклени површини) и влијанието на сончевата топлинска енергија врз садовите под притисок, при што доаѓа до ширење на садот со материја, зголемување на притисокот и прскање на овие садови, како резултат на што може да се појави искра која го запалува гасот или течноста.

Самозапалување

уреди

До појава на пожар може да дојде и со самозапалување на одредени сусптанции. За самозапалувањето е карактеристично тоа што се јавува како резултат на биолошки, физички и хемиски реакции, при што овие реакции најчесто се егзотермни. Тоа значи дека доаѓа до ослободување на енергија која се акумулира во самата супстанција, а дел од таа енергија се одведува во околината. За топлината која што се акумулира е карактеристично тоа што доведува до забрзување на хемиските реакции, при тоа доаѓа до самозатоплување на материјата и до појава на жешки точки. Ако при овој процес се достигне температура на палење, супстанцијата се самозапалува.

Најчесто се самозапалуваат: испарливи и полуиспарливи масла, супстанции од растително потекло, јаглен, разни хемиски супстанции и експлозивни материи. Од масти и масла кои се самозапалуваат најкарактеристични се: масло од лен, од коноп, од ореви, сончогледово, соино, кокосово и од рицинус.

Кога растенијата ќе се пресечат, нивните животни функции и понатаму продолжуваат, се произведуваат потребни материи кои се неопходни за опстанок, при што како резултат на тоа се ослободува и енергија. Како резултат на ферментацијата доаѓа до појава на микроорганизми кои ја зголемуваат температурата. Како причина за пожар од самозапалување кај растенијата е влагата. Особено е карактеристично самозапалувањето на сеното, кое е лош спроводник, при што создадената топлина се акумулира, доаѓа до појава на жешки точки и истовремено расте и температурата. Потоа, доаѓа до формирање на пожарни канали кон периферијата и при контакт со воздухот доаѓа до отворен пламен и брзо согорување.

 
Растенијата од кои со разградување се произведува ѓубриво (компост) често се самозапалуваат ако не се складираат соодветно

Во материите кои се самозапалуваат, спаѓа и јагленот. За него е карактеристична апсорпцијата на кислородот и оксидацијата на одредени елементи, како што се сулфурот, поради што доаѓа до создавање на сулфурна и сулфуреста киселина, кои реагираат со други елементи кои јагленот ги содржи. Овие реакции се егзотермни, топлината која што се создава се акумулира во складираниот јагленот, доаѓа до зголемување на температурата и до негово самозапалување.

Процесот на самозапалување е особено карактеристичен за експлозивните материи (т.н. потисни ЕМ-барути). За овие материи е карактеристично тоа што без разлика каде се чуваат, подлежат на процесот на самораспаѓање. Овој процес се должи на нивниот хемиски состав, односно основна компонента - нитроцелулозата, која со текот на времето се распаѓа, при тоа се развиваат гасови (азот, јаглерод моноксид, јаглерод диоксид итн.), вода, алдехиди и киселини. Оваа реакција е егзотермна и топлината која што се ослободува делува каталитички и го забрзува процесот на саморазложување, при што ако топлината не се одведува, доаѓа до самозапалување на барутот, експлозија и неконтролирано горење.

Намерно предизвикување пожар и правна регулатива

уреди

Намерното предизвикување пожар се нарекува палеж (или палевина) и претставува казниво кривично дело.

1. Тој што предизвикува шумски пожар поради кој настапила штета од големи размери, ќе се казни со затвор најмалку осум години.
2. Со истата казна ќе се казни и тој што ќе предизвика пожар во заштитена шума, национален парк или во друга шума со специјална намена.
3. Тој што ќе предизвика два или повеќе шумски пожари, ќе се казни со затвор најмалку десет години.
4. Ако делото е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со затвор од три до пет години.

Кривичен законик, член 227 “Предизвикување шумски пожар“

1. Тој што со пожар (...) или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
2. Со истата казната ќе се казни службено или одговорно лице кое нема да постави пропишани уреди за заштита од пожар (...) или овие уреди не ги одржува во исправна состојба или во случај на употреба не ги стави во дејствие или воопшто не постапува според прописите или техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвика опасност за животот или телото на луѓето или за имотот од големи размери.
3. Ако делото е сторено на место каде што се собрани поголем број луѓе, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.
4. Тој што делото ќе го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

Кривичен законик, член 288 “Предвизвикување општа опасност“

Некои луѓе намерно предизвикуваат пожари затоа што патат од психичко нарушување поради кое не можат да ги контролираат импулсите (пироманија). Тие се разликуваат од подметнувачите на пожар кои тоа го прават заради економска корист или одмазда.

Постојат и луѓе кои намерно подметнуваат пожари за да учествуваат во нивното гасење, со цел да ја задоволат својата патолошка потреба да се чувствуваат потребни, важни и да добијат пофалба од останатите. Ваквата состојба се нарекува херојски синдром и од него ретко страдаат пензионирани и поранешни пожарникари и други службени лица.

Пожарот како тема во уметноста и во популарната култура

уреди
  • „Пожар“ — песна на полскиот поет Јежи Харасимович.[1]
  • „Пожар“ — кус расказ на македонскиот писател Иван Шопов од 2010 година.[2]
  • „Пожар“ — расказ на македонскиот писател Живко Чинго од 1963 година.[3]
  • „Борба против пожарите“ — расказ на Живко Чинго од 1963 година.[4]
  • „Пожар“ (словенечки: Požar) — песна на словенечкиот рок-музичар Марко Брецељ од 1976 година.[5]
  • „Шумски пожар“ (англиски: Forest Fire) — песна на американската панк-рок група Дед Кенедис (Dead Kennedys) од 1982 година.[6]
  • „Шумски пожар“ (англиски: Wildfire) — песна на британската рок-група Корал (The Coral) од 2002 година.[7]
  • „Шумски пожар“ (англиски: Forest Fire) — песна на британската рок-група Lloyd Cole And The Commotions од 1984 година.[8]
  • „Пожар, пожар“ (англиски: Fire, Fire) - песна на британската рок-група Моторхед (Motörhead) од 1980 година.[9]

Наводи

уреди
  1. Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 232-233.
  2. Иван Шопов, Азбука и залутани записи, Темплум, Скопје, 2010.
  3. Живко Чинго, Пасквелија. Скопје: Култура, 1968, стр. 38-58.
  4. Живко Чинго, Пасквелија. Скопје: Култура, 1968, стр. 185-197.
  5. Discogs, Marko Brecelj – Cocktail (пристапено на 22.3.2022)
  6. Discogs, Dead Kennedys – Plastic Surgery Disasters (пристапено на 9.9.2022)
  7. Discogs, The Coral - The Coral (пристапено на 14.4.2022)
  8. Lloyd Cole And The Commotions* – Rattlesnakes (пристапено на 1.3.2023)
  9. Motörhead – Ace Of Spades (пристапено на 14.4.2023)