Петар Петровиќ-Његош

(Пренасочено од Петар Петровиќ Његош)

Петар II Петровиќ Његош, световно име Радоје Томов Петровиќ (Његуши, 1 ноември 1813 - Цетиње, 31 октомври 1851), бил владика и владетел на Црна Гора од династијата Петровиќ-Његош, тој е еден од најголемите претставници на црногорската и на српската книжевност.

Петар II Петровиќ Његош
Владика и господар на Стара Црна Гора и Брда
На престол1832-1851
ПретходникПетар I Петровиќ Његош
НаследникДанило II Петровиќ Његош
Почивалиште
Полно име
Радивој "Раде" Томов Петровиќ
ДинастијаПетровиќ-Његош

Потекло

уреди

Династија Петровиќ-Његош

уреди
 
Црногорските племиња

Владиката Петар II Петровиќ Његош се родил во Његуши (во близина на Цетиње), како втор син на Томо Марков Петровиќ (најмладиот брат на владиката Петар I Петровиќ Његуш) и Ивана Пророковиќ.

На своето кршевање го добил името Радивоје според кое подоцна меѓу народот бил позната како владиката Раде. По завладичувањето се потпишувал само со своето калуѓерско име - Петар и презимето Петровиќ: Петар Петровиќ. Меѓутоа, меѓу Црногорците не бил познат како владиката Петар, туку како владиката Раде. Единствениот владика кого Црногорците го именувала како Петар бил неговиот чичко - Петар I Петровиќ Његош. Тој никогаш не го употребувал името Петар II, тоа било додадено подоцна за да се направи динстикција помеѓу двајцата Петровци. Додавката Његош е додадена по планината Његош, од каде потекнувал еден негов предок, а не Његуш како што се именувало неговото племе.

Семејно дрво

уреди
Иво Петровиќ-Његош, оженет со Ика Поповиќ
Марко Петровиќ-Његош, оженет со Англина Мартиновиќ
Саво Петровиќ-Његош, оженет со Мара Милиќ
Ѓорѓе Петровиќ-Његош, оженет со Стана Гопчевиќ
Машан Петровиќ-Његош, оженет со Јована Радониќ
Вуко Петровиќ-Његош, оженет со Јока Суботиќ
Ивана Петровиќ-Његош, омажена за Филип Радониќ
Стана Петровиќ-Његош, омажена за Иво Бојковиќ
Јована Петровиќ-Његош, омажена за Ѓуро Дољаница
Гордана Петровиќ-Његош, омажена за Јоко Руцовиќ
Томо Петровиќ-Његош, оженет со Ивана Пророковиќ
Јоко Петровиќ-Његош
Петар II Петровиќ Његош (1813-1851), владика 1830-1851.
Перо Петровиќ-Његош, оженет со: Горда Врбица, Јована Ѓурашковиќ и Госпава Булајиќ
Пиљо Петровић-Његош
Марија Петровиќ-Његош, омажена за Андреј Перовиќ
Ѓане Петровиќ-Његош, оженет со П. Ѓурашковиќ
Петар I Петровиќ Његош (1747-1830), владика 1784-1830. Канонизиран како Свети Петар Цетињски.

Образование

уреди
 
Симо Милутиновиќ Сарајлија
 
Цетињскиот манастир

Своето дество го минал меѓу Његушите. Владиката Петар I Петровиќ Његуш во 1825 година го прибрал кај себе во Цетињскиот манастир, кадешто требало да го школуваат монахот Мисаил Светковиќ и владичкиот секретар Јаков Цек. Тука Раде ги напишал своите први песни за да ги забавува локалните старешини и главатори. Во средината на 1825 година, Раде бил испратен во манастирот Топла во Херцег Нови, каде што старешината на манастирот, Јосип Троповиќ, предавал италијански јазик, математика, црковно пеење, пслатир и други предмети. Раде честопати присутвувал на верските служби во блискиот манастир Саваина. Во Топла останал до крајот на 1826 година, кога се вратил во Цетиње.

Неговиот чичко за свој наследник го подготвувал Ѓорѓија Савов, кој се школувал во Русија, меѓутоа тој се откажал од митрополитскиот чин зашто сакал да се посвети на војничкиот живот. Според традиција, црногорскиот владетел морал да биде владика, отука Раде започнал да се подготвува за преземање на тоа достоинство. На 20 јануари 1827 година, Петар I Петровиќ Његуш го прогласил Раде свој наследник и го зел кај себе во цетињскиот манастир. Петар I сакал и Раде да го испрати на школување во Русија, но немал финансисики средства и затоа сам го подучувал италијански, руски, германски, англиски и француски јазик. На младиот Раде на располагање му ставил и својата богата библиотека. Приморскиот учител Јоспи Троповиќ во Топла го зголемил Радевото скромно образование, кој претежно самиот продолжил да се образува. Подоцна негов учител станал Симo Милутиновиќ Сарајлија, кој при крајот на 1827 година ненадејно се појавил во Цетиње и кој на Раде му предавал историја, книжевност и филозофија.[1]

Црна Гора под власта на Петар II

уреди

Реформи

уреди
 
Споменик на Петар Петровиќ Његош во Белград
 
Балканот во 1850 година

Во 1830 година умрел стариот митрополит Петар I и во својот тестамент го одредил Раде за свој наследник. Така, со неполни 17 години, Раде станал Петар II, но не по својата волја, туку „по принуда од главарите и народот“. Тоа предизвикало голем страв и несигурност кај младото момче, кое во своето писмо упатено до Матија Вучиќевиќ два дена по неговото стапување на престолот, напишало: „Треперам дури ви го пишувам ова... туку побрзајте ако знаете за Бога, ако го љубите Христа, дури од некаде од туѓинска страна не се посеала кавга и крв...“[2] Во тоа време, Црна Гора била мала, сиромашна земја, а нејзините племиња биле разединети. Во земјата не постоела никаква просветна или културна установа, немало речиси никаква централна државна организација, а писмените луѓе биле реткост. Навистина, Патеар I остварил извесен авторитет меѓу црногорските племиња, но сепак, нивната поврзаност вила многу лабава и несигурна, така што непријателствата меѓу нив биле чести, проследени со крвна одмазда. Таквата состојба ја користеле околните турски паши, особено скадарскиот, кои настојувале да ги поткупат племињата, нудејќи им леб и жито на оние кои се кревале против својата власт.[3]

Петар II, слично како и неговиот чичко, се соочил со ограничувањето на неговата власт. Владиката немал армија, милиција или други безбедносни слили под негова команда. Можел да ги користи само силите обезбедени од неговата семејство и братство. Еден од најголемите проблеми за Петар II било управувањето со племињата во далечните делови од Црна Гора, кои често одбивале да покорат или се приклучувале на владичките соперници. Меѓу сите племиња постел постојан отпор кон неговата власт, а владиката не можел да ги спречи црногорските ајдучки напади врз Османлииските области. Меѓутоа, владиката успеал да преземе некои чекори кон изградба на редовна административна организација.

Уште во првата година по стапувањето на власт, Петар II Петровиќ Његош ја укинал гувернадурската установа и го истерал гувернадурот, кој бил странски претставник во земјата. Во изградбата на државните функции, владиката добил помош од рускиот двор и неговите претставници. Привремената руска финансиска помош претставувала еден од малкуте извори на црногорската митрополија. Во 1831 година, во Црна Гора пристигнале двјца руски претставници: Иван Вукотиќ и Матеј Вучиќевиќ, а тие биле придружувани од Д. Милаковиќ, кој подоцна станал секретар на Петар II. Нивната главна задача било помагање во воспоставувањето на посилни институци на централната власт. Во 1831 година, бил формиран Сенат на Црна Гора и Брда што го заменил судот формиран во 1798 година во времето на владиката Петар I Петровиќ Његош. Сенатот се состоел од 16 луѓе кои добивале плата од централната власт, чии интереси требало да ги застапуваат. За членови на Сенатот биле именува влијателни црногорски старешини и угледни личности за да биде спречена опзиција која би можела да биде насочена против власта и авторитетот на владиката. Била формира и т.н гвардија, а нејзините членови биле испратени по окрузите и племињата каде што требале да сппроведуваат полициска и судска власт. Нивните команданти биле именувани како капетани и биле избирани од угледни мажи од црногорските и брдските племиња. Нивна главна задача била да и служат на централната власт олицетворена во владиката Петар II, да обезбедат спроведување на одлуките на Сенатот и да ги чуваат границите на Црна Гора. Покрај гвардијата, Његош создал и еден вид дворска стража чии припадници биле познати како „перјаници“. Сите плати за државните служебници биле подмирувани со руска финансика помош, а од неа Његош воспоставил народна каса чии средства служеле за купување храна во текот на неродните години, за купување оружје и за давање заеми.[4]

Во 1833 година бил направен обид за воведување редовни ниски даноци, меѓутоа овој чекор наишол на силен отпор сред црногорската средина при што Ријечката нахија кренала бунт против владиката Петар II, но тој го кршел отпорот на бунтовниците дури и по цена на примена на остри мерки.[5] Истата година, владиката Петар II за првпат ја посетил Русија каде што бил потврден за валадика. Петар II во својата татковина се вратил со богати подароци: одрдена сума пари, книги, икони, печатарска машина и ветување за засилена помош. Владиката Петар II, откако си ја обезбедил поддршката на Русија, го разрешил Вукотиќ и ја презел целосната контрола над власта.

Но владиката Петар II бил свесен дека основната моќ сè уште се наоѓа во рацете на племињата и нивните старешини, кои биле заинтересирани да ја зачуваат својата политичка моќ. Таквата состојба го принудила владиката да примени една манипулативана политика, тој ги подбуцнивал своите соперници едни против други. За да го зголеми престижот на куќата Петровиќ-Његош, решил својот чичко, поранешниот владика Петар I Петровиќ Његуш, да го канонизира под името Свети Петар Цетињски.

Во текот на свето владеење Петар II бил принуден да се бори против постојаните клевети од страна на неговите противници и непријатели кои го обвинувале дека „владиката не седи в манастир“, „не носи секогаш мантија“, „си дозволува постапки и задоволства што не се согласуваат со неговиот духовен чин“, „не се разбира со народот“, „ги продава манастирите, најголемите црногорски вредности“ итн. Поради подмолните клевети, тој морал повеќепати да се правда, на него се гледало со сомнежи во Виена, а поради нив бил принуден подолго време да чека во Псков додека рускиот цар не му дозволи да влезе во Петроград. Така, во едно писмо до српскиот кнез Милош од 1831 година, тој пишува: „За малку не се мрднав од умот размислувајќи за жалосната состојба на народот црногорски“, а во една прилика, во моменти на истоштеност и болка, тој вели: „Да можам да заминам на некој остров или во Америка“ при што во два наврати навистина помислил да ја напушти Црна Гора.[6]

Надворешна политика

уреди

Соочен со интересите на големите сили, Петар II бил принуден да прави бројни компоромиси. Така, тој морал на Австроунгарија да ѝ ги отстапи двата приморски манастира, Маине и Стањевиќи, а оваа отстапка го болела сè до смртта. Слична била судбината и на островите Лесендро и Врањина во Скадарското Езеро од кои, исто така, морал да се откаже во интерес на зачувувањето на независноста на Црна Гора. Како одраз на неговата болка, во Црна Гора дури настанала поговорката: „Изгоре како владиката за Лесендро!“ Понатаму, во текот на своето 21-годишно владеење, тој не престанал да се бори против околните турски паши. Неговите односи со рускиот цар и со Метерних некогаш добивале необичен изглед. Од една страна, Петар II им пишувал оди и има испраќал ласкави писма, а од друга страна честопати имало сомнежи и недоверба во нивните односи. Така, врз основа на извештаите од неговите луѓе, Метерних сметал дека Његош има мала почит кон монархистичките принципи и дека има склоност кон либерализамот и поради тоа треба да се следи со внимание. И рускиот цар бил нељубезен кон Његош, поттикнат од извештаите на конзулот Гагиќ, така што за време на неговата посета на Русија, неколку недели го држел во Псков пред да му дозволи да влезе во Петроград. Исто така, рускиот цар и Метерних не му дале пасош на Његош за да може да патува во Париз.[7]

Његош ја дочекал со восхит револуционерната 1848 година, гледајќи во неа можност за обединување на јужнословенските народи. Меѓутоа, тој не можел да ја разбере суштината на револуционерните движења, па им давал помош дури и на непријателите на револуцијата, залажувајќи се дека тие се борат за ослободување на јужнословенските народи. Со таа илузија, тој му испратил медал на Книќанин, му понудил помош на банот Јелачиќ, го пофалил рускиот цар за испраќањето војска против унгарските револуционери итн. Његош се надевал дека банот Јелачиќ ќе одигра најголема улога во ослободувањето на јужнословенските народи и, оттука, во едно писмо му напишал: „Тебе тајната судбина те постави на чело на Јужните Словени, тебе среќата те венчава со своите прекрасни успеси...“ Меѓутоа, подоцна тој ја увидел својата заблуда и во едно писмо до Станко Враз напишал: „Јас гледам страшни погрешки! Ми се чини дека се отстапило далеку од вистинската цел..“ Во сличен стил тој му испратил и едно писмо на српскиот кнез Александар Караѓорѓевиќ, негодувајќи дека „Србите не се борат за себе, туку за друг“ и пишувајќи: „Кој што се сомневал макар и малку дека Словените не се родени за ропство, нека ја види нивната работа денес. Може ли да бид енешто погадно на светот од нивната слепотија? Јас само се чудам и не можам да се начудам, како може на некои луѓе срамното ропство да им биде толку драго.“[8]

Петар II водел активна надворешна политика, а негова главна преокупација било обезбедувањето излез на Јадранското Море. Стремежот за обезбедување на излез на море, наишол на силен отпор од страна на Хабсбуршката монархија, виенскиот двор бил убеден дека ако Црна Гора добие морско пристаниште, тоа би значело дека Руската Империја би стекнала база на Јадранот. Решавањето на морското прашање во полза на Црна Гора било попречено од нејзините добри односи со Русија.

Во однос на другите граници, вниманието на Петар II било насочено кон три стратешки точки: Спуж и Подгорица на исток и Грахово на северозапад. Во 1831 и 1831 година биле направени обиди за освојување на Подгорица но тие пропаднале. Во 1842 година, Црногорците и Османлиите се согласиле Грахово да биде меутрална територија. Во овој период, Петар II се соочувал со постојани бунтови на племињата. Во 1837 година, владиката по вторпат заминал за Русија за да ги објасни своите тешкотии и да добие помош и жито за да го ублажи гладот меѓу црногорското население кој владеело во тој период. При своето враќање во Црна Гора, тој бил придружуван од страна на рускиот агент Јаков Озерецковски.

Последни години

уреди

Главен проблем на владиката Петар претставувале внатешните несогласувања. Во годините 1846 и 1847 повторно се соочил со бунт. Бунтовниците соработувале со скадарскиот паша и морало да бидат задушени со сила. Владиката успеал да го сочува единството на Црна Гора, меѓутоа централната власт останала слаба, а руската влада била единствен основен извор на приходи. Петар починал од туберкулоза во 1851 година, а пред смртта за свој наследник го именувал својот внук Данило II Петровиќ Његош.

Книжевна дејност

уреди
 
Петар II во владичка облека
 
Лажниот цар Шќепан Мали

Његош бил најпросветен од сите дотогашни црногорски владетели. Иако немал редовно образование, тој ги читал класичните и тогашните современи автори, а некои од нив, како Петрарка, Данте, Пушкин и Ламартин, можел да ги чита во оригинал. Луѓето кои имале можноста да го запознаат, постојано ги истакнувале неговата интелигенција, убавина, култура и достоинство. На пример, Вук Караџиќ за него напишал: „Тоа е надарен човек, голем патриот и многу образован; тој е, секако, најучен владика што воопшто го имале Црногорците.“ Французинот Ами Буе го опишал Његош со следниве зборови: „Тоа е млад човек од дваесет и осум години, со особена крупна и убава става и со ведро и интелигентно лице.“ Русинот Срезневски, пак, забележал: „Колку повеќе човек разговара со Његош, мора сè повеќе да се восхитува со него и како со човек и како со владетел на Црна Гора. Тој говори многу убаво, умно, со чувство и достоинство.“[9]

Еден од неговите учители, Сима Милутиновиќ, придонел кај Петар да се појави љубовта кон народната поезија, а го потикнал и кон пишување. Милутиновиќ најверојатно го упатил кон митологијата и класичните нешта. Од него младиот Петар го добил „Митолошкиот речник“ кој бил полн со архаизми и со нови зборови. Врз книжевниот опус на владиката Петар влијаел и Лукијан Мушицки, кој во 30-те години на 19 век бил популарен поет. Класичната хеленска поезија ја читал во руски превод, а еден дел од Илијадата од руски ја превел на српски јазик.

Владиката Петар бил под влијание на античкиот класицизам. Меѓутоа, како што се развивал неговиот поетски талент, тој сè повеќе се ослободувал од тоа влијание. Неговото најдобро дело, „Горски венец“ има возвишена дикција и потсетува на грчките трагедии, но делото има самостоен карактер и е непосреден производ на црногорската народна култура, дух и јазик. Покрај рускиот, владиката ги владеел францускиот и италијанскиот јазик, а на тие јазици ги читал најголемите поети и мислители.

Петар почнал да пишува песни уште како дете, меѓутоа тие биле кратки и го немаат онаа значење од подоцнежниот период кога владиката се јавува како изгаден поет. Така, на 13-годишна возраст, Његош ги составил своите први стихови за ќеклиќските сватови. Првите негови песни биле напишани во духот на црногорската народна поезија и честопати биле опеани со гусла. По примерот на народната поезија, тој самиот составувал песни за познатите јунаци од народните песни, како и за некои современи настани при што песните ги пишувал во десетерци. Сима Милутиновиќ во својата збирка со народни песни „Пјеванија црногорска и херцеговачка“ (1833 и 1837), вклучил и пет песни за кои тврдел дека се дело на владиката Петар. Во 1833 година, Његош ја подготвил за печатење својата збирка „Гласот на каменштакот“ (Глас каменштака) која требало да биде објавена во Виена, но поради царската цензура се појавила подоцна, и тоа во поинаква верзија и со нов наслов, „Слободијада“. Една година подоцна, во печатницата во Цетиње биле испечатени две негови збирки: „Пустиникот цетински“ (Пустињак цетински) и „Лек за бесот турски“ (Лијек јарости турске).[10] Од песните во кои преовладува длабока и храбра смисла за лиризам, се истакнуваат: „Црногорецот кај семоќниот Бог“ (Црногорац к свемогућем Богу), „Верниот син ноќе им пее пофалба на мислите“ (Вјерни син ноћи пјева похвалу мислима) и „Ода на Сонцето“ (Ода Сунцу). По пауза од единаесет години, во 1845 година, Његош ја објавил книгата „Луча микрокозма“, а следната година и „Огледало спрско“, посветена на „сенката на Александар Пушкин“. Неговото најпознато и најдобро дело, „Горски венец“ (Горски вијенац) се појавило во 1847 година, а потоа следеле делата: „Кулата на Ѓуришиќ“ (Кула Ђуришића, 1850), (Чардак Алексића, 1850), „Лажниот цар Шќепан Мали“ (Лажни цар Шћепан Мали, 1851) и „Слободијада“ (1850), во кое се слави црногорската победа над Османлиите и Французите. Владиката Петар сакал „Слободијада“ да ја посвети на рускиот престолонаследник Александар II, меѓутоа тоа не му било дозволено, бидејќи руската цензура дала негативана оценка за делото. Покрај нив, Његош напишал и повеќе други песни кои не се вклучени во збирките. Најпосле, тој се занимавал и со превод, а во тој поглед треба да се споменат „Илијада“, „Слово за походот Игорев“ и „Химна на ноќта“ од Ламартин.[11]

Вук Караџиќ сметал дека владиката Петар ги опеал и новите борби на Црногорците. Владиката, исто така, собирал црногорски народни песни кој ги објавил во збирката Огледало српско (во збирката се содржани и неколку негови авторски песни).[12] Своето творештво Његош го започнал скромно, во стилот на народната поезија или лириката што пред него ја пишувале Лукијан Мушицки и неговите приврзаници. Во овие песни, Његош најмногу пее за црногорските борби и јунаци или пак за разни видни личности. Меѓутоа, со текот на времето мислата на Његош силно се развила. Тој преку читање и размислување, навлегувал подлабоко во поголеми, тешки, морални и филозофски проблеми. Така, уште во некои од неговите рани песни, како „Верниот син ноќе им пее пофалба на мислите“ или „Ода на Сонцето, испеена ноќе без месечина“, ја покажуваат склоноста на Његош кон апстракција и медитација, што веројатно се должи и на осаменоста во цетинскиот манастир. Некои други негови песни, сепак, покажуваат дека тој можел да пее и поинаку, ако се развивал во поинакви услови. Неговата склоност кон рефлексија и стремежот во вселенските простори да бара решенија на земните проблеми резултирале со религиозно-метафизички стихови кои најкарактеристично се изразени во песната „Мисла“ (Мисао), а особено во неговата поголема поетска творба, религиозно-филозофскиот еп „Луча микрокозма“ (македонски: „Светлината на микрокосмосот“). [13]

Његошовиот мавзолеј

уреди
 
Статуа на Петар II во неговиот мавзолеј
 
Мавзолејот на Петар II на Ловќен

Кнезот Данило II Петровиќ Његош го исполнил аманетот на Петар, тој во 1855 година ги пренел останките на Владиката на Ловќен. Невремто и громовите ја оштетиле капелата, а кнезот Никола во 1879 година ја осигурал со громобрани.

Во текот на Првата светска војна, кога Австроунгарија ја окупирала Црна Гора, генералниот гувернер фон Вебер наредил останките на владиката Петар II да бидат откопани и пренесени во Цетиње. Наредбата била извршена на 12 август 1916 година, меѓутоа ископувањето на останките било извршено од војници и многу коски биле изгубени поради невнимание. Еден австроунгарски војник, по потекло Србин, пронашол три коски и ги однел во Цетиње.

На 23 септември 1925 година, кралот Александар II Караѓорѓевиќ останките на Петар II свечено ги пренел во капелата и мермерниот саркофаг кој специјално биле изработени за таа намена. На местото на старата капела бил подигнат мавзолеј како подарок од страна на кралот Александар II.

Наследство

уреди
 
Портрет на Петар II во владичка облека
 
Билјардот на Петар II

Неговите лични предмети со текот на времето пропаѓале и неповратно исчезнувале. За таквата сосотојба придонеле промена на власта, војните, ширењето на Цетиње, а најмногу негрижата и несфаќањето за нивното култутно и историско наследство. Владиката Петар ги чувал сите свои хартии и лични предмети. Без трага исчезнале неговата облека, оружје, пера, дивити и чибуци. Неговите книги со години биле разнесувани по цетинските школи и исчезнувале. Од неговиот мебел, од сите слики и други лични работи преживеала само една фотелја. Исто така, преживеале неколку негови портрети, и тоа надвор од Црна Гора. Неговиот билијард изгорел во хотелот на Дурмитор во 1942 година, кога партизаните го запалиле Жабљак. Кулите и ѕидовите околу билијардот биле урнати, а самиот билијард бил преправен. Брестот кај билијардот бил исечен за да се направи споменик на убиениот крал Александар II Караѓорѓевиќ. Неговите топови биле одвлечени од австроунгарските сили и биле претопени. Исчезнале и неговите ракописи, дури и оние најважните: „Луча микрокозма“ и „Шќепан Мали“.

Влијание

уреди

Во чест на Његош, српскиот поет Бранко Миљковиќ има напишано песна „Гробот на Ловќен“.[14]

Наводи

уреди
  1. Димче Левков, „Петар Петровиќ Његош (1813 — 1851)“, во: Петар Петровиќ Његош, Горски венец. Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 133-134.
  2. Димче Левков, „Петар Петровиќ Његош (1813 — 1851)“, во: Петар Петровиќ Његош, Горски венец. Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 137.
  3. Димче Левков, „Петар Петровиќ Његош (1813 — 1851)“, во: Петар Петровиќ Његош, Горски венец. Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 133-135.
  4. Димче Левков, „Петар Петровиќ Његош (1813 — 1851)“, во: Петар Петровиќ Његош, Горски венец. Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 135-136.
  5. Димче Левков, „Петар Петровиќ Његош (1813 — 1851)“, во: Петар Петровиќ Његош, Горски венец. Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 136.
  6. Димче Левков, „Петар Петровиќ Његош (1813 — 1851)“, во: Петар Петровиќ Његош, Горски венец. Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 138.
  7. Димче Левков, „Петар Петровиќ Његош (1813 — 1851)“, во: Петар Петровиќ Његош, Горски венец. Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 138-140.
  8. Димче Левков, „Петар Петровиќ Његош (1813 — 1851)“, во: Петар Петровиќ Његош, Горски венец. Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 140-142.
  9. Димче Левков, „Петар Петровиќ Његош (1813 — 1851)“, во: Петар Петровиќ Његош, Горски венец. Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 142.
  10. Димче Левков, „Петар Петровиќ Његош (1813 — 1851)“, во: Петар Петровиќ Његош, Горски венец. Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 144-145.
  11. Димче Левков, „Петар Петровиќ Његош (1813 — 1851)“, во: Петар Петровиќ Његош, Горски венец. Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 145.
  12. Т. Đukić, „Njegoš i Gorski vijenac“, во: Petar Petrović Njegoš, Gorski vijenac. Beograd: Rad, 1962, стр. 155.
  13. Димче Левков, „Петар Петровиќ Његош (1813 — 1851)“, во: Петар Петровиќ Његош, Горски венец. Мисла, Култура и Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 145-146.
  14. Бранко Миљковиќ, Избор. Скопје: Мисла, култура, Македонска книга, 1988, стр. 26.

Литература

уреди
  • Андра Гавриловић: Историја српске и хрватске књижевности. Београд, 1910.
  • Милован Ђилас: Његош - пјесник, владар, владика. 1988. г.
  • Живко Брковић: Муке са великанима (НИН, 7.4.2005)

Надворешни врски

уреди