Бранко Миљковиќ (српски: Бранко Миљковић, 1934, Ниш, Кралство Југославија - 1961, Загреб, СФРЈ) - бил српски и југословенски поет.

Бранко Миљковиќ
Бранко Миљковић
Роден(а)29 јануари 1934(1934-01-29)
Ниш, Кралство Југославија
Починал(а)12 февруари 1961(1961-02-12) (возр. 27)
Загреб, СР Хрватска, СФРЈ
ПочивалиштеНови Гробишта, Белград
Алма матерУниверзитетот во Белград
ЗанимањеПоет
Активен период1952–1961

Животопис

уреди

Бранко Миљковиќ е роден во Ниш, каде ги завршил основното и средното образование, додека во Белград студирал филозофија. Во 1961 година, во близината на Загреб, извршил самоубиство, обесувајќи се.[1]

Творештво

уреди
 
Оригинални ракописи со песни

Миљковиќ почнал да пишува поезија уште во најраната младост, а во 1955 година, во „Дело“ го објавил циклусот песни со наслов „Залудно ја будам“ со кој се наметнал како автентично име во југословенската поезија, предизвикувајќи голем интерес кај книжевната критика и кај публиката. За време на својот краток живот, тој ги објавил книгите: „Залудно ја будам“, „Со смрт против смртта“ (заедно со Блажо Шќепановиќ), „Оган и ништо“ и „Потеклото на надежта“. По неговата смрт, Радомир Стевиќ Рас го објавил библиофилското издание со стиховите на Миљковиќ, со насловот „Крв која свети“.[1]

Уште со своите први дела, Миљковиќ се намтнал како еден од првите југословенски поети кои ја ослободиле поезијата од пригодноста и дидактичноста, како и од практицистичките, прозаични и фолклористички потреби. Поезијата на Миљковиќ е елоквентна, често и премногу дотерана, верна на концепцијата според која убавината и грациозноста на јазикот се од пресудно значење во поезијата. Таа се одликува со длабока филозофска изнијансираност, со рафинирана музика и убедливи слики, како и со луциден исказ, проткаен со внатрешен мисловен набој. Во неговите песни, со прецизен и функционален лирски израз, тој предочува теми со универзално значење, а повеќето од нив се потврда за големото мајсторство во изразот, за извонредната техника на стихот и за новите содржински зафати. Миљковиќ се одликува со интелектуално сфаќање на поезијата, така што тој гради цврста космогонија во која сè е збиено и единствено, а филозофската медитација и визија на светот добиваат универзалност. Миљковиќ ѝ поставил на својата поезија многу комплексни барања, ангажирајќи ја во потрага по смислата на светот и на животот, а според Драган М. Јеремиќ, неговиот принцип во книжевноста бил: „барајќи ја крајната смисла, да се влезе во другата страна на свеста и да се види што се случува таму“.[2]

Филозофската визија на светот кај Миљковиќ е секогаш во дијалог со стварноста. Во тој контекст, тој опстојува пред сите патетични предрасуди и станува алхемичар, а убавината често ја доживува како болка. Токму во тие рамки, неговата поетика достигнува творечка кулминација при што тој го конкретизира и именува нестварното. Тој има моќ да ги вообличи космосот и животната стварност во една метафора или симбол, давајќи им универзално значење. Многу често, во неговата поезија се пее за смртта, но неа не ја сфаќа како призрак, туку како игра на животот и како противречност на постоењето. Сепак, поетското искуство на Миљковиќ во прв ред значи блискост со светот и со животот; тоа е искуство што ги преродува јазикот и поетскиот субјект. Притоа, тој пее како никој пред него да не пеел, како да не знае што е песната и како да ја осуден да ја пронајде.[3]

Во поезијата на Миљковиќ е присутна космичка симболика, хармонично вткаена и внатрешно извајана. Таа ѝ дава специфичност на поезијата, како и автентична и полнокрвна содржина и смисла. Тоа особено се однесува за песните со родољубива тематика во кои тој, ослободен од сите традиционалистички канони, на песната ѝ дал нов, ритмичко-рефлексивен тон. Неговата поезија е блиска до конкретниот предмет, независно дали пее за смртта, за револуцијата, за трагиката, за осаменоста, итн. Оттука, големината на неговата слоевита мотивско-изразна градба во 1960-тите создал широк круг на приврзаници во југословенската литература. Неговиот буен и младешки занес, најавен во „Залудно ја барам“, многу рационално и со префинет филозофски резонанс блеснал во „Оган и ништо“, а особено во „Потеклото на надежта“. Миљковиќ умеел да пронајде мотив за песна и во ништожните и безначајните пунктови, но знаел и да им внесе нова содржина на големите поетски теми. Неговиот тематски опфат е полнокрвен, бунтовен, длабоко осмислен и ненадминлив во пошироки рамки. Меѓу книжевните критичари постојат различни толкувања на неговото дело, движејќи се од пофалби, информативни и аналитички искази до негирање на формалните страни во неговата поезија. Сепак, според високата уметничка доблест, неговото творештво е автентично и неодминливо, а неговата поезија е израз на едно време.[4]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Раде Силјан, „Неповторлива творечка појава“, во: Бранко Миљковиќ, Избор. Скопје: Мисла, Култура и Македонска книга, 1988, стр. 117.
  2. Раде Силјан, „Неповторлива творечка појава“, во: Бранко Миљковиќ, Избор. Скопје: Мисла, Култура и Македонска книга, 1988, стр. 119.
  3. Раде Силјан, „Неповторлива творечка појава“, во: Бранко Миљковиќ, Избор. Скопје: Мисла, Култура и Македонска книга, 1988, стр. 119-120.
  4. Раде Силјан, „Неповторлива творечка појава“, во: Бранко Миљковиќ, Избор. Скопје: Мисла, Култура и Македонска книга, 1988, стр. 120-121.