Зовиќ
Зовиќ (наречено и Зович; на месен народен говор Бзовиќ) — село во битолскиот дел на областа Мариово во рамки на Општина Новаци и пошироката околина на градот Битола.
Зовиќ | |
Целосна панорамска фотографија на селото Зовиќ | |
Координати 41°07′00″N 21°42′47″E / 41.11667° СГШ; 21.71306° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Новаци |
Население | 11 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7211 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02054, 02055 |
Надм. вис. | 721 м |
Слава | Митровден |
Зовиќ на општинската карта Атарот на Зовиќ во рамките на општината | |
Зовиќ на Ризницата |
Потекло и значење на името
уредиИако во службената и административна употреба селото е заведено и познато како Зовиќ или Зович, мештаните коишто живеат во него го нарекуваат Бзовиќ. Како Бзоик селото е запишано односно исклесано на плочата во селската црква „Св. Никола“ каде на старословенско писмо се запишани податоците за нејзината изградба од 30 октомври 1862 година.[2]
Името на селото е добиено најверојатно по името на една чешма (извор) која се наоѓала во денешно Зовиќ, а која селаните на тогашното старо село Леништа ја викале „Бзовиќ“ поради тоа што околу неа имало многу боз. Грмушки од растението бозел и денес се наоѓаат во самото село и пошироко на атарот на Зовиќ. Оттаму, од името на растението боз или бозел доаѓа основата на името на селото (Б)зовиќ со значење на место обраснато со боз.[2]
Поради катастарски потреби за именување на издвоениот атар на селото помеѓу Градешница и Старавина, често се користи и називот Зовиќ I (или Зовиќ 1) за ова село, додека другиот дел на атарот го има името Зовиќ II (или Зовиќ 2).
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во битолскиот дел на областа Мариово, во крајниот источен дел на територијата на Општина Новаци, чиј атар просторно е поделен на два дела. Така, атарот на Зовиќ I се допира до просторот на територијата на Општина Прилеп на север, а атарот на Зовиќ II во кој е расположен на надморска височина од 680 метри се допира со државната граница со Грција на југ.[3] Селото е ридско, на надморска височина од околу 680 метри. Селото е едно од најизолираните места во државата, па така од централното место Битола е оддалечено дури 53 километри.[3] Селото е поврзано со асфалтен пат, кој како крак се издвојува од регионалниот пат 2338 кој оди преку селата Рапеш и Маково.
Зовиќ се наоѓа во средишниот дел на областа Мариово. Сместено е на една карпеста зарамнетост веднаш над самиот лев брег на Градешка Река. Расположено е на надморска височина од 685 метри помеѓу два ридски гребени на југ и север на чиј врв е изградена малата црквичка „Св. Атанасиј“, во подножјето на висорамнината Добро Поле. Иако куќите на селото лежат во благо зарамнетото подножје помеѓу двата ридови, според надморската височина Зовиќ е ридско село.[2]
Крај селото кај познатиот Зовичкиот мост, тече Градешка Река која извира и дотекува од планината Ниџе и навлегува во карпеста клисура од каде кај месноста Еленик се спојува со реката Сатока, која потоа се влева во Црна Река.[2]
Преку велосипедска и пешачка патека кон север во должина од 11 километри или 3 часа одење пеш минувајќи преку реките Градешка и Сатока, Зовиќ е поврзано со селото Манастир во прилепскиот дел на Мариово.[2] Во минатото, по оваа патека минувале големата велосипедска и пешачко-планинарската тура во рамки на фестивалот на отворено Mariovo Off-Road Experience.
На средина од самото село има кладенец со многу питка и студена вода, а во селото има повеќе чешми и извори. Во селото има голем број на оревови и сливови дрвја, смокви, дабови, тополи и нискостеблести грмушки.
Месности и предели во атарот на Зовиќ се: Еленик, Долго Брдо (веднаш на југ од селото), Марита (веднаш на север од селото), Момилот, Булјак, Длабок Дол, Песјо Поле, додека кон Чебрен и Црна се потезите Дункова Стена, Војник и Доќимот Брдо.
Во 1970-тите години селото добива електрична енергија.[2]
Историја
уредиСпоред народното предание кое се раскажува помеѓу мештаните, селото односно предците кои го основале трипати се преселувале на три различни места пред конечно да се населат на сегашната местоположба. Најпрвин родовите живееле на месноста на ридот Душегубец помеѓу Старавина и Градешница, потоа се преместиле во месноста Леништа, од каде повторно се иселиле при што според верувањата, еден дел од луѓето заминале и го основале селото Леништа кај Прилеп, а другиот дел се населиле на сегашното место на Зовиќ.[2][4]
Во минатото селото се викало Леништа и се наоѓало во месност оддалечена околу 500 метри од сегашното село. Меѓутоа за време на турското владеење селото било опљачкано и запалено поради што неговите жители биле принудени да се преселат на друго место, околу една чешма која селаните ја викале Бзовиќ и се наоѓала на местото на денешното село при што на тој начин било основано и населено денешното село Зовиќ. Се претпоставува дека ова преместување, односно основањето на сегашното село Зовиќ се случило во XVII век, кога била изградена и малата еднокорабна црква „Св. Атанасиј“, која се наоѓа на врвот на ридот веднаш над самото село.[2]
На месноста на старото село која во службените и административни катастарски евиденции е посебно заведена и позната како Зовиќ II, селаните долго време подоцна сѐ уште оделе и обработувале земја, садејќи компир и ја терале стоката на напасување.[5]
Дека селото Зовиќ постоело во средновековниот период уште кон крајот на XV век и средината на XVI век сведочат отоманските (турски) пописни и даночни дефтери кои во 1476/77 забележале 18 семејства, во 1481/82 попишале 28 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 50 домови во 1519 година, 57 домаќинства во 1528/29 и опаѓање на 40 во 1544/45 година.[6]
Во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот селото Бзовиќ погрешно го запишал со името Взоид наведувајќи дека има 65 куќи и стара црква.[7]
Во XIX век селото Зовиќ било едно од мариовските села во кое било најголемо влијанието на грчката пропаганда.[8] Но, додека на делови од оштетениот живопис во малата црква Св. Атанасиј над селото се забележуваат натписи на грчко писмо, во главната селска црква изградена во 1862 година, а по големите оштетувања во Првата светска војна возобновена во 1927 година, има натписи само на старословенско писмо и книги на црковнословенски јазик. Поради жестоките борби на линијата на фронтотот, селото Зовиќ со уште неколку села во битолско Мариово до темел биле разурнати за време на Првата светска војна.[9]
Видливи остатоци од Првата светска војна во селото се видливи на влезот од селото, особено на патот кој води до Чебренскиот манастир, како и во близина на црквата „Св. Атанасиј“, сместена на ридот над селото. Во црквата „Св. Никола“ се наоѓаат неколку гробови од бугарски војници, а низ селото, како и низ сите мариовски села, може да се сретнат голем број на остатоци од војната, на кои мештаните им нашле примена во домаќинството. Дел од овие предмети, денес се изложени во новиот ресторан „Кај Мостот“.[10]
Селото растело по бројот на жители и домаќинства сѐ до шеесеттите години на XX век, кога започнал бран на иселувања кој придонел за особено забележителен пад на бројот на жители по 1971 година. Падот не го спречило ниту електрифицирањето, кое се случило во 1970-тите години.[2]
Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[11]
Стопанство
уредиАтарот е мошне голем и зафаќа простор од 22,3 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.128,9 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 644,8 хектари, а на шумите отпаѓаат 257,8 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]
Малобројното преостанато постојано население, како и дел од иселениците и некогашни жители кои ги посетуваат своите имоти, се занимаваат со земјоделство односно со градинарство исклучиво за задоволување на сопствени потреби. Од градинарството најмногу се одгледуваат краставици, кромид, марули, лук, домати и грав. Поради тоа што обработливата земја во градините е многу тенок слој на почва црница и лежи врз карпи краставиците и другите плодови иако се со помала големина се одликуваат со многу убав и специфичен вкус. Во самото село и непосредната околина на повеќе ниви се одгледува и компир, а во помала мерка и жито, најмногу пченица и ’рж. Од сточарството најзастапено е одгледувањето на овци и крупен добиток како крави и телиња во помал број, од чие млеко се прави познатото мариовско биено сирење, кое самите Мариовци го нарекуваат „тепано“. Од сточарството во помала мерка се одгледуваат и кози.
На самиот влез на селото од јужната страна има сточарска фарма, а на атарот на селото постојат и повеќе бачила од кои само неколку активно се користат и работат произведувајќи овчо и мешано биено сирење.
Во минатото селото многу произведувало тутун, од кој од една годишна берба се купувало и телевизор, се саделе и слануток, винова лоза и друго. Сите куќи одгледуваат и доста живина односно кокошки и мисирки. Во селото има голем број на оревови дрвја кои раѓаат многу јадри и благи ореви.
Од неодамна на сретселото во Зович постои и етно-куќата „Кај Мостот“ која е отворена за посетителите со новоизградени сместувачки капацитети со 3 соби со 12 нови легла и голем ресторан.[12]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Демографски статистики за селото Зовиќ во османлискиот период:[13]
Османлиски дефтери | Домаќинства | Неженети | Вдовици | Годишен приход |
---|---|---|---|---|
Дефтер бр. 4 од 1476/77 г. | 18 | 2 | 943 | |
Дефтер бр. 16 од 1481/82 г. | 28 | 2 | 1835 | |
Дефтер бр. 73 од 1519 г. | 50 | 10 | 3 | 2627 |
Дефтер бр. 149 од 1528/29 г. | 57 | 8 | 2 | 3620 |
Дефтер бр. 232 од 1544/45 г. | 40 | 8 | 2110 |
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Зовиќ живееле 420 жители, сите Македонци.[14] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Зовиќ имало 320 Македонци, патријаршисти.[15]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Бзовиќ се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 62 куќи.[16]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[17]
Во 1961 година селото било средно по големина со 388 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 54 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Зовиќ живеел 31 жител, сите Македонци.[18]
Моментално, во селото постојано живеат 7 домаќинства со дваесетина жители. Голем број на поранешни иселени жители и нивни потомци сѐ уште поседуваат и ги посетуваат своите куќи, од кои дел се обновени, а дел ги обработуваат и своите имоти. За време на летниот период, селските празници и одржувањето на Зовичката средба во селото има и до стотина луѓе.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 11 жители, од кои 6 Македонци и 5 лица без податоци.[19]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 420 | 320 | 338 | 356 | 388 | 317 | 145 | 56 | 54 | 31 | 11 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[20]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[21]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[22]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[23]
Родови
уредиВо селото Зовиќ отсекогаш па сѐ до денес живееле исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Скоро сите родови во селото се старинечки односно староседелски преселени од старото село Леништа или Зовиќ. Можно е некои од селските родовите да потекнуваат и од блиското одамна раселено село Чебрен.[2]
Преостанатите жители кои денес живеат во Зовиќ припаѓаат на следните македонски родови: Скаклевци, кои се староседелци дојдени од старото село Леништа или Зович I како деленици од 3 браќа дамнешни прадедовци.[5] Староседелци и најверојатно нивни деленици се и родот Секилковци, чиј предок дедо Богдан е насликан како еден од ктиторите на селската црква. Исто така старинци се и родот Ангелевци, чиј предок дедо Анѓеле е исто така насликан во селската црква како ктитор. Староседелски родови во Бзовиќ се Мијаковци, кои немаат мијачко потекло туку родовскиот прекар го добиле по тоа што „нивните дедовци сточареле и оделе со Мијаците“,[24] Дамевци и Мојановски.
Останати македонски родови во Зович се Недановски, Каровци,[5] Кулевски, кои можно е да припаѓаат или да се во подалечна роднинска врска со познатиот мариовски македонски род Кулевци од блиското мариовско село Крушевица преку Црна Река од кои потекнува познатиот војвода Толе Паша, Стојковски, Митревски и Костевски.
Поради непосредната близина брачни врски најчесто се склопувале со девојки од селата Чаниште („една мома зеле, десет моми дале“), Манастир, Старавина, Градешница, но и од поддалечните места како Живојно („две моми зеле, две моми дале“).
Иселеништво
уредиВо поодамнешното минато иселеници од Зовиќ се забележани во блиските села Старавина и Градешница.
Во поново време во втората половина на XX век, жителите на Зовиќ најмногу се иселиле во градовите Битола и Скопје, помал број и во Прилеп, а значаен дел и во прекуокеанските земји во Австралија и САД. Бројот на иселени лица изнесува над 300 лица.[2]
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
уредиВо XIX век, Зовиќ било село во Мариовската нахија, во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната Општина Старавина.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Мариово.
Во периодот 1950-1955, селото било дел на тогашната Општина Старавина, во која покрај селото Зовиќ, се наоѓале и селата Будимирци, Градешница, Груништа, Зовиќ и Старавина.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0178 според Државната изборна комисија, сместено во простории на објект на општината. Во ова избирачко место е опфатено и селото Зовиќ 2.[25]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 24 гласачи.[26] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 19 гласачи.[27]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[28]
- Марта — некропола од железното време; и
- Тумба Чебрен — утврдена населба од римското и доцноантичкото време.
- Цркви
- Црква „Св. Никола“ — главната селска црква, изградена во 1862 година; и
- Црква „Св. Атанасиј“ — мала еднокорабна средновековна црква на врвот на ридот над селото.
- Манастири
- Чебренски манастир — средновековен манастир сместен непосредно на десниот брег на Црна Река во некогашното раселено Чебрен, денес во рамки на атарот на Зовиќ.
- Црква „Св. Димитриј“ — главната манастирска црква; и
- Црква „Вознесение Христово“ — помала издвоена манастирска црква.
- Параклиси
- Параклис „Св. Димитриј“ — мал параклис на влезот во селото
- Други верски објекти
- Фреска на Свети Ѓорѓи — фреска насликана на висока карпа кај приодот кон Камениот мост, која е остаток од пештерното црквиче кое постоело таму, а веднаш до него постои и возобновена воденица.[2]
- Градби
- Зовички мост (или Камен мост) — познат лачен камен мост преку Градешка Река, кој се смета за едно од најубавите архитектонски зданија во Мариово. Поради тоа, овој мост бил инспирација на познатиот македонски режисер Милчо Манчевски да сними дел од играниот филм Прашина на самиот мост. По снимањето, мостот го добил прекарот „Филмски мост“. Овој камен мост бил изграден во периодот 1955/56 година на местото на стариот дрвен мост, кој се преполовил во 1952 година под товарот на некој мештанин, селанец кој водел претоварена воловска кола. Веднаш потоа е изграден новиот постоечки мост од мајсторот Ѓуладин или Џуладин по потекло од селото Лабуништа, кој заедно со своите работници живееле во селото додека се градел мостот.[2]
- Реки[29]
- Градешка Река — река низ селото, која минува под познатиот Зовички мост
Редовни настани
уреди- Митровден (8 ноември) — селска слава на која се одржува голем црковно-народен собор.
- Свети Никола „Летен“ („Талалеј“) (на крајот на мај или почеток на јуни) — стара селска слава и патронен празник на црквата, која според кажување на жителите поради големи трошоци и расипување на храната била заменета со Митровден, но сепак сѐ до денес останало обичај празникот да се прославува со колење на јагне и делење на ручек во селската црква.[30]
- Свети Атанасиј (Летен) (во првата половина на месец мај) — се празнува со собор во малата црквичка посветена на Свети Атанасиј на врвот на ридот над селото.
- Зовичка средба — средба на сите сегашни и некогашни иселени жители и нивните потомци со културно-забавна програма која вообичаено се одржува во месецот мај во склоп на прославата на празниците Свети Атанасиј или Свети Никола.
- Mariovo Off-Road Experience — секоја година на крајот од месец мај, големата велосипедска и планинарско-пешачката тура од фестивалот минуваат и го посетуваат селото Зовиќ.
Култура и спорт
уредиНедопрената природа на селото Зовиќ која изобилува со прекрасни глетки придонесува тоа да е познато во културата и спортот во Македонија и пошироко. Во однос на културата во селото Зовиќ на познатиот Зовички мост се снимани сцени од играниот филм Прашина на најпознатиот македонски режисер Милчо Манчевски, додека во однос на спортот во рамки на фестивалот Mariovo Off-Road Experience селото Зовиќ се посетува од велосипедистите и планинарите.
Галерија
уреди-
Куќа во Зовиќ
-
Поглед на дел од селото
-
Куќи во селото
-
Поглед на дел од селото
-
Куќи во селото
-
Поглед на дел од селото
-
Традиционална куќа во селото
-
Поглед на дел од селото
-
Старото основно училиште во селото
-
Параклис „Св. Димитриј“
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2021-12-01. Посетено на 2021-11-22.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 132. Посетено на 22 ноември 2021.
- ↑ Според кажување на Миле Скаклевски (р. 1938). Забележал Марио Шаревски на 7 мај 2016
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Според кажување на Миле Скаклевски (р. 1938) и Сава Скаклева (р. 1936) од селото Зовиќ. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Ѕвонко Петровски на 30 мај 2015 г.
- ↑ Стојаноски, Александар (1994). Мориово во XV-XVI век (Осврт на економско-општествените прилики). Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 65–73.
- ↑ Хаџи Константинов - Џинот, Јордан (1859). Блаже Конески (уред.). Споменик за села називаеми Мориево прилепско, Статистическо описание. „Избрани страници“. Цариград: Цариградски Весник. стр. 97.
- ↑ Башески, Илија. Мариово и Меглен - Природни и социо-економски одлики. во: Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен, Зборник на материјали од научниот собир одржан во Прилеп и Витолиште 24, 25.05.1990. Прилеп, 1994. стр. 55
- ↑ Сталев, Ѓорѓи (1990). Мариово низ вековите (Зборник „Мариово-Меглен: вчера, денес, утре“. изд.). Витолиште: Друштво за организирање Мариовско-мегленски културни средби. стр. 57.
- ↑ „Село Зовиќ (Мариово) – Општина Новаци“. СЕЌАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ФРОНТ ЗА ВРЕМЕ НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА. Посетено на 2021-11-22.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Macedonia, OFF ROAD (2015-08-26). „Зовиќ – село во Мариово со прекрасниот „Филмски Мост" | OFF ROAD Македонија“. Посетено на 2021-11-22.
- ↑ „Зовиќ (Zovik) Мариово – со надалеку познатиот Филмски Мост“. Итар Пејо. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 21 ноември 2021.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 247.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 148-149.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Радовановиќ, Воислав (1932). Мариовци у песми, причи и шали. Скопје: Скопско научно друштво. стр. 2.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 22 ноември 2021.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 32. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 25. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ Според кажување на Миле Скаклевски (р.1931) и Сава Скаклева (р.1933) од селото Зовиќ. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Ѕвонко Петровски на 30.05.2015
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди- Зовиќ на Ризницата ?
- Село Зовиќ, Мариово Архивирано на 5 март 2016 г.