Црква „Св. Димитриј“ - Чебрен
Свети Димитриј – главна манастирска црква на Чебренскиот манастир.[1][2]
Свети Димитриј
| |
Поглед на црквата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Преспанско-пелагониска |
Архијерејско намесништво | Битолско |
Парохија | Старавинска |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 41°07′58.3″N 21°40′48.3″E / 41.132861° СГШ; 21.680083° ИГД |
Место | Чебрен |
Општина | Новаци |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Димитрија Солунски |
Завршено | XIV век XVI век (обновена) |
Архитектонски опис |
Историја
уредиЦрквата потекнува од првите декади на XIV век.[3] Во втората половина на XIV век, во Прилепско и Пелагонија била активна монашката сликарска тајфа на митрополитот Јован Зограф и неговиот брат јеромонахот Макариј, но сепак нема податоци за тоа кој ја живописал црквата поради тоа што живописот од тој период не е сочуван.[4] Во текот на XVI век, Охридската архиепископија западнала во тешка политичко-економска положба, па така архиепископот Гаврил заедно со пелагонискиот и прилепскиот митрополит патувале во Русија за да бараат парична и друг вид помош од рускиот цар Фјодор Иванович. Паричната помош којашто ја барале била наменета за потпомагање на истоштеното христијанско населени и за обнова на црквите и манастирите, што значи дека црквата била обновена со ваквите заложби на ариепископот и месните епископи.[5] Денес, црквата е обновена со помали димензии врз темелите на стариот храм, а од првобитната градба сочувана е средишната длабока апсида.[4]
Архитектура
уредиГрадбата на црквата има правоаголна основа со средишна длабока апсида на источната страна којашто била обновена над рановизантиската во XIV век со димензии од 2,4 м и дел од источниот ѕид.[4] Влезот се наоѓа на западната страна. Во внатрешноста на црквата имало иконостас кој потекнувал од XV век и бил обновен во XIX век.[1] Црквата е градена од камен и е покриена со дрвен покрив над којшто има кров од ќерамиди.
Фрескоживопис
уредиНема податоци кога црквата била живописана, а тоа не може да се утврди ни преку времеследна споредба.[4] Сепак, иконографијата кај сочуваниот живопис води до заклучок за неговата сличност со живописот кај црквите од XV век, како што е црквата „Пресвета Богородица Милостива“ во селото Нивици во Голема Преспа од 1451/2 година, црквата „Св. Илија“ во селото Долгаец, Црквата „Вознесение Христово“ кај селото Вишни во близина на Струга и др. Оттука може и да се претпостави дека живописот во апсидата можеби потекнува од периодот кога бил изградена црквата над рановизантиската, односно во првата половина на XIV век. Денес, живописот е крајно запоставен, избледен и прекриен со наслаги од различен вид, па оттаму е со многу слаба видливост.[6]
Во олтарниот простор е сочуван живопис од XVI век, кога црквата била обновена и повторно живописана.[4] Од живописната површина во апсидата, нецелосно е сочуван долниот дел на цоклето. Покрај тоа, зачувани се неколку правоаголни полиња коишто се ограничени со темносива боја, а во полињата има белузлава основа врз којашто се насликани букети со цвеќиња со црвена и светлосина боја. Над цоклето, во првата зона е претставена сцената Поклонување на жртвата, веројатно со архијерејската свита од Свети Григориј, Василиј Велики, Јован Златоуст и ангел. Сцената Поклонување на жртвата е зачната уште од времето на назначувањето на охридскиот архиепископ Лав I во 1037 година, период на неговите христолошки расправи со римското свештенство. Поклонување на жртвата е симболичен начин на прикажување на евхаристијата, односно алузијата на Тајната вечера, со што е востановен чинот на причестувањето на Исус Христос како евхаристичка жртва. Впрочем, ова е евхаристична сцена којашто е зачната од темата Службата на Свети Василиј Велики и подоцна станала редовна содржина во долната зона на апсидата кај византиските цркви под називот „Поклонување на жртвата“. Фигурите на живописот не се целосно сочувани. Во втората зона е прикажана сцената Причестување на апостолите, каде Исус е претставен како од левата страна се причестува со вино и од десната со леб. Во горниот дел е насликана лачна рамка со црвена боја над секој светител којашто потсетува на иконостасните епистили од XVI-XVII век. Од третата зона во сферата на апсидата е сочуван мал дел живопис на којшто не може да се утврди сцената. Веројатно се работи за приказ на Богородица со Исус. Зоните се поделени со насликана лента од 5 см, а притоа е употребена темноцрвена боја.[7]
Поради слабата видливост е невозможно да се исчитаат било какви потписи, натписи, а не може дури ни да се направи попрецизна анализа на цртежот употребената палета на боја. Техниката на живописување веројатно е фреско. Облеката и ликовите се насликани претежно со тонови на жолт окер, кафеава, портокалова и белузлава боја, а основите се насликани со париско-сина боја во првата зона, ултрамарин во втората зона во горните делови и жолт окер во долните делови. Ликовите на светителите се внимателно обработени, особено ликот на ангелот и Исус Христос со нагласен израз од окерасти, кафеави и нежномаслинести тонови коишто се карактеристични за стариот византиски стил. Облеката е графички драпирана со светли и темни тонови на одбраната боја за да се прикаже раскошното драпирање преку означување на осветлените и површините во сенка.[8]
Галерија
уреди-
Поглед на црквата
-
Влезот
-
Внатрешноста
-
Фреска во црквата
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Чебрен Архивирано на 1 декември 2021 г.“. Мој Роден Крај.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 24. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 11.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 12.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 13.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 14-15.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 15-16.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 16.
Надворешни врски
уреди- Црква „Св. Димитриј“ - Чебрен на Ризницата ?