Крушевица (Прилепско)
Крушевица (познато и како Крушејца или Крушеица) — село во Општина Прилеп, во областа Мариово, во околината на градот Прилеп.
Крушевица | |
Поглед на селото Крушевица | |
Координати 41°12′25″N 21°39′6″E / 41.20694° СГШ; 21.65167° ИГД | |
Регион | Мариово |
Општина | Прилеп |
Население | 41 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 20055 |
Надм. вис. | 760 м |
Крушевица на општинската карта Атарот на Крушевица во рамките на општината | |
Крушевица на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото Крушевица се наоѓа во областа Мариово во нејзиниот западен дел лево од Црна Река познат како Горно, Ново, Мало или „несалам“ Мариово, а воедно во јужниот дел на Општина Прилеп. Од градот Прилеп е оддалечено 26 (односно 29) километри[2]. До селото Крушевица води неодамна изграден, модерен асфалтен пат во одлична состојба кој продолжува кон селото Чаниште, а се одвојува од главниот патен правец кој води од Прилеп преку превојот Слива низ Мариово кај месноста наречена Липов Дол. Крушевица е ридско село расположено на 759 метри надморска височина[2]. Сместено е на источната падина на Селечка Планина непосредно веднаш под нејзиниот највисок врв Висока (1471 м.н.в.) Атарот на селото Крушевица е релативно голем и зафаќа простор од 27 км2 на кој пасиштата заземаат површина од 1316 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 1190 хектари, а на шумите само 28 хектари[2]. Шумите кои се состојат најмногу од даб, јавор, багреми, леска се наоѓаат на падините и врвот Висока веднаш западно над селото, додека на пространиот атар јужно од селото се наоѓа и помало вештачко езеро со мала земјена брана. Селото Крушевица изобилува со повеќе извори на вода, која е убава за пиење, со занимлива појава да биде студена лете, а топла зиме. Од почетокот на новиот XIX век, пред 15 години во Крушевица е изграден водоводод кој со цевки носи вода од изворите кои се наоѓаат во месноста Каве на падината веднаш под врвот Висока, а на самиот крај на селото се наоѓа и кладенецот наречен Дуње кој е соѕидан во камено корито (дупка длабока околу 1 метар) чиј водостој е непроменлив во текот на целата година.
Историја
уредиНа подрачјето на селото Крушевица, постоел организиран живот уште од древните антички времиња за што сведочат ископините од остатоците на античкиот македонски град Пелагонија, кој се наоѓа на самиот врв висока на еден километар веднаш над селото.
Во пишаните податоци во турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година селото Крушевица се среќава запишано како чисто христијанско македонско село кое како тимар и припаѓало во рамки на нахијата Тиквеш во состав на Ќустендилскиот санџак[3]. Во ова време во селото, живееле 91 македонски христијански семејства кои произведувале 25 товари пченица, 150 товари мешано жито, 3 товари уров, лен, градинарски култури, грозје и вино, сено, се чувале и свињи и пчели во улишта и кошници, работела 1 воденица, за што се остварувло приход и давачки од 9000 акчиња[3]. Приредувачите на книгата „Турски документи за историјата на македонскиот народ“ овој запис погрешно го навеле дека се однесува за кавадаречкото село Крушевица во Општина Росоман во Тиквешката Котлина, затоа што во самиот турски запис е зашишано дека селото Крушевица имало „ушур“ (приход) однадвор, од селото Пчаништа бидејќи во синорот (атарот) на споменатото село Крушевица, земја обработувале жители од Чаниште и ушурот му го давале на спахијата на споменатото село Крушевица[3]. Ако се има предвид дека селата Крушевица и Чаниште и денес постојат и се наоѓаат во непосредна близина и воено меѓу нив постои зарамнет дел со обработливо земјиште и пасишта, станува јасно дека овој средновековен запис за село Крушевица од турските дефтери за нахијата Тиквеш од XVI век - 1570 година, се однесуваат на прилепското мариовско село Крушевица, а не на истоименото тиквешко кавадаречко село кај Росоман.
Имајќи ја предвид поволната положба кој ја има Крушевица, таа до денес важи како „село со најмногу поле“ (обработливо земјиште) во Мариово, во втората половина на XIX век во селото покрај имотите и земјата во сопственост на селаните постоеле неколку чифлици на бегови-Турци кои имале и неколку две и трикатни беговски кули во селото[4]. Во овој период во 1868 година во Крушевица се родил познатиот „Толе Паша“ - Стојан Трајков (Кулески) кој уште како дете со својот татко Трајко и чичко Куле аргатувајќи на чифлиците во Крушевица и во селата во плодната Пелагонија го навлекол гневот против неправдата и безмилосното изживување врз македонските селани. Уште како млад се одметнал како ајдутин и со својата дружина ги напаѓал беговите имоти и самите бегови. На сред село во Крушевица го убил турчинот Акиф кој мошне често ги напаѓал сеслките девојки и невести од христијанските семејства, а потоа во месноста Скала во заеда го начекал и убил насилникот Рафит, со што то станал страв и трепет за турските аги особено при ссобирањето на данокот од мариовските селани. Имајќи го предвид познатиот факт дека Македонскиот (Солунски) фронт во Првата светска војна минувал низ Мариово, Крушевица како и повеќето останати мариовски села претрпело многу тешки последици. За време на бугарската окупација во Втората светска војна во 1943 селото го имало 12000 овци и кози, што е воопшто најголем број за селото и околината. По втората светска војна селото било дел од општината со седиште во мариовското село Дуње, па потоа било дел од општината Прилеп, а во периодот од 1996 до 2004 Крушевица била дел од општината Витолиште. Со нејзиното укинување во 2004 година, селото е повторно дел од Општина Прилеп.
Потекло и значење на името
уредиНа нивите и ливадите во непосредната близина на селото Крушевица во голема мера се застапени крушовите дрвја. Според кажувања на жителите, крушовите насади кои во најголем дел се од зимните жолти круши (кантарки) имаат толкава родност што селаните береле по пет и повќе товари круши, кои стасувале за јадење и употреба од Голема Богородица на крајот на летото до Благовец во средината на пролетта[5]. Голема е веројатноста поради изобилството и големиот број на круши селото да го добило името Крушевица.
Стопанство
уредиСпоред составот на атарот селото Крушевица има сточарско-полјоделска функција. Врз основа на природните околности на околината и атарот погодни за стопански дејности селото Крушевица важи како „село со најмногу поле во Мариово“. Во основа жителите на селото најмногу се занимаваат со сточарство, особено со одгледување на овци, крупен добиток како крави, волови, а во помала мерка и кози. Денес во селото се чуваат околу 1000 овци и 200 крави и телиња, а во минатото во периодот 1941-1943 за време на бугарскатаа окупација во Втората светска војна во селото Крушевица се чувале и одгледувале 12000 овци и кози[4]. Од овчото млеко во селото повеќето домаќинства го произведуваат познатото и прочуено мариовско биено сирење, како и овчо сирење кое во продажба се движи од 160 до 180 денари за килограм, урда, матеница и други млечни производи. Поради поволните услови во селото е застапено и полјоделството односно одгледување на житни култури најмногу пченица која како лебно жито се продава на мелничарите, ’рж кој се користи како лебно жито за домашна употреба и пченка засадена во многу мали размери во градините, потоа тутунот од индустриските култури застапен на околу 5 хектари кој се носи на откуп во Прилеп, Тополчани и Беровци и во сосема помали размери се одгледуваат градинарските култури како домат, пиперка, лук, кромид во малите градини (бавчи) близу кладенците.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Крушевица живееле 436 жители, од кои 420 Македонци и 16 Роми.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Крушевица имало 464 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Крушевица е претставено како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 60 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[9]
Како и сите останати села во Мариово, така и Крушевица бележи значајно и постојано опаѓање на бројот на своите жители. Поради големата миграција и иселување Крушевица преминала од средна по големина во мала селска населба[2]. Во 1961 година во Крушевица живееле 637 жители, додека во 1994 бројот се намалил на 117 жители[2]. Според народната припадност во селото Крушевица отсекогаш живееле исклучиво Македонци, а бројноста на населението во текот на XX век била следна: 420 во 1900 година, 555 во 1948 година, 599 во 1953, 637 во 1961, за потоа да почне да бележи постојано опаѓање на 595 жители во 1971 и 283 во 1981 година[10]. Денес во селото постојано живеат околу осумдесетина жители меѓу кои и 8 деца на училишна возраст.
Според пописот од 2002 година, селото Крушевица брои 87 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 41 жител, од кои 28 Македонци, 1 Албанец и 12 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 436 | 464 | 555 | 599 | 637 | 595 | 284 | 146 | 117 | 87 | 41 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
уредиВо селото Крушевица отсекогаш па сѐ до денес живеат исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Денес во Крушевица постојат и живеат следниве македонски православни родови: Шарковци, Кртовци, Јовевци, Кришиовци (сите староседелци), Трајчевци, Велјановци, Колимагаревци (имаат родовска гранка и во с. Витолиште), Кулевци, Грковци, Чуруковци (доселени од с. Вепрчани)[4], Гарлевски, Поповци името го добиле по основачот на родот кој бил поп и како домазет се доселил од соседното село Чаниште, а потоа од тоа семејство произлегле селските свештеници - поповите, поп Трпко, поп Илија, нивниот внук Тодор Попов кој е роден некаде 1895 г. бил познат во селото како голем трговец и земјопоседник, кој потоа го наследуваат неговите два сина Петре роден 1913 г. и Блаже роден 1920 г.
Самоуправа и политика
уредиИзбирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1523 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на приватна куќа.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 49 гласачи.[17]
Општествени установи
уреди- Цркви[18]
- Црква „Св. Архангел Михаил“ — главна селска црква
- Црква „Св. Недела“ — манастирска црква;
- Црква „Св. Петка“
- Црква „Св. Ѓорѓи“
- Црква „Воздвижение на Чесниот Крст“ (Крстовден)
- Археолошки наоѓалишта[19]
- Бабо — населба и некропола од римско време;
- Градиште — збег од доцноантичко време;
- Грамаѓе — населба од римско време;
- До Селото — некропола од римско време;
- Каве — населба и некропола од хеленистичко и римско време;
- Манастир Св. Недела — сакрален објект од старохристијанско време;
- Падарница — тумул од железно време;
- Страгата — тумул од железно време;
- Црква Св. Архангел — осамен наод од римско време;
- Црквиште — сакрален објект од старохристијанско време;
- Таламбасица — тумул од периодот на преминот од бронзено во железно време;[20]
Културни и природни знаменитости
уредиНајзначајна културно-историска знаменитост во непосредната околина на Крушевица се ископините од остатоците на античко македонскиот град Пелагонија кои се наоѓаат веднаш на самиот врв Висока. Истражувањата на ова археолошко наоѓалиште се сѐ уште во тек и тој е прогласен за капитален проект од национален интерес за 2015 година[21]. Од природните знаменитости забележителни се повеќето камења од вулканско потекло со многу занимливи и интересни форми и облици, кои се наоѓаат расфрлани по ливадите и пасиштата југоисточно од селото во правец на вештачкото езерце.
Редовни настани
уредиСелска слава на селото Крушевица е патрониот празник на селската црква Св. Архангел Михаил, односно зимен Арангеловден. Општонароден собор се одружува и секој јули за време на прославата на Света Недела во дворот на блиската истоимена црква, каде има конаци за преспивање кои се во завршна фаза на изградба. Во чест на мариовскиот војвод Толе Паша се одржува културна манифестација со многу посетители од државата и странство.
Личности
уредиИселеништво
уредиНајголемиот дел од населението се иселило во Прилеп како и околните рамничарски села во Пелагонија.
Галерија
уреди-
Поглед на селото Крушевица од падините на Селечка Планина под врвот Висока
-
Поглед на селото Крушевица и Мариово од врвот Висока на Селечка Планина
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.166
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Соколоски, Методија (1982). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 641–642.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Според кажувања на Трајко Ристески од родот Шарковци, роден во Крушевица во 1931 г. и неговиот внук Никола Ѓорѓиоски роден 1990 г. во Прилеп. Забележал Марио Шаревски на 23-24.08.2014
- ↑ Според кажување на Трајко Ристески од родот Шарковци, роден во Крушевица во 1931 г. Забележал Марио Шаревски на 24.08.2014
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 245.
- ↑ D.M.Brancoff. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, рр. 148 – 149.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 20.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Башески, Илија. Мариово и Меглен - Природни и социо-економски одлики. во: Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен, Зборник на материјали од научниот собир одржан во Прилеп и Витолиште 24, 25.05.1990. Прилеп, 1994. стр. 55
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 978-9989-101-06-9
- ↑ „http://cooltura.mk/arheologija/zashtitni-arheoloshki-istrazhuvanja-lokalitetot-talambasica“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2015-08-18. Надворешна врска во
|title=
(help) - ↑ „- „Македонија го откри својот таен загубен град" - Нова Македонија, бр. 231261, 30-31.08.2014“. Архивирано од изворникот на 2014-09-02. Посетено на 2014-09-01.