Радобор
Радобор — село во областа Пелагонија, во Општина Могила, во околината на градот Битола.
Радобор | |
Улица во селото Радобор | |
Координати 41°07′05″N 21°26′28″E / 41.11806° СГШ; 21.44111° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Могила |
Област | Пелагонија |
Население | 107 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7216 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02098 |
Надм. вис. | 564 м |
Слава | Павловден |
Радобор на општинската карта Атарот на Радобор во рамките на општината | |
Радобор на Ризницата |
Потекло на името
уредиСелото најпрвин запишано како Радобор се сретнува во XVI век. Се верува дека името потекнува од личното име Радобор.[2]
Според една легенда, пак, името на селото доаѓа од плодноста на земјиштето. Така, селаните за своето село викале „реди-бери“ или „радо-бери“, по што ова се претворило во „Радо-бер“, односно Радобор.[3]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во Пелагонија, во средишниот дел на Битолското Поле, во јужниот дел на територијата на Општина Могила.[4] Селото е рамничарско, недалеку од Црна Река, на надморска височина од 531 метар.[4]
Радобор се наоѓа на левиот брег на Црна Река, поради што страда од поплави. Околни села се: Трап, Далбеговци, Могила и други.[5]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Козомарица, Аличица, Лозја, Гладно Поле, Бара, Ограѓе, Трски, Средни Луг, Копилица, Бел Камен, Аџибежица, Зелениче, Аџимулица, Мешкоица, Габа Бара и Стари Гробишта.[5]
Селото е од збиен тип, а куќите се групирани по родови.[5]
Селото се наоѓа во Пелагонија, североисточно од Битола.
Историја
уредиНекогаш селото се наоѓало десно од Црна Река, во близина на денешното село Беранци. Месноста сега се нарекува Габа Бара. Мештаните избегале од таму од змии и го основале денешното село. Не се знае кога се случило преместувањето.[5]
На месноста Копилица (2 километри јужно од селото) се наоѓа „тумба“. Друга „тумба“ се сретнува во месноста Стари Гробишта, во близина на коритото на Црна Река.[5]
Во XIX век, Радобор било село во Битолската каза на Отоманското Царство.
Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[6]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 8,6 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 752 хектари.[4]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[4]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Радобор живееле 320 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Радобор имало 312 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Радобор се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 37 куќи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[10]
Селото, во однос на населението, преминало од средно во мало село, населено со македонско население. Така, во 1961 година селото имало 431, а во 1994 година 157 жители.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото Радобор живееле 145 жители, сите Македонци.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 107 жители, од кои 104 Македонци и 3 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 320 | 312 | 349 | 401 | 431 | 373 | 415 | 421 | 157 | 145 | 107 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
уредиРадобор е македонско село.[5]
Родови во селото се: Крепиовци (8 к.), Димовци (4 к.), Јошевци (4 к.), Мацовци (4 к.), Солзевци (2 к.), Волковци (2 к.), Багашевци (1 к.), Пелевци (1 к.) и Љумановци (1 к.), староседелци; Асанбелевци (5 к.), по потекло се од Мариово, го знаат следното родословие: Никола (жив на 62 г. во 1950-тите) Веле-Боше-Ристе, дошол неговиот татко најпрво во Чарлија; Јуруковци (3 к.), доселени се од некое блиско село; Шамбевци (10 к.), доселени се од Долно Српци, таму имаат истоимени роднини; Салиовци (5 к.), доселени се од Далбеговци; Ајдеровци (2 к.), доселени се од Црничани, а живееле и во Далбеговци; Здравевци (1 к.), доселени се од Могила, таму се викале Плазиковци и Јошевци (1 к.), доселени се од Путурус после 1912 година.
Општествени установи
уреди- Подрачно основно училиште „Гоце Делчев“, подрачно основно училиште до петто одделение
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Могила, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната рурална општина Добрушево.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Тополчани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Будаково, во која селото Долна Чарлија, се наоѓале и селата Алинци, Арматуш, Будаково, Горна Чарлија, Далбеговци, Дедебалци, Добрушево, Мусинци, Ношпал, Путурус, Радобор, Трап и Црничани. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Будаково, во која влегувале селата Алинци, Будаково, Путурус, Радобор и Трап.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0193 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 117 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 113 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[20]
- Цркви[21]
- Црква „Св. Петар“ — главна селска црква, датира од 1891 година.
Редовни настани
уреди- Слави[3]
- Павловден — селска слава.
Личности
уреди- Родени во Радобор
- Христо Бучков (?-1949) — македонски револуционер[22]
- Тодор Кочов Димов - Габеро (1872-1977) — македонски револуционер[23], негов внук е Методи Димов
Иселеништво
уредиСе знае за следниве иселеници: Галевци (5 к.), живеат во Горно Оризари; Крепиовци (2 к.), живеат во Долно Оризари; Томановци (2 к.), живеат во Трн; Мацановци (3 к.) и Асанбелевци (2 к.), живеат во Карамани; Чадиовци (2 к.), живеат во Горна Чарлија; Грујовци (1 к.), живеат во Лопатица; Чурлиновци (4 к.) и Манаровци (2 к.), живеат во Дедебалци и Мазниовци (2 к.), живеат во Могила.[5]
Од ова село има иселено над 300 лица. Најголем дел од нив се имаат иселено во градовите Битола и Скопје, но и во прекуокеанските земји и во Европа.[3]
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 129. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2020-07-01. Посетено на 2019-10-27.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 250. Посетено на 27 октомври 2019.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 237.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 168-169.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 11.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 27 октомври 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 27 октомври 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-10-28. Посетено на 27 октомври 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 17 октомври 2021.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 23.
- ↑ Николов, Борис. ВМОРО - псевдоними и шифри 1893-1934, Звезди, 1999, стр.25