Византија под Јустинијановата династија

Византиското Царство ја имала својата прва златна ера во времето на Јустинијановата династија, која со империјата владеела во периодот од 518 година со назначувањето на Јустин I за цар а завршило во 602 по крајот на владеењето на Маврикиј. Во текот на оваа ера, империјата го достигнала своето најголемо територијално проширување, зазимајќи ги Северна Африка, јужна Илирија, јужна Шпанија и Италија.

Византиско Царство
Imperium Romanum
Βασιλεία Ῥωμαίων
518–602
Територијата на Византија во времето на Јустинијан I од 527 (во црвено) до 565 (во портокалово).
Територијата на Византија во времето на Јустинијан I од 527 (во црвено) до 565 (во портокалово).
Главен градЦариград
Говорени јазицилатински, грчки
Уредувањеавтократија
Византиски цар 
• 518-527
Јустин I
• 527-565
Јустинијан I
• 565-578
Јустин II
• 578-582
Тибериј II Константин
• 582-602
Маврикиј
Историја 
• стапување на престолот на ЈустинI
10 јуни 518
• убиството на Маврикиј
27 ноември 602
Претходници
Наследници
Византија под Јустинијановата династија
Византија под Хераклиовата династија

Јустин I

уреди

Јустин I на престолот застанал во 518 година. Претходно, Анастасиј I не оставил друг наследник на престолот освен тројцата внуци кои биле отфрлени од армијата и за нов цар го поставиле Јустин I. Јустин бил селанец и овчар по професија[1] од областа Дарданија. Како тинејџер, тој избегал од барбарска инвазија во Цариград. Набргу се придружил на војската и поради неговата способност се издигнал до генерал под раководство на владетелот Анастасиј I. До моментот на смртта на Анастасиј I во 518, тој бил на влијателната позиција „комес ексубиторум“, командант на кралската гарда.[2]

Поголемиот дел од неговото владеење поминало во мир. Кога седнал на престолот неговата империја се разликувала од онаа која Константин Велики ја имал воспоставено. Западните делови на империјата биле освоени од варварите, додека неговата територија се состоела од Балканот и Мала Азија а како доминантен јазик во главниот град бил грчкиот. Иако латинскиот останал службен јазик на дворот сè до средината на 6 век, империјата сè повеќе станувала грчка и христијанска по природа и сè повеќе се разидувала со класичните традиции на Атина и Рим. Во овој период средновековните историчари за првпат започнале земјата да ја нарекуваат Византија. Во 525, Јустин укинал зкон кој забранувал член од сенаторска класа да се жени со жена од пониска класа во општеството, вклучувајќи го и театарот, кој се сметал за скандалозен во тоа време. Тој потег го отворил патот на Јустинијан за да се ожени со Теодора, поранешна „нема глумица“ и резултирало со големи промени во старите класни разлики во царскиот дворец. Таа станала еднаква со Јустинијан, земајќи учество во владеењето со огромно влијание. Подоцнежните години од владеењето на Јустин биле обележани со судири помеѓу империјата, Остроготите и Персијците. Во 536, Јустиновото здравје почнало да се влошува и формално го прогласил Јустинијан за ковладетел и на 1 април 527 како негов наследник. На 1 август истата година, Јустин умрел и бил наследен од Јустинијан.

Јустинијан I

уреди

По смртта на Јустин во 527 година, негов наследник станал Јустинијан I со својата сопруга Теодора. Познат е по проширувањето на империјата, првенствено со воените походи на Велизариј, како и по неговиот брак со царката Теодора, која била сметана за негов ко-регент. Јустинијан се смета за една од најзначајните личности во доцната антика, и со него завршува периодот на благосостојба во Византија, сè до IX век кога таа повторно ќе се издигне.

Владеењето на Јустинијан ја означува ренесансата на Византија, каде во голема мера се развило образованието, културата и општеството. Една од најголемите кризи во градот започнала кога на хиподромот избувнал бунт познат како бунтот Ника на 10 јануари 532 година. По три денови бунтот го опфатил целиот град кога двете партии (сини и зелени) се здружиле против царот и ја нападнале Големата палата. Бунтот бил задушен, но востанието оставило урнатини на поголемиот дел од царскиот дворец, црквите Света Софија и Света Ирина биле скоро целосно срушени[3]. По крајот на бунтот во 532 година започнала изградба на нова катедрална црква посветена на Света Софија, врз темелите на разрушената Теодосиева црква од бунтот Ника. Црквата била завршена за шест години и на 26 декември 537 година била официјално отворена.

Во следниот период, Јустинијан I започнал походи за освојување на Северна Африка и Италија како и искоренување на сите остатоци од паганството во империјата, затворајќи ја Платоновата академија во Атина, последна тврдина на паганската филозофија. По смртта на Теодора во 548 година, Јустинијан се оддалечил од луѓето крај себе и ги занемарил државните и верските работи. Неговиот сон за голема империја се остварил бидејќи империјата сега се протегала од персиските граници во Мала Азија на Балканот и Италија, како и до југозападниот брег на Шпанија, по североафриканскиот брег во Египет, Светата Земја, Сирија и Месопотамија. Сепак, големиот луксуз, големиот број на градби и тешките војни ја довеле државата до банкрот. Во 553 година се одржал Петтиот вселенски собор во Цариград. Соборот ги потврдил осудите на несторијанската и монофизитската ерес, донесени на Третиот и Четвртиот вселенски собор.

Неговото владеење ќе завршело во атмосфера на длабока депресија кога меѓу 553 и 557 година се случиле два големи земјотреси и предизвикале големо оштетување на Света Софија, додека следната 558 година поредниот земјотрес ја срушил главната купола. По ова, Света Софија била обновена и повторно осветена на Бадник во 563 година. Јустинијан починал во 565 година и погребан во црквата Свети Апостоли до својата сопруга Теодора.

Јустин II

уреди

Наследник на Јустинијан станал неговиот внук Јустин II кој владеел од 565 до 578 година. Негова сопруга била Елија Софија, внука на Теодора. Во 568 година Лангобардите ја нападнале Италија и скоро ја зазеле целата земја. Набргу потоа биле изгубени и многу градови во Шпанија и Северна Африка. Јустин не успеал да ја одбрани, бидејќи требало да штити северните граници на империјата од аварите. На почеток одбил да им плаќа данок, но наредните борби со нив биле неуспешни. Во 572 година дошло и да војна со Персија, во која Византија ја загубила Сирија. Јустин договорил мир на висока цена, а тоа плаќање на годишен данок. Бидејќи немал деца, Јустин II избрал за негов наследник на престолот генералот Тибериј II, кој управувал од 574 до 582 и бил наследен од Маврикиј Тибериј кој управувал од 582 до 602 година.

Тибериј II

уреди

Тибериј II Константин се прославил како добар војсководец. Кога царот се разболел, по совет на неговата сопруга Софија, го избрал Тибериј за совладетел и неколку години потоа, по неговата смрт бил прогласен за цар. Уште кога бил жив Јустин II, во 576 персискиот цар Хозрој Ануширван преку Ерменија се обидел да пројде во Кападокија, но бил пресретнат од силна римска војска и победен. Во 578 година генералот Маврикиј повторно ги победил персијците во Месопотамија и зазел градот Сингара. Тогаш на власт дошол Тибериј, кој се обидел да договори мир со персијците, но нивниот цар умрел, а новиот Хормизд ја продолжил војната. Во 581 година Маврикиј тешко ги поразил персијците и за награда Тибериј го оженил за својата ќерка и го прогласил на наследник на престолот. На запад успеал да договори мир со Западните Готи во Шпанија. Во тоа време почнале масовните наезди на Словените на Балканот. Бидејќи империјата била зафатена со војна на исток, не можела да го брани западот. Така и прашањето за помош на римскиот патрициј Памфрониј против лангобардите во Италија, останало без одговор. Сакајќи да го намали влијанието на наемниците во војската составил корпус од откупени робови, кој го зел неговото име, а чиј број пораснал до 15 000 и со нив командувал Маврикиј. Во 582 година се разболел и наскоро потоа умрел, како постојат сомнежи дека бил отровен.

Маврикиј

уреди

Во 586 византиските војски ги победиле персијците. Неговите реформи ги смалиле трошоците за војската, што предизвикало буна во 588 година, но тоа не го спречило да им се спротивставува успешно уште две години на Персијците, сè додека не бил симнат од престолот царот Хормизд. Маврикиј го поткрепил новиот Хозрој II. Така успеал да добие мир на исток и можел да преземе акции на запад. Во 583 Аварите зазеле неколку дунавски тврдини, а во 586-587 стасале до Адријанопол. Во 593 година неговиот генрал Приск ги победил неколкупати Аварите и презел поход против словените во денешна Романија. Но царот, не мајќи доверба во него го вратил назад и ставил начело на војската својот брат Петар. Тој се покажал како неспособен војсководец и тогаш словените и Аварите првпат опсадиле Солун. Во 589 Приск бил вратен и империјата успеала во следната година да заклучи мир со Аварите. Маврикиј сакал војските да зимуваат во непријателските земји, но оваа стара римска традиција ги побунила војниците. Тие се кренале под водството на Фока. Припадници на Зелената партија, која била против Маврикиј, ги отворила вратите на Цариград. На 23 ноември Фока бил крунисан за цар, а неколку денови подоцна Маврикиј со неговите браќа и синови биле убиени.

Управителот на Картагена, Ираклиј, откриено се побунил против владеењето на Фока и со своите сили во 610 година влегол во престолнината по кое го заробил на Фока и го погубил, а самиот тој се прогласил за нов цар, основајќи ја Ираклиевата династија.

Наводи

уреди
  1. Cameron, Averil, The Cambridge Ancient History, Chapter III: Justin I and Justinian, XIV: Late Antiquity: Empire and Successors, Cambridge University Press, стр. 63, ISBN 978-0-521-32591-2
  2. Jones, A.H.M. (1986). The Later Roman Empire, 284–602: A Social, Economic, and Administrative Survey. Baltimore: JHU Press. стр. 658. ISBN 0-8018-3353-1.
  3. Allan Doig, Liturgy and Architecture: From the Early Church to the Middle Ages, (Ashgate Publishing, 2008), 65.