Јон Антонеску
Јон Виктор Антонеску (романски: Ion Victor Antonescu) (15 јуни 1882, Питешт - 1 јуни 1946, близу Жилава) бил премиер и водач на Романија за време на Втората светска војна од 4 септември 1940 до 23 август 1944.
Јон Виктор Антонеску Ion Victor Antonescu | |
Јон Антонеску непосредно пред неговото стрелање | |
Мандат 4 септември 1940 – 23 август 1944 | |
Претходник | Јон Ѓигурту |
---|---|
Следбеник | Константин Сенетеску |
Роден | 15 јуни 1882 Питешт, Романија |
Починал | 1 јуни 1946 Жилава, Романија |
Партија | нема, формално сојузник со Железната гарда |
Сопружник | Рашела Мендел (разв.) Марија Антонеску |
Професија | војник |
Религија | Римо-православна |
Детство, младост и воена кариера
уредиАнтонеску е роден во високосреднокласно семејство со воена традиција. Посетувал воени училишта во Крајова и Јаш и матурирал на Коњичката школа како првенец во 1904 и во 1911 на воената академија.
Како поручник, Антонеску земал учество во загушувањето на селанската буна во 1907 во и околу градот Галат. Заради неговата суровост се здобил со името „Црвеното куче (Câinele roşu)“. Во 1913, се борел во Втората балканска војна против Бугарија. Бугарската армија веќе била спремена за борба против Србија и Грција, а влегувањето на Романија во војната ја натерала Бугарија да бара преговори за мир. По војната (во која Романија ја добила Јужна Добруџа), Антонеску ги добил највисоките воени почести на Романија.
За време на Првата светска војна (1916-1918), Антонеску бил шеф на армијата на Генерал Константин Презан. Во август 1916, романски војски ги преминале Карпатите, во обид да ја преземат Трансилванија (тогаш територија на Австроунгарија, но главно населена со Романци), но нивната офанзива била запрена од австроунгарските војски со германска помош. Катастрофата кај Тутракан (24 август) покажала дека романската армија не е спремна за војната. Германски и бугарски војски притискале кај Добруџа, руски војски се повлекувале (нивната задача била да ја бранат линијата кај Дунав), а романската армија морала да се повлече од Трансилванија и да ја брани карпатската граница.
По преминот на непријателски трупи преку планините во Старото Кралство, Антонеску добил задача да направи одбранбен план за главниот град Букурешт. Битката за Букурешт била загубена, заради тоа што непријателот го пресретнал офицерот што го носел планот. Романскиот кралски суд, армијата и администрацијата морале да се повлечат во Молдавија. Антонеску учествувал во одбраната на Молдавија во 1917, кога романската армија, помагана од Француската мисија, а водена од Генерал Анександру Авареску, успеала да ја запре германската војска водена од Маршал Макенсен. Тој бил и надгледувач и координатор во Битката за Марасешт.
Во доцната 1917 започнала Руската револуција. Советска Русија склучила мир со Германија, оставајќи ја Романија како единствен непријател на Централните сили на Источниот фронт. Во овие услови, во 1918 година, романската влада и парламентот го потпишале Букурешкиот мировен договор со Германија и нејзините сојузници. Истата година, Романија го прекршила договорот со објаснување дека кралот Фердинанд I Романски не го потпишал договорот. Со тоа што повторно влегла во војна со реорганизирана армија, Романија успеала да ги оствари одлуките на Националниот Романски Совет што на крај довело до враќање на Трансилванија во Романија. По стигнувањето до реката Тиса, кралот Фердинанд го земал својот медал и го дал на потполковникот Антонеску велејќи му: „Антонеску, никој во оваа земја не знае подобро од кралот колку многу ти должиме“.
Меѓу 1922 и 1926, бил дипломатски претставник на Романија во Франција и во Велика Британија. По враќањето во Романија, бил управник на „Високата Воена Школа (Şcoala Superioară de Război)“ од 1927 до 1930, шеф на армијата во 1933 и 1934 и министер за одбрана во 1937 и 1938.
Политичка моќ
уредиИздигнување
уредиГенерал Антонеску бил назначен за Премиер од кралот Карол II на 4 септември 1940, по предавањето на Бесарабија и северна Буковина на СССР (28 јуни 1940) и северната половина од Трансилванија на Унгарија (30 август 1940) и три дена пред Јужна Добруџа да биде дадена на Бугарија (7 септември 1940). На 5 септември, по барање на Антонеску, кралот го укинал уставот од 1938, го распуштил Парламентот и му дал на Антонеску целосна моќ. Таа вечер, го натерал кралот да абдицира и да ја напушти земјата, што било сторено на 6 септември. Принцот Михаил бил назначен за нов крал, но неговата моќ била ограничена само на церемонијални должности, како што е главен заповедник на армијата. Антонеску се себепрогласил за водач на Романија (Conducător) и вовел диктатура.
По одбивањето на традиционалните, демократски партии на Романија да пратат компетентни членови во владата, Антонеску се свртел кон националистичката Железна гарда и им понудил места во владата (15 септември 1940). Антонеску сакал да ја доведе Железната гарда под негова директна контрола, затоа што нивните паравоени активности ги газеле властите во државата. На крајот, откако Антонеску неколкупати ги одбил барањата на Железната гарда за поголеми моќи, тие бунтувале (21 јуни 1941). Антонеску брзо го задушил бунтот (со дозвола од Германија, чии економски и воени интереси барале стабилност во Романија), а нејзините водачи ги затворил или избркал од земјата.
Сојузништво со Германија
уредиАнтонеску склучил сојуз со нацистичка Германија, со што ја зајакнал стабилноста и стратегискиот материјал, како што се романските нафтени резерви. Понатаму, Антонеску бил задоволен од изгледите за победа во војна против СССР заради неговата омраза спрема Болшевизмот, и се надевал дека тоа ќе му го загарантира повторното освојување на Бесарабија и северна Буковина. Исто така, со учеството во војната на источниот фронт, Антонеску се надевал дека ќе го убеди Хитлер да му ја врати северната половина на Трансилванија откако непријателството ќе заврши. Тој бил информиран за операцијата Барбароса лично од Хитлер 10 дена пред да започне.
Романски војски се приклучиле на германската војска во нејзиниот напад против Советскиот Сојуз (22 јуни 1941) и повторно ги заземале изгубените територии Бесарабија и северна Буковина. Провинцијата Приднестровие исто така паднала под романска власт. Наскоро, по освојувањето на градот Одеса, романската база била разнесена, веројатно од комунисти што се преправиле во цивили. Антонеску наредил одмазда, што довело до масакар во Одеса.
По освојувањето на Бесарабија и северна Буковина, Антонеску ја повел романската војска подлабоко во советската територија, одлучен да ги следи германските трупи до целосната победа против советската армија (како што рекол за време на неговото судење: „Кога една земја е во војна, нејзината армија мора да оди до крајот на светот за да ја добие војната. Тоа е еден од основните принципи на војната, што важи од времето на Римјаните до ден денес. Пребарајте во историјата на војните, за било која нација, во било кој век, и ќе видите дека никој не ја запрел армијата на границата, туку оди понатаму, целејќи да ја уништи непријателската армија. Така направил Наполеон, кој стигнал до средината на Русија, така направил Александар Руски, кој стигнал дури до Париз“).
Оваа одлука не ја оправдале ни романските политичари (од традиционалните партии) ни сојузничките сили. Иако Антонеску посветил најголем дел од своето време на воени работи, не успеал да ја подготви романската армија за долготрајната кампања. За да го задоволи Хитлер, Антонеску праќал на фронтот цели дивизии со ограничено вооружување. Германците ги вооружувале само пред битка. По губењето на Битката за Сталинград, големите претрпени загуби и губењето на советските територии, популарноста на Антонеску нагло паднала.
Падот
уредиВо 1943, претставници на Антонеску (членови на традиционалните партии) двапати се сретнале со претставници на САД и Велика Британија (во Каиро и Истанбул) барајќи мир, но Сојузниците барале Антонеску прво да склучи мир со Русите. Антонеску одбил безусловно предавање на Русите, но продолжил да преговара со нив преку претставниците во Стокхолм. Во август 1944, кога Русите веќе влегле во романска територија, Антонеску примил предлог за мир од Александра Колонтаи (агент на Сталин во Стокхолм). Овој предлог барал повлекување на германската војска во рок од 15 дена, дозвола за преминување на Русите преку северниот дел од земјата (југот и главниот град би останале без Руси) и признавање на романските територијални претензии врз Северна Трансилванија од страна на СССР. Имајќи ја на ум огромната супериорност на советските сили, оваа навидум добронамерна понуда била разбрана или како дозволување на советските трупи да извршат притискање врз германската армија или само како блеф.
На 22 август 1944, советски војски ја нападнале Романија, одлучени да го окупираат главниот град пред предлогот за мир да биде потпишан. Антонеску подготвил 9 елитни дивизии за кои се надевал дека ќе ги држат советите неколку недели, додека договорот да биде потпишан од двете страни. Телеграмата од Стокхолм пристигнала на 22 август, но била пресретната од опозицискиот водач Јулиу Маниу, кој ковал завера заедно со кралот Михаил, други членови на опозицијата и дури со Комунистичката партија на Романија, против режимот на Антонеску.
На 23 август 1944, Михаил го поканил Антонеску во својата кралска палата. Откако Антонеску ја објаснил ситуацијата на воениот фронт, кралот го прашал дали би потпишал безусловно предавање на Русите. Антонеску му кажал на младиот крал за договорот што требало да го потпише, иако немал доказ (како што би била телеграмата). Исто така му кажал и дека „потпишувањето на безусловно предавање на Русите е како скокање од авион без падобран“. Кралот го распуштил Антонеску и неговиот кабинет. Во истото време, војници влегле и го уапсиле Јон Антонеску и министерот за надворешни работи, Михаи Антонеску, и ги затвориле во палатата.
Во истото време, кралот Михаил прогласил прекин на огнот на романската страна. Меѓутоа, советската армија немала намера да престане да се бори. Русите земале преку 600 000 романски војници што не се бореле, како заробеници. Германците не ја признавале новата романска влада и го нападнале главниот град. Романската армија сепак успеала да ги запре. Неколку дена подоцна, Советите го окупирале Букурешт. Договорот за мир, т.е. безусловно предавање, бил потпишан само со Советите, на 12 септември 1944.
Судење и смрт
уредиПо враќањето од Советскиот Сојуз на 9 април 1946, следниот месец почнало судењето на Антонеску од страна на Букурешкиот Народен Трибунал, од влада контролирана од комунистите и осуден е за предавство на романскиот народ и за бенефиции на нацистичка Германија, економско и политичко предавство на Романија на Германија, соработка со Железната гарда, убиство на неговите политички противници, масовни убиства на цивили и злосторства против мирот, и за учество во германската инвазија на СССР. Бил осуден на смрт и стрелан на 1 јуни во затворот Жилава.
Делумна рехабилитација
уредиНа 5 декември 2006, Букурешкиот апелационен суд ја отфрлил осудата на Антонеску за злосторствата против мирот, на основа дека условите во 1940 биле такви што имало потреба од одбранбена војна против Советскиот Сојуз, така што третиот член од конвенцијата од 1933 за насилство, не важи за неговиот случај. Судот прогласил неколку делови од осудата на Народниот трибунал од 17 мај 1946 на Антонеску, за безначајни. Како резултат од ова, Антонеску и 20 други луѓе биле прогласени за невини за злосторствата против мирот, против народите на Советска Русија и за некои воени злосторства што се јавиле како резултат на воената соработка помеѓу Романија и Германија. Судот не ги променил осудите од 1946 во врска со учеството во Холокаустот.
Судот одлучил дека војната против СССР за ослободување на Бесарабија и северна Буковина била неопходна за отстранување на возможната воена закана од СССР и дека воената соработка со Германија за овие цели била исто така неопходна. Меѓутоа, судот одлучил и дека Романија преку режимот на Антонеску воено соработувала со Оската на злото без воен договор, со што Романија е сама одговорна за своите постапки, покрај оние на Оската. Со учеството во планот Барбароса, Романија учествувала во освојувачката војната против СССР и Обединетите Нации, со што одлуката на судот од 1946 била потврдена во овој поглед.
Антонеску и Холокаустот
уредиАнтонеску и неговата влада биле директно одговорни за убиството на меѓу 280 000 и 380 000 Евреи и преку 10 000 Цигани во Романија и Советските територии што ги окупирала. Делот на Романија во Холокаустот, т.е. нејзиниот придонес како независна, неокупирана земја е втор по големина по оној на нацистичка Германија. Покрај повеќе од доволните докази, долго време овие истребувачки злосторства и одговорноста на Антонеску се одбивани од страна на ревизионистички историчари, но и на официјално ниво. Сепак, во 2004 романската влада со Јон Илиеску официјално ја признала романската одговорност и онаа на Антонеску. Воведен е ден за спомен на Холокаустот.
Веднаш по доаѓањето на власт на Антонеску, тој ги проширил антиеврејските закони. Во 1941 и 1942, биле донесени 80 антиеврејски закони. Со почеток на крајот на октомври 1940, Железната гарда започнала огромна антисемитистичка кампања, мачејќи и претепувајќи Евреи и крадејќи ги нивните продавници. Во 1941 насилството против Евреите на Антонеску требало да земе посистематски карактер, стигнувајќи го својот врв кога Романија влегла во „светата војна“ против Советскиот Сојуз, војна којашто тој ја сметал, како Хитлер, за војна со метафизички и апокалиптичен карактер. Евреите биле сметани за движечка сила зад најголемиот непријател на Романија - Болшевизмот. Оваа идеологија ги објаснува последователните ѕверства заповедани од Антонеску. По прогресот на романската армија и јавувањата за напади од Еврејски „групи на отпорот“, Антонеску наредил депортација на Евреи од Бесарабија и Буковина во Приднестровие (помеѓу 80 000 и 150 000), кои биле сметани, лажно, за „комунистички агенти“ од романската администрација. Овие депортации се извршувале со таканаречени „возови на смртта“, коишто биле специфично дизајнирани да допуштаат само неколку преживеани да ја достигнат целта - работнички кампови во Приднестровие каде што многу повеќе Евреи требало да умрат во ужасни услови.
И покрај германскиот притисок, во 1943 Антонеску ја запрел депортацијата и ги откажал плановите за депортација на целата еврејска популација од останатите делови од земјата во логори на смртта во окупирана Полска. Ова не е доказ дека тој се откажал од својот антисемитизам, но само дека почнал да сфаќа дека војната е загубена и дека треба да почне да бара начини да се усогласи со Сојузниците. Во исто време, ги зголемил даноците и принудната работа во останатите еврејски заедници.
Околу 24 000 Цигани (приблжно 11 500 номадски и 13 000 неномадски Цигани) биле депортирани во Приднестровие каде што се проценети 11 000 погубени. Овие депортации вклучувале и многу луѓе осудени за злосторства, што претставувало решение за задржување на сигурноста во земјата, додека повеќето мажи биле на воениот фронт.
Маќеата на Антонеску, Фрида Куперман, била Еврејка, како и неговата прва жена, Рашела Мендел, со која се оженил додека бил аташе во Лондон во триесеттите години од 20 век.