Шандор Петефи (унгарски: Petőfi Sándor) (1 јануари 1823, Кишкереш31 јули 1849, Шегешвар) — унгарски поет и еден од водачите на Унгарската револуција од 1848 година.

Шандор Петефи

Рана младост

уреди

Шандор Петефи е роден на 1 јануари 1823 година, во Кишкереш. Според неговиот извод, напишан на латински, родното име на Петефи било Александар Петровиќ.[1] Првиот јазик на татко му бил унгарскиот (иако, според многу извори, тој имал српско потекло, а роденото име му било Стеван Петровиќ,[2][3][4] а според други извори, имал словачко потекло и унгарско име.[5][6][7] Мајка му се викала Марија Хрушчова (унгарски: Hrúz Mária) и таа зборувала само словачки. Сепак, Петефи во текот на целиот живот бил самосвесен за своето унгарско потекло, поради што и станал духовен водач на револуционерите (кои се залагале за целосно осамостојување од влијанието на Хабсбуршката монархија и конечно ослободување на Унгарија). За тоа зборува фактот што Петефи е автор на најбунтовните стихови посветени на оваа средноевропска земја, почнувајќи од оние напишани во „Национална песна“ (Nemzeti dal):

На Богот на Унгарците \ Се колнеме, \ Се колнеме дека робови\ Нема да бидеме веќе! - (буквален превод).

Семејството краток период живеело во Шабаджалаш, каде татко му поседувал месарница, а по две години се преселило во Кишкуншаг, град што Петефи го сметал за неговото вистинско родно место. Татко му се обидувал на својот син да му даде образование какво што заслужувал, но кога Шандор наполнил шеснаесет години, татко му ги изгубил сите пари по едно излевање на Дунав во 1838 година, како и по банкротирањето на нивните роднини. Притоа, поради слабите оцени по унгарски јазик и по историја, Шандор ја загубил стипендијата и бил приморан да ја напушти гимназијата во Банска Штиавница. Потоа, тој работел како патувачки глумец, како вратар и статист во Народниот театар во Будимпешта и како учител во Остфјазонфја. На седумнаесет години се пријавил во армијата, но поради нежното здравје заболел, по што го отпуштиле како неспособен за воена служба. Потоа, повторно се обидел да ја заврши гимназијата, но никогаш не успеал да матурира.[1]

По овој немирен период исполнет со патувања, Петефи започнал да го посетува факултетот во Папа, каде за првпат се запознал со Мор Јокај. Сепак, во овој период, Петефи бил позаинтересиран за театарот. Во 1842 година се приклучил на една патувачка глумечка група, но подоцна ја напуштил. Патем, се обидувал финансиски да се издржува пишувајќи за еден весник, но тоа не било доволно. Прегладнет и болен, зимата 1844 година, Петефи ја поминал кај благајничката на театарот во Дебрецен, каде неговите пријатели повторно го вратиле на нозе. Во 1844 година, Петефи се преселил во Будимпешта, каде работел како помошник-уредник на „Модното списание“.[1]

 
Името на Петефи во окружниот записник (се чува во Музејот посветен на Петефи во неговиот роден град Кишкереш)

Во 1846 година, Петефи се запознал со осумнаесетгодишната Јулија Шендреј во Трансилванија и со неа се венчал веќе следната година, против волјата на нејзиниот татко (богат и крајно конзервативен управник на имот), по што тие го поминале својот меден месец во замокот на грофот Шандор Телеки, единствениот аристократ меѓу пријателите на Петефи. На 15 декември 1848 година, Јулија му го родила синот Золтан, а единаесет месеци по смртта на Петефи таа се омажила за универзитетскиот професор Арпад Хорват и не само што се откажала од презимето на Петефи, туку не се грижела ниту за нивниот син.[1]

Унгарската револуција од 1848 година

уреди
 
Шандор Петефи во 1844 година

На 14 март 1848 година, во кафеаната „Пилвакс“ во Будимпешта бил закажан состанок на револуционерната младина (наречени Márciusi Ifjak, „Мартовски младинци“), која уредно поднесла барање за демонстрации закажани за 17 март, но власта го одбила барањето. Повеќето до насобраните сакале да се покорат на волјата на власта, но Петефи, кој штотуку стигнал од пат, пред сите ја прочитал својата „Народна песна“ и побарал демонстрациите да се одржат веднаш, уште утредента, пред власта да може да преземе мерки за нивното спречување. Со својот говор, тој ги придобил присутните на својата страна и на 15 март, со неколку истомисленици отишол на техничкиот факултет, каде одржал говор и ја рецитирал „Народната песна“. Тоа го повторил неколкупати и веќе собрал неколку илјади студенти и младинци, по што повторно одржал говор на скалите на Народниот музеј. Гледајќи дека полицијата не се меша, тој влегол во печатницата и побарал „Народната песна“ да се отпечати како леток. Управникот на печатницата побарал дозвола од цензурата, а на тоа Петефи одговорил: „Во име на народот ја запленувам печатницата и прогласувам слобода на печатот!Печатари, печатете!“ Работниците го послушале и, водејќи голема поворка, Петефи отишол во тврдината, каде од управникот ги побарал клучевите за да ги ослободи политичките затвореници, на чело со поетот Михај Танчич. Командантот го примил на преговори и ги послушал неговите барања, а по тој повод, Петефи во својот дневник запишал: „На господата им се тресеа забите.“[1] Исто така, Петефи бил соавтор на 12 точки (барањата упатени до хабсбуршкиот гувернер-генерал). Кога толпата се обединила пред царското владино советништво, претставниците на австрискиот владетел Фердинанд немале друг избор освен да ги потпишат точките.

Иако во тој миг изгледало дека Петефи извојувал целосна победа, унгарските политичари немале разбирање за неговите радикални ставови. Дури и Лајош Кошут, водачот на унгарската револуција, немал слух за барањата на Петефи, особено за решавањето на националното прашање. Благородниците и граѓаните на Будимпешта ја прифатиле новата положба на Унгарија во однос на Австрија, но не биле подготвени за социјални промени, ниту пак сакале да им дадат отстапки на Словаците, Србите, Хрватите и другите народи кои живееле во состав на Унгарија.[1] Така, популарноста на Петефи започнала да бледнее, а револуцијата се преселила меѓу високите политички кругови: благородниците. Оние во собранието на благородниците во Братислава) истовремено се обиделе да издејствуваат бавни реформи и испратиле свои барања до императорот. Петефи не се согласил со нив и го критикувал начинот на којшто, според него, тие го предаваат бунтот. Неговиот колега, Танчич уште еднаш бил затворен од новата влада, а на изборите, Петефи се кандидирал во својот роден град, но не успеал да добие место во парламентот.

Штом Австрија започнала да подготвува воени операции против Унгарија, Петефи веднаш побарал да стапи во армијата при што добил чин капетан, а потоа станал и мајор. Петефи бил разочаран од односот на револуционерите, сметал дека владата на Кошут прави преголеми отстапки и дошол во судир со воените заповедници. Сепак, меѓу водачите на револуцијата, Петефи нашол и истомисленик, Полјакот Јозеф Бем и станал дел од дел од т.н. Трансилванската армија. Поради кавга со министерот за одбрана Месарош и со генералот Клапка, Петефи се откажал од офицерскиот чин, но во граѓанска облека продолжил да служи во војската предводена од Бем. Токму Бем се обидел да го отстрани од бојното поле кај Шегешвар, каде руската војска ѝ дошла на помош на австриската армија, но Петефи го одбил тоа и, на 31 јули, без оружје ја набљудувал битката од првите редови. Потоа, ништо повеќе не се слушнало за него, а најверојатно бил убиен од руските војници. Воден од љубовта кон него, народот уште неколку децении подоцна плетел легенди дека Петефи е жив.[1]

Мислењето дека Петефи загинува во битката се заснова врз записите на еден руски доктор во неговиот дневник. Тој забележал еден чуден труп со фатална стомачна рана предизвикана од копје кој го имал карактеристичното жолтеникаво лице на Петефи и неговата специфична облека; Петефи имал навика да носи обично цивилно палто и униформни пантолони. Неодамна, еден унгарски Романец успеал да пронајде фрагменти од камен орел кој локалните Унгарци го уништиле во 1855 година, а кој бил сместен на местото на масовната гробница кајшто најверојатно бил закопан Петефи. Некои Унгарци, особено Ференц Морвај, веруваат дека Петефи бил заробен и пренесен во Русија, каде неколку години подоцна умрел од природна смрт. За еден скелет откриен во регионот Баргузин во Сибир, отпрво се верувало дека бил негов, но подоцна се докажало дека припаѓа на жена. Била пронајдена и збирка песни, но сепак, нивниот уметнички квалитет е неспоредлив со оној што би требало да го поседува пост-шегешварскиот Петефи.

Денес, речиси во секое село во Унгарија има по еден пат кој го носи неговото име, кое им е дадено и на низа улици во Трансилванија, како и на националната унгарска радио-станица и еден од мостовите во Будимпешта.

Поезија

уреди

Петефи ја започнал својата кариера како поет на „популарни песни“: во 1842 година ја објавил неговата песна A borozó („Крчма“) за првпат била објавена во списанието Атенаум и тоа под името Шандор Петрович, а на 3 ноември истата година повторно ја објавил песната, овој пат, за првпат, потпишувајќи се како Петефи. Во неа се зборува за еден пијаница кој ја велича моќта на виното, зашто тоа му помага да ги заборави сите неволји. Овој вид на псевдо-народни песни воопшто не бил необичен во текот на 1840-тите, но Петефи набрзо развил свеж и оригинален стил кој направил тој многу да се истакнува над останатите поети од неговата генерација. Петефи има напишано низа песни поврзани со виното, љубовта, романтичарските крадци итн. Многу од овие негови рани песни станале класици, како на пример љубовната песна A virágnak megtiltani nem lehet („Не можеш да му забраниш на цветот“, 1843) или Befordultam a konyhára („Застанав на прагот од кујната“, 1843),[8] која ја користи древната метафора за љубовта и огнот на мелодичен и провокативен начин.

Во првиот период од неговото творештво доминираат песните посветени на девојките („Одам низ селото, по улицата...“,[9] „Пркосна девојка“,[10] „Твоите очи“,[11] „Облак и ѕвезда“,[12] „Руса жена, руса жена“,[13] „На воловската кола“),[14] на мајка му („Растопен план“, „Кокошката на мојата мајка“),[15] на родниот крај итн. Сепак, уште тогаш, во некои песни, Петефи ги критикува малограѓанските навики. На пример, во песната „Ние, среќните пештанци“,[16] тој го критикува хедонистичкиот живот на жителите на Пешта, велејќи: „ние го бараме тоа што е мода, ние големоварошаните“, додека во песната „Унгарскиот благородник“, тој дава остра критика на паразитизмот и себичноста на благородниците. Така, во оваа песна, тој ги опишува со следниве стихови: „Неработа - тоа е сласта на животот! Јас не работам, тоа е убавина...“... „Ги мразам книгите и научниците, не ги почитувам тие - просјаци“... „Но, за едно имам волја, пијам, јадам - нема никој подобар!“... „Како е народот, татковината? Ама, тоа е нивна грижа.“[17]

Подоцна, кога се оженил, Петефи напишал повеќе песни инспирирани од неговата сопруга и од среќата на брачниот живот. На пример, таква е песната „Како да те наречам?...“, во која вели: „Како да те наречам, слатка мајко на мојата среќа, самовилска девојко...на мојата душа единственото богатство повредно од цел свет, слатка моја убава, млада сопруго, како да те наречам?“[18] Слично на тоа, во песната „Пред една година...“, тој пее: Пред една година беше, кога стана моја...сладок беше тој бакнеж...уште посладок ми е сега.“,[19] додека во песната „Само што беше утро...“: „Само што се запознавме, о, Јулишко мила, веќе си моја жена, одамна си тоа.“[20] Меѓутоа, во песните посветени на сопругата, Петефи како да ја предвидел својата несреќна судбина. На пример, во песната „Кон крајот на септември“, тој ја предвидува својата смрт и прашува: „Дали поради љубовта на некое момче, ќе го оставиш дури и моето име?“[21] И навистина, токму тоа и се случило, зашто само единаесет месеци по неговата смрт, сопругата се премажила, отфрлајќи го неговото презиме.[22]

Во 1844 година, Петефи отпатувал во Пешта, со цел да најде издавач за своите песни, во што и успеал; зимата 1844 година се појавила неговата прва збирка поезија, потпишана како Петефи. Во нив, тој се повикувал на фолклорните елементи и на популарните, традиционални, мелодични стихови. Потоа се ределе бројни песни, кои најпрвин биле печатени по разни списанија, а потоа и во книги при што големиот поет Верешмарти веднаш го препознал огромниот талент на Петефи. Кон крајот на 1844 година се појавил епот Витезот Јанош, кој му донел слава и кој и денес е една од најпопуларните лектири во Унгарија. Во песните од овој период, Петефи вовел некои иновации во унгарската поезија, бидејќи покрај строгата метрика, тој почнал да употребува и слободен стих.[1][23]

Влијанието на народната поезија врз Петефи било разновидно и полудиригирано од условите, со оглед на низата песни кои ги напишал со многу различен карактер и форма и кои, според некои критичари, се пишувани со цел да бидат популарни. Сепак, неодамнешните интерпретации на неговото творештво бараат да се обрне внимание и на фактот дека, на некој начин, целокупната лирска поезија може да се смета за полудиригирана, што автоматски ја негира теоријата за постоење на „глумечки песни“ (песни кои се пишувани со цел да бидат читани, а не со цел да ги искажат вистинските чувства на поетот - овој израз е искован токму за Петефи). Користејќи разни гласови во своите песни, Петефи создал интересна персона од себе: весел, тврдоглав осаменик кој обожава вино, ги мрази сите ограничувања и е страстен во сѐ што чувствува. Во песните како Jövendölés („Пророштво“, 1843) тој се замислува себеси како човек кој ќе направи големи дела и ќе умре млад. Петефи се навраќал постојано на овој мотив и во неговите подоцнежни години. Исто така, Петефи бил под влијание и на тогашната алманашка поезија, што најјасно се забележува во неговата стихозбирка Cipruslombok Etelke sírjára („Чемпресови гранки за гробот на Етелке“, 1845). Овие сентиментални песни, кои се посветени на смртта, алчноста, љубовта, спомените и осаменоста се напишани откако умрела неговата љубена Етелке Чапо.

Во периодот меѓу 1844 и 1845 година, поезијата на Петефи созреала и станала особено вешта, а се појавиле и нови теми, како на пример пејзажите. Неговата највлијателна песна од овој тип е Az Alföld („Низините“), каде опишува колку неговите родни унгарски рамнини му се поубави и подраги од Карпатите; тоа станало основа на еден тренд кој сѐ уште постои во унгарската поезија: рамнините како типичен унгарски пејзаж. Сепак, до појавата на Атила Јожеф, никој не му се доближил на Петефи во длабоко-чувствителниот пристап при опишувањето на природата. Петефи станал мајстор во користењето различни гласови - на пример, во песната A régi, jó Gvadányi („Добриот, стар Гвадањи“) тој толку успешно го имитира Јожеф Гвадањи, унгарски поет кој живее и твори при крајот на XVIII век. Во 1848 година, Петефи ја напишал својата најсериозна песна, епот Az Apostol („Апостолот“), дело во кое еден фиктивен револуционер, после многу страдање, се обидува, но не успева да изврши атентат врз еден измислен крал. Во оваа поема, Петефи пее: „Чувствувам дека и јас сум еден зрак, што ѝ помга на земјата да зрее...Каква е смислата на животот? Среќата? А средството за неа? Слободата!“[24]

Сепак, кога се сборува за творештвото на Петефи, тој најмногу ќе остане запаметен како бескомпромисен борец за правда и за слобода, во прв ред, на својот народ, но и на сите луѓе во светот. Така, во кратката песна „Блазе на оној“, Петефи го искажува својот сон со зборовите: „Блазе си му на оној кому среќата му дарила...да умре - да погине за родината“;[25] во песната „Поетите на 19 век“ јасно порачува: „Напред затоа, сите поети! Со родот преку оган и вода! Проклет нека е кој ќе ја отфрли стегата на народот и слободата!“;[26] „Народна песна“ наликува на вистинска борбена химна, со зборовите: „Станувај роду, времето вика: отфрли ги јаремот и оковите. или сакаш да бидеш робје? О, подобро е и во гробје! Нека го чуе бог на Унгарците заветот свет: не ми треба повеќе ропски живот клет!...Нашата борба, нашите маки ќе бидат свети за внуците и тие гробот ќе ни го знаат, името наше ќе го споменуваат.“;[27] во песната „Бесете ги кралевите“, тој порачува: она што е главно: кралевите бесете ги!“;[28] во песната „Страшниот суд“, Петефи пее како пророк, предвидувајќи: „Јас гледам дека доаѓаат страшни денови...Богот на војната својот облак го облекува...и народите ги вика на одлучна битка...Две нации ќе останат на земјата само - добри и зли. И најпосле, добрите ќе победат. Потоа ќе почне и животот и среќата.“;[29] а пророчко значење имаат и песната „Светиот гроб“, во која речиси буквално ја предвидува својата смет, пеејќи: „Најжесток беше бранејќи ја слободата на својот мил род. Го предаде среќата, но не му беше жал - и родот го предаде.“;[30] како и песната „Една мисла мирот ми го зема“, во која Петефи јасно го искажува својто став кон смртта: „Една мисла мирот ми го зема: смртта в кревет, меѓу перниците! Не давај боже така да умрам, таква смрт не можам да поднесам! Кога секој народ што ко роб вене, јаремот ќе го оттргне, во бој ќе тргне...таму смртта нека биде моја, сред бојот, таму крвта нека ми истече млада...и прегазен мене таму нека ме остават! Тука нека ми ги соберат коските расфрлани...во заеднички гроб нека ги стават јунаците, слободо света, што паднаа за тебе!“[31]

Денес, Петефи се смета за водечки лик на унгарската лирика и обноввувач на унгарскиот книжевен јазик. Иако творел само четири години, неговото дело опфаќа околу 30.000 стихови во разни стилови: популарни песни, рефлексивни песни, револуционерна поезија, љубовна поезија итн.[1] Како посебен куриозитет треба да се забележи тоа што неколку песни на Петефи биле поставени врз музика од страна на Фридрих Ниче, кој компонирал во своето слободно време додека учел во Форта, пред да ја започне својата филозофска кариера.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 Ivan Ivanji, „Pogovor“, во: Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 85-89.
  2. Б92 - На денешен ден
  3. „Биографија на Шандор Петефи“. Архивирано од изворникот на 2014-11-01. Посетено на 2007-07-13.
  4. „Форум на LanguageHat“. Архивирано од изворникот на 2007-04-16. Посетено на 2007-07-13.
  5. „Унгарски текст за Петефи“. Архивирано од изворникот на 2011-05-17. Посетено на 2007-07-13.
  6. Унгарски извор за Петефи
  7. Опширен текст за Шандор Петефи на унгарски
  8. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 9.
  9. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 13.
  10. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 34.
  11. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 35.
  12. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 31.
  13. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 37-39.
  14. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 40-41.
  15. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 10-11.
  16. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 19-20.
  17. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 21-22
  18. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 50-51.
  19. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 52-53.
  20. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 54.
  21. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 55.
  22. Ivan Ivanji, „Pogovor“, во: Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 86.
  23. Паскал Гилевски, Антологија на унгарската поезија, Матица Македонска, Скопје, 2005.
  24. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 82-83.
  25. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 59.
  26. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 60-61.
  27. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 65-66.
  28. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 69-70.
  29. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 62.
  30. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 63-64.
  31. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 76-77.

Надворешни врски

уреди