Психоанализа

(Пренасочено од Психоаналитичар)

Психоанализата е метод на психичко истражување кое има за цел да го долови значењето на потсвеста како влијателна компонента на човекотово однесување. Основите на психоанализата ги поставил Сигмунд Фројд. Првиот конгрес на психоанализата е одржан во 1908 година, во Салцбург.

Кревет во Фројдовата ординација во Лондон

Учењето на Фројд за потсвеста уреди

Според Фројд, свеста претставува само дел од психичкиот живот на човекот, додека другиот дел т.е. одлучувачкиот се состои во самата потсвест (место на сите чувства, но и на творечкиот дел од личноста) на човекот. Психоанализата поаѓа од постулатот дека сето она што се случува во соништата во себе носи димензија која не излегува на површината. Тоа, всушност, е потсвеста, резултатот од низа на случки и настани кои се случиле во раното детство на самиот поединец, во непосредна врска со сексуалноста во поширока смисла. Сето она што човекот го потиснува во себе секогаш се бори да се врати на површината во форма на симптомот (субјективен феномен кој го открива функционалното нарушување и повредата), лапсусот (грешки при говорот и пишувањето) итн.

Некои психички напнатости кои ја влошуваат здравствената состојба на возрасниот човек може да се отстранат преку помош од стручно лице за психоанализа, а тоа е личност која и самата била подложена на психоанализа и која со самиот тој принцип е способна да го ислуша пациентот со психички проблеми. За време на аналитичката сеанса, асоцијациите на пациентот помеѓу кажаните и проживеаните, но заборавени, моменти од својот живот му овозможуваат на пациентот, во текот на процесот на потиснување, да ги врати назад асоцијациите и да ги извлече на површината несвесните настани. Првото и основно правило на психоанализата е слободната асоцијација: Пациентот се замолува да се опушти и да го каже сето она што му поминува низ главата, па дури и она за кое смета дека е неважно или глупаво. Единствено, тој не треба да дозволи да му се создаде ниту една мисла, без разлика на нејзината содржина. Реконструкцијата на она што го кажува пациентот со помош на потиснатото чувство создава услови за исчезнување на симптомот.

Критика на психоанализата уреди

Во својата критика на психоанализата, Карл Густав Јунг најпрвин ѝ оддава признание на Фројдовата теорија како прв обид во западната цивилизација за истражување на психата оздола, од анималната сфера на инстинктите при што оправданиот страв од метафизиката го спречил Фројд да навлезе во сферата на „окултното“. Меѓутоа, според него, психоаналитичарите никогаш не успеале да стигнат подалеку од претпоставените траги на интраутерни искуства и во таа смисла, дури и славниот концепт на „траума на раѓањето“ тој го нарекува „очигледен туризам којшто повеќе не може ништо да објасне“. Според него, Фројдовата психоанализа била немоќна да се отплетка од сексуалните фантазии и сличните „непомирливи“ тенденции што ги предизвикуваат афектните состојби. Затоа, Фројдовата психоанализа не може да допре до ништо друго, освен до суштински негативното вреднување на несвесното.[1]

Романско-францускиот философ и есеист Емил Чоран пишува: „Нема сомнение дека еден ден психоанализата ќе биде целосно дискредитирана. Во меѓувреме, таа ќе ги уништи и последните остатоци од нашата безопасност. По неа, веќе никогаш нема да бидеме невини.“[2]

Во романотНадја“, Андре Бретон пишува дека ја цени психоанализата, но мисли дека нејзината цел е „да го натера човека да излезе од сопствената кожа“ и дека, „наспроти нејзините големи заслуги, таа не е во состојба да го исцрпи проблемот на сонот и дека предизвикува нови пропусти поаѓајќи од сопствените толкувања на пропустите“.[3]

Во својот роман „Блед оган“, Владимир Набоков со потсмев пишува за психоанализата, поставувајќи го прашањето: „Дали овие кловнови навистина веруваат во она што го пишуваат?“[4]

Наводи уреди

  1. Karl Gustav Jung, „Psihološki komentar Tibetanske knjige mrtvih“, во: Tibetanska knjiga mrtvih – Posmrtna iskustva u Bardo Ravni (Sakupio i izdao V. J. Evans Venc). Beograd: Prosveta, 1988, стр. 141-158.
  2. Emil M. Sioran, Zli demijurg. Beograd: Dereta, 2019, стр. 86.
  3. Андре Бретон, Надја. Скопје: Магор, 2009, стр. 25.
  4. Vladimir Nabokov, Bleda vatra. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2002, стр. 222.