Скачковце

село во Општина Куманово

Скачковце (познато и како Скачковци) — село во Општина Куманово, во областа Которлак, во околината на градот Куманово.

Скачковце
Скачковци

Воздушен поглед на селото Скачковце

Скачковце во рамките на Македонија
Скачковце
Местоположба на Скачковце во Македонија
Скачковце на карта

Карта

Координати 42°2′53″N 21°49′31″E / 42.04806° СГШ; 21.82528° ИГД / 42.04806; 21.82528
Регион  Североисточен
Општина  Куманово
Област Которлак
Население 105 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1305
Повик. бр. 031
Шифра на КО 17090
Надм. вис. 430 м
Слава Света Троица
Скачковце на општинската карта

Атарот на Скачковце во рамките на општината
Скачковце на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Воздушен поглед на селото

Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Куманово, југоисточно од градот Куманово, недалеку од десната страна на патот Куманово-Свети Николе.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 430 метри. Од градот Куманово е оддалечено 17 километри.[2]

Покрај селото поминува регионалниот пат 1204, кој ги поврзува Куманово и Свети Николе, од каде постои локално асфалтно исклучување до селото.

Ова релативно поголемо село се наоѓа на источната поблага страна на ридот наречен Голем (516 м.), како и на Црковниот Рид (548 м.). Околни села се Орашац на северозапад, Колицко на југ, Кучкарево на исток и Новосељане на север. Во минатото, мештаните со водата за пиење се служеле од две послаби чешми во самото село. Имало и бунари длабоки 15 до 20 метри, но нивната вода не била добра за пиење. На атарот извираат изворите Бела Вода и Поток.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Бивак, Умиште, Каљиште, Островица, Ѓубриште, Трештено Дрво, Големи Рид, Карчев Крст, Честе Чуке, Кошара, Средњи Рид, Лиска, Жужље, Жељкин Рид, Балин Дол, Бели Брегови, Падина, Бегово Трло, Гладно Поле, Бабаќиште, Селиште, Тумба, Горна и Долна Лука, Новоселски Рид, Длабока Рупа, Задине, Турски Гробишта и Пеќ.[3]

Скачковце има збиен тип, каде роднинските куќи се поблиску и групирани. Поголеми групи на куќи кои имаат имиња се Деспотовци, Каревци, Петринци, Ваневци и други.[3]

Историја

уреди

Подрачјето на Скачковце е населено уште од железното време, за што сведочи наоѓалиштето Брекче на 1,5 километри источно од селото.[4]

Северозападно од селото, на Црковниот Рид, се наоѓа возвишението Каљиште, за кое мештаните кажуваат дека таму некогаш имало кале. Кај тоа возвишение на површината на земјата се гледаат парчиња црепови и цигли.[3]

Во месностите Задине и Турски Гробишта има остатоци на турска населба и гробишта, чии мештани изумреле од колера. Тоа биле Черкези, кои подоцна се преселиле во селото Косматац. Во споменатите гробишта биле закопувани и муслиманските скачковски Роми.[3]

Преданието наведува дека Скачковце е старо село. Најпрвин се наоѓало 800 метри источно од денешната местоположба на месноста Селиште, што е веднаш покрај патот Куманово-Свети Николе. Тие се раселиле бидејќи во селото навраќале Турци патници на ноќевање и ручек. Мештаните се преселиле на денешната положба бидејќи била поскриена.[3]

Од доселениците од Селиште во Скачковце денес потекнуваат само четири рода: Деспотовци, Каревци, Ваневци и Здравевци. Некои се вистински староседелци. Меѓутоа, побројни се доселените родови, едни од XIX век, други по завршувањето на отоманскиот период. Доселениците дошле од разни краеви (Прилепско, Овче Поле, Паланечко и други).[3]

Во текот на отоманскиот период во селото имало чифлиг на Јашар-бег, кој го основал во средината на XIX век. Таму работеле селаните, но имало и Албанци, поради кои населението страдало. Јашар-бег го добил селото под свое откако се појавиле арбанашките Качаци, поради што тој се понудил да го брани селото од нив. Мештаните му ја предале својата земја и станале негови чифчии.[3]

Јашар-беговата кула била срушена во 1918 година. Во кулата престојувале Арбанаси од карадачките села Никуштак, Отља и Липково.[3]

Стопанство

уреди
 
Млин на влезот во селото, покрај регионалниот пат

Атарот на селото зафаќа простор од 10,3 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 545 хектари, на шумите отпаѓаат 271 хектар, а на пасиштата 164 хектари.[2]

Во основа, селото има полјоделска функција. Во селото работат продавници и фабрички погон.[2]

Поради местоположбата на селото на граница на ниско земјиште на североисток и повисоко земјиште на југозапад, во селото подеднакво биле развиени земјоделството, сточарството и шумарството. По Втората светска војна, голем дел членовите на домаќинствата биле вработени надвор од селото.[3]

Споменатиот чифлиг на Јашар-бег постоел до 1912 година, кога селаните ја присвоиле неговата земја. За земјата добиле тапии дури во 1935 година со аграрната реформа.[3]

Во минатото, во атарот на селото престојувала стока на некои влашки сточари од Осоговските Планини.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948508—    
1953512+0.8%
1961576+12.5%
1971474−17.7%
1981328−30.8%
ГодинаНас.±%
1991219−33.2%
1994166−24.2%
2002160−3.6%
2021105−34.4%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Скачковце живееле 270 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Скачковце имало 200 Македонци, патријаршисти.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.[7]

Од Скачковце се иселил голем дел од населението и тоа преминало од средно во мало село по големина, населено со македонско население. Така, во 1961 година селото имало 576 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 166 жители.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Скачковце живееле 160 жители, од кои 159 Македонци и 1 Србин.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 105 жители, од кои 100 Македонци, 1 Србин, 1 останат и 3 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 270 200 508 512 576 474 328 219 166 160 105
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови

уреди

Скачковце е македонско село.[3]

Според истражувањата од 1971 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Десподовци (14 к.), една нивна гранка се нарекува Младеновци; Каревци (12 к.), Ваневци (8 к.), подалечно потекло имале од Прилепско и Здравковци (1 к.), сите порано живееле во месноста Селиште, кое се наоѓало 800 метри источно од положбата на денешното село.
  • Доселеници: Петринци (10 к.) и Стојковски (6 к.), не го знаат местото на потекло; Џумбушовци (6 к.), доселени се од селото К’шање. Го знаат следното родословие: Анѓел (жив на 71 г. во 1971 година) Димко-Јован, се доселил Јован со неговите синови Димко и Лазо; Ѓуганци (6 к.), доселени се од селото Ѓуѓанци (Долно или Горно) во Овче Поле; Пајковци (3 к.), доселени се од селото Мургаш; Живачки (4 к.), доселени се од селото Коњух; Сеировци (2 к.), доселени се од селото Луке во Кривопаланечко; Новаци (2 к.), доселени се од селото Псача во Кривопаланечко; Гулинци (4 к.), доселени се во 1919 година од селото Гулинци во Кривопаланечко; Шопје (2 к.), доселени се во 1922 година од селото Петралица во Кривопаланечко; Планинци (3 к.), доселени се во 1952 година од селото Криви Камен во Кривопаланечко.

Иселеништво

уреди

Пред крајот на турското владеење во Куманово целосно се иселиле родовите Здравковци и Норци, во селото биле староседелци.

Во турско време во селото Шупљи Камен се иселиле родовите Чумљаци и Даневи. Скачкулинци се иселиле во селото Карабичане. После Втората светска војна има иселеници во Куманово (20 семејства) и во Скопје.[3]

Општествени установи

уреди
  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

уреди

Кон крајот на XIX век, Скачковце било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Орашац.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово. Селото припаѓало на некогашната општина Орашац во периодот од 1955 до 1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Орашац, во која покрај селото Скачковце, се наоѓале и селата Алакинце, Вак’в, Винце, Д'лга, Доброшане, Живиње, Колицко, Малино, Орашац, Пчиња и Шупли Камен. Во периодот 1950-1952 година селото било дел од некогашната Општина Орашац, во која влегувале селата Орашац и Скачковце.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1141 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 79 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[4]
Цркви[16]
Манастири
Други верски објекти

Редовни настани

уреди
Слави[3]

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 272.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје: САНУ. стр. 148–151.
  4. 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 222. ISBN 9989-649-28-6.
  5. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 215
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 126-127.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 8 јануари 2024.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2024-01-08. Посетено на 8 јануари 2024.
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

уреди