Карадак
Карадак — етногеографски регион во Македонија сместен помеѓу планинските масиви Скопска Црна Гора на запад, планинските превои Кодра Фура и Копиљача на север, областа Средорек и речната долина на река Пчиња на исток, па сè до северните ограноци на Скопската Котлина и Кумановската Котлина и Осоговските Планини на југ. Во овој рурален предел највисок врв е Рамно со надморска височина од 1.651 метри, кој се протега на запад, на север од него се наоѓа врвот Кодра Фура со надморска височина од 1.491 метри, а на североисток се врвовите Копиљача, со надморска височина од 1.345 метри, Свински Камен, со надморска височина од 1.628 метри и врвот Славјанец, со надморска височина од 672 метри.
Природни карактеристи
уредиРегионот Карадак му припаѓа на Скопско-црногорскиот и Кумановско-пчинскиот тектонски блок, кои се наоѓаат северно од Скопската депресија, а неговиот западен дел се издвојува во неколку серпентински раседи и депресивни тектонско блокови. Меѓу Кучевиште и Никуштак се јавува Липковско-пчинскиот гребен, кој е составен од различни релјефни седименти, кои се протегаат во правец на југоисток во една мошне нагласена раседна линија, широка околу 20 километри. Овој гребен, од тектонскиот блок на Скопската и Кумановската депресија е одделен со ридот Грост, кој претставува природна граница и со другите тектонски вардарски блокови.
Климатски услови
уредиТргнувајќи од природните одлики и метеролошките статистички показатели, Карадак има две климатски зони: изменето континентална клима и континентална клима. Изменето средоземната клима ги опфаќа речните долини на реките: Пчиња, Липковска, Коменска, Глажјанска, Бистрица, Табановска Река и Крива Река. Континенталната клима го зафаќа просторот на планинските масиви и превои што го опкружуваат овој регион.
Хидрографија
уредиРечната мрежа во овој крај е дел на вардарското сливно подрачје. Притоките на Пчиња (Липковска, Коменска, Глажња, Бистрица, Табановска река и Крива Река), го сочинуваат нејзиниот слив во Варадар, кој зафаќа 2.300 квадратни километри, со должина на речен тек од 176 километри. Постоењето на овие речни „артерии“ овозможува околу 80.000 хектари да бидат искористени за развој на земјоделството, сточарството, градинарството и овоштарството. Од досегашните хидроинженерски истражувања и утврдувања за економска експлоатација на водниот потенцијал на реките, освен на одамна изградените акумулации „Липково” и „Глажња” предвидена е изградба на неколку нови хидроакумулации - „Бистрица”, ,„Коменска” , „Табановце” , со вкупна површина на акумулациите на овие брани од околу 1,700 хектари. Со овие хидроакумулации потребите за вода за пиење на населението би се решиле за наредниве неколку децении, а би се задоволила и потребата за наводнување на околу 95 проценти од вкупното обработливо земјиште во овој регион.
Обработливо земјиште, пасишта и шуми
уредиИскористувањето на шумите и пасиштата во Карадак - Деве Баир претставува мошне важен фактор за натамошно опстојување на населението и ревитализација на селата. Но, досегашните статистички показатели говорат за тоа дека постои повеќедецениска нарушена рамнотежа во нецелосната искористеност на земјоделското обработливо земјиште, како и на шумите и на пасиштата. На почетокот од втората половина на 20. век во овој рурален регион живееле околу 20.000 жители, а населението секогаш обезбедувало земјоделско-сточарски прехранбени производи. Овој регион има 70.000 хектари пасишта и 80.000 хектари обработлива површина, од кои околу 50.000 хектари се погодни за одгледување на жито. Регионот порано бил и еден од поголемите сточарски краеви во северно-источна Македонија, во кој повеќе од шеесетина години се одгледувале над 300.000 грла крупен и ситен добиток. Поволните климатски услови овозможуваат во овој рурален регион непречено да се развива и овоштарството. Во руралниот регион Карадак, пред педесетина години, по горниот тек на реката Пчиња се одгледувале околу 400.000 круши „грглаши“, околу 130.000 круши „зиморки“ и над 150.000 стебла „маџарки“. Вкупната шумска површина во овој дел зафаќа 2.000 квадратни километри што претставува 10% од вкупните површини на шуми во Република Македонија. Шумите опфаќаат околу 74.000 хектари, од кои 10.700 хектари се во приватна сопственост, а 63.300 хектати се во државна сопственост, со вкупна дрвна маса од 8.588.000 кубни метри, со очекуван годишен прираст од околу 200.000 кубни метри. Денеска овде живеат 50.000 жители распоредени во руралните општински центри Чучер-Сандево, Липково, Младо Нагоричане, Нагоричане, Ранковце, Куманово и Крива Паланка, како урбани центри. Деве Баир е месност на која се наоѓа истоимениот главен и најголем граничен премин на македонско - бугарската граница, на оддалеченост од 22 километри од градот Крива Паланка. Местото се нарекува и Рамна Нива.