К’шање

село во Општина Куманово

К’шање — село во Општина Куманово, во областа Овче Поле, во околината на градот Куманово.

К’шање

Воздушен поглед на селото К’шање

К’шање во рамките на Македонија
К’шање
Местоположба на К’шање во Македонија
К’шање на карта

Карта

Координати 42°1′44″N 21°56′35″E / 42.02889° СГШ; 21.94306° ИГД / 42.02889; 21.94306
Регион  Североисточен
Општина  Куманово
Област Овче Поле
Население 15 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1309
Повик. бр. 031
Шифра на КО 17055
Надм. вис. 560 м
Слава Спасовден
К’шање на општинската карта

Атарот на К’шање во рамките на општината
К’шање на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Воздушен поглед на селото

Селото се наоѓа во југоисточниот дел на територијата на Општина Куманово, чиј атар се допира со подрачјето на општините Свети Николе и Кратово. Истото е сместено недалеку од патот Куманово-Свети Николе.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 560 метри. Од градот Куманово, селото е оддалечено 24 километри.[2]

Селото е сместено на местото каде се спојуваат Градиштанска Планина (југозападно) и планината Манговица (југоисточно). Селото го надвисуваат 4 висои, и тоа: северно на околу 2 километри висот Сувар (714 м.), југоисточно на околу 3 км висот Бабин Град (765 м.), јужно на околу 2 километри висот Перица и северозападно на околу 3 километри висот Вукосија (636 м.). Западно од селото се наоѓа полето Кампур. Оваа нископланинска област претставува вододелница помеѓу Кумановската Котлина, на југ и на Овче Поле на северозапад.

Селото е сместено покрај регионалниот пат 1204 помеѓу градовите Куманово и Свети Николе. Кај превојот Караула (518 м.) се двои земјен пат до селото.

Селото се наоѓа во горниот дел на долината на малата река Лука, притока на Пчиња. Реката уште е наречен и Кшањски Дол, кој е повремен водотек. Скоро сите селски куќи се наоѓаат на левата страна на долината, поради што селото е насочено кон северозапад. Околни села се Кокошиње, Татомир, Пезово и Градиште. Во минатото, водата за пиење мештаните ја добивале од бунари.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Билодубрава, Дервен или Ризов Бунар, Кампур, Јовановски Бунар, Дајеви Ливади, Горно Краиште, Кеев Рид, Грљаново Брдо, Заечко Чукарче, Попов Чукар, Побиен Камен, Јасика, Голем Дол, Кула, Чумалеј, Загузје, Ќерамидница, Кутлино, Педеви Ниви, Пезовски Дол, Рамниште, Зелени Крст, Лука, Мост, Коритиште, Падина, Милошев Чукар, Врдеј, Паевица, Кашански Венец, Трајков Чукар, Цолевица, Раскрсје, Брзанов Рид и Селиште.[3]

К’шање има разреден тип и е поделено на онолку маала колку што има родови. Некои маала имаат од едно до шест домаќинства. Поглавни маала се: Ивановско, Ѓорговско, Филиповско, Чавдарско и други.[3]

Историја

уреди
 
Воздушен поглед на селото

Денешното село влегува во поновите села во Кумановско. Традицијата наведува дека порано ова земјиште припаѓало на пашите („кашла“). По тоа го добило и своето име К’шање. Во селото најстари се родовите Филиповци, Ивановци, Ѓорговци и Стеевци, кои се основачи на селото.[3]

Месноста Селиште се наоѓа кај селото, во северниот дел. Сместена е десно од малата рекичка Лука, а народната традиција наведува дека таму порано се наоѓало селото. Тогаш, К’шање имало мал број на домови. По предание, таму некогаш се појавила чума и поради тоа мештаните ја променила местоположбата и изградиле куќи на местото на нивните сточарски трла. Оваа промена се случила во 1860 година, што било случај и во соседните села Пезово, Мургаш, Новосељане и други.[3]

По етничките особености, К’шање припаѓа на пределот Которлак. Селото отсекогаш административно припаѓало на Кумановската област.[3]

Во отоманскиот период, кај месноста Кула североисточно од селото се наоѓала турска кула.[3]

Стопанство

уреди

Атарот на селото зафаќа простор од 12,4 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 530 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 448 хектари, а на шумите 181 хектар.[2]

Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.[2]

Селото, заедно со соседното Пезово, биле раатски села до 1912 година, односно во нив немало чифлици. Единствено, малку земја поседувал некој кумановски Турчин Нуи. Старите селани раскажувале дека доколку имало лоша година и селаните се задолжеле кај некои Турци и подоцна не го вратиле долгот, тогаш Турците ја одземале нивната земја.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948540—    
1953523−3.1%
1961451−13.8%
1971369−18.2%
1981167−54.7%
ГодинаНас.±%
199191−45.5%
199483−8.8%
200248−42.2%
202115−68.8%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во К’шање живееле 420 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во К’шање имало 488 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

К’шање во 1961 година имало 451 жител, а во 1994 година 83 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото К’шање живееле 48 жители, сите Македонци.[6]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 15 жители, од кои 11 Македонци и 4 лица без податоци.[7]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 420 488 540 523 451 369 167 91 83 48 15
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови

уреди

Кшање е македонско село.[3]

Според истражувањата од 1972 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Ѓорговци (6 к.), Ивановци (6 к.), Филиповци (5 к.) и Стеевци (4 к.), најстари родови во селото. Основачи на денешното село. Порано живееле во месноста Селиште. Подалечно потекло им е непознато. Во родот Ѓорговци се знае следното родословие: Цане (жив на 80 г. во 1972 година) Саздо-Јане-Цветко-Ѓорго; Анчевци (4 к.), Ристинци (4 к.), Одујевци (4 к.), Вучковци (3 к.), Мишевци (3 к.), Лазаровци (3 к.), Гаѓевци (2 к.), Миленковци (2 к.), Чаушевци (2 к.), Шординци (2 к.), Петревци (1 к.) и Цекевци (1 к.), овие родови се деленички од најстарите родови, како и млади доселеници со непознато потекло; Чавдарци (5 к.), доселени се во XIX век од селото Татомир во Кратовско; Басмарци (2 к.), доселени се после претходниот род од селото Габар во Кривопаланечко; Ѓуревци (2 к.), доселени се од некое село во Кривопаланечко.

Иселеништво

уреди

Постари иселени Македонци има во Скачковце (Џумбушови) и Клечевце (Бајеви). После Втората светска војна преку 50 македонски семејства се иселиле во градовите Куманово, Скопје, Велес и Свети Николе.[3]

Општествени установи

уреди
 
Поглед на затворот „Куманово“
  • Поранешно основно училиште, а денес објект на затворот „Куманово“

Во 2007 година во К’шање тогашниот министер за правда Михајло Маневски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ги фрлија првите лопати на новата затворска зграда оддалечена 25 километри од Куманово. Затворот има три ката. Нови се последните два ката и страничниот дел на зградата, а првиот кат е адаптиран од училишната зграда. На првиот кат ќе биде сместено притворското одделение. Затворот ќе прими 250 затвореници, од кои 50 ќе бидат притвореници. Предвидено е во една ќелија да има по двајца или по девет квадрати за еден затвореник. На секој кат има по една голема соба во која ќе бидат сместени шест-седум затвореници и посебен дел, во кој има по три самици.

Самоуправа и политика

уреди

Кон крајот на XIX век, К’шање било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Орашац.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово. Селото припаѓало на некогашната општина Орашац во периодот од 1955 до 1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Павлешенци, во која покрај селото К’шање, се наоѓале и селата Габреш, Горно Ѓуѓанци, Градиште, Долно Ѓуѓанци, Кокошиње, Кутлибег, Кучкарево, Павлешенци, Пезово, Стањевци и Строиманци. Селото било дел од некогашната Општина Градиште во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Габреш, Градиште, К’шање, Кутлибег, Кучкарево и Пезово.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1137 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[12]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 23 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Поглед на главната селска црква „Св. Никола“
Археолошки наоѓалишта[14]
  • Илинден — некропола од доцноантичко време
Цркви[15]

Редовни настани

уреди
Селски слави[3]

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 171.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје: САНУ. стр. 164–166.
  4. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 216
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 126-127.
  6. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 9 декември 2022.
  7. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-12-09. Посетено на 9 декември 2023.
  14. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 211. ISBN 9989-649-28-6.
  15. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

уреди