Новосељане
Новосељане — село во Општина Куманово, во областа Овче Поле, во околината на градот Куманово.
Новосељане | |
Воздушен поглед на селото Новосељане | |
Координати 42°3′52″N 21°51′14″E / 42.06444° СГШ; 21.85389° ИГД | |
Регион | Североисточен |
Општина | Куманово |
Област | Овче Поле |
Население | 20 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1304 |
Повик. бр. | 031 |
Шифра на КО | 17069 |
Надм. вис. | 350 м |
Слава | Спасовден |
Новосељане на општинската карта Атарот на Новосељане во рамките на општината | |
Новосељане на Ризницата |
Потекло и значење на името
уредиИмето на селото е релативно ново и се поврзува со ојконимот Ново Село и додавката -јане.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Куманово, од левата страна на патот Куманово-Свети Николе од каде е оддалечено неколку километри.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 350 метри. Од градот Куманово, селото е оддалечено 20 километри.[3] Селото се наоѓа во западните падини на планината Манговица.
До селото води земјен пат, кој се исклучува од регионалниот пат 1204 во близина на селото Скачковце.
Селото се наоѓа во плитката долина на Новосељанскиот Поток. Како самата долина, така и селото, е издолжено во насока југ-север. Околни села се Косматац, Зубовце, Скачковце и други. Во минатото, мештаните водата за пиење ја добивале од бунари, кои биле малку на број.[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Страна, Средни Рид, Мургашки Дол, Пировина, Келчева Страна, Котлино, Лозјишта, Јазбина, Стамболин Чукар, Селиште или Старо Село.[4]
Новосељане има разбиен тип и е поделено на многу маала, како што се Коњушанско, Карадачко, Клецанско, Куранско, Батреинско, Шмерско, Дупинско и Ѓурланско.[4]
Историја
уредиПодрачјето на Новосељане е населено уште од римско време, за што сведочи наоѓалиштето Жути Камен - Чилак на 1,5 км северно од селото.[5]
Месноста Селиште или Старо Село се наоѓа во северниот дел на селото, на патот за селото Зубовце. Народното предание наведува дека таму некогаш се наоѓал почетокот на денешното село. Предците на старите родови Шмерци, Батреинци, Клецанци и Шишиндини таму имале куќи.[4]
Меѓутоа, пред околу 1870 година, мештаните го напуштиле Селиште и направиле нови куќи на местото каде биле нивните трла. Тогаш, во селото дошле и доселеници од кумановското село Коњух и од селата во околината на Крива Паланка.[4]
Околу 1920 година, во селото се населиле нови жители од селата во околината на Крива Паланка.[4]
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 7,6 км2, при што преовладуваат обработливите површини со површина од 616 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 118 хектари, додека шуми нема.[3]
Во основа, селото има полјоделска функција.[3]
Поради добрата земја, Новосељане за време на отоманскиот период било изразено чифлигарско село. Целото селско население работело на чифлиците, кои биле во посед на кумановските Турци, а само неколку домаќинства имале малку своја земја. Чифлигарските кули биле срушени во 1912 година.[4]
По 1959 година, единственото пасиште во месноста Јазбина со површина од 300 хектари, било одземено од страна на државната власт и доделено на користење на земјоделската задруга од селото Клечевце, поради што населението останало без пасишта за својата стока и со тоа нивната бројка се намалила.[4]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Новосељане живееле 220 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Новосељане имало 176 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[8]
Поради емиграција на населението, селото преминало од средно во мало село по големина. Така, во 1961 година селото броело 465, а во 1994 година 86 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Новосељане живееле 46 жители, сите Македонци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 20 жители, од кои 19 Македонци и 1 лице без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 220 | 176 | 338 | 399 | 465 | 421 | 210 | 110 | 86 | 46 | 20 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиНовосељане е македонско село.[4]
Според истражувањата од 1972 година, родови во селото се:
- Староседелци: Шмерци (15 к.), Батреинци (6 к.), Клецанци (5 к.) и Шишиндини (3 к.), порано куќите им се наоѓале во месноста Старо Село.
- Доселеници: Коњушанци (12 к.), доселени се од селото Коњух во XIX век; Гулинци (4 к.) и Куранци (5 к.), доселени се во 1920 година од селото Гулинци во Кривопаланечко; Ѓурлаци (5 к.), Карадагчани (4 к.) и Дупинци (8 к.), доселени се во 1920 година од селото Станча во Кривопаланечко.
Иселеништво
уредиСе знае за иселениот род Новоселци (4 к.), кои се иселиле во кумановското село Димонце.[4]
Во поново време, голем дел од населението е отселено во најблискиот град Куманово, а мал дел е во Канада, Австралија и Америка.
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
уредиКон крајот на XIX век, Новосељане било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Клечевце.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово. Селото припаѓало на некогашната општина Клечевце во периодот од 1955 до 1962 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Клечевце, во која покрај селото Новосељане, се наоѓале и селата Бељаковце, Довезенце, Зубовце, Јачинце, Клечевце, Косматац и Мургаш. Во периодот 1950-1952 година селото било дел од некогашната Општина Клечевце, во која влегувале селата Зубовце, Клечевце, Косматац и Новосељане.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1138 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватен објект.[15]
На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 16 гласачи.[16]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[5]
- Жути Камен - Чилак — населба од римско време; и
- Цервак - Црница — населба од доцноантичко време.
- Цркви
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква; и
- Црква „Св. Петка“ — понова црква.
-
Поновата селска црква „Св. Петка“
-
Главната селска црква „Св. Никола“
Редовни настани
уреди- Селски слави[4]
- Спасовден — главна селска слава
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Новосељане
- Василије Николовски (1917-1944) — македонски партизан
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 124. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 215.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје: САНУ. стр. 174–176.
- ↑ 5,0 5,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 218. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 215
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 126-127.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 јануари 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2024-01-02. Посетено на 2 јануари 2024.
Надворешни врски
уреди- Новосељане на Ризницата ?