Сојуз на комунистите на Југославија
Сојузот на комунистите на Југославија (СКЈ) или претходно до 1952 позната како Комунистичка партија на Југославија — владејачка партија во СФР Југославија, од 1945 до 1990 година. Нејзината идеолошка ориентација до отприлика 1950 била сталинистичка, а потоа титоистичка (социјалистичка).
Сојуз на комунистите на Југославија Savez komunista Jugoslavije Савез комуниста Југославије Zveza komunistov Jugoslavije | |
---|---|
Водач | Јосип Броз Тито |
Основана | 1919 Вуковарски конгрес во 1920 |
Распуштена | 1990 |
Насленик | |
Воено крило | Југословенски партизани (1941–1945) |
Идеологија | Титоизам (self-declared) Југословенство Комунизам Марксизам–Ленинизам |
Меѓународна припадност | ниедна Коминтерна до 1943, Коминформ до 1948 |
Бои | црвена |
Знаме | |
Политика на Југославија Политички партии Избори |
КПЈ во периодот помеѓу двете светски војни
уредиОснована е на Конгресот на обединувањето од 20 до 23 април 1919 година на конгресот во Белград како Социјалистичка работничка партија (комунисти). Во своите редови ги обедини речиси сите социјалдемократски партии и организации од земјите што во 1918 влегоа во состав на Кралството СХС, освен хрватските десни социјалдемократи, предводени од Витомир Кораќ и Словенечката Југословенска социјалдемократска партија. За претседател на партијата е избран Филип Филиповиќ.
На Вториот конгрес во Вуковар, во јуни 1920, партијата го менува своето име во Комунистичка партија на Југославија, а од раководството и од партијата пополека почнуваат да се потиснуваат „центрумашите“, кои не се согласуваат со прифаќањето на фамозните 21 услов за членство на Коминтерната и кои до крајот на годината се исклучени од Партијата.[1] Архивирано на 5 мај 2006 г.
На крајот од годината е донесена т.н. „Обзнана“ со која активностите на комунистите се драстично ограничени, за по обидот на атентат врз регентот Александар и убиството на министерот за внатрешни работи Милорад Драшковиќ КПЈ да биде забранета.
По забранувањето на партијата, настапува голема репресија за припадниците и симпатизерите на КПЈ. Кризата во Партијата уште повеќе се зголемува поради фракционерските борби и поради следењето на секташката политика на Коминтерната која што значително се меша во внатрешните работи на сите комунистички партии, вклучително и на КПЈ. Воведувањето на диктатура во 1929 година уште повеќе ја зголеми репресијата врз комунистите во Југославија, а во Сталиновите чистки настрада речиси целата раководна структура на КПЈ: Јосип Чижински (Милан Горкиќ), Филип Филиповиќ, Владимир Ќопиќ, Сима Марковиќ, браќата Вујовиќ, браќата Цвииќ и други. Сред чистките на чело на партијата во 1937 е поставен Јосип Броз Тито.
КПЈ во текот на Втората светска војна
уредиПо окупацијата на Југославија од страна на Силите на Оската и на нивните сојузници во април 1941 и по нападот на нацистичка Германија врз СССР, КПЈ поведе вооружена борба против окупаторите, која наскоро се развива во народно востание против окупаторските сили под раководство на КПЈ. Окупаторските сили беа принудени да ангажираат голем број на војска во борбата против народно-ослободителната војска, но не можеа да го скршат отпорот. Веќе во втората половина на 1944 година се ослободени значителни делови од Југославија (вклучително и Македонија), а до мај 1945 е ослободена целата земја.
КПЈ (СКЈ) како владејачка партија
уредиПо ослободувањето на земјата, угледот на КПЈ е доста висок и на комунистите им беше лесно да ја зацврстат својата власт. Останатите политички партии пополека се потиснуваат и во земјата комунистите воведуваат еднопартиски систем. Во тоа време, од земјите од Источна Европа во кои подоцна дојдоа комунистички партии на власт, југословенските комунисти отидоа најдалеку во копирањето на советскиот модел.
Во 1948 дојде до силен удар врз КПЈ. Информбирото донесува резолуција со која КПЈ и неговото раководство остро се осудуваат поради национализам и троцкизам. Дотогашниот сталинист Тито се решава на непослушност кон Сталин и одбива да ја прифати Резолуцијата. Тоа доведува до прекин на односите на Југославија со СССР и со останатите комунистички партии. Првичните обиди од страна на југословенските комунисти за надминување на разликите завршуваат неуспешно, а тоа ги принудува да бараат свој пат во социјализам, кого подоцна го нарекуваат самоуправен социјализам, а е познат и како титоизам.
Дисиденти во југословенското комунистичко движење
уредиТоталитарниот поредок што го воведоа југословенските комунисти беше помалку репресивен од останатите комунистички режими, но основната тоталитарна одлика на системот, непопустливост кон суштински различните гледишта, беше одлика и на комунистичка Југославија. Помеѓу дисидентите во Југославија имаше и националисти и либерали, а од редовите на самото комунистичко движење најпознати дисиденти се:
- Андрија Хебранг и Сретен Жујовиќ. За време на Судирот со Информбирото значителен дел од тогашните членови на тогашната сталинистичка КПЈ, застана на страната на Сталин, а не на Тито. Помеѓу нив, на најистакнати позиции, во самото раководство на Партијата, беа Хебранг и Жујовиќ.
- Милован Ѓилас. Во времето на либерализација на режимот и сред Судирот со Информбирото, Ѓилас, еден од најистакнатите фигури на новиот комунистички режим, излезе со став дека треба да се дозволат и други политички партии во Југославија. Неговите ставови беа осудени како „анархолиберализам“ и Ѓилас беше исклучен од Партијата, а подоцна беше и затворен.
- Александар Ранковиќ. Предводник на догматското крило на СКЈ и под сомнение дека акумулира преголема моќ во службите за безбедност, Ранковиќ во 1966 е исклучен од СКЈ.
- Протагонистите на „Хрватската пролет“ и српските либерали. При натамошната либерализација на системот во втората половина на 60-тите, се зголеми бројот на критичари на власта. Власта во 1971-1972 се одлучува на контраакција, при што во Хрватска е задушена т.н. „Хрватска пролет“ (на чело со Савка Дапчевиќ – Кучар и Мика Трипало), а во Србија т.н. либерали (Латинка Перовиќ, Марко Никезиќ и други). И во останатите републики од власта се тргнати одредени недогматски кадри, при што во Македонија настрадаа Славко Милосавлевски, Крсте Црвенковски и други.
- Праксис школата. Во 1964 група загрепски филозофи формира филозофско списание насловено „Праксис“, кое набрзо се стекнува со голем углед во светски рами како водечко списание за марксистички хуманизам. Неговите припадници се залагаа за социјализам и самоуправување, односно за она за што се залагаше и власта, но нивното толкување на овие поими не им одговараше на власта и во 1974 година, на списанието му беше оневозможено да излегува а некои од неговите соработници останаа без работа. Помеѓу попознатите „праксисовци“ се: Гајо Петровиќ, Михаило Марковиќ, Предраг Враницки, Милан Кангрга, Данко Грлиќ и други.
По смртта на Тито во 1980, состојбата во Југославија се влошува и комунистите сè повеќе ја губат власта во земјата. Кон крајот на 1989 СКЈ поради развојот на настаните во светски рамки и поради внатрешни притисоци делумно го легализира политичкиот плурализам Финалето следува наскоро. Во тмурна и мачна атмосфера, започна 14.(Вонреден) Конгрес на Сојузот на комунистите на Југославија. Најизразен беше судирот меѓу српската и словенечката делегација. На третиот ден од одржувањето (22.1.1990), словенечките делегати го напуштија конгресот, а малку подоцна истото на направија и делегациите од Хрватска, Македонија и Босна и Херцеговина. Конгресот веќе некогаш не беше завршен, а единствената партија практично беше дезинтегрирана. Наредните месеци започнаа да се одржуваат првите повеќепартиски избори низ републиките. На тие избори, реформираните комунистички партии ја губат власта во Хрватска, БиХ и Македонија, а победуваат во Србија, Црна Гора и Словенија. Веќе се чувствува голема опасност од распад на земјата. Во 1991 тоа и се случува. Републичките филијали на СКЈ, ја менуваат идеолошката ориентација и, под различно име, продолжуваат да постојат, некои и задржувајќи ја власта во новосоздадените држави. Таков е случајот и со Сојузот на комунистите на Македонија, која во 1991 се трансформира во Социјалдемократски сојуз на Македонија и како таков повеќе години беше на власт во Република Македонија.
Оваа статија поврзана со Југославија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |