Информбиро
Информбиро — една од кратенките за Комунистичкото информациско биро (познато и како Коминформ). Основано е на 27 септември 1947 година и претставува прв официјален форум на меѓународно ниво на комунистичките партии по распуштањето на Коминтерната во 1943 година.
Комунистичко информациско биро | |
---|---|
Основач | Јосиф Сталин |
Основана | септември 1947 |
Распуштена | 17 април 1956 |
Претходник | Коминтерна |
Штаб | Белград, Југославија (1947–1948) Букурешт, Романија (1948–1956) |
Идеологија |
|
Бои | црвена |
Тоа била организација доминирана од СССР со цел да се обединат идеолошките и политичките ставови на комунистичките партии во Европа.
Седиштето на Информбирото на почетокот е сместено во Белград, но по исклучувањето на Југославија од Информбирото, тоа е преместено во Букурешт. По 1948 година главната функција на Информбирото претставува агитацијата против комунистичкото раководство во Југославија, а е расформирано во 1956 година како резултат на нормализацијата на односите помеѓу СССР и Југославија.
Партии членки на Информбирото
уредиВо Информбирото, за разлика од Коминтерната, не членуваа сите комунистички партии од светот, туку единствено партиите што дојдоа на власт во Источна Европа, со исклучок на Албанија.
Членки на Коминформот биле: Комунистичката партија на Бугарија, Комунистичката партија на Италија, Комунистичката партија на Југославија (до исклучувањето во 1948), Комунистичката партија на Полска, Комунистичката партија на Романија, Комунистичката партија на СССР, Комунистичката партија на Територијата на Трст (до исклучувањето во 1948), Комунистичката партија на Унгарија, Комунистичката партија на Франција и Комунистичката партија на Чехословачка.
Осудата на Југославија
уредиНезадоволен од самостојноста на југословенското комунистичко раководство на чело со Јосип Броз Тито, во првата половина на 1948 година Јосиф Сталин упатува остри забелешки до раководството на Комунистичката партија на Југославија. Откако југословенските комунисти одбиваат да се потчинат на советскиот диктат, на заседанието на Информбирото од 20 до 28 јуни 1948 година е донесена резолуцијата „За состојбата во КПЈ“, попозната како Резолуцијата на Информбирото, со која се осудува раководството на КПЈ и се повикуваат сите здрави елементи во Југославија што му се верни на марксизмот и ленинизмот да го сменат постојното раководство на КПЈ и да постават на негово место луѓе кои ќе ги прифатат ставовите на Информбирото.
Југословенското раководство ја отфрла Резолуцијата на Информбирото, по што следува изолација на Југославија од страна на останатите комунистички држави.
Реакцијата на Југославија и прогонот на неистомислениците
уредиНа почетокот Југословените се обидувале да ги нормализираат односите, изразувајќи ја својата верност на марксизмот, ленинизмот и сталинизмот, но подоцна, откако се обвинети за троцкизам и фашизам, почнуваат да бараат нови решенија на изградба на социјалистичкото општество, кои подоцна ќе значат и формулирање на теоријата за работничко самоуправување и воопшто на титоизмот како посебна комунистичка теорија.
Во насока на борбата против сталинизмот, југословенското комунистичко раководство по конечниот раскин со Сталин, почнува да ги гони и затвора поддржувачите на Резолуцијата на Информбирото. Меѓу позначајните жртви на оваа кампања се Сретен Жујовиќ и Андрија Хебранг, а во НР Македонија - Панко Брашнаров, Венко Марковски, Петре Пирузе, Владимир Полежиновски, Богоја Фотев, Иван Точко и други.
Голем дел од поддржувачите на Резолуцијата на Информбирото беа затворени во логорот на Голи Оток. Врз основа на сомневања или неосновани и незаконски обвинувања дека се ненародни и антидржавни елементи и без судење, во комунистичкиот логор на Голи Оток од Македонија според едни извори завршуваат над 1.000,[1] а според други 2.600 луѓе.[2] Покрај тоа, илјадници нивни блиски, роднини, пријатели се изложени на репресии, прогони, бркани од работните места и од домовите, и на различен начин казнувани. Еден од затвораните, проф. Димче Најчевски изјави:[2]
„ |
Тоа беше една хајка на сѐ живо што можело да биде прогонувано. Затоа што немаше деликти или кривични дела, ние не можевме да бидеме судени и осудувани, па затоа немаше судски пресуди. Единствени акти со кои бевме затворани и испраќани во логори обично беа административни акти од органите на УДБА за некаква општествено-корисна работа. |
“ |
Надминување на спорот со Информбирото
уредиПо смртта на Сталин, во 1953, новиот советски водач Хрушчов предложил СССР и Југославија да разменат амбасадори. Брзо потоа, Унгарија, Бугарија и Албанија исто така испратиле свои амбасадори во СФРЈ. Во 1954 и Полска и Чехословачка ги обновуваат односите со Југославија. Во 1955 Југославија и СССР потпишуваат заедничка декларација во Белград, со што конфликтот се смета за конечно надминат.
Рехабилитација на затворениците
уредиВо октомври 2008, со петиција до Собранието на РМ, претседателот на државата и до премиерот, членовите на Здружението „Голи Оток“ побараа рехабилитација и отштета на бившите политички затвореници од 1948 и годините потоа. Некогашните „информбировци“, по 60 години од донесувањето на познатата Резолуција на Информбирото и по 17 години по осамостојувањето на Република Македонија, се заложија за отстранување на формално-правните акти со кои на невините жртви на политичката репресија им е нанесена голема неправда.
Здружението „Голи Оток“ побарале административните акти со кои биле осудувани или без судска постапка упатувани во затвор, како незаконски и неосновани, да се поништат и со тоа да бидат ослободени од пропагандните обвинувања со кои Титовата држава и режим ги обвинуваа за некакви криминалци или ненародни елементи. Здружението побарало државата да донесе соодветни акти со кои ќе бидат рехабилитирани и обесштетени. Здружението посочи дека во Словенија, Хрватска и во Србија, како поранешни југословенски републики, се донесени правни акти, посебни закони, со кои се рехабилитираат некогашните политички затвореници, како и прописи за нивно обесштетување.
Литература
уреди- Димче Најчески (уредник) „Голооточки сведоштва“, „Менора“, Скопје, 1999.
- Тома Батев „Мислата и душата во обрач“, „Венеција“, Штип, 2006.
- Венко Марковски „Голи Оток – остров на смртта“, „Макавеј“, Скопје, 2009.