Прибачево
Прибачево — село во Општина Кочани, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.
Прибачево | |
Воздушен поглед на Прибачево | |
Координати 41°53′10″N 22°33′35″E / 41.88611° СГШ; 22.55972° ИГД | |
Регион | Источен |
Општина | Кочани |
Област | Кочанско Поле |
Население | 280 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2302 |
Повик. бр. | 033 |
Шифра на КО | 13034 |
Надм. вис. | 330 м |
Слава | Павловден |
Прибачево на општинската карта Атарот на Прибачево во рамките на општината | |
Прибачево на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во Кочанското Поле, во јужниот дел на Општина Кочани, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Виница.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 330 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 4 километри.[2]
До селото води локален асфалтен пат, кој се издвојува од регионалниот пат 1309 кај соседното село Грдовци.
Прибачево е изразено низинско село, сместено во непосредна близина на реката Брегалница, на нејзиниот десен брег. На југозапад се наоѓа селото Грдовци. Во минатото, водата за пиење се добивала со пумпи, длабоки 4-6 метри, додека за време на отоманскиот период имало само три бунари.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Горни и Долни Дупки, Песоци, Горно и Долно Поле, Трница, Гуштерица, Кочковица, Белско Поле, Башчи и Лаки. Само месноста Лаки се наоѓа на левиот брег од Брегалница, додека останатите се на десниот брег.[3]
Селото има збиен низински тип, а куќите се групирани во две маала: Горно и Долно. Поради опасност од поплави, куќите постојано се поместуваат подалеку од реката.[3]
Историја
уредиПрибачево најпрвин се наоѓало на левиот брег од Брегалница, во месноста Лаки. Тогаш, тоа било мало и населено со македонски родови. Мештаните на тие родови работеле на земјата на чифликсајбиите. Поради поплава од 1850-тите години, селото ја променило својата местоположба и се поместило на денешното место, десно од реката. Таму каде се наоѓало старото село денес се одгледува ориз и нема остатоци од старини. Се говори дека реката сѐ однела. Гробиштата се наоѓале на месноста Башчи. Нема зачувани потомци од старото село во денешното Прибачево.[3]
До 1912 година, Прибачево останало чифликсајбиско село, а во него живееле Македонци кои работела за нив. Таа година имало само 13 куќи.[3]
Стопанство
уредиАтарот на селото е мал и зафаќа простор од 3 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 222 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[2]
Во отоманскиот период, во селото имало чифлици, чии сопственици биле Адил Мемедов, Омер-ага, Рифат-ефенди и Ракип. Сите живееле во Кочани. Исто така, во селото имало и еден „беделиски“ и еден влашки чифлиг. По ослободувањето од Турците, земјата од чифлиците преминала во рацете на Македонците: едни купиле, а други добиле со помош на аграрната реформа.[3]
Прибачево влегува во оние села од Кочанското Поле во кои има најдобри услови за одгледување ориз. Поради тоа, во селото некој Исмаил-паша во 1902 година изградил погон за лупење на оризот. Во 1935 година, таа преминала во рацето на Македонците, која во 1945 година станала државна.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Прибачево живееле 180 жители, сите Македонци.[4]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Прибачево имало 192 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.[6]
Селото е средно по големина и е населено само со македонско население. Така, во 1961 година селото имало 420, а во 1994 година 423 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, селото имало 388 жители, сите Македонци.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 280 жители, од кои 270 Македонци и 10 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 180 | 192 | 312 | 352 | 420 | 412 | 410 | 409 | 423 | 388 | 280 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
уредиПрибачево е македонско православно село.[3]
Според истражувањата од 1958 година, родови во селото:
- Родови затекнати во 1912 година: Траканци (1 к.), најстар род во селото. Доселени се од селото Тркање. Овде се населиле браќата: Никола, Ѓорге, Гаврил, Павле и уште еден со непознато име. Го знаат следното родословие: Зашо (жив на 76 г. во 1958 година) Јане-Никола, еден од браќата што се доселиле; Ѓоргиови (2 к.) и Трајчеви (2 к.), доселени се од селото Древено кај Пробиштип, близу Лесновски манастир; Здравкови (4 к.), доселени се од селото Небојани; Божинови (3 к.) и Апостолови (2 к.), доселени се од селото Чешиново; Новаци (2 к.), доселени се од селото Спанчево; Крстови (3 к.), доселени се од селото Цера кај Македонска Каменица; Миленкови (1 к.), доселени се од селото Калиманци; Василеви (3 к.), доселени се од селото Долни Подлог. Потекнуваат од домазет; Гулаци (3 к.) и Гареви (2 к.), доселени се од селото Соколарци; Ристови (3 к.) и Мишо (1 к.), доселени се од селото Бунеш кај Пробиштип; Стојанчеви (3 к.), доселени се од некое село во околината на Кратово и Ѓеровци (1 к.), доселени се однекаде.
- Родови доселени помеѓу двете светски војни: Лазови (2 к.) и Биневи (1 к.), доселени се од селото Оризари; Димитрија (4 к.), доселени се од селото Спанчево; Димитријови (2 к.), Стојкови (2 к.), Доневи (1 к.) и Велинови (1 к.), доселени се од селото Ново Село; Димитриови (1 к.) и Мишкови (1 к.), доселени се од селото Пресека; Стојанови (1 к.), доселени се од селото Речани; Нештемпарови (1 к.), доселени се од селото Стар Истевник кај Делчево и Трајчеви (1 к.), доселени се од Кратовско.
- Доселеници од Егејска Македонија: Паназови (2 к.), Чапалови (2 к.), Душкови (1 к.) и Миленкови (1 к.), доселени се од селото Зрново кај Драма (Егејска Македонија) после Втората светска војна.
Иселеништво
уредиСе знае за следниве иселени родови: Накови (5 к.), Црвењачки (2 к.) и Стојчеви (3 к.) преминале во соседното Грдовци, Трајанови (2 к.) се иселиле во виничкото Лески, Мино Јаудија (1 к.), се иселил во Мојанци, Јован Ќурчија (1 к.) се иселил во Кочани, Јованџикови се иселиле во Кочани, Оризари и Грдовци. Од родот Траканци едно домаќинство заминало во Кочани. Пред крајот на турското владение изумрел родот Арсови.[3]
Во поново време е забележано намалување на бројот на жителите.
Општествени установи
уреди- Подрачното основно училиште „Крсте Петков Мисирков“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Крсте Петков Мисирков“ - Оризари
- Дом на културата
Самоуправа и политика
уредиНа крајот од XIX век, Прибачево било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Кочани, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Оризари.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Кочани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Оризари, во која покрај селото Прибачево се наоѓале селата Безиково, Грдовци, Оризари, Пресека и Цера. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Грдовци, во која влегувале селата Грдовци и Прибачево.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0892 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 308 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 315 гласачи.[15]
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[16]
- Црква „Св. Петар и Павле“ — главна селска црква
Редовни настани
уреди- Слави[3]
- Павловден — главна селска слава
Галерија
уреди-
Главната селска црква „Св. Петар и Павле“
-
Поток низ селото
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 244. Посетено на 15 ноември 2024.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 147-149. OCLC 16745284.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 132-133.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 15 ноември 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 15 ноември 2024.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.