Древено

село во Општина Пробиштип

Древено — село во Општина Пробиштип, во Злетовско-пробиштипскиот регион, во околината на градот Пробиштип.

Древено

Панорама на селото Древено

Древено во рамките на Македонија
Древено
Местоположба на Древено во Македонија
Древено на карта

Карта

Координати 42°00′29″N 22°12′40″E / 42.00806° СГШ; 22.21111° ИГД / 42.00806; 22.21111
Регион  Источен
Општина  Пробиштип
Област Злетовско-пробиштипско
Население 148 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2212
Повик. бр. 032
Шифра на КО 21012
Надм. вис. 640 м
Древено на општинската карта

Атарот на Древено во рамките на општината
Древено на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на селото

Селото се наоѓа во североисточниот дел на територијата на Општина Пробиштип, од десната страна на Злетовска Река.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 640 метри.[2]

Низ селото минува регионалниот пат 1309, кој ги поврзува Пробиштип и Злетово.

Древено е сместено на границата на висовите Плавица, Илиин Врв и Крст од Осоговието околу потокот Романовечки Дол, од каде што отпочнуваат зарамнети делови кои се простираат кон Злетовска Река. Куќите се сместени во стрмниот дел, околу Романовечкиот Дол, при што делот од нив на десната страна на долот го сочинуваат Банковското (Јовчевско) Маало.

Историја

уреди

Подрачјето на Древено е населено уште од доцната антика, за што сведочи наоѓалиштето Пешник во неговата околина.[3]

Древено е едно од најстарите селски населби во Злетовската област. Тоа се споменува во две грамоти на царот Стефан Душан и деспотот Константин Драгаш од 1381 година.[4] Во селото имало црква „Св. Богородица Елеуса“, која царот Стефан Душан ја приложил на Лесновскиот манастир.[2] Во една од повелбите на деспотот Јован Оливер се споменува дека селото било подарено на Лесновскиот манастир. Од истата повелба се забележува дека постои и заселок Пештни, кој се наоѓа на половина пат меѓу Древено и Злетово. Таму, денес, освен урнатини од црква нема ништо друго. Некои семејства од Древено се водат по преданието дека нивните далечни предци се доселиле од месноста Пешни. На неполни два километри јужно од селото има релативно добро сочувана средновековна кула. Според народното предание, околу оваа кула постоела урбана населба позната како Мурино. Во месноста и денес се среќаваат подови од згради, во кои празнините меѓу подните плочи се пополнети со олово. Североисточно од селото, во месноста Орашец има видливи остатоци од ранохристијанска црква. Ова место населението го именува како Црквиште. Во средниот век, за време на владеењето на деспотот Јован Оливер, населението претежно се занимавало со рударството, коешто достигнало голем подем со деселувањето на Сасите од Шлезија во ова подрачје од Осоговието.

Со потпаѓањето под отоманска власт, Древено било претворено во раетско село. Меѓу мештаните останало сознанието дека нивните предци оделе на кулук во рудокопите во соседното село Добрево или Добра Лука, како како што се споменува во некои турски документи. Според турскиот попис на населението од 1570 година, во селото имало 40 домаќинства, 19 неженети лица и 1 муслимански бенак. По завршување на Австриско-турската војна и задушувањето на Карпошовото востание, населението било изложено на терор и одмазда од страна на Кримските Татари и Турците. Селото било уништено и опожарено, но поради близината на рудокопите во соседното село Добрево и потребата од мадемџии (рудари), селото било обновено на истото место. Во време на ајдутството, по потекло од селото била една од ретките ајдутки Наца Гуцева, која е родена во третата декада од XIX век. Таа била ајдутка десетина години и со својата чета не била активна само во Осоговието, туку и во краиштата дури до Драма и Кавала.

За време на Првата балканска војна, од селото имало тројца доброволци кои биле дел од Македонско-одринските доброволни чети.[5] Во тој период, сите селани од Древено и Лесново масовно оделе „по јагма“, односно грабеж во селата во кои имало турско население. Тие ограбувале сè што ќе им дојде до рака, вклучувајќи: говеда, овци, кози, котли, тепсии, земјоделски алати, а дури и ѕвонци. Во акцијата „јагма“ стигнувале и до селата во Штипско и Овчеполието. Се раскажува како Турците од селото Стрисовци биле собрани во плевна и биле палени. Се паметат и зборовите на некој измачуван Турчин:

„Ако е, така и ние ви правевме, вака и ни треба!“

Во текот на Првата светска војна, од мештаните активно во српската војска загинале девет лица. За разлика од околните села, каде што голем број селани биле ослободени од австриските логори или вклучени во бугарската војска, од Древено немало ниту еден таков. Во првата декада по Првата светска војна, кога во овој крај од Македонија секојдневни биле судирите на четниците на ВМРО и српските државни органи, борбите меѓу „врховистите“ и „федаралистите“, грабежите, опжарувањето, насилството и убиствата, Древено повторно било заобиколено од ваквите случувања. Единствената непријатна случка е забележана во 1921 година, кога на сточарите од селото им биле запалени сите трла, а била опожарена и една куќа, затоа што мештаните гласале за црвената кутија на парламентарните избори.

Стопанство

уреди

Атарот на селото зафаќа простор од 6,7 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 369,9 хектари, на пасиштата отпаѓаат 219,2 хектари, а на шумите само 35 хектари.[2]

Во основа, може да се каже дека селото има полјоделска функција.[2]

Иако обработливата површина зафаќа голем дел од селскиот атар, со вработувањето на мештаните во рудникот Злетово, како и иселувањето во Злетово, Пробиштип, Штип и Скопје, овој ресурс е недоволно искористен. Градини засадени со зеленчук се среќаваат околу потокот Романовечки Дол, двата извора и селската чешма.

Во периодот под отоманска власт, Древено било раетско село. Во склад со природно-географските услови, населението главно одело на кулук во соседните рудокопи. Освен рударство, населението се занимавало и со земјоделство, сточарство, како и со изработка на воденични камења во блиските лесновски каменоломи. Од турските пописни дефтери од 1570 година се забележува дека селото било задолжено со релативно високи даночни обврски во висина од 8.048 акчиња. Оданочени биле 58 товари пченица, 50 товари мешано жито, како и леќа, граор, наут, бостан, улишта и лозје. Со развојот на индустријата, покрај овие традиционални култури, во селото започнале да се одгледуваат и индустриските: тутун, сончоглед и памук. Овоштарството е недоволно развиено и претежно е насочено кон одгледувањето на ореви и круши. Сточарството е во опаѓање, така што според земјоделскиот попис во 1969 имало 1261 грло, а во 1991 година нивниот број се намалил на 319 грла. Од крупниот добиток, како во подалечното, така и во поблиското минато, главно се одгледувале оратни волови а многу малку крави.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948349—    
1953397+13.8%
1961425+7.1%
1971431+1.4%
1981346−19.7%
ГодинаНас.±%
1991272−21.4%
1994295+8.5%
2002213−27.8%
2021148−30.5%

Кон крајот на XIX век, како што неведува Ѓорче Петров, селото имало 30 куќи и околу 270 жители.

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Древено имало 270 жители, сите Македонци.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Древено имало 336 жители, сите Македонци.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[8]

Во 1961 година селото броело 425 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 295 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото живееле 213 жители, од кои 212 Македонци и 1 од друга етничка припадност. Бројот на домаќинства изнесувал 79, а бројот на живеалишта 150.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 148 жители, од кои 138 Македонци, 1 Србин и 9 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 270 336 349 397 425 431 346 272 295 213 148
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди

Древено е македонско село.[15]

Според истражувањата од 1970-тите, родови во селото се:

  • Староседелци: Банковци-Јовчевци (15 к.), Корупци (6 к.), Младеновци (9 к.), Пописци (3 к.), Манасовци (3 к.), Базговци (5 к.), Смилковци (3 к.), Гулаци (2 к.), Голомеовци (2 к.), Утки (2 к.), Какарци (9 к.), Павловци (6 к.), Пешовци (3 к.), Пиклевци (4 к.), Јаќимовци (2 к.), Чавковци (2 к.), Колари (2 к.) и Вукановци (4 к.), сите родови во селото се староседелски.

Општествени установи

уреди

Во селото имало основно училиште коешто работи до четврто одделение.[2]

Самоуправа и политика

уреди

Кон крајот на XIX век, Древено било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Пробиштип, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што биле споени поранешните општини, Пробиштип и Злетово. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Злетово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Пробиштип. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Пробиштип.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Злетово, во која покрај селото Древено, се наоѓале и селата Бунеш, Зеленград, Злетово, Јамиште, Лесново, Луково, Ратавица, Трипатанци, Турско Рудари и Шталковица. Во периодот 1950-1952, селото било дел на некогашната општина Добрево, во која влегувале селата Добрево, Дреново и Марчино.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1572 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватен објект.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 130 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 125 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Св. Јован Крстител“
Археолошки наоѓалишта[3]
  • Пешник — населба од доцноантичко време.
Цркви[19]
Споменици[20]
  • Спомен плоча посветена на Ј. Ристов Гичевски.

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 113.
  3. 3,0 3,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 321. ISBN 9989-649-28-6.
  4. Матанов, Христо. „Княжеството на Драгаши“. София, 1997. с. 220.
  5. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 844.
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 222.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 јануари 2017.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. Апостолов Александар; Кондев Тодор; Апостол Керамидчиев (1974). Злетовска област-Географско-историски осврт. Скопје.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2022-11-13. Посетено на 12 ноември 2022.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 28. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. „Споменици | Општина Пробиштип“. Посетено на 2022-11-13.
Литература
  • Апостолов, Александар, Кондев, Тодор, Керамидчиев, Апостол, Василевски, Ангел, Арсениевски, Лазо и Домазетовски, Стоимир. „Злетовска област, географско-историски осврт“. Скопје, 1974.
  • Симиќ, Стеван. „Нашата старовремска школа“. ИНИ. Скопје.
  • „Пописи становништва и домаћинстава 1958-1981. Савезни завод за статистику БГД.
  • „Турски пописни дефтери за 1570 г.“ Архив на Македонија.

Надворешни врски

уреди