Бунеш
Бунеш — село во Општина Пробиштип, во Злетовско-пробиштипскиот регион, во околината на градот Пробиштип.
Бунеш | |
Поглед на селото Бунеш | |
Координати 41°57′10″N 22°14′09″E / 41.95278° СГШ; 22.23583° ИГД | |
Регион | Источен |
Општина | Пробиштип |
Област | Злетовско-пробиштипско |
Население | 10 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2210 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 21001 |
Надм. вис. | 590 м |
Слава | Илинден |
Бунеш на општинската карта Атарот на Бунеш во рамките на општината | |
Бунеш на Ризницата |
Потекло на името
уредиИмето на селото се претпоставува дека е од илирско потекло.
Географија
уредиБунеш е селска населба југозападно од Злетово, сместена од левата страна на Злетовска Река и од северозападната страна на Рајчански Рид. Селото се наоѓа на пространа зарамнета површина, на надморска височина од 590 м. Распространето е на изворниот дел на Лозјански Дол. Местоположбата му овозможува заштита од северните ветрови. Атарот на селото зафаќа површина од 11,7 км2 и на исток се граничи со Општина Кочани, а на југ со Општина Чешиново-Облешево.[2] Бунеш е оддалечено од Пробиштип околу 7-8 км.[3]
Историја
уредиБунеш е една од најстарите населби во Злетовско-пробиштипско. На просторот на кој се наоѓа атарот на селото има повеќе наоѓалишта со остатоци од поранешни населби. Така на пример, во месностите Три Kладенци и Бел Камен при обработка на нивите се пронајдени темели од згради и старовремски тули, а во месноста Џидовица се откриени стари гробишта. Траги од некогашна населба, и тоа ѕидини од куќи, темели од црквичка и гробишта се зачувани во месноста Мал Бунеш, која се наоѓа на околу 2-3 километри североисточно од сегашната местоположба селото.
Од една повелба на деспотот Константин Дејанов во 1381 година се забележува дека истата година во Злетовската област постоело селиште Бунеш коешто припаѓало како метох на Лесновскиот манастир.[4] Според народното предание, селото било сместено во сегашната месност Мал Бунеш, но поради насилството и зулумите од страна на Турците од соседно Турско Рудари населението било принудено да се пресели на запад,
Во XIX век, Бунеш се наоѓало во Кратовската каза, во Отоманското Царство.
Во 1903 година, 17 жители на селото биле физички малтретирани и ограбени од страна на отоманските власти, а во есента 1908 година, изгорени биле 28 куќи или речиси половина од селото.
Во текот на Првата балканска војна, од селото имало еден доброволец кој бил дел од Македонско-одринските доброволни чети.[5]
Стопанство
уредиСелото во минатото претставувало метох. Најразвиените стопански дејности во склад со природно-географските услови во минатото и денес се сточарството и земјоделството. Во еден подолг период од времето под отоманска власт најголем дел од населението биле мадемџии (рудари), додека само неколку семејства биле претворени во чивчии од страна на некој кратовски бег. По разнебитувањето на вака поставениот чифлигарски систем, чивчиите и останатите селани започнале да ја откупуваат земјата што ја обработувале.
Од турските пописи од 1570 година се забележува дека структурата на земјоделството производство е многу слична со постојната. Во тоа време, најмногу се произведувало мешано жито (130 товари), пченица (124 товари), граор (3 товари), леќа (2 товари), како и бостан, лозје и пчели. Селото во тој период било задолжено со данок од 12.000, што во споредба со други села од неговата околина и во Овче Поле укажува дека истото располага со значајни ресурси и богатство.
Осовременување во земјоделското производство било забележано по ослободувањето од отоманска власт. Во тој период биле купени првите 12 плугови со кои се проширило обработливото земјоделско земјиште, а покрај традиционалните култури биле воведени индустриски култури и ориз.
Од повоените пописи на земјоделството, во 1960 година, селото имало 58 земјоделски стопанства, чиј број на следниот попис во 1969 година се намалил на 38, а во 1991 година на 34. Со падот на населението во селото дошло и до снижување на застапеноста на сточарството како стопанска гранка. Така на пример, во 1931 година, во селото имало 1.036 овци, 1.782 кози и 191 единици крупна стока; три декади подоцна, бројот на овци се зголемил на 1.258 грла, главно како последица на надоместувањето за загубите на козите; но, во 1991 година, поради иселувањето на младото работоспособно население, бројот на овци се намалил на 639 грла.
Денес, вкупната површина на земјоделското земјиште во атарот на селото изнесува 1.101 ха, од кои 586 ха отпаѓаат на пасишта, 444 ха на обработливо земјоделско земјиште, а 71 ха на шуми.[6] Нивите како обработливо земјиште се разместени низ селото, но најмногу се среќаваат во месностите: Гладно Поле, Осојница, Рамниште, Лојзишта, Грамади и Стари Лозја. Снабдувањето се вода се врши од чешми и бунари. Најпознати извори богати со вода се: Селска Чешма, Стамболска Чешма, Смрдливец, Корито и Војнак. Поради природните околности, околу три четвртини од обработливото земјиште и натаму служи за одгледување на пченица, пченка, јачмен, граор и уров. Од индустриските култури, најзастапени се сончогледот, тутунот и во помали количини памукот (главно за домашни потреби). Во минатото, во близина на селото постоела шарлаганица, каде што сончогледот се преработувал во зејтин.
Во август 2014 година, во селото бил пуштен во употреба новозиграден водоснабдителен систем преку кој жителите на селото се снабдуваат со чиста вода за пиење.[7]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Бунеш имало 252 жители, сите Македонци христијани.[8] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бунеш имало 292 жители, од кои 280 Македонци и 12 Власи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[10]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 48 жители, сите Македонци. Бројот на домаќинства изнесувал 27, а бројот на живеалишта 72.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 10 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 252 | 292 | 374 | 424 | 353 | 263 | 175 | 89 | 84 | 48 | 10 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
уредиНаселението главно го сочинуваат семејства на староседелци, но во текот на 19 и првата половина на XX век е забележително доселување од соседното село Рајчани, како и од селата Дренак, Калиманци, Луке и Зарапинци. Родови и семејства кои живееле во Бунеш се: Младеновци, Стамболци, Терзијанци, Чавдарци, Бачовци, Тушевци, Калиманци и Јаковци.[16]
Општествени установи
уредиИако недостасуваат информации за почеток со работа на првото училиште, од достапните податоци може да се заклучи дека во селото работело училиште од втората половина на XIX век. Како учители во тој период се споменуваат Милан Николов (1865-1868), Крсто Јосифов (1868-1888) и Константин Поп Георгиев од Злетово (1888-1891). До Балканските војни учители биле Димитар Христов и Христо Поп Гицов. Веројатно е дека станувало збор за претставници на т.н. „старовремско школо“, при што учителот покрај учителската дејност извршувал и некое друго занимање. Во периодот по Балканските и Првата светска војна, кога целата Злетовска област економски, демографски и културно-просветно опаднала, во селото немало училиште.
По Втората светска војна, повторно е отворено училиште во коешто се одржувала настава до четврто одделение. Училиштето постоело до 1980-тите кога било затворено како резултат на намалениот број на деца поради иселувањето на младото население кон урбаните средини. Училишната зграда е сочувана и денес.
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Пробиштип, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што биле споени поранешните општини, Пробиштип и Злетово. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Злетово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Пробиштип. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Пробиштип.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Злетово, во која покрај селото Ратавица, се наоѓале и селата Бунеш, Древен, Зеленград, Злетово, Јамиште, Лесново, Луково, Трипутанци, Турско Рудари и Шталковица. Во периодот 1950-1952 година, селото припаѓало на некогашната општина Турско Рудари, во која влегувале селата Бунеш, Рајчани, Турско Рудари и Трипутанци.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1569 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна заедница.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 15 гласачи.[18]
Културни знаменитости
уреди- Цркви[19]
- Црква „Св. Илија“ — главна и единствена селска црква.
- Споменици
- Спомен-плоча посветена на загинати борци (на селската чешма).[20]
Редовни настани
уреди- Илинден (2 август) — селска слава.
Личности
уреди- Родени во Бунеш
- Перко Колевски — политичар и поранешен министер за здравство
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 45.
- ↑ С., Т. „Село Бунеш: „Го фалат градот, но селото пак ги влече"“. Probistip.mk. Архивирано од изворникот на 2021-05-14. Посетено на 29 ноември 2016.
- ↑ Матанов, Христо. „Княжеството на Драгаши“. София, 1997. с. 220.
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 659 и 832.
- ↑ Населени места во Општина Пробиштип — Бунеш, официјално мрежно место на Општина Пробиштип.
- ↑ „Жителите на Бунеш добија нов водоснабдителен систем“. Вечер. Посетено на 29 ноември 2016.[мртва врска]
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 222.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 27 ноември 2016.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Според кажување на жителка на селото. Забележале Кирил Симеоновски, Тони Ристовски, Ѕвонко Петровски и Нино Богдановски на 29.10.2016.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 28.
- ↑ Споменичко наследство — Споменици и спомен обележја, официјално мрежно место на Општина Пробиштип.
Литература
уреди- Апостолов, Александар. „Злетовска област“. 1973.
- Симић, Стеван. „Историја кратовске области“. Београд, 1914.
- „Пописи становништва и домаћинстава 1958-1981. Савезни завод за статистику БГД.