Иван Мрквичка

чешко-бугарски уметник

Иван Мрквичка (чешки: Jan Václav Mrkvička; бугарски: Иван Мърквичка) (23 април 1856 – 16 мај 1938) е сликар родум од Чешка и активен деец во уметничкиот живот на новоослободената Бугарија во доцниот 19 и почетокот на 20 век. Се смета за еден од основачите на современата бугарска уметност.

Иван Мрквичка
Автопортрет, 1926
Роден(а)23 април 1856
Видим, Австриско Царство
Починал(а)16 мај 1938
Прага, Чехословачка

Животопис

уреди
 
Ратка Хаџиниколова во македонска носија, 1880

Бил роден во селото Видим, во близина на Дуба. Студирал на академијата за ликовни уметности во Прага, а потоа на Минхенската академија. Во 1881 година по покана на властите во Источна Румелија дошол во Пловдив, каде бил назначен за учител во гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ и каде соработувал со значајни културни дејци од градот — Иван Вазов, Константин Величков, Петко Каравелов, Петко Славејков.

Првата изложба ја реализирал во 1886 и одржал и две изложби со Антон Митов, кој исто бил учител во гимназијата. За време на престојот во Пловдив, Мрквичка создал некои од неговите најдобри дела: Пловдивски пазар (1883), Сакаџии (1886), Циганска веселба (1887), Продавач на птици (1887), Пазар во Пловдив (1888) и други.

Мрквичка се преселил во Софија во 1889, каде бил еден од основачите на Националната уметничка академија во 1896, но кратко се вратил во Пловдив во 1892 да учествува на специјална изложба во главниот павилјон на Саемот во Пловдив. Тука изложил 15 слики, меѓу кои Улица во Пловдив, и скулптура Бугарија — покровителка на земјоделството и занаетите. Тој го изработил и официјалниот плакат на изложбата.

Сликал сцени од секојдневниот живот, иако има и дела со историска тематика и е автор на повеќе портрети. Тој е еден од авторите на тогашниот грб на Бугарија и грбот на Софија. Станал дописен член на Бугарската академија на науки во 1918.

Синот на Иван Мрквичка, кој го носел неговото име, загинал на фронтот во Првата светска војна како бугарски офицер.

Дела

уреди