Спасе Куновски
Спасе Куновски (Дебар, 24 септември 1929 - Скопје, 1 август 1978) — македонски сликар, кој се смета за најзначаен претставник на надреализмот и метафизичкото сликарство во Македонија.[1]
Спасе Куновски | ||
Роден | 24 септември 1929 Дебар, Кралство Југославија | |
---|---|---|
Починал | 1 август 1978 Скопје, СР Македонија, СФРЈ | (возр. 48)|
Занимање | сликар |
Животопис
уредиСпасе Куновски е роден на 24 септември 1929 година во Дебар. Неговото семејство преку Охрид се преселило во Скопје, каде што завршил средно училиште како ученик на познатите сликари Никола Мартиноски и Лазар Личеноски. Студиите ги продолжил на Академијата за ликовна уметност во Загреб, каде што дипломирал во 1953 година во класата на Жељко Хегедушиќ. Остварил бројни студиски престои во Франција, Италија, Велика Британија, Шведска и Грција, а бил еден од тогашните југословенски сликари кој ја претставувал Југославија на престижни ликовни настани во Саун Пауло, Брисел, Романија и Леверкузен.[2] Куновски бил член на групата „Мугри“. Починал на 1 август 1978 година во Скопје.[1]
Стил
уредиКуновски е познат по обликувањето на загадочни урбани пејзажи со фантастични фигури во сиво-сина гама.[1] Неговото творештво било под влијание на делата на белгискиот сликар Рене Магрит.
Сликарството на Куновски се смета дека спаѓа во распространетата школа на „метафизичко сликарство“, што се огледа преку одликите карактеристични за останатите претставници на оваа школа. Неразделни елементи на неговото сликарство се иронијата и црниот хумор. Според Влада Урошевиќ, Куновски е „сликар на осаменоста, на стравот: фигурите од неговите платна стојат во еден миг на исчекување кој како да претходи на некоја катаклизма“. Урошевиќ додава дека сликите на Куновски „се слики од тешки соништа; нивната логика е логика на соништата“.[3] Зоран Милиќ во делата на Куновски препознава „нестварни луѓе, луѓе од метал, луѓе маски во некој апокалиптичен свет, лишен од убавина, лишен од причина и смисла на постоењето, во светот на чудните нешта, рамнодушноста, трагичниот, изневерувачки свет, каков што е понекогаш овој нашиот, светот кој лебди и е на работ на катаклизма, кој секојдневно опасно еквилибрира помеѓу светлоста и мракот“.[4]
Развојот на изразот на Куновски во неговите дела е опишан во правец на поетскиот магичен реализам. Неочекуваноста на неговата визија и смелоста во неговата метафора придонесуваат неговото творештво да се движи во просторот помеѓу надреализмот и магичниот реализам. Според Ксенија Гавриш, со неговиот лирски, симболичен и филозофски изразен надреализам, тој „никогаш не ја губи врската со едно поединечно користено фигуративно сликарство“. Таа додава дека „по својот сликарски став, по својата филозофија и сфаќањето на нејзините основни вредности, а особено по својот стоички однос кон нетрајноста на животот, кон неговата релативност, изгубеност, судбинска неминовност и произволност и една горчлива поетичност со која го проникнува и загрнува своето дело“ во извесна смисла го прави македонскиот Габриел Ступица.[5]
Меѓутоа, за разлика од надреалистичните уметници кои своето творештво го насочиле кон „параноидните процеси“, егзибиционизмот и автоматизмот, како на пример Жан Арп и Салвадор Дали, Куновски се смета дека останал доследен и свесно несвесен следбеник на надреализмот. Викторија Васева во неговото творештво препознава „траги од осмислен остаток на намерното“ и наведува дека „тој не го изнасилува несвесното, не го пренагласува, туку му служи да прекине со приказот на нештата онакви какви што се, како и со грубата, брутална реалност“.[6]
Творештвото на Куновски се смета дека е по малку херметично, но истото несомнено припаѓа на врвните ликовни остварувања на современата македонска уметност. Во врска со неговото творештво, Зрнка Новак истакнува дека тоа е „сликарство во кое има елементи на традиционалната надреалистичка содржина - и како и секое сликарство што нè воведува во слоевитите лавиринти на човековата потсвест - тоа е фигуративно“, додека Славко Јаневски запишал: „Зарем не сме обземени од поетското сочувство, за сè што насетуваме во овој табор на дрвени кловнови, жени или кукли - кои изртеле од штаките на инвалидите, започнатите актови или сомнабули на столб, меч или распетие“.[7]
Дела
уредиКуновски е автор на повеќе од седумдесет и пет слики, како и на зграфитото „Братство и единство“ во Дебар. Негови познати дела се:[1][2]
- „Грипозна ноќ“ (1958);
- „Кловн“ (1960);
- „Логор“ (1960);
- „Визија“ (1961);
- „Ден после земјотресот“ (1963);
- „Маски“ (1966);
- „Минато“ (1966);
- „Апсурден идол“ (1967);
- „Манекен“ (1967);
- „Портрет на илузионист“ (1967);
- „Апсурден портрет“ (1969);
- „Игра на мртвата ваза (1969-1970);
- „Обесчестени цветови“ (1971);
- „Портрет со маска“ (1971);
- „Портрет со чадор I“ (1971);
- „Помеѓу животот и смртта“ (1973);
- „Автопортрет со цигара“ (1975);
- „Пикова дама“ (1976); и
- „Старец“ (1977).
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Македонска енциклопедија. I (I. изд.). Скопје: МАНУ. стр. 778. ISBN 978-608-203-024-1.
- ↑ 2,0 2,1 „Спасе Куновски: Сликар на тешки соништа“. Окно. 15 ноември 2016.
- ↑ У., В.. „Плодови на доследноста“. Нова Македонија. 7 мај 1967.
- ↑ М., З.. „Људи маске“. Лист Младих „68“. Ниш. 1969.
- ↑ Г., К.. „Сликарството на Спасе Куновски - доживување на судирот ГРАД-ЧОВЕК“. Нова Македонија. 1961.
- ↑ В., В.. „Надреализмот на Спасе Куновски“. Културен живот. Скопје. март 1978.
- ↑ Н., З.. „Ликовна хроника: Изложба на Спасе Куновски и Боро Митриќески во галерија „Форум“ во Загреб. Око, бр. 82. 1-15 мај 1975.