Градиште (Кумановско)

село во Општина Куманово

Градиште — село во Општина Куманово, во областа Овче Поле, во околината на градот Куманово.

Градиште

Воздушен поглед на селото Градиште

Градиште во рамките на Македонија
Градиште
Местоположба на Градиште во Македонија
Градиште на карта

Карта

Координати 42°1′23″N 21°53′16″E / 42.02306° СГШ; 21.88778° ИГД / 42.02306; 21.88778
Регион  Североисточен
Општина  Куманово
Област Овче Поле
Население 127 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1309
Повик. бр. 031
Шифра на КО 17025
Надм. вис. 567 м
Слава Света Троица
Градиште на општинската карта

Атарот на Градиште во рамките на општината
Градиште на Ризницата

Географија и местоположба

уреди

Селото се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Куманово, чиј атар се допира со подрачјето на општината Свети Николе.[2] Селото е ридско и неговите куќи се издигаат на надморска височина од 500 до 620 метри. Од градот Куманово, селото е оддалечено 24 километри.[2] Селото се наоѓа во северното подножје на Градиштанска Планина.

Селото е сместено покрај регионалниот пат 1204 помеѓу градовите Куманово и Свети Николе.

Градиште е познато село, сместено во крајниот југоисточен дел на Кумановско, десно од патниот правец Куманово-Свети Николе. Селото се наоѓа во подножјето на истоименото возвишение (уште наречено и Врв) високо 790 метри. Околни села се Габреш на југозапад, Пезово и К’шање на североисток, Кучкарево на северозапад, Павлешенци на југоисток и други. Во минатото, селото со вода за пиење се снабдувало со бунари и за разлика од останатите околни села немало проблеми со водата. Кај манастирот постои Видрово кладенче.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Смркови, Врањак, Длаги Рид, Плоштак, Лука, Јастребар, Стари Лозја, Бранковица, Бели Брегови, Арбанашко, Витаница, Врв, Црвена Вода, Еленин Врв, Попова Глава, Китанова Страна и други.[3]

Поглавниот дел од селото се наоѓа во северозападното подножје на споменатото возвишение Врв или Градиште, каде се сместени маалата: Ивковско, Карадачко, Анчевско, Думановско, Катранџиско и Алачкоско. По ослободувањето од Турците, нови куќи започнале да се градата северно, близу регионалниот пат.[3]

Историја

уреди

Подрачјето на Градиште е населено уште од бакарното време, за што сведочи наоѓалиштето Градишки В’р јужно од селото.[4]

Освен самото споменато наоѓалиште, и во истражувањата на Јован Трифуноски е забележано дека во и околу селото има многу старини и остатоци од разни културни епохи. Дел од нив се Стеже, Селиште, Јастребар и Арбанашко, за кое се верува дека било сместено на Градиште. Но, селаните од Градиште не знаат каде заминале овие жители на Арбанашко. Таму сега има слаби остатоци на ѕидови и едно камено крстче.[3]

Јужно од селото се наоѓа истакнатото возвишение Градиште (790 м.) по кое и самото село го добило името. Тоа преовладува над околното ниско земјиште, како и над регионалниот пат, кој е дел од стариот патен правец Солун-Штип-Врање-Белград. Традицијата наведува дека на Градиште се наоѓал „римски“ град. Од тврдината на површината се гледаат остатоци од ѕидови, стари цигли и црепови, а на некои места мештаните ископувале земјени каци и врчви. Таму постојат и стари бунари.[3]

Покрај рушевините на тврдината се наоѓа манастирот „Св. Ѓорѓи“, кој бил изграден кон крајот на XIX век, на остатоци на стар храм, кој бил срушен за време на отоманскиот период.[3]

Во минатото, Градиште претставувал седиште на мала жупа.[3]

Постојат оскудни преданија за настанувањето на денешното село Градиште. Постои можност тоа да е старо село, бидејќи постојат група на стари словенско-христијански родови кои не се нигде доселени. Такви родови се Алачевци, Анчевци, Виткарци, Катранџици, Ремчевци и Чабуџици. Подоцна во селото почнале да се населуваат и други родови.[3]

До 1912 година, во селото се наоѓало седиште на кол (или каракол), мала управна единица во Кумановско. Службениците на колот биле и судии, а зградата на колот се наоѓала во денешното Карадачко Маало, од каде што Турците лесно ги контролирале врските на тромеѓето на Кумановско, Овчеполско и Скопско. Подоцна, по ослободувањето од Турците, во зградата на колот српската државна власт ја сместила општината. Покрај општината, во селото тогаш имало и жандармерија.[3]

Стопанство

уреди

Атарот на селото зафаќа простор од 13,6 км2, при што преовладуваат обработливите површини со површина од 797,3 хектари, на шумите отпаѓаат 247,5 хектари, а на пасиштата 208,3 хектари.[2]

Во основа, селото има полјоделска функција. Во селото работи продавница.[2]

Пред крајот на отоманскиот период, во селото постоел мал чифлиг, кој припаѓал на Јашар-бег, чие главно седиште било во Скачковце.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948562—    
1953565+0.5%
1961565+0.0%
1971524−7.3%
1981323−38.4%
ГодинаНас.±%
1991246−23.8%
1994213−13.4%
2002192−9.9%
2021127−33.9%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Градиште живееле 454 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Градиште имало 600 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[7]

Во 1961 година, селото било средно по големина и броело 565 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 213 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Градиште живееле 192 жител, од кои 189 Македонци и 3 Срби.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 127 жители, од кои 119 Македонци, 1 Албанец и 7 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 454 600 562 565 565 524 323 246 213 192 127
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови

уреди

Градиште е македонско село.[3]

Според истражувањата од 1971 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Алачковци (7 к.), Анчевци (4 к.), Ремчевци (1 к.), Виткарци (7 к.), Катранџинци (7 к.) и Чабуџици (6 к.).
  • Доселеници: Думанци (6 к.), доселени се од селото Думановце, Карадак; Карадаци (11 к.), доселени се од некое денес албанско село на Карадак; Козарци (9 к.), доселени се од некое село кај Врање. Од таму се иселиле тројца браќа, едниот во Градиште, вториот во Кучкарево, а третиот во Мургаш. Го знаат следното родословие: Васо (жив на 68 г. во 1971 година) Спасо-Лазо-Ѓуро, се доселил тој, или неговиот татко; Булуци (3 к.) и Ивковци (6 к.), доселени се, но не знаат од каде; Планинци (12 к.), доселени се од разни села во Кривопаланечко (Герман, Црцорија, Габер). Едни се доселени помеѓу двете светски војни, други после тоа.

Иселеништво

уреди

Поради тешките услови за живот македонското население од ова село почнало да се иселува. Иселеници има во Куманово, Скопје, Велес, Свети Николе, Белград и Војводина.[3]

Општествени установи

уреди

Самоуправа и политика

уреди

Кон крајот на XIX век, Градиште било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Орашац.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово. Селото припаѓало на некогашната општина Орашац во периодот од 1955 до 1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Павлешенци, во која покрај селото Градиште, се наоѓале и селата Габреш, Горно Ѓуѓанци, Долно Ѓуѓанци, Кокошиње, Кутлибег, Кучкарево, К’шање, Павлешенци, Пезово, Стањевци и Строиманци. Селото било седиште на некогашната Општина Градиште во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Габреш, Градиште, К’шање, Кутлибег, Кучкарево и Пезово.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1132 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 102 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[4]
  • Градишки В’р — населба од бакарно време и утврдено градиште од доцноантичко време;
  • Лиска — населба од римско време;
  • Св. Ѓорѓи — црква од старохристијанско време;
  • Трнци — населба од римско време;
  • Ќерамидница — населба од средниот век; и
  • Чукаре — некропола од римско време.
Цркви[16]

Во минатото, источно од селото, каде денес се наоѓаат селските гробишта, се наоѓаат слаби остатоци на разрушена црква.[3]

Манастири

Редовни настани

уреди
Селски слави[3]

Личности

уреди
Родени во или по потекло од Градиште

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 84.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје: САНУ. стр. 160–164.
  4. 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 207. ISBN 9989-649-28-6.
  5. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 215
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 126-127.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 декември 2022.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-12-02. Посетено на 2 декември 2023.
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

уреди